Чавка

Од Википедија — слободната енциклопедија
Чавка
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордови
Класа: Птици
Ред: Врапчевидни
Семејство: Врани
Род: Corvus
Вид: Чавка
Научен назив
Corvus monedula
(Linnaeus, 1758)
зелено - постојан жител,
светлозелено - лето
сино - зимување
Синоними

Coloeus monedula Linnaeus, 1758

Чавка (науч. Corvus monedula) — врапчевидна птица од семејството на враните (Corvidae). Распространета е низ Европа, вклучувајќи ја и Македонија, западна Азија и Северна Африка и обично е постојан жител, додека посеверните популации се птици преселници кои зимуваат на југ. Има четири подвида кои се разликуваат главно по обоеноста на пердувите на главата и тилот. Карл Лине прв го опишал видот, давајќи му го научниот назив Corvus monedula. Долга е 34-39 см, со црно перје и сив тил, со впечатливи светлосиви очи. Таа е дружељубива птица која се собира во помали јата со комлексна социјална структура, во отворени шуми, на крајбрежни гребени и во урбани средини. Чавката е сештојад и опортунист во исхраната, јаде широк спектар растителна храна и безрбетници, како и отпадоци од луѓето. Моногамни птици се, што гнездото го прават во дупките на дрвјата, гребените или зградите. Женката несе и лежи 5 светлосини или зелени јајца испрскани со кафеаво, а младенчињата се оперјуваат по 4-5 недели.

Таксономија и систематика[уреди | уреди извор]

C. m. monedula во Шведска, овој подвид има и белкави пердуви
Возрасен C. m. spermologus, во Шкотска

Чавката е еден од видовите што ги опишал Карл Лине во 18 век, во неговата Систем на природата.[2] Своето име птицата го добила потпирајќи се на претпоставката дека таа сака да собира парички. Лине ѝ го дал името Corvus monedula, одбирајќи го mǒnēdŭla, што произлегува од монета, од латинскиот каде значи „пари“.[3][4]

Во студија од 2000 година се тврди дека разликите меѓу чавката и другите членови на семејството на враните е поголема.[5]

Подвидови[уреди | уреди извор]

Се издвојуваат четири подвида на чавката.[6] Сите европски подвидови се мешаат каде што им се среќаваат популациите.[7] C. m. monedula се соединува со C. m. soemmerringii во транзиционата зона од јужна Финска низ Балтикот до источна Полска, Романија и Хрватска.[8]

Младенче C. m. spermologus, во Англија

Опис[уреди | уреди извор]

На гробишта во Финска
Чавка огласувајќи се во лет

Чавката е долга 34-39 см, и е втор најмал член на семејството на враните (Corvus).[10] Поголемиот дел од перјето е сјајноцрно, со виолетов (кај подвидовите monedula и spermologus) или син (кај подвидовите cirtensis и soemmerringii) сјај на круната, челото и секундарните пердуви и зеленосин сјај на грлото, примарните пердуви и опашката. Образите, темето и вратот се светлосиви до сребреникави, а долните делови се сивкави. Нозете и краткиот набиен клун (кој е 75% од главата) се црни. Горната мандибула на клунот е 40% покриена со перје, а долната 25%. Очите на возрасните птици се сивкави или сребренобели, а кај младенчињата се сини, па кафеави, додека не станат белкави на едногодишна возраст.[10] Половите си личат,[11] но кај мажјаците на главата и вратот пердувите се намалуваат со возраста, а особено пред митарењето.[12] Чавката целосно се митари од јуни до септември на запад, а еден месец подоцна на исток од нејзиниот опсег.[9] Виолетовиот сјај на круната е најизразен веднаш по митарењето.[12]

Географски, многу малку чавките се разликуваат во големината. Главната разлика е во присуството на белото на тилот, сјајот и тонот на долните делови од перјето. Популациите во Средна Азија имаат малку поголеми крилја, а западните имаат малку потежок клун. Бојата е потемна на чавките од посеверните и повисоките краишта, а посветла на другите места. Таа е одличен летач и може да маневрира во воздухот, нагло да скршнува и да лебди. Има карактеристично, отсечно замавнување со крилјата. На земја, има исправена положба на телото, а кратките нозе ѝ овозможуваат брзо движење. Се хранат држејќи ја главата надолу или хоризонтално.

