Биткоин

Од Википедија — слободната енциклопедија
Биткоин
Претежно лого на Биткоин
Составници
Подединица
11000милибиткоин[1]
1100000000сатоши[3]
Монетинепотрошени изводи од преноси[2]:ch. 5
Демографија
Воведена3 јануари 2009; пред 15 години (2009-01-03)
Корисник/цицел свет
Издавач
Управадецентрализирана[4][5]
Вредност
Пораст на понуда12,5 биткоини по блок (приб. секои 10 мин.) до средината на 2020 г.,[6] а потоа 6,25 биткоини по блок 4 години сè до следното располовување. Ова располовување трае до 2110–40 г. кога ќе бидат издадени 21 милиони биткоини.

Биткоин (англиски: Bitcoin) — платежен систем кој се појавил во 2009 година како програма со отворен код. Биткоинот е глобален децентрализиран електронски протокол и систем за директно (peer-to-peer, P2P) плаќање.[7]

Ова е дигитална валута, уште се нарекува и виртуелна валута, електронски пари или криптовалута поради криптографијата која се користи при создавањето и трансферот. Најчесто, во англискиот јазик, кога се користи голема буква во името (Биткоин), се мисли на технологијата и мрежата, додека кога се користи со мала буква (биткоин) се однесува на дигиталната валута. Биткоинскиот систем не е контролиран од ниту еден ентитет, како на пример централна банка, поради што најчесто се нарекува децентрализирана валута.

Биткоините се создаваат преку процес кој се нарекува „рударење“ - користење на сметачката моќ на мрежата за верификација и запис на плаќањата јавно онлајн, во размена за провизија при трансакции и новосоздадени биткоини. Корисниците испраќаат и примаат биткоини преку програмски прилог наречен паричник, кој може да се користи на сметач, мобилен уред или како семрежен прилог. Биткоини можат да се стекнат со „рударење“, во замена за производи, услуги или други валути.

Комерцијалната употреба на биткоинот е сѐ уште мала во споредба со шпекулациите, кои се причина за флуктуациите во цената. Користењето на биткоинската мрежа за плаќање на сервиси и услуги е во пораст и постојано се зголемува. Една од причините се ниските трошоци во споредба провизиите кај традиционалните кредитни картички кои се движат помеѓу 2 и 3 проценти. Најголемата биткоинска трансакција била извршена на 20 март 2014 година, за купување на вила во Бали, во износ од 500.000 американски долари. Првиот Биткоински митап во Македонија се одржал во Скопје на 24 април 2014 година, во кафулето на тенискиот центар „МТП“.

Историјат[уреди | уреди извор]

На 31 октомври 2008 година, непознато лице или група луѓе, под псевдонимот Сатоши Накамото, на еден специјализиран интернет-форум објавил работен текст со наслов „Биткоин: непосреден електронски систем за готовински трансакции“ (Bitcoin: A peer-to-Peer Electronic Cash System). Изумителот на овој систем е непознат при што кон крајот на 2010 година тој потполно исчезнал од јавноста. Постојат бројни теории и шпекулации за тоа кој се крие зад псевдонимот Накамото, но ниту една не е потврдена. Исто така, постои шпекулација дека првите милион произведени биткоини му примаѓаат на Накамото, меѓутоа тоа не е докажано, зошто со нив не е направена ниту една трансакција. на почетокот, работниот текст на Накамото наишол на многу критики и бил прифатен со скептицизам, зашто во тоа време се мислело дека бројните проблеми поврзани со системот за непосредни плаќања не можат да бидат решени. Меѓутоа, неколку месеци подоцна, Накамото ја објавил првата верзија на компјутерската програма и на 3 јануари 2009 година го произвел првиот блок на блоковскиот ланец на биткоини. Притоа, како доказ за времето кога е произведен, во самиот блок е ставен насловот на весникот „Тајмс“ од 3 јануари 2009 година: „Chancellor on brink of second bailout for banks“.[8]

Одлики на Биткоин[уреди | уреди извор]

Основните одлики на Биткоинот како систем на плаќања се:[9]

