Црвеноглаво свраче

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Црвеноглаво свраче
Заштитен статус
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордови
Класа: Птици
Ред: Врапчевидни
Фамилија: Сврачиња
Род: Lanius
Вид: Црвеноглаво свраче
Биномен назив
Lanius senator
Linnaeus, 1758

     Лето      Зима[2]
Младенче црвеноглаво свраче
Lanius senator - јајца

Црвеноглавото свраче (науч. Lanius senator) е член на фамилијата сврачиња (Laniidae). Се размножува низ јужна Европа, вклучувајќи ја и Македонија, Близок Исток и северозападна Африка, а зимно време мигрира во тропска Африка.

Опис[уреди]

Мажјакот на црвеноглавото свраче, како што му кажува името, има црвеникавопортокалова круна до тилот, а другото перје му е црно, бело и сиво. Најкарактеристична е главата што под црвената круна е со црна маска врз очите и челото, а образите и грлото се бели. Клунот му е црносив. Крилјата му се црни со бела линија; грбот, над опашката е сив, а долните делови му се светли, кремавобели, со портокалова нијанса од страните.[3][4]. Кај расата L. s. badius која живее во западен Медитеран, недостасува белата линија на крилото. Женката е генерално слична со мажјакот, но побледа. Така, круната е често светлоцрвеникавокафеава, а поназад кафеавосива, маската на очите зазема помалку простор и има црвени дамки. Покрај тоа, на градите и од страните често (но не секогаш) има потемна избразедена шара. Понекогаш женките во нивниот изглед не се разликуваат од мажјаците. Младенчињата до првата зима се избразденошарени со нијанси на сиво и кафеаво. За разлика од возрасните кои се карактеристични, младенчињата може да се помешаат со сивото свраче. И кај двата вида горниот дел од телото е кафеав, но кај црвеноглавата боите се помалку заситени, а на врвот изгледа многу посветло, бидејќи има многу сиви линии. Маската е бледа и заматена, стомакот белосив со потемни многубројни линии.[3][5]

Мажјакот е долг околу 19 см и тежи 28-52 грама.[5].

Огласувањето на овие птици може да биде многу различно зашто тие често го имитираат пеењето на другите птици. Кога се вознемирени имаат серија силни и бучни извици, која може да се опише како крекс-крекс или скеер-скеер. Интензитетот на крикот зависи од степенот на возбуда. Пеењето му е прилично гласно и мелодично, измешано со кликнувања и чкрипења. Најчесто пее еден мажјак, а женката може да ја повтори неговата песна. [5].

Однесување[уреди]

Начинот на живот на црвеноглавото свраче е типичен како за сите сврачиња. Тоа е темпераментна и бучна птица, а карактеристично е што се перчи на некое подигнато место од каде го набљудува пленот. Кога е меѓу густите лисја тешко може да се види и покрај гласните звуци што ги испушта. Не формираат јата, а во сезоната на парење може да се види парот или семејството како група.

Живеалиштето на оваа птица се сувите и топли отворени предели, со трева и грмушки и по некое дрво. Живеат на суви карпести падини, во маслинови насади, рабови од шуми, покрај патишта и сл. од 100 до 1.000 метри надморска височина.

Исхрана[уреди]

Оваа птица се храни речиси исклучиво на големи инсекти, меѓу кои најмногу со скакулци, бубачки, како и мравки, оси и пчели, пеперуги, вилински коњчиња, лебарки, богомолки, а повремено јаде пајаци, скорпии, црви, полжави, а уделот на 'рбетници е многу мал. Повремено ловат гуштери , разни мали глодари, жаби и др. Ретки се случаите на уништување на гнездата на малите врапчевидни птици, како и јадење растителна храна - овошје (црници и сливи). [5] [3]

Размножување[уреди]

Сексуалната зрелост овие птици ја достигнуваат при крајот на првата година. Моногамни се, но кога ќе се вратат на истата територија од минатата година, обединувањето со истиот партнер е ретко. На местата за размножување пристигнуваат прво мажјакот и може да почне со изградба на гнездото, но во исто време ѝ се додворува на женката и ја поканува да му се придружи во изградбата. Неговото додворувачко прикажување е бавен цик-цак растреперен лет, и пеење со крикови. Може да пее и од гранка каде ги крева пердувите на главата.

Гнездото го прават на хоризонтална гранка на дрво или во грмушки. Најчесто е на висина од 5 метри, но ако нема опасности го сместуваат ниско. Тоа е во облик на чашка, направено од разни растителни материјали - гранчиња, корења, суви стебленца, растителни влакна. За разлика од гнездата на другите видови сврачиња, ова често користи свежи билки. Го постила со парчиња мов, лишаи, волна, пајажина, влакна, а понекогаш и свежо цвеќе или вештачки материјали.

Најчесто имаат едно легло годишно, но ако се уништи првото легло можат да произведат второ. Несат 3-9 јајца, кремави со зеленикава или розовикава нијанса, но и маслинавозелени, црвеножолти, црвенкавокафеави или сивкавожолти, со темни дамки.

Само женката ги инкубира јајцата 14-16 дена, а мажјакот повремено ѝ носи храна. Понекогаш таа сама оди во потрага по храна, оставајќи го гнездото без надзор до 45 минути. Малечките се испилуваат истовремено, a првите 9 дена па до оперјувањето, мајката е постојано со нив и ги загрева. Кога малку ќе потпораснат и мажјакот почнува да ги храни. На возраст од 15 дена почнуваат да го напуштаат гнездото, но родителите и понатаму помагаат во исхраната. Се случува целото семејство да лета заедно при миграцијата.

Наводи[уреди]

  1. BirdLife International (2012). Lanius senator. „Црвен список на загрозени видвови на МСЗП, верзија 2012.1“. Меѓународен сојуз за заштита на природата. http://www.iucnredlist.org/apps/redlist/details/106005548. конс. 16 јули 2012.  (англиски)
  2. Tony Harris & Kim Franklin (2000). „Shrikes and Bush-Shrikes“. Helm. ISBN 0-7136-3861-3. 
  3. 3,0 3,1 3,2 . 
  4. . ISBN 978-0-691-05054-6. 
  5. 5,0 5,1 5,2 5,3 . стр. 180—184. ISBN 0713638613. 

Надворешни врски[уреди]