Хети

Од Википедија, слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Хетите се антички народ кој бил распространет во Анадолија околу 18-от век п.н.е. со главен град во Хатуша во Централна Анадолија. Оваа империја го живеела својот врв во средината на 14-от век п.н.е. и под водство на Супилулиума Први успеале да завладеат со скоро цела Мала Азија како и со делови на северен Левент и Горна Месопотамија. По 1180 г.п.н.е. за време на распадот на бронзеното доба, на империјата и дошол крајот, расцепкувајќи се на повеќе независни неохетитски градови-држави, од кои некои преживеале се до 8-от век п.н.е. Нивниот јазик води потекло од анадолското говорно подрачје на индоевропското семејство на јазици. Тие нивната татковина ја нарекувале Хати, а нивниот јазик Нешили (јазикот од Неша). Нивното конвенционално име Хетити произлегува од библиските Хетити кои преку археолошки ископини се пронајдени во 19-от век. И покрај тоа што тие самите се нарекувале Хати, Хатите би требало да се раздвојуваат од Хетите, пред се како постар народ од двата, кој го населил истиов регион, се верува во 2-риот милениум п.н.е., и се користеле со северозападната кавказска група на јазици, позната како хатитска. Нивната војска главно се состоела од запрежни кочии. Иако овој народ му припаѓал на бронзеното доба, тие опстојувале и за време на железното доба, произведувајќи предмети од железо уште во 14-от век п.н.е. а ова се потврдува преку писмата кои тие ги испраќале и од нив барале стоки од ваков вид. По 1180 г.п.н.е. во период на општи превирања во Левент поради пристигнувањето на Луѓето од Морето, кралството се распарчило на неколку независни неохетитски градови-држави, некои постоејќи се до 8-от век п.н.е. Историјата на оваа цивилизација се дознава најмногу преку клинестите списи кои се пронајдени во таа област, како и преку нивните дипломатски и трговски врски кои ги воспоставиле со Египет и Блискиот Исток.


Археолошките пронајдоци[уреди]

Хетите користеле месопотамско клинесто писмо. Археолошките експедиции кои биле изведени во Хатуша откриле цела збирка на кралски списи на клинести таблички, напишани или на семитско – месопотамскиот акадијански јазик кој се користел во Асорија и Вавилонија, или на различни дијалекти кои се користеле ширум подрачјето. Пред пронајдоците, единствениот извор за нивното постоење можело да се увиди во Стариот Завет. Францис Вилијам Њуман го искажал својот критички став, што можело често да се слушне во почетоците на 19-от век, дека ако Хетите воопшто постоеле: ”ниеден крал на Хетите не можел да се спореди со моќта на Кралот на Јудеа”. Како што ископувањата во втората половина на 19-от век откривале делови од кралството на Хетите, се воспоставила слика дека оваа анадолска империја е далеку помоќна од онаа во Јудеа. Научната јавност посочила дека според еврејските текстови, Хетите и Јудеa никогаш не биле непријателски настроено меѓусебе, тие ги снабдувале Израелитите со кедар, запрежни коли, коњи, а според “Книгата на Постанокот”, Хетите биле сојузници на Аврам. Првиот запис за нивното појавување на историска сцена пронајдени се записи во асирската колонија на Ќултепе, содржејќи податоци за трговска размена меѓу асирските трговци и “земјата на Хатите”. Некои од имињата што се споменувале во записите не биле ниту на хетитски ниту на асирски јазик, туку на индоевропски. Натписите на зданието во Богазќој, пронајден од страна на Вилијам Рајт во 1884 г. се совпаѓале со хиероглифските натписи пронајдени во Алепо и Нанат во Северна Сирија. Во 1887 г. ископувањата кај Тел ел Амарна во Египет откриле дипломатски записи на фараонот Амеотеп Трети и неговиот син Ахенатон. Две букви од името на кралството на Кета, кој се наоѓал во истиот региот каој би познат како “земјата на Хатите”, се напишани со стандардно акадијанско клинесто писмо но на непознат јазик, со што научниците можеле да го почитаат но не и да го преведат. Накратко после ова, се заклучило дека Хатите и Катите во Анадолија се всушност истиот народ со “кралството на Кета” опишано во египетските списи. Други пак научници се согласувале дека Катите и Кетите се истиот народ, но ги поврзувале со библискиот поим Кити, а многу помалку со “Децата на Хат”. Првите претпоставки биле општоприфатени во текот на 20-от век, а името на Хетите се поврзувало со цивилизацијата која живеела околу Богазќој. Во текот на ископувањата околу Богазќој во 1906 г. археологот Хуго Винклер пронашол кралски архив кој содржел 10.000 таблени списи, напишани во клинесто акадијански јазик но во исто време и на непознат јазик но со египетски хиероглифи, со што се потврдил идентитетот на овие две имиња. Тој исто така докажал дека урнатините во Хатуша се всушност остатоците на нивниот главен град. Под водство на Германскиот Археолошки Институт, во 1907 г. биле спроведени ископувања во Хатуша, но со паузи за време на војните. Ќултепе бил успешно истражен од страна на професорот Тахсин Озгуч, од 1948 г. се до неговата смрт во 2005 г. ископувања во помали размери исто така биле спроведени околу Хатуша, вклучително на каменото светилиште во Јазиликаја, каде се пронајдени релјефи во камен каде биле илустрирани хетитските владетели како и боговите на самите Хетити.