  • транснационалност и виртуелност: системот не е во ничија сопственост, а дигиталната валута не е контролирана од ниту една централна банка.
  • отпорност на цензура (промени): сите трансакции во форма на блокови се запишуваат во децентрализирана база на податоци, која постои во идентични копии на илјадници локации во светот. Поради тоа, не е можно да се избришат или да се променат претходните трансакции, туку тие остануваат запишани засекогаш.
  • децентрализираност: функционирањето и веродостојноста на системот ги одржува мрежа од голем број независни јазли (nodes) кои ги потврдуваат произведените блокови на трансакции. Сите учесници во системот одржуваат идентична копија на базата на податоци која се ажурира на секои 10 минути. Притоа, во 2018 година постоеле околу 10.000 „јазли и рудари“ во над 100 земји.
  • непроменлива и однапред дефинирана политика на создавање на биткоини: бројот на биткоини кои ќе бидат прозиведени е однапред дефиниран, фиксен и конечен. Според протоколот, стапката на произведување нови биткоини се преполовува на секои 210.000 блокови (приближно, четири години), а конечниот износ на сите биткоини е одреден на 21 милион.
  • елиминација на доверлива трета страна како посредник во трансакциите: во извршувањето на трансакциите и во производството на биткоини нема посредник (банка, клириншка куќа или друга институција).
  • анонимност: сите трансакции се јавно достапни, но анонимни и нема можност за откривање на идентитетот на учесниците во трансакциите. Сепак, текот на биткоините може да се следи од една на друга адреса во системот.

Сепак, биткоинот се одликува и со некои слабости и ограничувања, како што се:[10]

  • протоколот е бавен и овозможува обработка на најмногу седум трансакции во секунда
  • големината на блокот е ограничена на еден мегабајт, а бројот на трансакции по еден блок е ограничен на нивото од 1.000 до 2.000 на секои десет минути
  • големината на целата блоковска врска изнесува 180 гигабајти
  • обработката на трансакциите и во изнаоѓањето решение за секој блок од страна на илјадници „рудари“ предизвикува голема потрошувачка на електрична енергија

Трансакции[уреди | уреди извор]

Кога некој биткоински корисник ќе изврши плаќање, финансиската трансакција се забележува во биткоинската мрежата. Биткоинската трансакција е дигитално потпишана порака преку која се пренесува сопственоста од една биткоинска адреса на друга. За трансакцијата да биде успешна, истата се запишува во јавен запис или податочна база на трансакции.

Блоковски ланец[уреди | уреди извор]

Блоковски ланец (анг. block chain) е записникот кој ги снима биткоинските трансакции. Одржувањето на овој систем се врши од страна на мрежа од комуникациски јазли кои работат на биткоинската програмска опрема. Трансакции во форма обврзник X праќа Y биткоини на ремитентот Z се емитуваат во оваа мрежа со користење на лесно достапни програмски прилози. Мрежните јазли можат да проверуваат трансакции, да ги додадат во нивната копија од јавната книга, и тогаш да ги пренесуваат овие дополнувања на јавната книга на други јазли. Блоковскиот ланец е база на дистрибуирани податоци, со цел самостојно да се потврди синџирот на сопственост на сите и секој биткоински износ, секоја мрежа на јазли складира своја сопствена копија од блоковскиот ланчен систем. Околу шест пати на час, на нова група на прифатени трансакции, еден блок, се создава, додава на блоковски ланец, и брзо се објавува на сите јазли. Ова му овозможува на биткоинската програмска опрема да утврди кога одреден биткоински износ бил потрошен, што е неопходно со цел да се спречи двојно трошење во средина без централен надзор. Со оглед на тоа конвенционалната книга евидентира трансфер на вистински сметки или меници кои постојат настрана од тоа, блоковскиот ланец е единственото место каде што биткоинот може да се каже дека постои во форма на непотрошени аутпути на трансакции.