Чавките се зборливи птици. Главниот повик, често во лет, е метално и пискаво чиак-чиак или как-как. Ова е вид повик за контакт или поздрав, а кога ги хранат младенчињата или, пак, кога мажјаците ѝ нудат храна на женката, повикот е нешто како киау или куоу. Женките одговараат со поразвлечено киааи, чааик или гиааа. Исперчените птици често брборат меѓу себе, а пред да се сместат за спиење прават голема ка-ка-ка бучава. Повикот за тревога е рапаво, издолжено арррр или каааарр, што служи за предупредување од грабливци или од набљудувачи.

Распространетост и живеалиште[уреди | уреди извор]

Чавките се распространети од северозападна Африка преку цела Европа, освен во екстремниот север, и источно преку Средна Азија кон источните Хималаи и Бајкалското Езеро. На исток, ја има низ Турција, Кавказ, Иран, Ирак, Авганистан, Пакистан и северозападна Индија. Taa е регионално изумренa во Малта и Тунис.[1] Опсегот ѝ е голем, меѓу 1 и 10 милиони квадратни километри , со глобална популација од 15.6-45 милиони поединци само во Европа.

Чавка во Ирска

Повеќето популации се постојани жители, но северните и источните се селат,[8] во зимувалиштата. Живеалиштето на чавката се лесостепите, пасиштата, обработливите земјишта, крајбрежните гребени и градовите. Тие се прошируваат на местата каде шумите се сечат и се претвораат во отворени области.[7] Најпосакувани се местата со мешавина од големи дрвја, згради и отворен терен. Зимуваат во градските паркови, заедно со други птици од семејството на враните.

Поведение[уреди | уреди извор]

Чавки во лондонски парк.
Во лет

Чавките што живеат во шумите или на село се многу поплашливи од оние во урбаните средини, и како страчките[13] тие се познати по собирање сјајни предмети, како накит и парички во гнездата.[14] Таа е секогаш во јато во различни големини, а парот живее заедно во групата.[15] Јатото се зголемува наесен кога птиците се собираат во самракот за да спијат заедно и до неколку илјади поединци.

Во својата книга „Прсетнот на цар Соломон“, Конрад Лоренц ги опишал анализираните комлексни социјални интеракции на јатото чавки што живееле околу неговата куќа во Австрија. Им ставил прстени за идентификација и ги затворил зиме за да ги спречи да се селат. Открил дека птиците имаат линеарна хиерархиска структура, со птици кои имаат повисок ранг од други, а парот го дели рангот.[16] Младите мажјаци се здобиваат со статус пред да се спарат. По спарувањето, женките ја добиваат истата социјална позиција како нејзиниот партнер. Неспарените женки имаат најнизок ранг и се последни во пристапот до храна и засолниште. Лоренц забележал еден случај во кој мажјакот бил отсутен за време на борбите за доминација и спарување и кога се вратил во јатото станал доминантен мажјак. Тој одбрал една од двете неспарени женки и таа веднаш ја добила својата доминантна положба што веднаш јавно го покажала пред другите.[16]

Социјални покажувања[уреди | уреди извор]

Општествената хиерархија во јатото се утврдува со истиснување, борба и заканувачки покажувања. Позата со кренат клун и глава нагоре и залижани перја на телото укажува на две различни работи: попуштање и агресивност. Најчесто се користи со намера да се влезе во некое јато. Позата со клунот надолу, е исто честа и агесивна, а најчесто се користи пред борба. Тогаш ги крева пердувите на тилот и главата, и малку ги поткрева крилјата. На овој начин чавките се соочуваат една со друга додека едната не ја загуби борбата. Телото го држат хоризонтално и туркаат со главата нанаред. Во интензивна верзија на позата спаѓа кревањето на пердувите на телото и ширење на опашката и крилјата. Ова се случува кога се борат за гнездото или за женка. По користење на позата втората птица обично се повлекува без борба. Ако се напаѓаат, обично една птица се втурнува кај нозете на другата додека таа стои исперчено, следува борба со нозете и јавнување еден на друг. Останатите птици се собираат и бучно повикуваат.

Чавките ги молат своите партнери така што го покажуваат тилот и ги креваат пердувите на главата. Вакво поведение е редовно меѓу спарените двојки.

