Човечко срце

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Срцето е празен мускулен орган што ја движи крвта во организмот. Срцевиот ѕид е изграден од три слоеви: надворешен (епикард), среден (миокард) и внатрешен (ендокард). Во самото срце постојат крвни садови преку кои се снабдува со хранливи материи и кислород, а ги оддава екскретите и јаглерод диоксидот. Овој систем од крвни садови е познат како срцев крвоток, односно коронарен крвоток.

Човековото срце.

Срцев циклус[уреди]

Со секое биење, четирите комори на срцето синхронизирано се олабавуваат и се стегаат така што крвта поминува од двете преткомори во двете комори од соодветната страна и од неа во соодветната артерија, во циклус што се повтотрува непрекинато. Фазата на дилатацијата (олабавување) се нарекува дијастола, а фазата на контракција (стегање) се нарекува систола. На десната страна, преткомората се олабавува и се полни со крвта што доаѓа од празната вена, потоа се стега и ја исфрла содржината во комората, која се полни со крв и на крајот таа се стега за да ја пренесе крвта во белодробните артерии. На левата страна, преткомората се олабавува и се полни со крв што доаѓа од белодробните вени, потоа се стега и ја исфрла содржината во комората која се полни крв, потоа се собира за да ја потисне содржината во аортата.[1]

Центри за автоматизирана работа на срцето.

Срцеви садови[уреди]

Срцето има сопствен крвоточен систем составен од цела мрежа садови кои го опкружуваат како круна. Двете главни срцеви артерии - левата и десната, почнуваат од аортата и нивните многубројни разгранувања доашаат до сите делови на срцето , носејќи ја крвта богата со кислород. Откако ќе го снабди срцевото ткиво, крвта сиромашна со кислород минува низ мрежа на мали венозни садови кои се спојуваат меѓусебно и создаваат сè поголеми вени кои одат до срцевиот синус, канал кој влегува во десната преткомора.[2]

Срцеви залистоци[уреди]

Во внатрешноста на срцето крвта има еднонасочно движење, неопходен предуслов за правилно функционирање на органот, а тоа е овозможено преку систем на залистоци (клапи) што овозможуваат преминување на крвта од еден сектор во друг, но спречуваат нејзино враќање назад. меѓу секоја преткомора и секоја комора има преткоморно-коморен залистон: на десната страна има триврвен залисток, наречен така затоа што е составен од три јазичиња; на левата страна има митрален залисток, наречен така затоа што неговиот изглед потсетува на митрата со која некои црковни великодостојници си ја покриваат главата. И меѓу секоја комора и артерија во која се ситиснува крвта има сигмоиден или полумесечински залисток: на десната страна има белодробен залисток, а на левата - аортен залисток.[3]

Срцев автоматизам[уреди]

Спроведување на импулс по спроводниот систем на срцето.

Срцевите удари зависат од електричните дразби способни да предизвикаат контракција на влакната на срцевиот мускул и со тоа доаѓа до последователна и синхронизирана контракција на различните делови на срцето. Тие дразби се јавуваат ритмички во посебни делови на срцето и се шират низ целиот орган преку посебни мускулни влакна што го составуваат системот за спроведување на електричниот импулс. Така, иако срцевата активност може да биде под влијание на дразби што доаѓаат од нервниот систем кои го забрзуваат или забавуваат ритамот на отчукувањата, срцето орган кој функционира незвисно.[4]

Нервна контрола на срцето[уреди]

Иако срцето функционира самостојно, тоа е пврзано со нерви на автономниот нервен систем, делот од централниот нервен систем кој на несвесен начин ја контролира активноста на внатрешните органи. Во срцето доаѓаат нерви кои потекнуваат од два дела од автономниот нервен систем: од симпатичниот систем и од парасимпатичниот нервен систем. Дразбите што ги даваат двата дела се обратни: симпатичниот, кој се активира кога се прави физички напор и при било каква силна емоција, предизвикува зголемување на бројот на ударите на срцето, а парасимпатичниот, кој преовладува кога сме смирени и се одмараме, предизвикува забавување на отчукувањата.[5]

Извор[уреди]

  • Основен атлас по физиологија - Издавач Просветно Дело АД
  • Атлас по анатомија - Издавач Просветно Дело АД

Наводи[уреди]

  1. Основен атлас по физиологија. Просветно Дело, Скопје, 2004, стр. 43.
  2. Атлас по анатомија. Просветно Дело, Скопје, 2003, стр. 45
  3. Основен атлас по физиологија. Просветно Дело, Скопје, 2004, стр. 43.
  4. Основен атлас по физиологија. Просветно Дело, Скопје, 2004, стр. 44.
  5. Основен атлас по физиологија. Просветно Дело, Скопје, 2004, стр. 44.