Шведска книжевност

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Рунски камен.

Шведската книжевност е книжевноста напишана на шведски јазик. Од најстарите времиња сочувани се голем број на записи на рунски камења (околу 2.000). Вистинската шведска книжевност започнува да се развива дури со зајакнувањето на феудализмот и восприемањето на христијанството во XIII век.

Најстара епоха[уреди]

Во најстарата епоха од развитокот на шведската книжевност (XIII и XIV век) се застапени кодекси на закони и верска литература на латински и шведски јазик. Врв на создавањата на оваа книжевност се мистичните дела (визии) на Свети Бригите (1303-1373), основач на редот на Св. Бригите. Манастирот Вадстен е центар на ова книжевност создавање. Во тоа време, под влијанието на дворот, се јавува и поезијата, а се преведуваат и три рицарски романи (Дитрих, Александар и Валентин). Пред крајот на католичката ера се јавуваат и римувани хроники со алитерација; вредна за спомнување е само Хроника за Ерика. Од Норвешка и Данска доаѓа народната рицарска балада, која станува народно патувачко богатство.

Георг Штјернјелм, дело од Давид Клокер Еренштрал, 1663.

Во XV век, под влијание на востанието против данското владеење, се јавуваат патриотски дела. Бискупот Томас од Стренгнес ја напишал Песна за слободата.

XVI век се карактеризира со општествени борби и појавата на Реформацијата, со која е сврзана појавата на напредните писатели. Лутерови ученици се Олаус Петри, еден од основачите на шведскиот литературен јазик, автор на „Шведска хроника“, преведувач на Библијата и писател на реформаторски списи; потоа Лавренциус Петри и Лавренциус Андрее.

Ренесанса и хуманизам[уреди]

Значаен напредок во развитокот на шведската книжевност претставува воведувањето на печатницата. Продираат идеите на ренесансата и хуманизмот. Се јавуваат т.н. училишни комедии и драми со митолошки мотиви. Јоханес Месениус е ренесансен историчар на големиот стил и драмски писател, а лиричари се Ларс Мивалиус и Ларс Јохансон. Георг Штјернјелм е универзално образован научник и уметник. Олоф Рудбек во делото Атланд ги изразува ситуациите во Шведска.

Барок[уреди]

Кон крајот на XVII век, прозниот барок го претставуваат Гуно Аврелиус Далшерна и други писатели. Во исто време, под влијание на Французинот Никола Боало, во Шведска се јавува реакција против бомбастиката. Претставници се Самуел Тривалд и Ј.Г. Вервинг. Така започнуваат книжевните влијанија од Франција кои ќе траат цел век. Книжевниот израз на граѓанското општество кое сега се образува е во лесната лирика на Јох Руниус.

Просветителство[уреди]

Карл Мишел Белман.

XVIII век донел процвет на науката. Во 1713 година се основа Академијата на науки, работата и патописите на Карл Лине, астрономските списи на Целзиус, делата на мистичарот Е. Сведенборг. Преовладуваат идеите на просветителството чии носители се благородништвото и граѓанството, а главен претставник е Олаф Далин кој објавува сатири, лирски песни и драми, и ја издава Шведскиот Аргус. Лирската поетеса Х.Ш. Норденфлихт и идиличарот Густав Филип Кројц го внесуваат сентиментализмот во поезијата. Волтеровото и Русоовото влијание се присутни и тука. Густав III бил драмски писател и поддржувач на театарот и тежнеел да ги собере околу себе сите оние кои твореле во книжевноста. Врв на шведското просветителство претставува Јохан Хенрик Келгрен, кој покрај француските енциклопедисти истапувал против реакционерните идеи. Овде спаѓа и Карл аф Леополд. Поетот Карл Белман е најпопуларниот писател во Шведска и во своите дела ги поврзува хумористичното и трагичното. Сентименталниот Бент Лиднер во своите дела изразува социјален протест. Томас Торилд е единствениот шведски поет на германското предромантичарско движење Бура и натисок (Sturm und Drang). Ана Ленгрен пишува реалистичка лирика со елементи на сатира.

Класицизам и романтизам[уреди]

На почетокот на XIX век преовладуваат епигоните на класицизмот: Карл Густав Леополд, идиличната лирика на Францен и религиозната поезија на Велин.

Во првата деценија на XIX век се јавува романтизмот под германско влијание. Се основаат часописите Полифем (1809), Фосфорус (1810) и Идуна (1811). Околу Фосфорус се собираат романтичарски поети кои го негуваат мистицизмот, а се непријателски расположени кон граѓанската револуција. Тоа се, во прв ред, П.Д.А. Атербум и лиричарот Е.Ј. Стагнелиус. Околу Идуна се собираат друга група на романтичари, т.н. Готски сојуз. Овие писатели се ориентирани повеќе национално-историски и ја изразуваат противречноста на сваќањата на граѓанскиот демократски слој и го бараат својот идеал во минатото на скандинавските народи и патријархалниот живот на шведските селани. Се занимавале со изучување и собирање на народни умотворби (песни, бајки и сл.); меѓу нив се истакнува Е.Г. Гејер, во чии дела се преплетуваат конзервативни и демократски тенденции. Близок на оваа група, но сепак самостоен, стои големиот шведски поет Есајас Тегнер, поборник на идејата на просветителството во XVIII век и убеден противник на европската реакција. Неговото дело Сага за Фритјоф, со мотиви од старите саги, ги изразува демократските и хуманистичките тежнеења.

Реализам[уреди]

Сè до шеесеттите години се продолжуваат романтичарските тенденции и чисто формалната, лирска епигонска книжевност, чиј пример бил Тегнер (заедно со Бесков, Бетигер, Никандер, Малмстрем и други), по што настапува делумно реалистичката реакција со политичките идеи на либерализмот и скандинавската солидарност (Венеберг, Страндберг, Сомелиус и други), а во романот се прикажува граѓанската средина и внимателното третирање на социјалните проблеми.

На прво место треба да се спомнат сатиричните романи на Цедерборг, а од оваа група и писателите Фредрику Бремер, Емилију Фригаре-Карлен, Фон Кноринг, Ветерберг, А. Бланша и други. Првиот модерен новинар од тоа време е М.Ф. Крусенстолпе.