Хај-фај (филм)

Од Википедија — слободната енциклопедија
„Хај-фај“
Податотека:Haj-faj-film.jpg
РежисерВладимир Блажевски
СценаристГоран Стефановски
Главни улогиДанчо Чевревски
Вукосава Донева
Мето Јовановски
Фабијан Шоваговиќ
МузикаЉупчо Константинов
КинематографијаМишо Самоиловски
МонтажаПетар Марковиќ
Премиера1987
Времетраење102 минути
ЗемјаСФРЈ СФР Југославија
Јазикмакедонски

Хај-фај — македонски филм од 1987 година во режија на Владимир Блажевски, според сценариото на Горан Стефановски. Филмот е снимен врз истоимената театарска пиеса на Горан Стефановски. Филмот освоил неколку награди, како: годишната награда на „Екран“ за глумечко остварување (Данчо Чевревски), наградата „Кодак“ за фотографија (Мишо Самоиловски), на филмскиот фестивал во Ниш, големата повелба за главна машка улога (Фабијан Шоваговиќ) и две „Златни арени“ на Филмскиот фестивал во Пула.[1]

Содржина[уреди | уреди извор]

Преку фрагмент од животот на Борис и неговиот син Матеј, филмот зборува за судирот на генерациите, за создадениот јаз поради идеолошката обоеност која едниот ја има, а другиот не ја поседува или, пак, кај него се манифестира на друг начин, и низ поинаквото однесување во умеењето или неумеењето да се помине животот достојно за едно човечко битие... Политичкиот затвореник Борис, по неколкуте години минати во затвор, се враќа дома. Во станот во кој по разводот со жената живее сам, вселен е неговиот син Матеј. Синот е веќе возрасен човек кој се обидува да заработи и да се афирмира како музичар. Во станот е сместено импровизирано тонско студио. Начинот на кој живее Матеј, неговата врска со девојката Мира, луѓето со кои тој контактира не му се допаѓаат на Борис. Тој смета дека е тоа бесмислен живот, без планови и идеали.

За ваквата трансформација на синот тој ја обвинува поранешната сопруга која е успешна во професионалната кариера, но затоа нема авторитет пред синот и единственото што може да го направи е да ја обезбедува неговата материјална егзистенција. Уште еден неочекуван пораз го погодува Борис. Жената со која сака да го помине преостанатиот дел од животот, умира. Според него, сега единственото што може да го направи - е да го „врати“ синот на вистинскиот пат и да му покаже дека човек треба достојно да го минува времето што му е дадено. Борис се обидува да воспостави вистински релации во односите со синот, но не е умешен и тоа не му успева. Временската бариера во заедничкото живеење не се надминува лесно.

Она што му преостанува е да воведе суров режим во животот на синот. Ги прекинува сите негови контакти. Го врзува со лисици, а сите потреби и сета комуникација ја презема на себе. Според мислењето на Борис, сè што се случува е лично меѓу нив двајцата. Тој врши и вербална и физичка тортура врз синот, инсистирајќи тој да се согласи дека животот што го водел е залуден. Матеј не се согласува со ставот на таткото, но пасивниот отпор што го покажува го заплашува Борис. Нивните денови минуваат во играње шах и во пречукување на затворскиот дневник што Борис го водел секојдневно и без исклучок во затворот. Најпосле, Борис сепак го ослободува синот. Тие тргнуваат на пат кон родното село на таткото. Минуваат низ напуштени и руинирани села. Такво е и селото на Борис. За првпат Матеј влегува во куќата на своите прадедовци. Ноќ е. Борис талка низ селото, сето во урнатини. Доаѓа и до гробовите на предците. Соочен со пустошот, како да го доживува својот дефинитивен пораз. Се враќа во куќата како човек кој наеднаш го видел сиот свој залуден и со заблуди исполнет живот. Му вели на Матеј дека може да си оди. Матеј не го разбира. Спијат на подот во куќата. Утро е. Матеј, кој рано се разбудил, ја скратил косата и сака да го изненади таткото, покажувајќи му ја белината на неочекувано паднатиот снег. Тогаш, за првпат по многу години, веројатно уште од детството, го нарекува тате. Но, за Борис е предоцна. Неговиот живот завршува таму каде што и започнал. Матеј тешко ја прима вистината за заминувањето на таткото. Времето поминато заедно, и покрај трауматичноста на постапките зад кои се криеше татковата љубов и грижата за синот, не беше залудно. Овојпат, навистина сам, тој беспомошно талка низ селото.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]


Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Фестивал Охридско лето/ Ohrid Summer Festival 56, стр. 26-27.