„Рударење“[уреди | уреди извор]

Одржувањето на блоковскиот ланец преку сметачки систем се нарекува „рударење“, а оваа операција се спроведува со скапа компјутерска опрема која троши многу електрична енергија. „Рударењето“ се спроведува така што сите новосоздадени биткоин-трансакции се испраќаат во базата на непотврдени трансакции. Секој „рудар“ произволно избира одреден број непотврдени трансакции и со решавање на зададениот математички проблем ја произведува следниот блок во блоковската врска. Решавањето на блокот се состои во пронаоѓањето сложено математичко решение, дефинирано во биткоин-протоколот, а тежината на проблемот е определена од самиот протокол и таа се приспособува во зависност од вкупната инсталирана обработувачка моќ (hashing power) на сите компјутери за „рударење“ што се приклучени на мрежата. На тој начин се одржува постојано производство од еден нов блок на секои десет минути. „Рударот“ кој прв ќе го реши математичкиот проблем ги исрпаќа блокот и решението до сите учесници во мрежата, кои треба да го потврдат решението. Штом се добијат неколку такви потврди, блокот се смета за валиден и се запишува како последен блок во блоковската врска, а „рударот“ добива награда. Сите други нерешени блокови се растураат и процесот почнува одново за следниот блок. Од големо значење во овој процес е тоа што другите „рудари“ се заинтересирани да го потврдат решението на победничкиот „рудар“, бидејќи и тие ќе мора да добијат таква потврда во следниот круг на создавање блокови.[11]

Оние што го прават „рударењето“ се наградени со новосоздадени биткоини и со провизии од извршените трансакции. „Рударењето“ од ден на ден станува технолошки понапредно. „Рударите“ можат да се наоѓаат на која било локација, преку која обработуваат плаќања и ја верификуваат секоја трансакција како валидна, додавајќи ја на веригата блокови. Од 2014 година, обработката при плаќање е наградена со 25 новосоздадени биткоини за еден блок. За да ја добие наградата, „рударот“ во блокот вклучува специјална трансакција наречена „coin base“ која ги насочува наградените биткоини до адреса по негов избор. Сите биткоини во циркулација може да се проследат назад до „coin base" трансакцијата. Од 2017 година, наградата за создавање нов блок била преполовена на 12,5 биткоини, а намалувањето на наградата ќе продолжи и ќе се случува на секои четири години. Притоа, до 2040 година ќе има 21 милиони биткоини, а наградите ќе бидат само провизии за обработка на трансакции. Корисниците кои плаќаат провизија може да очекуваат побрзи трансакции.

Во ноември 2014 година, во Тајланд изгорел еден од најголемите „рудници“ на биткоини во светот, со сила од околу пет мегавати, со што била нарушена мрежата на оваа криптовалута.[12]

Анонимност[уреди | уреди извор]

Јавната природа на биткоинската мрежа значи дека корисниците не се идентификувани по име, меѓутоа може да постои одредено поврзување на трансакции со поединци и компании. Дополнително, многу правни системи настојуваат пазари каде се продава и купува биткоинот за готовина, да бараат лични информации.

Сопствеништво[уреди | уреди извор]

Сопствеништвото на биткоини поврзано со одредена биткоинска адреса може да биде потврдено со приватниот клуч кој ѝ припаѓа на таа адреса. За сопственикот, важно е да го чува неговиот приватен клуч на сигурно место и да се осигура дека не може да го изгуби. Ако приватните клучеви се изгубат, корисникот не може да го приложи своето сопствеништво на друг начин. Приватните клучеви треба да се чуваат на сигурно место, затоа што секој што ги знае може да ги преземе биткоините од адресата на сопственикот.

Продажба и купување[уреди | уреди извор]

Биткоините може да се купат и продадат за многу различни валути, од поединци или од компании. Најбрзиот начин да се купат биткоини е со готовина преку биткоински банкомат. Ваквите банкомати работат двострано, па му овозможуваат на корисникот и да подигне готовина од неговиот биткоински паричник. Корисниците на биткоинските пазари ги продаваат и купуваат своите биткоини преку аукции. Биткоинските трансакции се неповратни, па затоа корисниците треба да бидат претпазливи. Провизијата при биткоинските трансакции е далеку помала од онаа кај кредитните картички или трансферите на пари.

