Црква „Св. Ѓорѓи“ - Лазаровци

Координати: 41°31′51.94″N 20°59′24.07″E / 41.5310944° СГШ; 20.9900194° ИГД / 41.5310944; 20.9900194
Од Википедија — слободната енциклопедија
Свети Ѓорѓи

Поглед на црквата

македонска православна црква
Епархија Дебарско-кичевска
Архијерејско намесништво Кичевско
Парохија Четврта кичевска
Местоположба

Карта

Координати 41°31′51.94″N 20°59′24.07″E / 41.5310944° СГШ; 20.9900194° ИГД / 41.5310944; 20.9900194
Место Лазаровци
Општина Кичево
Држава Македонија
Општи податоци
Покровител Свети Ѓорѓи
Изградба XVI-XVII век
Живопис XVI-XVII век
Архитектонски опис
Архит. тип еднокорабна

Свети Ѓорѓи — главна селска црква во кичевското село Лазаровци, Македонија.[1] Прогласена е за споменик на културата на Македонија.

Црквата се наоѓа во самото село и околу нејзе се наоѓаат селските гробишта.

Местоположба[уреди | уреди извор]

Црквата е сместена над селото, а во нејзин склоп се наоѓаат и селските гробишта. Покрај црквата се наоѓаат стари гробови, кои потекнуваат од османлискиот период, на кои пишува дека покојните не умреле од природна смрт, туку напротив безмилосно биле убивани од страна на Арнаутите.[2]

Историја[уреди | уреди извор]

Црквата е градена од крајот на XVI век[3] или почетокот на XVII век,[4] но неосновано се тврди дека е од постар датум,[5] како што истото го истакнува Тома Смиљаниќ.[2]

Мештаните не знаат кога е подигната, освен дека е средновековна.[6]

Архитектура[уреди | уреди извор]

Храмот е мал и еднокорабен.[5] Ѕидовите на црквата се градени од камен намачкани со малтер, а е покриена со камени плочки.[6]

Црквата е широка 2,4 метри, долга е 4,2 метри, а висината во највисокиот дел изнесува 3,5 метри. Ѕидовите се градени од камен и варов малтер, а покривот со камени плочки. Покривот е граден на две води, а под нив се наоѓа слој на земја која ја чува внатрешната температура постојано на 18 степени целзиусови. Ова придонело сè до денешен ден да се зачува фрескоживописот.[7]

Внатрешната структура на просторот е организирана како еднокорабен наос со калота, олтарски простор со полукружна апсида однатре и петострана апсида на надворешната страна од источниот ѕид, и една полукружна нишa во жртвеникот. Црквата е со влез од западната страна.[4]

Во минатото црквата поседувала трем, кој веројатно бил изграден во истиот период кога била подигната црквата или можеби нешто подоцна и имал исти градежни одлики, како и црквата. Стариот трем бил урнат во јуни-јули 2012 година, а на негово место бил изграден нов трем со купола. Во стариот трем имало четири прозорски отвори на северниот ѕид и мал правоаголен прозорец во средината на петстраната апсида однадвор, кој се пробива низ дебелината на ѕидот во близина на нивото на теренот, а служел за проветрување на олтарот. Со новиот трем се намалени дебелината на ѕидовите, биле поставени четири прозорци на северниот ѕид, два на јужниот и по три носечки столбови на секоја од страните. Исто така, била изградена осумстрана купола со прозорски отвор на секоја од страните.[4]

Фрескоживопис[уреди | уреди извор]

Внатрешноста на црквата е живописана. Традиционалната идејно-тематска концепција на сликаната програма се одликува со хармоничен колорит, шематизиран цртеж и геометризирани облици, со извесни обиди за пластична моделација на светителските ликови.[6]>

Фрескоживописот потекнува од периодот на постанокот на црквата Св. Ѓорѓи. Ѓоѓе Мано Зиси го споменува селото Лазаровци и кажува дека во црквичката се наоѓал запис во кој се споменувал Кралот Твртко I и жена му.[7]

На најголемиот дел од фреските се забележуваат оштетувања за кои итно треба да се интервенира од страна на конзерваторите за да се заштити барем тоа што е останато. Фрескоживопис имало и на предниот дел на влезот во црквата. Меѓутоа, при изградбата на трпезаријата тој во голема мерка е оштетен.[7]

Иконостас[уреди | уреди извор]

Иконостасот е изработен во XIX век.[3]

Камбанарија[уреди | уреди извор]

Едно од најголемите црковни ѕвона во целата Кичевија се наоѓа токму во камбанаријата на црквата. Камбанаријата е направена во 1936 година, а ѕвоното е донесено од Австрија.[7]

Во поново време е подигната нова помала камбанарија.

Документи[уреди | уреди извор]

Во црквата се чуваат повеќе евангелија на старословенски јазик кои настанале во XIX век.

Галерија[уреди | уреди извор]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
  2. 2,0 2,1 Смиљанић, Тома, (1935) Кичевија, Насеља и порекло становништва. Београд, САНУ
  3. 3,0 3,1 „Дебарско-кичевска епархија“. web.archive.org. 2014-03-04. Архивирано од изворникот на 2014-03-04. Посетено на 2020-12-26.
  4. 4,0 4,1 4,2 „ЦРКВАТА СВ. ГЕОРГИ ВО С. ЛАЗАРОВЦИ, КИЧЕВСКО“. Патримониум. Посетено на 2020-12-27.
  5. 5,0 5,1 Ристовски, Блаже, уред. (2009). „„Свети Ѓорѓи"“. Македонска енциклопедија. , книга II (М-Ш). Скопје: МАНУ. стр. 1324. Text "series " ignored (help)
  6. 6,0 6,1 6,2 Трифуноски, Јован (1968). Кичевска котлина: Селски населби и население. Белград: Српска академија на науките и уметностите. стр. 29.
  7. 7,0 7,1 7,2 7,3 „Црква Свети Ѓорѓи во Лазоровци“. Кичево. 2013-01-14. Посетено на 2020-12-26.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]