Хромобелковина

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Хромобелковините (хромопротеини или хромопротеиди) се сложени белковини (протеиди) чија простетична група е некој пигмент (оттука и името, бидејќи хромос на грчки значи боја). Најраспространетите хромобелковини имаат простетична група која претставува обоено комплексно соединение на железото со порфиринот, кое се нарекува хем. Овие хромобелковини се нарекуваат и хембелковини.

Хембелковините се физиолошки многу активни. Во оваа група спаѓа хемоглобинот од кој потекнува црвената боја на еритроцитите и кој го пренесува кислородот од белите дробови до ткивата, потоа интрацелуларните пигменти (цитохроми), кои ги пренесуваат електроните во текот на биолошките оксидации, како и цела низа на ензими кои ги катализираат редокс реакциите.

Железото во хемот може да биде двовалентно (ферохем или само хем), тровалентно (ферихем или хемин), а може и повратно да преминува од двовалентна во тровалентна состојба. Според валентноста на железото, се разликуваат следните порфиринобелковини:

  • Железо во двовалентна состојба:
  1. Хемоглобини — респираторни пигменти на ‘рбетниците
  2. Еритрокруорини — респираторни пигменти во крвта и ткивните течности на без‘рбетниците
  3. Миоглобини — респираторни пигменти кои се наоѓаат во мускулите на ‘рбетниците и без‘рбетниците
  • Железо во простетичната група кое повратно преминува од двовалентна во тровалентна состојба (Fe+++=Fe+++e-):
  1. Цитохроми — интрацелуларни пигменти кои се наоѓаат во клетките на сите аеробни организми. Некои од нив, како цитохромите b и c како простетична група содржат хемин (Fe3+ - протопорфирин), а цитохромот а (познат и како цитохром оксидаза или ензимот на дишењето) го има за простетична група цитохеминот.
  • Железо во тровалентна состојба:
  1. Каталази — многу распространети белковини со ензимски карактер. Каталазата го забрзува распаѓањето на водород пероксидот на вода и кислород (2H2O2 → 2H2O + O2). Нејзина простетична група е хеминот во кој железото е тровалентно. # Пероксидазите, пак, ја катализираат оксидацијата со водороден пероксид како оксидативно средство. Растителната пероксидаза има за простетична група хемин, а животинската зелен хематин.

Физиолошката активност на наведените хембелковини зависи од белковинските делови. Наведените хембелковини се разликуваат по специфичната структура на белковинските компоненти, која ја одредува физиолошката активност, а простетичната група е иста (хем или хемин) или слични структури.

Видете исто така[уреди]