Исхрана[уреди | уреди извор]

Во дупка од ѕид
Гнездо со пиле и јајца
Младенче C. m. spermologus

Хранењето најчесто се одвива на отворени површини на земја и до одреден степен на дрвјата.[7] Депониите, контејнерите, кантите за ѓубре, улиците, градините, се, исто така, места што ги посетува, но најчесто рано наутро додека нема многу луѓе. Има разни методи на хранење, со скокање, колвање, превртување грутки, сондитање во почвата и поретко копање. Мувите околу говедскиот измет ги лови со скок од земја или со пад од повисоко место. Црвите не ги извлекува од земјата, туку ги јаде од штотуку изорана почва. Тие ги јаваат овците или другите цицачи и се хранат со паразитите (крлежите) или инсектите што летаат околу нив. Чавките пребаруваат низ волната и влакната на животното како во земја. Во споредба со другите врани, тие трошат повеќе време на истражување и превртување предмети со својот клун, кој е поправ и помалку надолу свиен. Клунот и бинокуларниот вид кои ги поседува се поволни за оваа стратегија на собирање.[17]

Чавките обично се хранат со мали безрбетници до 18 мм во должина кои ги има над земјата, бумбари, пеперуги, полжави и пајаци. Исто така, јаде мали глодачи, јајца и пилиња од птиците, и мрши. Јаде и зрнеста храна, како јачмен, пченица и овес, разни семиња, бозел, желади и разно култивирано овошје. Исхраната во просек содржи 84% растителен материјал, освен во сезоната на парење, кога главниот извор на храна се инсектите. Опортунистички и високо прилагодливи, исхраната на овие птици е во значителна зависност од достапниот извор.

Чавките практикуваат споделување храна, каде иницијативата потекнува од давачот и не е важен полот и сродството. Забележано е дека ја споделуваат храната што повеќе ја сакаат отколку таа што не им е толку убава. Активното споделување е почесто кога станува збор за родителска грижа или додворување. Интересно е што овие птици покажуваат највисок степен на споделување од сите други животни, вклучувајќи ги и шимпанзата. Функцијата на ова поведение не е целосно сфатена, иако има врска со реципроцитет и избегнување на малтретирањето. Исто така, споделувањето може да биде мотивирано од подобрувањето на престижната позиција.[18]

Размножување[уреди | уреди извор]

Половата зрелост чавката ја достигнува на двегодишна возраст. Таа е многамна птица, а генетските анализи не покажуваат докази за копулација со друг вон парот, па дури и по повеќекратни неуспешни легла.[19] Некои парови се разделуваат во првите неколку месеци, но оние што се заедно 6 месеци, остануваат заедно цел живот. Размножувањето е обично во колнии, а паровите соработуваат при пронаоѓањето на згодно место за гнездење, што потоа заеднички го бранат од други парови или грабливци. Гнездат во дупки од дрвја, шуплини во карпи и гребени, напуштени или населени згради и оџаци. Достапноста на соодветни места влијае на нивното присуство во областа.

Парот обично го гради гнездото преку подобрување на пукнатината или дупката со додавање гранчиња во неа, како и дополнување на платформата. Се случувало, овие птици да го градат своето гнездо во оџак, па целото да пропадне сосе птиците во него, долу до каминот.[20] Внатре, гнездото го постилаат со влакна, волна, сува трева и многу други материјали. Леглото има од 2 до 9 јајца, кои се посветли од јајцата на другите врани. Мазни се, сјајнобледосини или синозелени со потемни дамки, темнокафеави, маслинави или сивовиолетови. Само женката ги инкубира јајцата 17-18 дена додека да се испилат сосема голи, немоќни и зависни од родителите пилиња. Се оперјуваат по 28-35 дена, а родителите продолжуваат да ги хранат уште околу четири недели.

Односи со луѓето[уреди | уреди извор]

Во европската култура и фолклор[уреди | уреди извор]

Илустрација од Харисон Вир за приказната „Птица во позајмени пердуви“ (или „Вообразената чавка“)[21]

Според строгрчкиот фолклор, чавка може да фатиме со сад со масло. Ова нарцисоидно суштество ќе падне во него додека си го гледа сопствениот одраз.[22] Во баснатаПтица во позајмени пердуви“ („Китење со туѓо перје“ или „Вообразената чавка“) Езоп ја отелотворува суетата преку чавката која се накитила со пердувите од другите птици и на тој начин сакала да победи на натпреварот за убавина. Но, кога птиците си ги земале секоја своите пердуви, таа останала гола и посрамотена.[21][23] Во македонскиот јазик фразеологизмот „се кити со туѓо перје“ означува дека некој се фали и ја присвојува работата на друг.

