Чичко Горио

Од Википедија — слободната енциклопедија
Слика од насловната страна од издание на Чичко Горио од 1897, од непознат автор.

„Чичко Горио“ (француски: Le Père Goriot) — роман на францускиот писател Оноре де Балзак, дел од „Студиите за општествениот живот“, во рамките на големиот циклус наречен „Човечка комедија“.

Содржина[уреди | уреди извор]

Дејството на романот се одвива во Париз во ноември-декември 1819 година и ги прикажува испреплетените животи на два главни лика: старецот Горио и наивниот студент по право, Ежен де Растињак.

Дејството на романот започнува во ноември 1819 година, во пансионот на госпоѓата Вокер. Кај неа живеат неколку потстанари, меѓу кои се: младата Викторина Тајфер чиј богат татко не ја признава за ќерка, студентот Ежен де Растињак кој потекнува од осиромашено благородничко семејство од провинцијата, господинот Вотрен и поранешниот сопственик на фабрика за тестенини, Горио. Тој е човек на околу 70 години, кој веќе неколку години живее во пансионот. Во првите години, тој живее богато и сопственичката на пансионот, госпоѓата Вокер се обидува да го освои, но нејзиниот план пропаѓа. Оттогаш, таа почнува да го мрази господинот Горио, да го оговара и да му прави разни сплетки, а останатите станари го прифаќаат таквиот став кон него и отворено му се потсмеваат и го навредуваат. Истовремено, со текот на времето настапува голема промена и Горио започнува да живее сиромашно и запуштено.

Воден од желбата да успее во животот, Ежен воспоставува контакт со својата далечна роднина, богатата госпоѓа де Бозеан, која му помага да навлезе во монденскиот свет на Париз. На еден бал, тој ја запознава преубавата Анастазија де Ресто, а подоцна открива дека таа му е ќерка на чичко Горио. Исто така, тој ја дознава неговата жална историја: Чичко Горио бил обичен работник, кој за време на Француската револуција се збогатил со продажбата на брашно. Набргу умрела неговата жена и тој целиот живот им го посветил на двете ќерки, Анастазија и Делфина. Меѓутоа, откако тие се омажиле за богати луѓе, целосно ги прекинале односите со него и тогаш чичко Горио се повлекол во својот осаменички живот во пансионот на госпоѓата Вокер.

Отфрлен од госпоѓата де Ресто, која има богат љубовник, Ежен ја посетува госпоѓата де Бозеан, која му ветува дека ќе му помогне во желбата да стане богат, советувајќи го да се зближи со Делфина и да ја искористи нетрпеливоста меѓу двете сестри. Истовремено, Вотрен (кому му требаат пари за да купи имот во Северна Америка) го советува Ежен да избере поинаков пат – да се ожени со Викторина, притоа нудејќи му ги своите нечисти услуги. Набргу, Ежен ја запознава Делфина и се зближува со неа, а истовремено целосно влегува во монденскиот живот, троши пари и запаѓа во долгови. Во тоа време, тој станува пријател со чичко Горио кого редовно го известува за животот на неговите две ќерки.

Додека Ежен ја бие битката како да стане богат и успешен, париската полиција дознава за Вотрен (чие вистинско име е Жак Колен), кој всушност е криминалец кој избегал од затворот и кој работи како банкар на криминалците. Притоа, полицијата врбува една станарка во пансионот да им помогне во целосното разоткривање на Вотрен. Едно утро, Вотрен го остварува својот страшен план, предизвикувајќи двобој во кој умира братот на Викторина, така што нејзиниот татко ја прима кај себе и таа наеднаш наследува огромно богатство. Во исто време, полицијата доаѓа во пансионот Вокер и го апси Вотрен, кој пред присутните станари признава дека е избеганиот затвореник Колен. Набргу, станарите се иселуваат од пансионот, а чичко Горио изнајмува удобен стан за Ежен. Додека тој и Ежен се подготвуваат да се иселат, во пансионот доаѓаат Делфина и Анастазија, кои му соопштуваат на својот татко дека имаат големи финансиски проблеми. Притоа, доаѓа до голема расправија меѓу сестрите, на чичко Горио му се влошува здравјето, а проблемот го решава Ежен кој ѝ позајмува пари на Анастазија.

Во последните денови од животот на чичко Горио, сите се преокупирани со своите грижи: неговите ќерки имаат сериозни проблеми со своите сопрузи и со подготовките за балот кај госпоѓата де Бозеан, така што ниту еднаш не го посетуваат болниот татко. Така, Ежен и неговиот другар (студент по медицина) ја преземаат врз себе грижата за чичко Горио, кој набргу умира. Во последните мигови пред смртта, него го посетува Анастазија, а потоа, со своите последни пари, Ежен организира сиромашен погреб на којшто присуствува само слугата од пансионот и слугите на двете ќерки. Од гробиштата на ридот, Ежен го гледа омразениот град пред себе, одлучен да ја продолжи својата борба за место во високото општество.[1] [2]

Осврт кон романот[уреди | уреди извор]

„Чичко Горио“ бил завршен во септември 1834 година, во Саше.[3] [4]Најпрвин, романот бил објавен во зимата 1834–1835, во неколку продолженија, а дури потоа бил објавен како посебна книга. „Чичко Горио“ се смета за ремек-дело, тој е најважниот и најчитаниот роман на Балзак[5] [6] и ја претставува првата сериозна употреба на ликовите кои претходно се појавуваат во другите книги на Балзак. Романот се споменува како најкарактеристичен пример за реализмот, користејќи миговни детали за создавање ликови и поттекст. По излегувањето, романот бил примен со просечни критики. Некои критичари го пофалиле авторот за неговите комплексни ликови и за вниманието посветено на деталите; други го прекориле за неговите нагласени прикази на корумпираноста и алчноста. Омилена и на Балзак, книгата подоцна се здобила со широка популарност и честопати била адаптирана за филм или за театар.