Географската положба на Империјата на Хетите[уреди]

Кралството на Хетите било распространето околу Хатуша и Неша, подрачје познато како “Земјата на Хатите”. По именувањето на Хатуша за нивна престолница, таа била всушност во срцето на Империјата по течението на реката Халис. На западните и јужните делови на нивната територија се наоѓал регион и според најстарите хетитски текстови бил наречен Лувија. Но со растот на неколку кнежевства оваа терминологија бил заменета со имињата Арзава и Кизуватна. Како и да е, Хетите продолжиле да го именуваат јазикот кој се зборувал на ова подрачје како лувијански. Заедно со развојот на Кизуватна, во срцето на територијата во Силиција за прв пат Хетите ја нарекле ова подрачје како Аданија. Во текот на бунтот на Хетите за време на владеењето на Амуна, се користел називот Кизуватна, успевајќи да ја прошират територијата северно кон планинскот масив на Антитаурус. Таму живеел народ наречен Каскијани. На југоистокот од Хетите се наоѓал народот наречен Митани. Кога тие биле на својот врв, за време на владеењето на Мурсили Втори, нивната империја се протегала од Арзава на запад, до Митани на исток, како и поголемиот дел на каскианската територија на север вклучувајќи ја Хајаса Ази Империјата, и на југ се до јужните граници на Либан.


Историја на Хетите[уреди]

Околу 5000 г.п.н.е. во регионот на Хатуша кој подоцна ќе стане и главен административен центар на нивното кралство, бил населен од народ кој имал препознатлива култура и кој говорел неиндоевропски јазик. Името “хатиски” бил употребуван од страна на Анадолијанците за да го разграничат овој јазик со останатите индоевропски хетитски јазик кој се појавил на историската сцена на почетокот на 2-от милениум п.н.е. а со тоа постанал и државен јазик на ова кралство и ќе остане на оваа позиција во следниве седум века. Раните Хетити, којшто не е познато од каде водат потекло, позајмиле многу културни елементи од нивните претходници Хатите и Хурите, исто како и позајмици од асирските колонии, нивното клинесто писмо и употребата на цилиндричниот печат. Бидејќи хатитскиот јазик се користел во кралството за религиозни намени, и се согледува дека двете култури живееле заедно, не се знае дали населението кое го користело хатитскиот јазик било заменето со оние кои го зборувале хетитскиот, дали биле претопени или едноставно сами го прифатиле, не е познато.


Потеклото на Хетите[уреди]

Се верува дека Хетите дошле во Анадолија околу 2000 г.п.н.е. Додека нивната претходна локација не е до целост позната, но постојат силни докази дека домот на индоевропските цивилизации во 4-от и 3-от се наоѓал во понтиските степи, во денешна Украина околу морето Азов. Доаѓањето на Хетите во Анадолија во праисториско време всушност ова довело до судир на тамошната култура што постоела со нивната култура, но пред се судир за контрола на територија и постепена асимилација. Со археолошка терминологија, односите на Хетите со културата на езеро од Балканот и културата на Маикоп од Кавказот се сметале за постоечки. Индоевропскиот елемент ја направило хетитската култура натрапник на територијата на Анадолија. Хетите и другите народи од овој полуостров дошле од север, веројатно од населени места по бреговите на Каспиското Море. Оваа преселба прераснала во масовна миграција низ целиот Блиски Исток приближно околу 1900 г.п.н.е. Доминантното население во Централна Анадолија било сочинето од Хуријанци и Хатити кои не зборувале ниеден од индоевропските јазици. Исто така постоеле асиријански колонии, од кого Хетите го примиле клинестото писмо. Било потребно време Хетите да воспостават авторитет. Со векови функционирале поделени во групи, со центар на владеење околу некој град. Подоцна со појавата на силни лидери се случиле промени, со нивен центар во Богазќој тие успеале да го спојат поделеното население а со тоа и успеат да го освојат поголемиот дел од Централна Анадолија и со тоа да го формираат Кралството на Хетите.


