Херман Мелвил

Од Википедија — слободната енциклопедија
Херман Мелвил
Мелвил во 1860 г.
Занимањероманописец, учител, морнар, книжевник, поет, инспектор на царина
НационалностАмериканец
Жанрпатописи, раскази, готски романтизам, алегорија
Книжевно движењеромантизам и скептицизам; претходник на модернизмот, апсурдизмот и егзистенцијализмот
Потпис

Херман Мелвил (1 август 181928 септември 1891) бил американски писател, есеист и поет. Тој е најпознат по романитеМоби Дик“ и „Били Бад“ (објавен посмртно). Неговите први три книги постигнале голем успех при што првата книга, „Тајпи“, станала бестселер, но неговата популарност драстично опаднала во средината на 1850-тите години. Оттука, кога починал во 1891 година, тој бил речиси целосно заборавен. На почетокот од 20 век, неговото творештво повторно стекнало признание, особено романот „Моби Дик“ кој се смета за ремек-дело на американската и на светската литература. Тој е првиот писател чиишто дела се собрани и објавени од Библиотеката на САД.

Животопис[уреди | уреди извор]

Раните години од животот, образование и семејство[уреди | уреди извор]

Херман Мелвил е роден во Њујорк на 1 август 1819 година, трето од осумте деца на Алан и Марија Гансеворт Мелвил. Откако нејзиниот сопруг Алан починал, Марија додала едно „е“ на семејното презиме. Како дел од добро ситуирано и колоритно семејство од Бостон, таткото на Мелвил поминувал голем дел од времето во странство, како трговец и увозник на француски производи. Дедото од татковата страна на авторот, мајорот Томас Мелвил, почесен учесник на бостонската чајанка кој одбил да го промени својот стил на облекување или манири за да одговара на времето, опишан е во поемата „Последниот лист“ на Оливер Вендел Холмс. Херман Мелвил го посетил во Бостон и го поддржувал неговиот татко во честите периоди на финансиски потреби. Мајчината страна на Мелвил е од холандската долина Хадсон. Неговиот дедо од мајка бил генералот Петер Гансевурт, херој од Битката од Сарагота; во својата позлатена униформа, генералот позирал за портрет насликан од Гилберт Стјуарт, кој е опишан во романот на Мелвил од 1852 година, „Пјер“, во којшто авторот пишува за своето семејно и поморско потекло. Како водечкиот карактер во Пјер, и Мелвил пронашол задоволство во неговото „двојно револуционерно потекло“.

Алан Мелвил ги пратил своите синови во њујоршката машка школа. Прекумерно финански и емоционално нестабилниот Алан се обидел да се опорави од неговите проблеми со тоа што се преселил со своето семејство во Албани во 1830 година и започнал да работи во бизнисот за крзно. Новата инвестиција, сепак, била неуспешна; војната во 1812 година уништилa многу прекуморски бизниси и тој бил присилен да прогласи банкрот. Набргу, тој починал, оставајќи го своето семејство многу сиромашно, кога Херман имал 12 години.[1] Иако Марија имала добро ситуирани роднини, тие биле загрижени во заштитување на своите наследства и искористување на можностите за инвестирање, наместо на решавање на имотот на мајка им, така што семејството на Марија ќе биде посигурно со помладиот брат на Херман, Томас Мелвил, кој на крајот станал гувернер на морнарското пристаниште Снаг. Мелвил ја посетувал академијата во Албани од октомври 1830 година до октомври 1831 година, и повторно, од октомври 1836 година до март 1837 година, каде што ги студирал класиците.

Почетокот на работниот живот[уреди | уреди извор]

Скитничкото однесување на Мелвил и желбата да се издржува себеси независно од помошта на семејството го одвеле до тоа да работи како инспектор на Ери каналот. Во оваа работa тој не успеал и неговиот брат му помогнал да најде другa работа, како бродски слуга на еден њујоршки брод укотвен во Ливерпул. Така, Мелвил отпатувал и се вратил на истиот брод. Неговото дело „Редбурн: Неговото прво патување“ (1849 година) е делумно засновано на искуствата од ова патување.