Набљудувано во историски рамки, дејството во романот се случува за време на Бурбонската обнова, која предизвикала значајни промени во француското општество, така што борбата на поединците да стигнат до висок статус во општеството е главниот признак на книгата. Авторот го следи обидот на провинцијалецот Ежен де Растињак да се пробие во високото општество на Париз. Овој сиромашен благородник сонува за успех, слава, пари и љубов, но е принуден да живее во сиромаштија. Романот го популаризирал поимот „Растињак“, како синоним за човек подготвен на сè во намерата да си ја подобри својата општествена состојба.

Исто така, во романот, Балзак ја анализира суштината на бракот и на семејството, искажувајќи песимистички поглед кон овие институции. Чичко Горио е трагичниот јунак во романот кого го убива претераната, страсна родителска љубов кон своите две ќерки. Неговата несреќа станува сè поголема колку што расте љубовта кон разгалените ќерки. По смртта на нивната мајка, тој едноставно ги разгалил и со тоа ги претворил во нечувствителни, себични и неблагодарни изроди. Воден од општоприфатениот критериум дека парите се волшебното стапче во кое е содржана исполнетоста на животот, тој уште за време на нивното детство им купува скапи подароци со тоа искажувајќи им ја својата љубов, но тој однос се претвора во ѓаволски круг. Огромната љубов кон двете ќерки го фрла во судир со моралот. Тој не само што успеал богато да ги омажи, односно да ја направи едната бароница де Нисенжен, а другата, постарата, грофица де Ресто, туку одејќи им постојано по волјата, полека станал и нивен стројник кој им наоѓа љубовници. Постојано на услуга во исполнувањето на нивните желби тој, инаку успешен производител на тестенини, конечно осиромашува. Тие пак, го посетуваат татка си само кога од него треба да добијат пари, срамејќи се од него, обичниот граѓанин, бидејќи тие се движат во аристократските кругови. На крајот, Горио умира сам, а на погребот на несреќниот старец не се појавува ниедна ќерка. Родителот и неговите ќерки се слика на моралниот пад и обезвреднување на семејната врска. Некогашниот господин Горио натрупува богатство и создава положба на своите ќерките, кои се однесуваат со него како со „лимон“ кој, откако бил исцеден до капка, го фрлаат. Само парите ли се причина за тоа? Општеството? Трагичната заблуда на стариот милионер или несовршенството на човечката душа, која не ја познава благодарноста? Можеме да судиме од секој агол и секој одговор ќе носи дел од вистината.

Во романот се појавуваат и бројни други ликови, кои се само просечни личности - верна слика на општествениот морал на една епоха. Ним Балзак им вдахнува вистински живот, а нивниот изглед, навиките, потребите и карактерите се насликани точно и прецизно до најситните детали. Секој од тие пропаднати личности го живее својот личен живот, но сите заедно претставуваат цел сталеж. Во тој поглед, во „Чичко Горио“, Балзак истовремено дава слика на заедничките одлики на определени општествени групи, но и на поединечни личности кои се издвојуваат од просечноста. Оваа техника на истовремено сликање на обичниот свет и необичните, силни ликови претставувало голема иновација во францускиот роман. За овој роман се искажани бројни критички мислења од кои се издвојува она на Стендал, искажано во едно писмо упатено до Балзак во 1840 година: „Истиот дух трае само 200 години; Волтер во 1978 година ќе биде само Вотер (француски писател кој бил многу популарен во 17 век, но денес е речиси заборавен), но Чичко Горио секогаш ќе биде Чичко Горио.“[7]

Изданија на македонски јазик[уреди | уреди извор]

Во 1953 година, романот бил објавен од издавачката куќа „Култура“, како четврта книга во рамките на едицијата „Библиотека на светски класици“. Преводот го извршил Ѓорѓи Цаца, редакцијата била дело на Голупка Угринова, коректурата ја направила Ружа Пановска, додека техничкото уредување и нацртот на кориците биле дело на Станко Крстиќ. Книгата, со обем од 394 страници, била отпечатена во октомври 1953 година, во печатницатаГоце Делчев“, во тираж од 2.000 примероци.[8]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Onore de Balzak, Čiča Gorio. Beograd: Rad, 1965.
  2. Оноре де Балзак, Чичко Горио. Скопје: Култура, 1953.
  3. Onore de Balzak, Čiča Gorio. Beograd: Rad, 1965, стр. 249.
  4. Оноре де Балзак, Чичко Горио. Скопје: Култура, 1953, стр. 394.
  5. D.M., „Beleška o piscu“ во: Onore de Balzak, Čiča Gorio. Beograd: Rad, 1965, стр. 255.
  6. Hunt, p. 95; Brooks (1998), p. ix; Kanes, p. 9.
  7. D.M., „Beleška o piscu“ во: Onore de Balzak, Čiča Gorio. Beograd: Rad, 1965, стр. 258-259.
  8. Оноре де Балзак, Чичко Горио. Скопје: Култура, 1953.