Хорнбостел-Сакс

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Хорнбостел-Сакс е систем за класификација на музичките инструменти, предложен од Ерих Мориц фон Хорнбостел и Курт Сакс [1] и за прв пат објавен во германското списание Zeitschrift für Ethnologie во 1914 година. Ова е најшироко користениот систем за класификација на музичките инструменти во музикологијата.

Системот на Хорнбостел-Сакс се заснова на предложената класификација на музичките инструменти од крајот на 19 век, од страна на Виктор Мејлон (Victor Mahillon), уредник на колекцијата на музички инструменти во Бриселскиот конзерваториум. Системот на Мејлон е еден од првите кои ги класифицираат инструментите според тоа кој дел од нив учествува во самиот процес на производство на звук, но бил наменет претежно за инструменти од западната класична музика.

Основи на системот[уреди]

Официјално, системот на Хорнбостел-Сакс се заснова на децималниот класификациски систем на Мелвил Дјуи. Тој има четири главни нивоа, со десетици степени, кои дефинираат околу 300 основни категории. Главните нивоа и соодветните главни степени се:

  • 1. Идиофони - звукот се произведува, пред сè, преку сопствено вибрирање на инструментот, без дополнителни жици, мембрани или воздушни струи. Оваа група ги вклучува сите удирачки инструменти, освен тапаните и некои други неидиофони удирачки инструменти.
    • 11. Ударни идиофони - идиофони кај кои производството на звук е со удар, на пример: чинели и ксилофон.
    • 12. Повлекувачки идиофони (ламелофони) - идиофони кај кои вибрациите се предизвикуваат со повлекување.
    • 13. Фрикциони (триечки) идиофони - идиофони кај кои звукот се произведува со триење, на пример гласхармоника (стаклена хармоника), верофон, даксофон.
    • 14. Дувачки идиофони - идиофони, кои вибрираат при струење на воздухот.
  • 2. Мембранофони - звукот се добива, пред се, преку вибрирање на истегната еластична мембрана. Оваа група вклучува: тапани и казу.
    • 21. Ударни мембранофони - инструменти кај кои мембраната се удира со рака, палка или друг предмет.
    • 22. Жичени мембранофони - жиците кои вибрираат удираат во мембраната, која е поставена непосредно до нив. На пример, тарол (caixa). Некои овие инструменти ги вбројуваат во кордофоните.
    • 23. Фрикциони (триечки) мембранофони - звукот се произведува со триење на мембраната со рака, палка, но не и со удар.
    • 24. Пејачки мембранофони - овие инструменти не произведуваат звук сами по себе, туку ги модифицираат веќе добиените звуци преку вибрации на мембраната - пример казу.
  • 3. Кордофони - звукот се добива преку вибрирање на жици. Оваа група ги вклучува сите инструменти од западната музика, наречени жичени инструменти, како и некои клавирни инструменти, како пијано и чембало.
    • 31. Прости кордофони (цитри) - инструменти кај кои има само жици и прагови. Тие можат да имаат и резонантна кутија, но ако таа се отстрани нема да влијае на произведувањето звук (макар и звукот да се менува). Групата вклучува инструменти како пијано, кото и др.
    • 32. Композитни кордофони - акустични или електроакустични инструменти, чиj резонатор е неразделен дел од инструментот, како и електрични кордофони со масивно тело. Тие ги вклучуваат повеќето западни жичени инструменти - гитара, виолина и харфа.
  • 4. Аерофони - звукот се добива од вибрациите на воздушната струја, иако инструментот сам по себе не вибрира, ниту користи жици или мембрани.
    • 41. Слободни аерофони - кај кои воздушната струја не поминува низ самиот инструмент.
    • 42. Дувачки (неслободни) аерофони - кај кои воздушната струја поминува преку инструментот. Оваа група ги вклучува повеќето од дувачките инструменти од западната музика, како на пример флејта.
  • 5. Електрофони - оваа група е додадена дополнително и вклучува инструменти кај кои звукот го произведуваат електрично управувани осцилатори.

Наводи[уреди]