Трите години по академијата во Албани (1837 година до 1840 година), Мелвил најмногу се занимавал со настава во училиште, освен патувањето во Ливерпул во 1839 година. Од 1838 година до 1847 година, тој престојувал во тоа што сега е познато како куќата на Херман Мелвил во Лансинбург, Њујорк. На 3 јануари 1841 години, тој испловил од Њу Бедфорд, Масачусетс на китоловниот брод „Акушнет“, кој бил укотвен на Тихиот Океан. Тој подоцна коментирал дека од тој ден му почнал животот. Бродот, на кој служеле пропаднати земјоделци, злосторници и разни несреќници, пловел околу Кејп Хорн и понатаму до јужниот Пацифик, а морнарите биле принудени да ги поднесуваат нечовечките постапки на претпоставените. Мелвил оставил малку директни информации во врска со настаните на ова 18 месечно крстарење, иако неговата китоловна романса, „Моби Дик“, најверојатно дава многу слики од животот на палубата на Акушнет. Мелвил издржал на бродот повеќе од 18 месеци, но поради лошите услови, побегнал од „Акушнет“ на островите Маркесас во јули 1842 година.[1] Три недели живеел помеѓу домородците Тајпи, кои биле нарекувани човекојадци од другите две племенски групи на островот – иако кон Мелвил се однесувале многу добро. „Тајпи“, првиот роман на Мелвил опишува кратка љубовна афера со домородна девојка, Фајавеј, која обично била облечена во „облеката на рајот“ и претставувала невин, благороден дивјак во популарната имагинација.

Мелвил се чини дека не бил загрижен за последиците од неговото напуштање на „Акушнет“. Тој се качил на уште еден китоловен брод укотвен во Хаваите и го напуштил тој брод во Хонолулу. Додека бил во Хонолулу, тој станал контраверзна фигура за својата жестока опозиција на активностите на христијанските мисионери кои сакале да го преобратат домородното население. Откако работел четири месеци како службеник, во 1843 година се придружил на екипажот на воениот брод УСС Обединети Држави со кој ги посетил Мексико и Перу, но не можејќи да ја поднесе воената дисциплина, тој бил отпуштен кога пристигнал во Бостон, во октомври 1844 година.[1] Овие искуства се опишани во романите „Тајпи“, „Ому“ и „Бела-Јакна“.

Мелвил го завршил романот „Тајпи“ летото 1845 година, иако имал тешкотии да го објави. Подоцна, неговиот постар брат ја зел книгата и ја објавил во 1846 година во Лондон, каде станала бестселер преку ноќ, а дури потоа таа била објавена во Њујорк. Успехот на ова дело го охрабрило Мелвил да го опише својот престој на Тахити, а тоа го направил во книгата „Ому“ која не е само егзотична повест за дивјаците, туку во неа се опишани и бруталното постапување на бродовите и мисионерската работа со примитивните племиња.[2] „Тајпи“ и „Ому“ преку ноќ го прославија Мелвил како писател и авантурист и тој често ги забавувал неговите обожаватели раскажувајќи им приказни. Како писател и издавач Натаниел Паркер Вилис напишал, „Со неговата цигара и шпански очи, тој збори Тајпи и Ому исто како што ќе го најдете текот на неговиот прекрасен ум на хартија“. Романите, пак, не му овозможиле доволно приходи од авторските права за тој да живее од тоа. „Ому“ не бил колоритен како „Тајпи“ и читателите почнале да сфаќаат дека Мелвил не креаира само авантуристички приказни. Следното дело, „Марди“ (1849), сатира насочена кон современата политика и кон религијата, било разочарување за читателите кои сакале уште едно безгрижно и егзотично морско „клопче“. За да го издржува своето семејство, Мелвил напишал две книги по вкусот на тогашната публика: „Редбурн“ (Redburn, 1849), во која ги опишува своето прво патување во Ливерпул, мрачната личност на морнарот Џексон и работничката сиромаштија во Англија, и „Бела-Јакна“ (White-Jacket) во кој го опишува животот на еден воен брод. Во 1850 година, Мелвил започнал да го пишува расказот за американскиот морнар Израел Потер кој го пбјавил дури пет години подоцна, зашто во меѓувреме работел на романот „Моби Дик“.[3]

Брак и подоцнежен работен живот[уреди | уреди извор]

Елизабет Шо Мелвил

Мелвил се оженил за Елизабет Шо, ќерка на судија во Врховниот суд во Масачусетс, Лемјуел Шо, на 4 август 1847 година, а потоа, двојката отишла на меден месец во Канада. Тие имале четири деца: два сина и две ќерки. Во 1850 години, Мелвил и Елизабет ја купиле „Ароухед“, куќа на фарма во Питсфилд, Масачусетс, која денес е претворена во музеј. Таму Мелвил живеел 13 години, зафатен со своето пишување и управување на фармата. Додека живеел во „Ароухед“, тој се спријателил со писателот Натаниел Хоторн, кој живеел во близината на Ленокс. Мелвил, интелектуалец осамен во поголемиот дел во неговиот живот, бил неверојатно инспириран и поттикнат од неговото пријателство со Хоторн за време на перидот кога ја пишувал книгата „Моби Дик“ (посветена на Хоторн), иако нивното пријателство избледело кратко потоа.

