Хеленско-римска астрологија

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Астрологија
Astrologyproject.svg
Почетоци
Историја на астрологијата
Историја на астрономијата
Астрологија и астрономија
Традиции
Вавилонска астрологија
Арапска и персиска астрологија
Кинеска астрологија
Египетска астрологија
Хеленско-римска астрологија
Индиска астрологија
Исламска астрологија
Сидерална астрологија
Западна астрологија
Видови
Хороскоп
Натална астрологија
Годишен хороскоп
Хорарна астрологија
Мундана астрологија
Категории
Астролози
Портал:Астрологија


Традицијата на астрологијата која се практикувала во хеленскиот период како и онаа во Стариот Рим ја нарекуваме хеленско-римска астрологија. Под „хеленска астрологија“ спаѓаат повеќето текстови пишувани на грчки јазик (какви што имало и во Египет), а оние на латински се пишувани во Римската Империја.[1]

Историја[уреди]

Од Вавилон, астрологијата е пренесена во античка Грција. Околу 600 година п.н.е., Питагора и неговите современици го презеле целото расположиво знаење од древниот свет и го вметнале во својата наука и философија. Некои од првите погледи за астрономијата во Грција се содржани во „Активности и денови“, напишана од поетот Хесиод, некаде пред 750 п.н.е. Хесиод дава список на деновите во кои е најдобро да се преземат одредени активности, како што е гроздоберот, на пример, а ги дефинира според појавувањето на одредени ѕвезди:

Кога Орион и Сириус ќе ја допрат средината на небото, и Артурус ќе изгрее со зората, тогаш, о, Персес, собери го твоето грозје и донеси го дома.[2]

Како оснивач на грчката астрономија обично се смета Талес (624 п.н.е.), кој е запомнат како оснивач на јонската школа. Најпознатата приказна за Талес е таа дека ја предвидел еклипсата чиј ефект било запирање на војната меѓу Медеите и Лидијците, во Мала Азија. Малку се знае за Талес, дури ни тоа дали тој сметал дека Земјата е топка или рамна плоча, но се знае дека неговата генијалност лежи во неговиот материјализам, неговото посматрање на природните феномени и неговото отфрлање на митологијата како значајна при научните објаснувања.[3]

Вториот голем јонски философ бил Анаксимандер (610 п.н.е.), кој верувал дека универзумот се наоѓа внатре во рамките на едно огромно тркало исполенто со оган. Дупките низ кои може да се види огнот се ѕвездите на небото.

Третиот јонски философ е Анаксименес (околу 550 п.н.е.), кој се смета за важна фигура во развојот на астрономијата, иако малку се знае за неговата работа. Нему му се припишува познатата максима: „Како горе, така и долу“.[4]

Раните грчки фолософи биле повеќе астрономи отколку астролози, затоа што астрологијата им била практично непозната, но чекор по чекор, во комбинација со вавилонската астрологија, ги изградиле основите на модерната астрологија.

Астролошка мапа

Питагорејците[уреди]

Најголемиот придонес на Питагора за астрологијата лежи во неговата теорија дека бројот и нумеричките врски се основа на универзумот, дека универзумот може да се објасни преку броеви, и дека затоа секој број содржи значење надвор од буквалната претстава за него. Во модерната астрологија четвртата натална куќа го претставува домот, а тоа е задржано од питагорејскиот концепт за бројот четири. Дури и Кеплер неговите теории за планетарните движења ги базирал врз геометријата на Питагора.

Филолаус (5 век п.н.е.), ученик на Питагора, го поставил најзначајното прашање за астрономијата, кое било актуелно сè до 17 век во европската мисла: ако сите планетарни орбити по кои се движат планетите се перфектни кругови, како тоа од Земјата се гледаат како неправилни? Се развиле две главни школи на мислење: едната што ја создал Филолаус, која тврдела дека Земјата не е центар на универзумот, и втората, која ја одобрувале Платон и Аристотел, која ја става Земјата како апсолутен центар на универзумот.[5]

Емпедокле (495-430 п.н.е.), ја вовел идејата дека сите нешта во универзумот се комбинација од четири елементи - оган, земја, воздух и вода. Емпедокле не бил астролог, затоа што астрологијата сè уште не се практикувала во негово време, но неговата теорија за елементите е важна за астрологијата до денешен ден.

Астролози[уреди]

Најпознатата приказна што се однесува на астролозите од тоа време доаѓа до нас во вид на легенда за раѓањето на Александар Македонски, во 357 п.н.е. Како што запишал астрологот од 18 век, Ебенезер Сибли, астрологот Нектанебус бил присутен на чинот на раѓањето на Александар, и ја преколнувал мајка му да не го раѓа бебето додека тој не каже дека може. Нектанебус астролошки пресметал дека ако бебето се роди во одреден момент - ќе биде крал на светот, а како што знаеме, неговото залагање било успешно. Исто така се вели дека смртта на Александар била предвидена од астролозите во Вавилон.[6]

Во 280 година п.н.е., Берос, свештеник на Бел од Вавилон, отворил школа за астрологија на островот Кос, каде што било медицинското школо на Хипократ. Но, денес немаме никакви записи од активностите на хеленските астролози од тој период.