Во друга приказна, пак, е претставена глупоста на чавката, која гладувала додека чекала на една смоква да созреат плодовите.[24] Меѓутоа, во некои приказни, чавката е претставена како мудра. Таков е случајот со кавкаската приказна „Волкот, свињата и враната“ во која волкот ја зграпчува чавката, но таа го надитрува, а потоа, кога волкот умира, таа ги повикува сите чавки од целиот свет и тие го јадат волкот.[25]

Има една старогрчка и римска поговорка која вели: „Лебедите ќе пеат кога чавките ќе замолчат“. Значењето е дека паметните и образованите луѓе ќе зборуваат тогаш кога глупавите ќе замолчат.[26] Во старогрчката митологија принцезата Арне била поткупена со злато од страна на кралот Минос да дојде на островот Крит. Заради нејзината алчност била казнета и претворена во чавка, која сè уште бара и собира сјајни предмети[27]. Римскиот поет Овидиј ги опишува чавките како предзнак за дожд.[24] Плиниј забележува дека Тесалијците и Илирите ги чувале чавките за уништување на јајцата од скакулците, а Венетите дека ги подмитувале за да го чуваат нивниот посев.[22] Во некои култури, ако чавка стои на покривот, предвидува пород; или, пак, има спротивно значење, дека ја предвидува смртта или носи несреќа.[24]

Во македонската култура и фолклор[уреди | уреди извор]

Чавка на кров од куќа

Во македонското традиционално верување, чавката е предвидувач на времето, и добро и лошо: „Чавките најпоеќе праат ѓурултија приквечер за да кобат да го расипат времето, а пак за да го напраат времето од лошо на убао,се збираат наутро и не праат ѓурултија голема ами тивко ќе се збираат по највисоките куќи и тивко грачат, како да се радуат. Штом ги виде така, чекај убао време во најлошата зима.“ Ако наутро се забележи чавката да бара по земјата јадење, значи дека зимата ќе биде студена и со снег. Летото ќе биде дождливо. Според други верувања, ако чавките летаат одозгора надолу, сабајлето ќе врне дожд, ако летаат надолу пополека, ќе врне тивко, ако летаат силно, ќе врне силен дожд, а кога се качуваат на врв на топола, навестуваат лошо време.[28]

Според „Речникот на јужнословенската митологија“, чавката е птица која навестува зло, штета, елементарна непогода, смрт. Доколку чавките облетуваат околу нечија куќа, се верува дека таму мора некој да умре, а наезда на чавки прорекува неплодна, гладна година.[29]

Во современиот македонски јазик употребуваме неколку фразеологизми поврзани со чавките:

  • Чавка умот му го испила. (не е добар во умот; се пореметил во умот)
  • Уште му лета умот по чавките. (недораснат, несозреан)
  • Зјапа по чавките. (не внимава)

и пословицата:

  • Чавка со чавка очите не си ги вадат.[30]

Чавката се јавува и како тема во македонската народна книжевност, како:

  • „Чавка, царева невеста“ — македонска народна приказна.[31]