Раниот период[уреди]

Раниот историски период на оваа држава е познат преку списите кои се стари дури од 17-от век п.н.е. а покасно како акадијански копии напишани во 14-от и 13-от век п.н.е. Преку нив се согледал ривалитетот кој постоел од две кралски фамилии во Централното Кралство, северната фамилија со седиште во Залпа па подоцна во Хатуша и јужната со седиште во Кусара и Канеш. Нив можеме да ги разликуваме преку нивните имиња, северните го задржале името на Хатите, а јужните ги прифатиле имињата Несиан и Лувијан и според нив се идентификувале. Еден збир на списи, познати како “текстовите на Анита”, во кој се раскажува за кралот на Кусара, Питана, и неговиот успех во освојувањето на Канеш. Меѓутоа, главните актери во овие записи, синот на Питана, Анита кој продолжил да освојува таму кадешто татко му застанал, освојувајќи неколку града на северот, вклучувајќи ја Хатуша и Залпа. Ова веројатно е само обична пропаганда каде што јужната династија се обидувале да им ја освојат престолнината на северната династија, па создавале приказни. Потоа во други записи, постои приказната за освојување на Залпа од страна на Хатушил Први. Анита на престолот бил наследен од Зузу, но околу 1710-05 г.п.н.е. со цел да се воспостави долгоочекуваниот асирски трговски систем, Канеш бил уништен. Во меѓувреме, благородниците во Залпа продолжиле да живеат. Хузија Први, потомокот на Хузија од Залпа, го презел управувањето со Хатите. Неговиот посинок, Лабарна Први, припадник на јужњаците го узурпирал тронот, но морал да го признае внукот на Хузија, Хатушили како негов син и наследник.


Старото Кралство[уреди]

Формирање на Кралството на Хетите е заедничка заслуга и на Лабарна Први и на Хатушили Први. Хатушили Први својата воена кампања ја водел до кралството на Аморитите на југ, каде што се обидел да им го освои нивниот главен град Алепо. Неговиот наследник, Мурсил Први сепак успеал во намерите во воена кампања во 1595 г.п.н.е. Исто така во 1595 г.п.н.е. тој спровел акција покрај реката Еуфрат и го освоил Мари и Вавилон, исфрлајќи ги аморитиските основачи на вавилонската држава. Меѓутоа, нивната воена кампања предизвикала внатрешни раздори поради што морале да се повлечат од одредени територии. Во останатиот дел од 16-от век п.н.е. хетитските лидери биле во постојани меѓусебни судири со нивните источни соседи Хуријаните. Постојат показатели поради нивните воени кампањи во Сирија и Месопотамија според кои тие пак си го вратиле во употреба клинестото писмо назад во употреба во Анадолија, а нивното писмо се разликувало од писменоста која се одвивала во останатите асирски колонии. Мурсили продолжил со освојувањата таму каде што Хатушили застанал. Неговите освојувања допреле до јужните делови на Месопотамија, па дури во 1531 г. успеал да го опустоши Вавилон. Наместо да го сплоти Вавилон во неговото царство, тој им го допуштил на неговите сојузници, на Каситите, тие да го превземат негово управување и ќе владеат со него цели 4 века. Исцрпувачката кампања, ги затегнала ресурсите на Хатите и тие си заминале од нивниот главен град при тогашна состојба на безредие. Кратко потоа Мурсили бил убиен додека се враќал дома, а со тоа кралството влегло во хаотичен период. Хуријаните ја искористиле ситуацијата и го завзеле Алепо и околните региони, како и крајбрежјето на Аданија, преименувајќи ја во Кизуватна. Поради овие настани, Хетите почнале да водат нејасна евиденција за настаните, со нив владееле незначителни владетели, располагајќи со многу помала територија од претходно. Од време кога со империјата владееле силни кралеви кои ја проширувале територијата, следел период во кој власта ја наследувале безначајни владетели, а оваа шема ќе трае скоро 500 години, со што прецизното евидентирање на настаните драстично опаднало. Политичката нестабилност во овој период се должи на слабото државно водство. За време на Старото Хетитско Кралство околу 1400 г. п.н.е. кралот од страна на неговите поданици не се доживувал како “жив бог”, туку повеќе како еднаков со обичниот граѓанин. Во подоцнежниот период државните работи ќе се здобијат со поголема моќ и централизација. Исто така наследникот не бил законски регулиран, со што се дозволило да се појават ривалитети помеѓу северните и јужните ограноци. Првиот наследник што бил забележан а го наследил Мурсили Први, бил Телепину. Тој успеал да оствари неколку победи на југозападот, но со помош на Хуријаните како нивни сојузници, против Митаните. Тој се обидел да осигура дека неговиот наследник ќе биде некој кој што ја има неговата крв.


