Чиксулуб (кратер)

Од Википедија, слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Радарската топографија го покажува 180км широкиот прстен на кратерот. (Сликата е од НАСА.)

Кратерот Чиксулуб (шпански: Chicxulub) (21.35° СГШ 89.5° ЗГД) е стар кратер настанат од удар на небесно тело и се наоѓа на полуостровот Јукатан во Мексико. Центарот на кратерот е близу градот Чиксулуб. Кратерот е широк преку 180км и според тоа е најголем познат кратер на светот. Телото што го создало (астероид или комета) било најмалку 10км во дијаметар.

Кратерот бил откриен во 1970-тите од геофизичарот Глен Пенфилд кој работел на истражување на нафтени наоѓалишта во тој регион. Доказите за постоењето на удар од небесно тело се потиснат кварц, гравитациона аномалија и тектити во околните области. Со анализа на изотопите, утврдено е дека кратерот настанал пред околу 65 милиони години.

Ударот на небесното тело и последиците од тоа се сметаат за причина за прекин на геолошкиот период Креда и настапување на Терцијарот, радикални климатски промени, изумирање на диносаурусите и многу други животински видови.


Детали за ударот[уреди]

Дијаметарот на ударното небесно тело бил околу 10км и се проценува дека при ударот ослободило 500 Зета-Џули енергија 5×1023 џули, што е еквивалентно на 100 тера-тони (1014 тони) ТНТ.[1] За споредба, најсилната нуклеарна експлозија направена од човекот е од руската Цар-Бомба со сила од 50 мега-тони[2], што е за 2 милиони пати послабо.

Ефекти[уреди]

Ударот предизвикал некои од најсилните цунами во историјата на Земјата. Облаци од прашина, пепел и пареа се ширеле од кратерот. Ископаниот материјал од местото на ударот, заедно со материјалот од ударното тело бил исфрлен над атмосферата, а при враќањето се загреал како метеорити и паѓајќи повторно на Земјата стотици километри подалеку предизкикал глобални пожари. Ударните бранови кои се ширеле низ земјината кора предизвикале глобални земјотреси и вулкански ерупции. Прашината и поситните честички останале во атмосферата и на површината на Земјата со години потоа, нарушувајќи ја животната средина на живите суштества.[3] Фотосинтезата на растенијата била попречена со што се нарушил целокупниот ланец на исхраната.[4][5]

Геологија и морфологија[уреди]

Денес површината на кратерот е покриена со глина и варовник во длабочина од околу 1000м, но овие слоеви се настанати по ударот, односно во Палеоценот и подоцна.[6] Под овој слој се наоѓаат материјалите кои го сочинувале небесното тело и земјината подлога во времето на ударот. Тоа се андесит, бреција, фелдшпат и потиснат кварц. Депресијата на местото на ударот е 600-1100м подлабоко од околината. Се смета дека и тектитите најдени на Хаити потекнуваат од овој удар, бидејќи таму не се најдени астероидни кратери. [7][6]

Покрај самиот кратер, дополнителен ефект настанал со создавањето на тенка наслага од глина присатна на К-Т Границата по целата Земјина топка. Оваа глинена наслага содржи невообичаено висока концентрација на иридиум.[8] Содржината на иридиум на познатите метеорити и астероиди е вообичаено поголема од таа на Земјата.[9] Се претпоставува дека овој слој на глина богата со иридиум настанал кога иридиумот испарил од астероидот и се раширил низ атмосферата по ударната експлозија.[10]

Уништување на живиот свет[уреди]

Теориите за масовно изумирање на живиот свет како резулат на удар од небесно тело постоеле многу пред откривањето на Кратерот Чиксулуб. Откритието на кратерот, како и неговото датирање кое се совпаѓа со времето на исчезнувањето на диносаурусите и голем број други групи животни и растенија, само ја потврдуваат оваа теорија.[11] Оваа теорија денес е речиси општо прифатена во научниот свет.

Надворешни врски[уреди]


Наводи[уреди]

  1. Bralower, et al.
  2. Adamsky and Smirnov, 19.
  3. Hildebrand, Penfield, et al; 5.
  4. Perlman.
  5. Pope, Ocampo, et al.
  6. 6,0 6,1 Hildebrand, Penfield, et al; 3.
  7. Grieve.
  8. Alvarez.
  9. Quivx.
  10. Mayell.
  11. Alvarez, W. interview.