Ероухед, домот на Мелвил во Питсфилд, Масачусетс

Сепак, романите „Моби Дик“ и „Пјер“ не ја постигнале популарноста на неговите претходни книги. Њујорк Деј Бук на 8 септември 1852 година го објавил својот отровен напад на Мелвил и неговото пишување со наслов „ХЕРМАН МЕЛВИЛ ЛУД“. Во статијата, весникот пишувал дека: „... пријател кој ја прочитал последната книга на Мелвил „Недоразбирања“, помеѓу две бродски несреќи, ни кажа дека е составена од бладањата и мечти на еден лудак. Бевме запрепастени на забелешката, но по уште сознанија, неколку дена подоцна, Мелвил навистина бил под стрес и неговите пријатели преземале мерки да го сместат под третман. Се надеваме дека еден од првите третмани ќе биде да го задржат строго одделен од пенкалото и мастилото“. По строгите критики на „Пјер“, издавачите почнале да стануваат претпазливи во работата на Мелвил. Неговиот издавач, Харпер и Браќата, го одбиле неговиот следен ракопис, „Остров на крстот“ којшто е изгубен. На 1 април 1857 година, Мелвил го објавил неговиот последен, целосен роман „Човекот од доверба“ со поднаслов „Маскенбал“ кој денес се смета за комплексно и мистериозно истражување на проблемите на измамата и искреноста, идентитетот и маскирањето, но кога бил објавен добил коментари кои варирале од збунетост до осуда.

Мелвил во 1885 година, на 66-годишна возраст

За да ги поправи своите несигурни финансии, Мелвил го послушал советот од пријателите и решил да се приклучи на она што за другите било профитабилно полето на предавањето. Во 1856 година се појавила збирката раскази „Приказни од Пјаца“ (Piazza Tales), следната година објавил уште еден сатиричен расказ, по што морал да се откаже од пишувањето поради болест.[3] Од 1857 година до 1860 година, тој држел предавања во лицеуми, првенствено на Јужните мориња. Во 1863 година, тој и неговата жена се преселиле со нивните четири деца во Њујорк. По крајот на Американската граѓанска војна ја објавил „Делови од битките и аспекти од војната“ (1866), збирка од над 70 поеми кои биле игнорирани од критичари, иако некои од нив му дале поволни критики. Во 1866 година, жената на Мелвил и нејзините роднини го искористиле нивното влијание да најдат работна позиција за него како царински инспектор за Њујорк (скромно, но добро платено назначување) и тој ја држел таа позиција 19 години. Во озлогласено корумпирана институција, Мелвил наскоро се здобил со репутацијата на еден од најискрените вработени во царинската куќа. Царинската куќа случајно се наоѓала на улицата Гансеворт, именувана по просперитетното семејство на неговата мајка.

Подоцнежните години[уреди | уреди извор]

Мелвил потрошил неколку години во пишување на епопејата од 18.000 стихови, „Кларел“ (во два тома), инспирирана од патување во Светата земја. Неговиот чичко, Петер Гансевурт, платил за издавањето на обемниот еп во 1876 година. Но, неговото издавање било огромен неуспех и непродадените копии биле изгорени, бидејќи Мелвил не можел да си дозволи да ги откупи по набавна цена. Како што неговата професионална среќа слабеела, и бракот на Мелвил бил несреќен. Роднините на Елизабет постојано ја наведувале да го остави и да издејствува да го прогласат за луд, но таа одбивала. Во 1867 година, неговиот најстар син, Малколм, се самоубил, најверојатно случајно. Додека Мелвил работел, неговата жена успеала да го одвикне од алкохолизмот и тој повеќе не покажувал знаци на вознемиреност и лудило. Но, неговата депресија се вратила по смртта на неговиот втор син, Станвикс, во Сан Франциско, во почетокот на 1886 година. Мелвил се пензионирал во 1886 година по смртта на неколку роднини на неговата жена кои оставиле неколку наследства со кои управувала г-ѓа Мелвил.

