Штурче трскарче

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Штурче трскарче
Заштитен статус
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордови
Класа: Птици
Ред: Врапчевидни
Фамилија: Locustellidae
Род: Locustella
Вид: Штурче трскарче
Биномен назив
Locustella luscinioides
(Savi, 1824)

Штурчето трскарче (науч. Locustella luscinioides) е вид трскарче од родот треварчиња (Locustella) кое се размножува низ јужна Европа и умерена западна Азија. Ја има и во Македонија. Таа е птица преселница која зимува под Сахара, во Африка.

Оваа мала врапчевидна птица живее меѓу трските и местата со грмушки.

Песната  му е монотоно, механичко, слично на инсект чрчорење, најчесто во самрак. Слична е на пеењето на другите видови од родот, но е малку побрза и подлабока.

Таксономија и систематизација[уреди]

Штурчето трскаче прв го опишал италијанскиот орнитолог Паоло Сави (Paolo Savi), автор на Ornitologia Toscana (1827–1831) и Ornitologia Italiana (1873–1876). Сави ја опишал птицата како темна, неизбраздена, портокаловокафеава во 1821, што било нов вид за науката од фамилијата на трскарите. Го објавил целосниот опис 1824 и оттогаш е познат како Савиев трскар (така се вика и на англиски - Savi's Warbler).[2] Тој формира видов пар со речниот трскар (Locustella fluviatilis), а проучувањата на митохондриската ДНК покажуваат дека двата се блиски до полското штурче (Locustella naevia).[3]

Има три подвида:

Опис[уреди]

Штурче трскарче, пеејќи од евла

Штурчето трскарче е долго околу 14 см. Горните делови му се еднобојни темноцрвеникавокафеави, понекогаш со слаб зеленкав сјај. Има невпечатлива посветла линија над окото. Тенкиот клун, очите и нозете се кафеави. Брадата, грлото и стомакот му се белкавокремави, а остатокот од долниот дел му е песочна боја. Во сезоната на парење и одозгора и одоздола станува малку посветол.[5]

Пеењето му е вибрација, како и на другите треварчиња, но малку пониска и не толку долга. Често започнува со серија од ниски тикови кои прераснуваат во вибрација. Птицата пее качена на врвот од трската со отворен клун и грло што вибрира. Пеат и мажјаците и женките.[5]

Однесување[уреди]

Оваа птица се митари пред да пристигне на местата за размножување. При пристигнувањето во мочуриштата, птиците се повлекуваат меѓу трските и грмушките и ретко може да се видат, но кога ја воспоставуваат својата територија се качуваат на врвовите од трските и пеат. Тие се хранат со инсекти, како што се: мувите, бубачките, молците, ларвите, како и малите црви. По размножувањето птиците одат во поретка вегетација, се митарат во своите зимски перје и се подготвуваат за миграција. Малку се знае за нивните навики во зимувалиштата, но тие заземаат слични мочурливи области, забележани се во полиња со пченка, а може да се хранат и спијат во мали јата.[5]

Размножување[уреди]

Возрасен со гнездо

Во јужниот дел од опсегот сезоната на парење започнува во средината на април, а во северниот дел, при крајот на мај.[5] Првите мажјаци што ќе пристигнат ги зафачаат најубавите територии, што се суди според густината на трските и грмушките. Кога пристигаат женките, ги избираат мажјаците со подобри територии.[6] Оние птици што пристигнуваат подоцна имаат посиромашни територии и послаб успех во размножувањето..[6] Гнездото го гради женката на мала платформа во трските кое е добро скриено меѓу сувите трски и купчиња вегетација. Тоа е уредно, изградено од убаво наредени тревки и ливчиња. Обично одозгора не може да се види. Леглото има 4-6 јајца кои се зеленикавобели, испрскани со сиви точки. Ги квачи само женката во период од 12 дена. Таа, исто така, ги храни во почетокот сама, а потоа ѝ се придружува и мажјакот. Пилињата се оперјуваат по дванесетина дена. Обично имаа две легла годишно.[5]

Статус[уреди]

Штурчето трскарче според Црвениот список на МСЗП е вид со најмала загриженост поради големата глобална популација и широкиот опсег. Во Европа има околу 530.000 до 800.000 пара, или 1.6 - 2.4 милиони индивидуи. Европската популација е околу две третини од вкупната, што значи вкупно има околу 2.1 - 4.8 милиони индивидуи.[1]

Наводи[уреди]

  1. 1,0 1,1 BirdLife International (2013). Locustella luscinioides. „Црвен список на загрозени видвови на МСЗП, верзија 2012.1“. Меѓународен сојуз за заштита на природата. http://www.iucnredlist.org/apps/redlist/details/106007594. конс. 1 август 2013.  (англиски)
  2. (на Italian) „Alla Memoria Paolo Savi“. 1871. http://archive.org/stream/allamemoriadipa00unkngoog#page/n2/mode/2up. 
  3. 3,0 3,1 „Savi's Warbler (Locustella luscinioides)“. „Internet Bird Collection“. http://ibc.lynxeds.com/species/savis-warbler-locustella-luscinioides. конс. 1 август 2013. 
  4. Lepage, Denis. „Savi's Warbler (Locustella luscinioides) (Savi, 1824)“. Avibase. http://avibase.bsc-eoc.org/species.jsp?avibaseid=2D46BB9888C846D0. конс. 1 август 2013. 
  5. 5,0 5,1 5,2 5,3 5,4 Witherby, H. F. (ed.) (1943). „Handbook of British Birds, Volume 2: Warblers to Owls“. H. F. and G. Witherby Ltd.. стр. 32–34. 
  6. 6,0 6,1 Aebischer, Adrian; Perrin, Nicolas; Krieg, Myriam; Studer, Jacques; Meyer, Dietrich R. (1996). „The Role of Territory Choice, Mate Choice and Arrival Date on Breeding Success in the Savi's Warbler Locustella luscinioides“. „Journal of Avian Biology“ 27 (2): 143–152. 

Надворешни врски[уреди]