Паричници[уреди | уреди извор]

Биткоинската мрежа користи криптографија со јавни клучеви, преку која се генерира пар од јавен и приватен криптографски клуч. Колекција од клучеви се нарекува паричник. При биткоинска трансакција сопственоста на биткоините се пренесува од една до друга адреса. Биткоинската трансакција се состои од низа случајни букви и бројки, кои потекнуваат од јавните клучеви, преку хаширање и енкодирање. Приватните клучеви функционираат како мерки за заштита на сопственикот. Валидно плаќање од една адреса треба да го содржи јавниот клуч и дигитален потпис кој ја докажува сопственоста на приватниот клуч. Бидејќи секој со приватен клуч може да ги потроши сите биткоини кои се наоѓаат на адресата, суштината на биткоинската безбедност е во заштитата на приватните клучеви. Ризикот од кражба може да се намали со генерирање на клучеви офлајн на безбеден сметач, и нивно складирање на надворешен уред или на отпечатени паричници. „Физичките биткоини“ кои се користат во медиумите за презентирање на новините поврзани со биткоин, се произведуваат од најразновидни компании. Тие го складираат приватниот клуч на хартија, метал, дрво или пластика. Постојат и дигитални производи наречени „хардверски паричници“ за безбедно складирање на биткоини на физички уред. Биткоините може да бидат изгубени. Во 2013 година, еден корисник изјавил дека изгубил 7500 биткоини, вредни 7,5 милони американски долари во тој период, кога го фрлил во ѓубре тврдиот диск што го содржел неговиот приватен клуч.

Приватни наспротив контролирани паричници[уреди | уреди извор]

Со овозможувањето на децентрализиран економски систем, кој е надвор од контрола на финансискиот и политичкиот естаблишмент, истиот е под обиди за контрола преку забрани или преку изменување на децентрализираниот и анонимен модел на употреба. Суштински дел во анонимноста и приватноста на Биткоин трансакциите е можноста за идентификување на една трансакција само преку приватен клуч и лозинка, односно стандардниот метод на енкрипција. Со оглед на тоа што самото користење на енкрипција не е распространето и познато кај широката јавност, се јавуваат ризици во користењето на Биткоин додека не се достигне соодветно ниво на едукација и употребливост на паричниците. Друг начин на решавање на овој проблем наметнуваат одделни добро финансирани добавувачи на паричници, кои наместо да му овозможат на корисникот директна и анонимна контрола на своите лозинки и клучеви, бараат од него комплетна идентификација.[13] На овој начин политичкиот естаблишмент и финансискиот систем навлегуваат во Биткоин системот и се во можност да контролираат дел од трансакциите. Постои стремеж за забрана на приватни и анонимни паричници преку нивно криминализирање.[14]

Програмска опрема[уреди | уреди извор]

Програмската опрема за биткоински паричник му дозволува на корисникот да врши биткоин трансакции. Паричникот генерира и чува приватни клучеви, и комуницира со Биткоин мрежата. Првата паричник апликација наречена Bitcoin-Qt беше пуштена во употреба во 2009 од страна на Сатоши Накамото како апликација со отворен код. Може да се користи на десктоп-сметачи за плаќања или како серверска инсталација за платежни услуги. Кога се плаќа преку мобилен уред, се користат QR кодови кои ги поедноставуваат трансакциите.

Економија[уреди | уреди извор]

Економистите генерално се сложуваат дека за да се квалификува како пари, нешто мора да има вредност и да биде медиум за размена. Од 2014 година економистите не се сложуваат до кој степен Биткоин претставува пари. Биткоин уште го нема достигнато статусот на средство според чија вредност се мери една економија. Ова е поради исчезнувањето на големите берзи и ограничените резерви, односно лимитот од 21 милиони биткоини. Меѓутоа ова несогласување на економистите не спречува биткоините да се користат како медиум за размена. Од ноември 2013 година, повеќе од 1000 продавници примаат биткоини за своите производи. Дополнително, има повеќе од 35000 онлајн продавници кои прифаќаат плаќање во биткоини.

Алтернатива за државните валути[уреди | уреди извор]

Биткоинот стекнува популарност во земји со проблематични национални валути, бидејќи може да ја намали инфлацијата, контролите на капиталот и интернационалните санкции. Биткоините се користени во Аргентина како алтернатива за официјалната валута. Некои Иранци користат биткоини за да ги избегнат санкциите на валути. Зголемена употреба на биткоини е забележана во периодот од 2012 до 2013 година за време на Кипарската финансиска криза. Недовербата во традиционалните финансиски институции и централните банки, поттикната од финансиската криза во 2007-2008 година најверојатно помогна во зголемувањето на популарноста на биткоинот.