Средното Кралство[уреди]

Последниот монарх од Старото Кралство, Телепину владеел се до 1500 г.п.н.е. Неговото владеење го одбележал крајот на ова кралство, и почетокот на ново со назив “Средното Кралство”. Овој период е речиси непознат поради недостигот на пронајдена документација. Во овој период Хетите биле под постојан напад, главно од Каските, не индоевропски народ кој се населил на крајбрежјето на Црното Море. Поради ова нивниот главен град бил преместен во Сапинува, а потоа во Самуха. Пронајдени се натписи во Сапинува но до денес не се преведени. Иновацијата која Хетите ја практикувале е склучување примирја и сојузи со комшиски народи. Тие се меѓу првите кои практикувале меѓународна политика и дипломатија. Причина за ова се нагласува поради тоа што нивната религија прифатила одредени богови на Хуријаните.


Новото Кралство[уреди]

За време на владеењето на Тудалија Први кралството излегло од маглата на неуспехот. Тие зачекориле во периодот наречен “период на Империјата на Хетите”. Во овој период населените значително се развиле. Меѓутоа нивниот народ имал навика да се населува во јужните предели на Анадолија наместо околу Егејот. Како што се развивале населбите, така се склучувале довогори со соседните народи. Во текот на овој период, до државниот врв се доаѓало само со наследување на престолот, а неговиот народ својот крај го нарекувале “нашето сонце”. Кралевите од овој период исто така ја преземале улогата на врховни свештеници, посетувајќи ги светите градови во кралството, организирајќи прослави и следејќи го одржувањето на религиозните храмови. За време на владеењето на Тудалија Први, се случил повторен сојуз со Кизуватна, а успеал и да ги порази хуријанските држави Алепо и Митани, а неговото царство да се прошири уште повеќе на запад. Уште еден период на застој бил на повидок за време на владеењето на Тудалија Први, па нивните непријатели го искористиле овој период за да тргнат во освојување дури и на нивната престолнина. Но кралството се стекнало со поранешната слава под водство на Супилулиума Први, кој повторно го освоил Алепо, ги натерал Митаните да му плаќаат пари за да се одржи мирот меѓу овие два народа, го поразил и сирискиот град-држава на Карчемишите. Тој го назначил неговиот син кој бил задолжен за нови воени успеси, но сеуште Вавилонија била во рацете на Касетите, со што моќта на Супилулиума заедно со Египет и Асирија била значително намалена, за да накратко потоа Египет гледа интерес и да побара нивен сојуз преку стапување во брак на еден од неговите синови со вдовицата на Тутанкамон. За жал тој негов син бил убиен додека патувал до Египет, а со тоа идејата за сојуз пропаднала. Во меѓувреме, со стапување на власт на Ашурубалит Први, моќта на Асирија рапидно се зголемувала. И покрај обидите на Супилулиума Први да го задржи престолот и своето влијание во регионот од наездата на Асирците, Ашурубалит го нападнал и поразил кралот на Митаните. Територијата на Митаните и Хурианците била покорена од Асирците, со што им се овозможувало продор на хетитската територија, со што асирскиот крал Ададнирари Први успеал да го одземе Карчемиш од рацете на Хетите. По смртта на Супилулиумас Први и краткото време во кое владеел неговиот најстар син, неговиот втор син Мурсили Втори стапил на таа функција. Стапувајќи на чело со државата во време кога таа била доста безбедна на истокот, па затоа тој решил да дејствува на западот каде што го нападнал кралството Арзава и градот Милаванда.