Гробот на Херман Мелвил и неговата сопруга

Откако англиските читатели, спроведувајќи го трендот за морски приказни претставени од писатели како Г. А. Хенри, повторно ги откриле романите на Мелвил, тој доживеал скромно оживување на неговата популарност во Англија, меѓутоа не и во САД. За последен пат, тој повторно се навратил на пишувањето, создавајќи низа песни со прозни белешки инспирирани од неговите претходи искуства на море. Тој ги објавил песните во две збирки, „Џон Мар“ (1888) и „Тимолеон“ (1891), секоја издадена во мал тираѓ од 15 копии за неговите роднини и пријатели. Една од овие поеми го заинтригирала и тој почнал да ја преработува за да ја претвори најпрвин во расказ, а потоа во новела. Мелвил работел повремено на неа во период од неколку години, но кога починал во 1891 година, го оставил ова дело незавршено, сè додека книжевниот научник Рејмонд Вивер не го објавил во 1924 година – станува збор за книгата позната како„ Били Бад“. Подоцна, романот бил претворен во опера од Бенџамин Бритен, во драма и во филм режиран од Питер Јустинов.

Мелвил починал во својот дом во Њујорк, рано наутро, на 28 септември 1891 година, на 72-годишна возраст. Докторот го навел „срцевото проширување“ како причина за смртта. Тој бил погребан на гробиштата „Вудлоун“ во Бронкс, Њујорк. Според една приказна, на неговата посмртница во „Њујорк тајмс“ пишувало Хенри Мелвил, што наведува на тоа дека тој бил непознат во времето на својата смрт, но оваа приказна не е точна.

Во „Религиозното патување на Херман Мелвил“, Болтер Доналд Кинг детално ги претставил откритијата од писмата кои покажуват дека Мелвил бил член на Унитарната црква на сите души во Њујорк. Сè до ова откритие, малку се знаело за неговите верска припадност. Хершел Паркер во вториот том од неговата биографија јасно искажува дека Мелвил станал номинален член само за да ја смири својата жена. Мелвил ги презирал унитаризмот и утилитаризмот (Големите англиски унитаристи биле утилитаристи).

Изданија и современи реакции[уреди | уреди извор]

Насловната страница од првото американско издание на „Моби Дик“ во 1851 г.

Повеќето на романите на Мелвил биле прво издадени во Велика Британија и потоа во САД. „Моби Дик или Китот“ станала една од најпознатите дела на Мелвил и често е сметана за едно од најдобрите книжевни дела на сите времиња. Посветена е на пријателот на Мелвил, Натаниел Хоторн. Сепак, таа не го направилa Мелвил богат, зашто првите 3000 копии никогаш не биле продадени за време на неговиот живот и целосната заработка од американската верзија изнесувала само 556,37 долари. Мелвил, исто така, ги напишал и романите: „Били Бад“, „Бела–Јакна“, „Израел Потер“, „Редбурн“, „Тајпи“, „Ому“, „Пјер“, „Човекот од доверба“ и многу раскази, вклучувајќи ги „Бартелби, писарот: приказна од Вол Стрит“ и „Бенито Серено“, како и дела од различни жанрови.

Мелвил е помалку познат како поет. По граѓанската војна, тој ја објавил „Делови од битките и аспекти од војната“, која што не се продала добро: од 1 200 копии, издавачката куќа Харпер и Брос успеала да продаде само 525 во рок од десет години. Повторно со желба да ги задоволи вкусот на читателите, епот на Мелвил „Кларел“, во кој се работи за поклонение на еден студент во Светата земја, исто така бил нејасен, дури и во негово време. Една од најдолгите поеми во американската литература, „Кларел“, објавена во 1876 година, имала почетен тираж од само 350 копии. Критичарот Левис Мумфорд нашол копија од поемата во Њујоршката јавна библиотека во 1925 години „со неисечени страници“, како доказ дека седела таму непрочитана 50 години. Неговата поезија не е толку почитувана колку неговата проза, иако некои критичари го сметаат за прв модернистички поет во САД; други тврдат дека неговите дела силно сугерираат на она што денес е познато како постмодернизам. Водечка личност во тврдењето дека Мелвил е голем американски поет бил поетот и романописецот Роберт Пен Варен, кој објавил избор од поезијата на Мелвил на кој ѝ претходел еден критички есеј.