Биткоинот како инвестиција[уреди | уреди извор]

Еден начин да се инвестира во биткоин е да се купат биткоини и да се чуваат како долгорочна инвестиција. Некои инвеститори не купуваат биткоини, туку вложуваат во инфраструктурата како биткоински пазари, компании кои нудат биткоински платежни системи или биткоински паричници. Инвеститорите, исто така, инвестираат и во биткоинско „рударење“.

Популарноста на биткоинот започнала да расте во 2015-2016 година, а особено во 2017 година. Како последица на тоа, вредноста на еден биткоин се зголемила од 200 американски долари во 2015 година на 900 долари во јануари 2017 година, а во декември истата година, вредноста на биткоинот достигнала дури 19.000 долари. Подоцна, вредноста на биткоинот се намалила и во октомври 2018 година изнесувала околу 6.400 долари.[15]

Биткоини во оптек[уреди | уреди извор]

Растот на бројот на биткоини е предопределен во биткоинскиот протокол, со цел да се спречи инфлацијата. Според протоколот, секој нов блок и секој нов биткоин се произведуваат на секои десет минути, според однапред утврдена динамика врз која не може да влијае ниту еден учесник во мрежата. Притоа, бројот на биткоини се зголемува според следнава динамика: првите 210.000 биткоини носеле награда од 50 биткоини по блок. Во ноември 20112 година, бројот на произведени блокови достигнала 210.000 и тогаш наградата се преполовила на 25 биткоини по блок. Во јули 2016 година, бројот на блокови достигнал 420.000, со што наградата се преполовила на 12,5 биткоини по блок. Според утврдената динамика, кон средината на 2020 година, бројот на блокови треба да достигне 630.000, со што наградата ќе се намали на 6,25 биткоини по блок. Според протоколот, производството на биткоини ќе се преполовува на секои 210.000 блокови (за чие создавање се потребни приближно четири години) и тој процес ќе тече додека не се достигне нивото од 21 милион биткоини. Според проценките, на крајот од 2018 година, вкупниот број на произведени биткоини ќе достигне околу 18 милиони.[16]

Доверливост и заменливост[уреди | уреди извор]

Биткоинот е псевдоним, што значи дека средствата не се врзани за вистински предмети,туку за адреси на Биткоин. Сопствениците на адресите на биткоин не се експлицитно идентификувани, но сите трансакции на блокчејнот се јавни. Покрај тоа, трансакциите може да се поврзат со поединци и компании преку „користете идиоми“ (на пример, трансакции кои трошат монети од повеќе влезови укажуваат дека влезови можат да имаат заеднички сопственик) и потврда на податоци за јавни трансакции со познати информации за сопствениците на одредени адреси.[17] Покрај тоа, берзите за биткоини, каде што биткоините се разменуваат за традиционални валути можат да бидат обврзани со закон да собираат лични информации.[18] За да се зголеми финансиската приватност, може да се создава нова биткоин адреса за секоја трансакција.[19]

Паричниците и сличниот софтвер технички ги обработуваат сите биткоини како еквиваленти,со што се воспоставува основно ниво на заменливост. Истражувачите забележаа дека историјата на секој биткоин е регистрирана и јавно достапна на блокчејн книгата и дека некои корисници може да одбиjат да прифатат биткоини што доаѓаат од контроверзни акции, што може да ја наруши заменливоста на биткоините.[20] На пример, во 2012 година, Mt.Gox ги замрзна академските записи на корисниците кои депонираа биткоини за кои се знаело дека штотуку биле украдени.[21]

Класификација[уреди | уреди извор]