Битката кај Кадеш[уреди]

Главните приходи на Хетите доаѓале од контолата на трговските патишта и суровините од железо. Подрачјето на Северна Сирија било од големо значење поради трговските патишта кои ги спојувалала Силиција со Месопотамија, па затоа одбраната на оваа област била од приоритет кога Рамзес Втори почнал со својот освојувачки поход. Исходот од битката не е познат, се смета дека со навременото пристигање на појачувањето Египќаните успеале да ги поразат Хетите. Поразот ги примирало Хетите да побараат засолниште во тврдината Кадеш каде што подоцна ќе се судрат со војската на Рамзес.


Распадот на Кралството на Хетите[уреди]

По овој настан моќта на овие два народа почнала постепено да се намалува, за разлика од растечкото влијание на Асиријанците. Нивниот крал Шалманасер Први ја искористил можноста да ги покори Хурија и Митани, и неговото царство се протегало од Еуфрат се до Вавилонија и Иран. Хетите главно се обидувале да ги заштитат Митаните носејќи им воена помош, но Асиријанците почнале да претставуваат дури и поголема закана од онаа на Рамзес. Синот на Муватали го наследил престолот и владеел со земјата цели 7 години. Како одговор на брзорастечката асиријанска држава и нејзиниот продор на туѓа територија, тој склучил сојуз со Рамзес Втори нудејќи му ја раката на неговата ќерка. “Мировниот договор од Кадеш” е еден од најстарите договори од ваков вид, бил потпишан во 1258 г. во 21 годишното владеење на Рамзес и со него ги разрешиле проблемите со меѓусебните граници. Синот на Хатушили, Тудалија Четврти, бил последниот од низата кој одолевал на нападите на Асиријанците за нивно напредување во срцето на нивната територија. Но сепак по извесно време доживеал пораз во биката кај Нихирија. Пред да падне во рацете на непријателот тој успеал да го освои островот Кипар. Последниот крал на Хетите, Супилулиума Втори, успеал да издвои неколку поморски битки на крајбрежјето на Кипар, но било предоцна. Асиријанците успеале да го освојат поголемиот дел на територијата на Хетите во Мала Азија и Сирија, откажувајќи го вавилонскиот крал Набухудоносор Први и неговите идеи за завземање на хетитските територии. Луѓето од Морето веќе се биле населувале на медитеранското крајбрежје, почнувајќи од Егејот па се до Филистија каде што успеале да им го земат Кипар на Хетите, а со и да им ги прекинат трговските врски. Поради ова Хетите биле ранливи од надворешни напади од сите правци, па нивниот центар Хатуша во 1180 г.п.н.е. бил освоен и запален до темелите, а тие настани биле проследени и со активни воени кампањи на индоевропските народи, Кашкијците, Фригијците и Бригите. По ова Хетите и нивното кралство засекогаш исчезнало од историската сцена. Нивниот крај се случил во периодот на колапсот на бронзеното доба.


Кралството на Сиро-Хетите[уреди]

До 1160 г.п.н.е политичката ситуација во Мала Азија била различна од онаа од пред 25 години. Во таа година, асирскиот крал Тиглатпилесер Први им нанесувал порази на Фригијците кои се обидувале да го потиснат кон север анадолското население, а нивниот стар познаник и непријател Хетите се чини дека им се приклучиле на Фригијците во овие активности. Фригијците успеале да навлезат во Кападокија на запад, а за ова постојат пронајдени записи со кои се воочува дека потеклото на Бригите било од Балканот, а тие ја населувале Анадолија поради воените активности на Македонците кои ги истерале од таму. И покрај исчезнувањето на Хетитската држава во Анадолија, се појавиле т.н. Неохетити и тие формирале кралства на овој полуостров и Сирија. Тие биле наследници на нивната постара држава. Едно од позначајните сириско - неохетитски кнежевства се Карчемиш и Милид. Овие новоформирани кнежевства наскоро ќе паднат во рацете на Неоасириската Империја. Карчемиш и Милид влегле под заштита на Асирија под водство на Шалманасер Трети, за покасно и целосно да ги припои кон нивното кралство. Голема и моќна држава се појавила во јужна Анадолија под името Табал. Се мисли дека нивниот јазик се нарекувал лувиски јазик, а како докази се посочуваат хиероглифските списи на лувиски јазик пронајдени таму. И таа како и останатите била освоена од походите на Асирците. Според ова и лувиските хиероглифи и клинестото писмо се покажале постари одошто се мислело, веројатно поради нивната употреба од страна на Бригите кои преку Егејот се населиле на овие простори, како и од Феникијците кои им биле нивни соседи.


