Волтметар

Од Википедија — слободната енциклопедија
Показен аналоген волтметар

Волтметар — електричен мерен инструмент наменет за одредување на големината на електричниот напон во волти или во помали и поголеми единици (μV, mV, kV). Според принципот на работа може да се поделат на аналогни и дигитални.

Аналоген волтметар[уреди | уреди извор]

Аналоген волтметар

Аналогните волтметри користат неколку принципи на работа. Еден вид на инструмент е волтметар со меко движечко железо кај кого струјата поминува низ фиксна намотка (калем), а стрелката е прицврстена на парче меко железо кое се поместува кон намотката под дејство на магнетното поле кое го создава струјата околу намотката.

Најчест вид на инструмент е оној со подвижен калем (намотка). Калемот со стрелката е подвижен во поле на перманентен магнет и отклонот на стрелката одговара на големината на струјата. Електродинамичките инструменти наместо перманентен магнет имаат електромагнет, инаку слични се со претходниот.

При конструкција се тежнее за што поголема отпорност за да самиот волтметар не влијае премногу на мерењето на напонот во колото со пропуштање на струја низ себе. Со оглед дека инструментите со калем често имаат отпорност од неколку стотини или илјади ома и многу се осетливи на мали струи, се користат предотпори за мерење на повисоки напони. Со тоа се постигнува најголемиот пад на напон да биде на предотпорот, а многу мал на намотката на инструментот.

При промена на мерното подрачје на аналогниот волтметар, всушност се преспојуваат разни вредности на серискиот отпорник, погодни за даденото мерно подрачје. Колку е напонот поголем предотпорот е со поголема отпорност, но и со поголема моќност за да може да го издржи загревањето.

На пример ако инструментот постигнува полн отклон на стрелката при струја од 1 mA, а мораме да измериме напон од 1.000 волти, потребен е предотпор со вредност R=U/I = 1000 V/0,001A = 1.000.000 ома, односно еден мегаом.

Дигиталeн волтметар[уреди | уреди извор]

Дигитален волтметар

Овие волтметри вообичаено се во склоп на мултиметри кои поддржуваат разни електрични мерења. Мерењето на напонот обично се изведува директно, со мерење на падот на напонот на отпорник со многу голема отпорност. Претворањето на аналогниот напон се врши со аналогно-дигитален претворач и вредноста на напонот се прикажува на дисплејот на инструментот.

Поврзување и симбол[уреди | уреди извор]

Симболот за волтметар е круг со латиничната буква V во средината. Прикажано е поврзувањето за мерење на падот на напонот на отпорникот Rc.

Волтметарот секогаш се поврзува паралелно со компонентата на електричното коло на која се врши мерење на напонот. Дозволено е поврзување на волтметарот и без потрошувач (додатен отпор) во колото, бидејќи волтметарот има многу голем внатрешна отпорност.

Поврзано[уреди | уреди извор]