Бројни обиди да се класифицира биткоинот покажуваат дека тоа не е лесна работа. Судијата Амос Мазант од сојузниот суд во Тексас го класифицирал биткоинот како валута. Финската влада го прогласила биткоинот во јануари 2014 како „стока“ со која може да се тргува. Во декември 2013 година, новинарот на „Вол стрит џурнал“ го опишал биткоинот како „дигитална наплата“.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Siluk, Shirley (2 јуни 2013). „June 2 "M Day" promotes millibitcoin as unit of choice“. CoinDesk. Архивирано од изворникот на 7 август 2017. Посетено на 25 мај 2017.
  2. Andreas M. Antonopoulos (April 2014). Mastering Bitcoin. Unlocking Digital Crypto-Currencies. O'Reilly Media. ISBN 978-1-4493-7404-4.
  3. Jason Mick (12 јуни 2011). „Cracking the Bitcoin: Digging Into a $131M USD Virtual Currency“. Daily Tech. Архивирано од изворникот на 20 јануари 2013. Посетено на 30 септември 2012.
  4. „Statement of Jennifer Shasky Calvery, Director Financial Crimes Enforcement Network United States Department of the Treasury Before the United States Senate Committee on Banking, Housing, and Urban Affairs Subcommittee on National Security and International Trade and Finance Subcommittee on Economic Policy“ (PDF). fincen.gov. Financial Crimes Enforcement Network. 19 ноември 2013. Архивирано од изворникот (PDF) на 9 октомври 2016. Посетено на 1 јуни 2014.
  5. Empson, Rip (28 март 2013). „Bitcoin: How An Unregulated, Decentralized Virtual Currency Just Became A Billion Dollar Market“. TechCrunch. AOL inc. Архивирано од изворникот на 9 октомври 2016. Посетено на 8 октомври 2016.
  6. Ron Dorit; Adi Shamir (2012). „Quantitative Analysis of the Full Bitcoin Transaction Graph“ (PDF). Cryptology ePrint Archive. Архивирано од изворникот (PDF) на 21 октомври 2012. Посетено на 18 октомври 2012.
  7. Борјан Пановски, „Биткоин и концептот, принципите и технологијата на децентрализираните дигитални крипто-валути“, Економија и бизнис, година 20, број 242, септември 2018, стр. 49.
  8. Борјан Пановски, „Биткоин и концептот, принципите и технологијата на децентрализираните дигитални крипто-валути (втор дел)“, Економија и бизнис, година 20, број 243, октомври 2018, стр. 44-45.
  9. Борјан Пановски, „Биткоин и концептот, принципите и технологијата на децентрализираните дигитални крипто-валути“, Економија и бизнис, година 20, број 242, септември 2018, стр. 49-51.
  10. Борјан Пановски, „Биткоин и концептот, принципите и технологијата на децентрализираните дигитални крипто-валути (втор дел)“, Економија и бизнис, година 20, број 243, октомври 2018, стр. 48.
  11. Борјан Пановски, „Биткоин и концептот, принципите и технологијата на децентрализираните дигитални крипто-валути (втор дел)“, Економија и бизнис, година 20, број 243, октомври 2018, стр. 45-46.
  12. „Изгоре голем „рудник“ на биткоини“, Дневник, година XVIII, број 5614, вторник, 11 ноември 2014, стр. 10.
  13. http://www.coindesk.com/chamath-palihapitiya-bitcion-moving-past-amateur-hour/
  14. http://www.wired.com/2014/03/what-is-bitcoin/
  15. Борјан Пановски, „Биткоин и концептот, принципите и технологијата на децентрализираните дигитални крипто-валути (втор дел)“, Економија и бизнис, година 20, број 243, октомври 2018, стр.47.
  16. Борјан Пановски, „Биткоин и концептот, принципите и технологијата на децентрализираните дигитални крипто-валути (втор дел)“, Економија и бизнис, година 20, број 243, октомври 2018, стр. 46-47.
  17. „Mapping the Bitcoin Economy Could Reveal Users' Identities“. technologyreview.com. Посетено на 2022-05-30.
  18. „Is Bitcoin a Strong Hedge Against Inflation“. kucoin.com. Посетено на 2022-05-30.
  19. „How Bitcoin Lets You Spy on Careless Companies“. wired.com. Посетено на 2022-05-30.
  20. „Zerocash: Decentralized Anonymous Payments from Bitcoin“ (PDF). zerocash-project.org. Посетено на 2022-05-30.
  21. „An Inquiry into Money Laundering Tools in the Bitcoin Ecosystem“ (PDF). maltemoeser.de. Посетено на 2022-05-30. line feed character во |title= во положба 39 (help)