Библиски извори[уреди]

Хетите се спомнати во “Книгата на Постанокот”, таму се спомнуваат две имиња кои се однесуваат на Хетите, Ефрон и неговиот татко Зохар, како и во примерот кога Аврам купува пештера во полето Мачпела од Хетите поради потреби за погреб.


Државно управување[уреди]

На чело со државата стоел крал, покрај него стоел неговиот наследник. Но некои интелектуалци нагласувааат дека одредени државнички функции биле вршени независно од волјата на кралот. Една од тие била и “Гал Меседи”, односно командирот на кралските телохранители. Исто така тука биле и “Гал Гестин”, односно луѓето задолжени за вино, тие како и првите и биле членови на кралското семејство. Државната управувачка политика била контролирана од страна на “Гал Дубсар”, главниот одговорен за списите и евиденцијата, чиј авторитет не можел да го надмине “Лугал Дубсар”, личниот писар на кралот.


Јазикот на Хетите[уреди]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Хетски јазик.

Нивниот јазик бил откриен и се мисли дека почнал користи приближно околу 19-от век п.н.е. Тој бил во употреба од овој народ се до 1100 г.п.н.е. Овој нивен јазик бил најупотребуван од кој било анадолски огранок на индоевропското јазично семејство. Јазикот од списите пронајдени кај Хатуша биле преведени од страна на чешкиот лингвист, Бедрих Хрозни, кој во ноември 1915 г. ги објавил неговите трудови во берлинскиот универзитет по социологија. Неговите дела биле објавени во Лајпциг во 1917 г. наречени “Јазикот на Хетите, неговата структута и припадност во индоевропското јазично семејство”. Предговорот во книгата започнува со: “во ова дело се обработува потеклото и структурата на досега мистериозниот јазик на Хетите и за да се дешифрира овој јазик..... ќе биде посочено дека овој јазик се наоѓа во главната група на индоевропските јазици”. Поради ова јазикот бил наречен хетитски, иако тоа не било името со кое тие го нарекувале својот сопствен јазик. Тие својот јазик си го нарекувале нешили, иако се напоменува дека поправилно се изговара како нешите. Како и да било, научната јавност се согласила овој јазик да го нарекуваат како хетитски. Поради воочливите разлики на нејзината структура и фонологија, некои рани лингвисти, сметале дека овој јазик би требало да се смета за сестрински јазик на индоевропскиот, како индохетитски. Кон крајот на Империјата на Хетитите, нивниот јазик станал официјален јазик на државата и дипломатијата. Поголемиот број на население во тоа време говорел некој од лувијанските дијалекти, еден од индоевропските јазици од Анадолија кои биле користени западно од регионот населен од Хетите.


Хетитска митилогија[уреди]

Религијата и митологијата на Хетите била под силно влијание на митологијата на Хатите, Месопотамците и Хуријанците. Но во раниот период биле сеуште видливи остатоци на индоевропски елементи. Низ хетитските пантенони доминирале боговите на грмотевицата. Богот Тархунт бил именуван како “Освојувачот”, “Кралот на Кумија”, “Кралот на небото” и ”Господарот на земјата на Хетите”. Тој бил врховен бог со неговиот симбол на бик со кој се распознавал од другите. Тој бил опишуван како човек со брада седнат помеѓу две планини а во рацете држел дрвена палка, тој бил богот на војната и победата. Тој бил познат по неговиот конфликт со змијата Илујанка.


Библиските Хетити[уреди]

Во Стариот Завет, Хетите се споменуваат во неколку пасуса. “Книгата за Постанокот” ги поврзува со истоимениот предок Хет, предокот на Хен, кој роднински се поврзува со Канан (Ханан). Па затоа Хетите се сметале за Канајанци. Тие биле опишувани како народ кој живеел заедно со Израелитите. Аврам вршел трговски размени со Хетите во негово време, а познато е дека за време на Давид, Хетите биле поставувани како офицери во неговата војска. Се поткренува дебата дали библиските “Хетити” имаат сличности со Хатите, со нивните индоевропски освојувачи кои го задржале називот Хатити, или пак со израелитската група на народ која можеби е, а можеби не е генетски поврзана со анадолските народи. Други библиски научници посочуваат дека наместо тие да се повруваат со Хет, Синот на Канан (Ханан), Хатите од Анадолија во Стариот Завет и апокрифите се спомнати како “Кити” (Чити), народ чиешто име го добиле во чест на синот на Иван, чиишто пак дедо бил Ное.