Во уметноста и во популарната култура[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 BirdLife International (2009). Corvus monedula. IUCN Red List. Version 2011.1. International Union for Conservation of Nature. Посетено на 1 August 2011.
  2. Linnaeus, C. (1758). Systema Naturae per Regna Tria Naturae, Secundum Classes, Ordines, Genera, Species, cum Characteribus, Differentiis, Synonymis, Locis. Tomus I. Editio Decima, Reformata (латински). Holmiae: Laurentius Salvius. стр. 105.
  3. Simpson, D.P. (1979). Cassell's Latin Dictionary (5. изд.). London, United Kigndom: Cassell. стр. 883. ISBN 0-304-52257-0.
  4. Valpy, Francis Edward Jackson (1828). Etymological Dictionary of the Latin Language. London, United Kingdom: A.J.Valpy. стр. 268. ISBN 1-4021-7384-9.
  5. Kryukov, A.P.; Suzuki, H. (2000). „Phylogeography of Carrion, Hooded and Jungle crows (Aves, Corvidae) Inferred From Partial Sequencing of the Mitochondrial Cytochrome b Gene“. Russian Journal of Genetics. 36: 922–29.
  6. „Eurasian Jackdaw Corvus monedula. GlobalTwitcher.com.
  7. 7,0 7,1 7,2 Goodwin, p. 75
  8. 8,0 8,1 Offereins, Rudy (2003). „Identification of eastern subspecies of Western Jackdaw and occurrence in the Netherlands“. Dutch Birding. Dutch Birding Association. 25 (4): 209–220.
  9. 9,0 9,1 9,2 9,3 9,4 Cramp, p. 120.
  10. 10,0 10,1 Goodwin, p. 74
  11. Porter, R.F.; Christensen, S.; Schiermacher-Hansen, F. (1996). Birds of the Middle East. Princeton, New Jersey: Princeton University Press. стр. 405.
  12. 12,0 12,1 Cramp, p. 137.
  13. „Страчка“. Nature Wildlife. BBC. Посетено на 19 April 2012.
  14. „Чавка“. Nature Wildlife. BBC. Посетено на 19 April 2012.
  15. Henderson, I. G.; Hart, P. J. B.; Burke, T. (2000). „Моногамијата кај врапчевидните птици што живеат во полуколонии: чавка Corvus monedula“. Journal of Avian Biology. 31 (2): 177–182. doi:10.1034/j.1600-048X.2000.310209.x. JSTOR 3676991.CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)
  16. 16,0 16,1 Lorenz, Konrad (1964) [1952]. Престенот на цар Соломон:Нова светлина врз животот на животните; поглавје 11. London, United Kingdom: Methuen.
  17. Kulemeyer, Christoph; Asbahr, Kolja; Gunz, Philipp; Frahnert, Sylke; Bairlein, Franz (2009). „Functional Morphology and Integration of Corvid Skulls – a 3D Geometric Morphometric Approach“. Frontiers in Zoology. 6 (2): 2. doi:10.1186/1742-9994-6-2.
  18. von Bayern, A.M.P.; de Kort, S.R.; Clayton, N.S.; Emery, N.J. Честото споделување храна и предмети во социјалното поведение на чавките (Corvus monedula). Ethological Conference, Budapest, Hungary, 2005.
  19. Emery, Nathan J.; Seed, Amanda M.; von Bayern, Auguste M.P.; Clayton, Nicola S. (29 April 2007). „Когнитивни адаптации на социјалното поврзување кај птиците“. Philosophical Transactions of the Royal Society of London: B Biological Sciences. 362 (1480): 489–505. doi:10.1098/rstb.2006.1991.
  20. Greenoak, F. (1979). All the Birds of the Air; the Names, Lore and Literature of British Birds. London, United Kingdom: Book Club Associates. ISBN 0-233-97037-1.
  21. 21,0 21,1 „Езопови басни: Вообразената чавка“. BBC School Radio. Посетено на 5 June 2012.
  22. 22,0 22,1 Thompson, D'Arcy Wentworth (1895). Речник на грчките птици. Oxford, United Kingdom. стр. 89.
  23. Езоп, Басне (по Доситеју Обрадовићу). Београд: Просвета, 1963, стр. 52.
  24. 24,0 24,1 24,2 de Vries, Ad (1976). Dictionary of Symbols and Imagery. Amsterdam, Netherlands: North-Holland Publishing Company. стр. 275. ISBN 0-7204-8021-3.
  25. Кавкаске бајке. Београд: Народња књига, 1963, стр. 170-176.
  26. Собрани дела од Еразмо. University of Toronto Press. 1989. стр. 314.
  27. Graves, Robert (1955). „Scylla and Nisus“. Грчки митови. London, United Kingdom: Penguin. стр. 308. ISBN 0-14-001026-2.
  28. Марко Цепенков, Македонски народни приказни. Македонска книга, Скопје, 1989.
  29. Стојковска Гордана, Речник на јужнословенска митологија. Издавачки центар ТРИ, Скопје, 2004.
  30. Дигитален речник на македонскиот јазик - Чавка
  31. Томе Саздов (избор), Македонски народни приказни. Просветно дело, Редакција „Детска радост“, Скопје, 2004, стр. 28-29.
  32. Басни (избор). Просветно дело, Редакција „Детска радост“, Скопје, 2009, стр. 17.
  33. Антологија руске лирике – X-XXI век. Књига III: Средина XX века – поч. XXI века (неомодернизам, неоавангарда, постмодернизам и нова трагања). Београд: Paidea, 2007, стр. 180-181.
  34. Riba, patka, vodozemac: Priče o životinjama (Priredila Ljubica Arsić). Beograd: Laguna, 2014, стр. 353-357.
  35. Discogs, Nick Cave And The Bad Seeds* ‎– The Firstborn Is Dead (пристапено на 25.4.2020)
  36. Discogs, The Southern Death Cult ‎– Southern Death Cult (пристапено на 9.8.2019)

Литература[уреди | уреди извор]

  • Cramp (ed), Stanley, уред. (1994). Handbook of the Birds of Europe the Middle East and North Africa, the Birds of the Western Palearctic, Volume VIII: Crows to Finches. Oxford, United Kingdom: Oxford: Oxford University Press. ISBN 0-19-854679-3.CS1-одржување: излишен текст: список на уредници (link)
  • Goodwin D. (1983). Crows of the World. St Lucia, Queensland: Queensland University Press. ISBN 0-7022-1015-3.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]