Хипарх (190-120 г. п.н.е.) често се споменува како „големиот татко на вистинската астрономија“. Тој ја открил прецесијата на рамноденица (движењето на летната точка низ соѕвездијата), чиј ефект било разделувањето на сидералниот од тропскиот зодијак. Хипарх е исто така познат како пронаоѓач на географската ширина и должина како координати за географското мерење, без кои ниедна денешна астролошка карта не би била можна.

Бројноста на астролошките текстови од тоа време необично се зголемила на сметка на астрономските, но ние денес речиси ништо не знаеме за астролозите од тоа време кои извршиле понатамошни унапредувања.

Астрологијата во Рим[уреди]

Кога Римјаните ја откриле астрологијата, тие веднаш ја вградиле во нивната религија, иако астролозите никогаш не биле многу популарни како авторитети. Традицијата вели дека во Рим астрологијата најпрво била воведена од роб, Антиохус, во 2 век п.н.е. Поврзаноста на астрологијата со исток, за Римјаните била доволна за да ги наречат сите астролози - халдејци.

Првиот латински писател што ја спомнува астрологијата е Ениус (239-169 п.н.е.), а неговиот став бил скептичен. Големиот оратор, Като, во 149 п.н.е. јавно предупредувал против консултирањето на „халдејците“, кои ги нарекол „опасно странско влијание“.[7]

Сепак, астрологијата била прифатена од водечките фигури во Рим. Марк Антониј и Октавијан Август имале свои астролози. Наредните императори ја отстранувале астрологијата до тој степен, што понекогаш ги убивале астролозите ако им даделе астролошки совет.

Првата значајна работа во римската астрологија е „Астрономика Манилиус“, составена околу 14 година од нашата ера во поетска форма, а првиот најуспешен астролог бил Трасилус, кого Тибериј го нашол на островот Родос и го поканил во својата вила за да му дава совети. Позната е приказната кога Тибериј (кој бил познат по тоа што ги фрлал астролозите од висока карпа доколку погрешеле) решил да го тестира астрологот Трасилус, со тоа што му рекол да ја каже својата сопствена иднина. Трасилус ја нацртал својата карта и вознемирено викнал дека врз глава му стои голема опасност. Импресиониран од дрскиот астролог, Тибериј го ангажирал како постојан астролог-советник до крајот на своето владеење.[8]

Најголема фигура на астрономијата и астрологијата на римскиот свет бил Клавдиј Птоломеј (роден 70 година од нашата ера), кој живеел во Александрија, Египет, тоа време во рамките на Римската Империја. Птоломеј ги имал на располагање сите книги од големата Александриска библиотека, која го содржела целото знаење на древниот свет. Астрономскиот текст на Птоломеј, „Алмагест“ (или Синтаксис на грчки) и иноваторската теорија за планетарното движење што ја пропагирал, имале долготрајно влијание, и биле основа на системот што го предлагал Коперник во 1543 година.

Современикот на Птоломеј, Ветиј Валенс (144-170 г.) држел своја школа и напишал прирачник за предавање астрологија, што ни укажува на можноста дека астрологијата била добар бизнис во источниот Медитеран.

Плотин (роден 203 година) е можеби последниот голем философ до паганскиот свет. Нему му се припишува основањето на неоплатонизмот, философија која повеќе од било која друга е философија на астрологијата.

Последниот голем астролог на римската ера бил Јулиј Фирмикус Матернус, кој живеел во првата половина од 4 век. Тој е забележан во историјата на астрологијата како преобратен христијанин. Неговата книга „Матезис“ е една од првите книги кои се откриени повторно и преведени во 10 век во Шпанија, дури и пред делата на Птоломеј.[9]

Наводи[уреди]

  1. David Pingree - From Astral Omens to Astrology from Babylon to Bikaner, Roma: Istituto Italiano per L'Africa e L'Oriente, 1997. Pg. 26.
  2. Хесиод: „Активности и денови“, превод на англиски - Самуел Батлер, Лондон, 1923, стр. 20.
  3. Николас Кампион: Вовед во историја на астрологијата, стр. 15.
  4. Николас Кампион: Вовед во историја на астрологијата, стр. 15-16.
  5. Николас Кампион: Вовед во историја на астрологијата, стр. 18
  6. Николас Кампион: Вовед во историја на астрологијата, стр. 23.
  7. Николас Кампион: Вовед во историја на астрологијата, стр. 32.
  8. Николас Кампион: Вовед во историја на астрологијата, стр. 33-34.
  9. Николас Кампион: Вовед во историја на астрологијата, стр. 36.

Види исто така[уреди]


Надворешни врски[уреди]