Современа критика[уреди | уреди извор]

Мелвил не бил финансиски успешен како писател, заработувајќи нешто повеќе од 10 000 долари за време на неговиот живот. По успехот од патописите засновани на патувањата на Јужните мориња и приказните засновани на несреќни авантури во поморската трговија и морнарица, популарноста на Мелвил драстично се намалила. Во подоцнежните години од неговиот живот и за време на годините по неговата смрт, тој бил сметан само за мала личност во американската литература.

Во 1920-те години дошло до преоценување на творештвото на Мелвил, кое сега најчесто се нарекува „Преродбата на Мелвил“. Две книги кои се сметаат за најважни во преродбата се биографијата на Рејмонд Вивер од 1921 година, „Херман Мелвил: човек, морнар и мистик“ и неговото издание од 1924 година на последниот, но недовршен, ракопис на Мелвил, „Били Бад“, којшто праправнуката на Мелвил му го дала на Вивер, кога тој ја посетил во текот на истражувањето за биографијата. Други дела што помогнале во преродбата на Мелвил се „Американскиот роман“ на Карл Ван Дорен (1921), „Студии во класичната американска литература“ на Д. Х. Лоренс (1923) и биографијата на Луис Мумфорд, „Херман Мелвил: Студија за неговиот живот и визија“ (1929). Во 1945 година било формирано Здружението Мелвил, како непрофитна организација посветена на славењето на неговото литературно наследство. Џеј Лејда, потрошил повеќе од една деценија собирајќи документи и записи за „Мелвиловиот трупец“ (1951). Во истата година, Њутон Арвин ја објавил критичката биографија „Херман Мелвил“, која ја добила наградата „Национална книга“.

Во 1960-тите години, Северозападниот универзитетски прес во соработка со библиотеката Њубери и здружението за модерен јазик овозможило објавување на различни наслови од Мелвил. Ова здружение требало да создаде „дефинитивно“ издание на делата на Мелвил, вклучувајќи ги делата „Тајпи“, „Приказни од Пјаца“, „Ому“, „Израел Потер“, „Пјер“, „Човек од доверба“, „Бела јакна или Светот во човек на војна“, „Моби Дик“, „Марди и патување Титер“, „Редбурн“, „Кларел“, а исто така и неколку тома на поеми, дневници и преписки.

Теми за полот и сексуалноста[уреди | уреди извор]

Иако не како примарен фокус на Мелвиловата стипендија, постои интерес за улогата на полот и сексуалноста во некои од делата на Мелвил. Некои критичари, особено оние заинтересирани за родовите студии, ја имаат истражувано појавата на машко-доминантните социјални структури во прозата на Мелвил. На пример, Алвин Сандберг тврдел дека расказот „Рајот на ергените и тартар од слугинки“ нуди „истражување на импотенција, приказ на еден човек што од целосно се повлекува од машкото детство за да избегне соочување со сексуална машкост“ во којашто раскажувачот се ангажира што се вклучува во „соодветна“ дигресија на хетерогеност. Во согласност со овој став Варен Розенберг тврди дека „Рајот на ергените“ е покажана како „површна и стерилна“. Дејвид Харли Серлин забележува во втората половина на диптихот на Мелвил „Тартарот од слугинки“ раскажувачот дава глас на обесправени жени што тој ги забележува: „Како што и друго начници забележале, сликата на „роб“ овде има две очигледни значења. Еднота ја опишува експлоатацијата на физичкиот труд на жените,а другото ја опишува експлоатацијата на репродуктивните органи кај жените. Секако, како примери за репресија на жените, двете се јасно испреплетени.“ На крајот, раскажувачот не е целосно способен да излезе на крај со женските и машките модалитети. Проблемите со сексуалноста се забележани исто така и во други дела. Розенберг забележува дека Таџи во „Марди“ и протагонистот во „Пјер“ „мислат дека тие ги спасуваат младите „слугинки во неволја“ (Јила и Изабел) од најчисти причини, но двајцата се исто така свесни за скриениот сексуален мотив“. Кога Таџи ќе го убие стариот свештеник држејќи ја Јила во заробеништво, тој вели: „каењето тешко ме порази, и како молња се прашував дали смртното дело што го сторив беше со доблесни мотиви, спасувањето на заробеник од роб или дали под преправањето јас сум се вмешал во оваа фатална кавга за некои други себични цели, дружењето со прекрасна слугинка“. Во „Пјер“ мотивот за неговото жртвување за Изабел е признаено: „убавината на жената, а не грдотијата го поканила да го води правото“. Розенберг тврди дека „оваа свесност за двојниот мотив ги прогонува двете книги и на крајот ги уништува нивните протагонисти кои целосно не ја признаваат темната страна на нивниот идеализам. Епистемолошката потрага по трансценденталната потрага по љубов и верба се извалкани од еротиката“.

