Цијанобактерии

Од Википедија, слободната енциклопедија
(Пренасочено од Цијанобактерија)
Прејди на: содржини, барај
Цијанобактерии (модрозелени алги)
Anabaena spiroides
Научна класификација
Домен: Bacteria
Колено: Cyanobacteria
Редови

Таксономијата е сѐ уште нецелосна.[1]

Цијанобактериите (науч. Cyanobacteria) претставуваат група на прокариотски организми за кои се смета дека се едни од најстарите претставници на живиот свет, воопшто. Додека во алгологијата се сметаат за модрозелени алги, во микробиологијата тие се бактерии. По се изгледа дека и двата термина се точни, па затоа се употребуваат речиси во ист сооднос, што им дало повод на некои автори да ги означуваат овие организми како Cyanobacteriophyta.

Структурни одлики[уреди]

Клеточен ѕид[уреди]

Клеточниот ѕид е четирислојна структура. Веројатно највнатрешниот мек слој лежи најблиску до клеточната мембрана. Вториот слој е ригиден и се состои од муреин. Муреинот е пептидогликан, односно пептид поврзан со полисахарид кој се состои од најизменични N-ацетилглукозамин и N-ацетилмураминска киселина. Помеките два надворешни слоја се составени од липополисахариди. Некои видови поседуваат издолжен слој кој ги држи индивидуалните цијанобактериски клетки во колонии или филаменти.

Синтезата на клеточниот ѕид може да се запре со труење со пеницилин, исто како кај роднинските грам-негативни еубактерии. Исто така, тој може да се разруши со лизозим. Цитокинезата кај цијанобактериите во својата суштина претставува процес на набраздување кој е инициран од клеточната мембрана, која го потиснува и ѕидот, со што клетката се дели на два дела.

Клеточниот ѕид е перфориран со мали (70 nm) пори низ кои се секретира муцински слој составен од компкексни полисахариди. Овие пори исто така дозволуваат движење на материи од една клетка до друга кај филаментите на одредени видови. Се мисли и дека блискиот распоред на порите е одговорен за фрагментацијата на некои цијанобактериски филаменти во насока на нивно распространување.

Не е точно познато како се движат цијанобактериите. Тие немаат камшичиња и се придвижуваат со некој вид на лизгање. Се претпоставува дека мали, спирално поставени фибрили во двата надворешни слоја на клеточниот ѕид се движат брановидно, што најверојатно е причина за ротациските движења на Oscillatoria како што таа се лизга.

Наводи[уреди]

  1. Ahoren Oren (2004). „A proposal for further integration of the cyanobacteria under the Bacteriological Code“. „Int. J. Syst. Evol. Microbiol.“ 54: 1895–1902. doi:10.1099/ijs.0.03008-0. PMID 15388760.