Мелвил целосно ја истражува темата на сексуалноста во неговото големо поетско дело „Кларел“. Кога раскажувачот е разделен од Рут, во која што тој е заљубен, тој слободно истражува други сексулани (и религиозни) можности пред да одлучи на крајот на поемата да учестувува во ритуалистички ред на претставници на бракот. Во текот на поемата „тој го смета секој облик на сексуална ориентација - целибатот, хомосексуалноста, хедонизамот и хетеросексуалноста – подигајќи го истиот вид на прашања кога се работи за исламот или демократијата“.

Некои пасуси и делови од делата на Мелвил ја покажуваат неговата подготвеност да ги опфати сите форми на сексуалноста, вклучувајќи ја и хомоеротиката, во неговите дела. Најчесто дадени примери од „Моби Дик“ е интерпретацијата на машкото поврзување или како што е наречена „брачна постела“ — епизодата која ги вклучува Ишмаел и Кјукег и „Стисокот на раката“ поглавјето што го опишува другарството на морнарите при вадењето спермацети од мртов кит. Физичката привлечност на „Били Бад“ е опишана во квазиженски услови: „Како убавиот морнар, позицијата на Били Бад е нешто аналогно на онаа на селски убавина пресадена од провинцијата и донесе во конкуренција со благородните дами од судот“. Некои критичари тврдат дека „потрагата на Ахав на китот, која што може да се поврзе со женственоста на неговата форма, мистерија и неговата природност, претставува крајна спојување на епистемолошката и сексуалната потрага”.

Право и литература[уреди | уреди извор]

Во последните години, „Били Бад“ станал централен текст во полето на правните научници, познато како право и литература. Во романот, Били, убав и популарен млад морнар, импресиониран од трговски брод Права на човекот што служи на палубата Х.М.С. Белипотент во доцните 1790-ти години, за време на војната помеѓу револуционарната Франција и Велика Британија и нејзините монаршки сојузници, го зголемува непријателството и омразата на капетанот на бродот, Џон Клагарт. Клагарт крои лажна пријава на бунт и други злосторства за да се израмни со Били и чесниот капетан Едвард Феирвакс Вере организира неформална расправа на која што Били грчевито го напаѓа Клагарт затоа што неговто пелтечење го спречува да говори. Вере веднаш го повикува воениот суд, на којшто служи како единствен сведок и како de facto бранител на Били, Вере повикува судот да го осуди Били на смртна казна. Судењето се спомнува во поглавјето 21, најдолгото поглавје во книгата, и тоа станало фокус на научни контроверзии: дали капетанот Вере бил добар човек заробен од лошите закони или дали тој намерно го нарушил и погрешно го претставил законот за да може да го осуди Били на смрт?

Наследство[уреди | уреди извор]

На 12 мај 1985 година, здружението „Херман Мелвил“ од Њујорк се собра на 26-та источна улица за да го посвети пресекот на Парк Авенија јужно и 26-та улица како Плоштад на Херман Мелвил. Ова е улицата каде што Мелвил живеел од 1863 година до 1891 година и каде, меѓу другите дела, ја напишал „Били Бад“.

Во 2010 било објавено дека нов вид на изумрен џиновски кит, Livyatan melvillei е именувам во чест на Мелвил. Палеонтолозите кои го откриле овој фосил биле обожаватели на „Моби Дик“ и сакале да го посветат ова откритие на Мелвил.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 Miodrag Maksimović, „Predgovor“, во: Herman Melvil, Mobi Dik. Beograd: Izdavačko preduzeće „Rad“, 1954, стр. 5.
  2. Miodrag Maksimović, „Predgovor“, во: Herman Melvil, Mobi Dik. Beograd: Izdavačko preduzeće „Rad“, 1954, стр. 5-6.
  3. 3,0 3,1 Miodrag Maksimović, „Predgovor“, во: Herman Melvil, Mobi Dik. Beograd: Izdavačko preduzeće „Rad“, 1954, стр. 6.