Фредрик Џејмисон

Од Википедија, слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Фредрик Џејмисон
Западна философија
Философија на XX-XXI век
Цело име Фредрик Џејмисон
Роден 14 април 1934 (1934-04-14) (80 г.)
Кливленд, Охајо, САД
Школа марксизам
Главни интереси постмодернизам, модернизам, научна фантастика, утопија, историја, наратив, културологија, дијалектика, структурализам
Значајни идеи когнитивна картографија, национална алегорија, политичка несвесност

Фредрик Џејмисон (англ. Fredric Jameson, р. 14 април 1934) е американски книжевен критичар и теоретичар на марксизмот. Значајна е неговата анализа на современите трендови во културата — постмодернизмот го опишува како културна „спацијализација“ под влијание на глобално организираниот капитализам. Негови најзначајни дела се: „Постмодернизам: културната логика на доцниот капитализам“, „Политичкото несвесно“ и „Марксизам и форма“. Моментно работи како професор по книжевност и романски студии при универзитетот Дјук.

Живот и дело[уреди]

Џејмисоне роден во Кливленд, Охајо, САД. Непосредно по дипломирањето на колеџот Хејверфорд во 1954 г., патува во Европа каде се школува на универзитетите во Минхен и Берлин. Овде одблизу ќе се запознае со континенталната филозофија и зачетоците на структурализмот. Идната година се враќа во Америка и се запишува на докторски студии на универзитетот Јејл, каде студира под надзорот на Ерих Ауербах.

Рано творештво[уреди]

Ерих Ауербах ќе изврши длабоко влијание врз правецот во кој ќе се развива мислата на Џејмисон. Тоа е очигледно ако ја погледнеме Џејмисоновата докторска дисертација издадена во 1961 г. под наслов „Сартр: потеклото на еден стил“. Главно, она што го засега Ауербах е германската филологија; неговите дела (во кои како тема преовладува историјата на стилот) нудат анализа на книжевниите облици во контекст на општествената историја. Во раниот период од своето творештво Џејмисон го следи неговиот пример истражувајќи ги делата на Жан-Пол Сартр и неговите теории за поезијата, историјата, филологијата и филозофијата. Во фокусот на творештвото на Џејмисон е врската меѓу стилот на Сартр и политичко-етичките ставови во неговата егзистенцијалистичка филозофија. Тој не ги разгледува марксистичките аспекти во делата на Сартр темелно. Ним им се навраќа дури по една деценија. Џејмисоновата дисертација се надоврзува не само на европската културна традиција туку и на се подоминатните трендови на англо-американската наука (емпиризмот и логичкиот позитивизам во филозофијата и лингвистиката, како и новиот критички формализам во доменот на книжевната критика). Овој труд ќе му обезбеди професорска позиција на универзитетот Харвард, каде предава во првата половина на 1960-тите.

Истражување на марксизмот[уреди]

По истражувањето на делото на Сартр неговиот интерес почнува да гравитира кон книжевната теорија на марксизмот. Иако теоријата на Маркс е сè поактуелна во американската општествена наука (делумно ја популаризираат европските интелектуалци кои за време на Втората светска војна наоѓаат прибежиште во САД, еден од нив е и Теодор Адорно) во 1950-те и 1960-те години, книжевниот, како и критичкиот опус на западните марксисти е сè уште релативно непознат во редовите на американската наука.

Политичките врски со новата левица и пацифистите ќе го продлабочат неговиот интерес за марксизмот. Во центарот на неговите истражувања се мислители од доменот на критичката теорија од Франкфуртската школа или, пак, под нејзино влијание, како Кенет Берк, Ѓерг Лукач, Ернст Блох, Теодор Адорно, Валтер Бенјамин, Херберт Маркузе, Луј Алтисер и Жан-Пол Сартр, кои на културната критика гледаат како на интегрална карактеристика на марксистичката теорија. Овој став претставува оддалечување од потрадиционалниот марксизам-ленинизам, кој налага ограничена перспектива на историскиот материјализам. Џејмисон, исто како и Тери Иглтон и останатите теоретичари на марксизмот, се впушта во обид да ја искаже релевантноста на марксизмот во контекст на актуелните филозофски и книжевни трендови. Додека вулгарната марксистичка идеологија налага дека економската „основа“ е онаа која ја определува културната „надградба“, западните марксисти ја анализираат културата како историски и општествен феномен, како што се економското производство и дистрибуција, или односите на политичка моќ. Тие се држат до ставот дека културологија мора да се проучува преку Хегеловиот концепт за иманентна критика: теоријата според која сите описи и критики на еден филозофски или културен запис треба да бидат изведени во истиот дух во кој бил напишан текстот. На овој начин ќе се овозможи корекција на постојните грешки и слободен развој на интелектуалната мисла. Во своето рано творештво, Маркс става особен акцент на иманентната критика, која е изведена од новата дијалектичка мисла на Хегел, која според Џејмисон „сама ќе се истурка до врвот“.

Анализа на структурализмот[уреди]

Во исто време, Џејмисон ја изучува и тогашната главна алтернатива на марксистичката анализа, која полека се развива во Европа – структуралистичката теорија на лингвистиката и книжевноста. По префрлањето на Калифорнискиот универзитет во Сан Диего во 1967 г. ги издава „Марксизам и форма: дијалектички книжевни теории на 20-от век“ (1971) и „Занданата на јазикот: критички осврт на структурализмот и рускиот формализам“ (1972). И во двете дела тој ги разгледува својствата на популарните книжевни и академски трендови кои водат кон оддалечување од реалноста. Џејмисон го критикува целосното изделување на уметничкото дело од контекстот на неговото настанување преку хуманистичкото величање на уметнокот, како и анти-историскиот формализам изведен од ограничувачката интерпретација на структуралистичкиот метод. Тој вели дека овие два методи никогаш нема да доведат до разбирање на клучните елементи за создавање и интерпретација на модерната уметност. Тој додава, како и во претходните дела, дека културолошките објекти мора да се разберат според културолошки правила; тој тврди дека една прецизна и детална анализа на културолошките методи би открила дека коренот на уметноста и културата лежи во економската реалност. Во текот на1970-те години, творештвото на Џејмисон продолжува да се развива во истата насока. Неговите дела претставуваат повеќеслојни проценки на книжевни текстови, вклучувајќи и жанрови и современи автори кои биле речиси запоставени во академското поле, почнувајќи од научната фантастика па сè до Рејмонд Чендлер. Тој нуди и теоретски дискусии на тема идеологија, модернизам и книжевна историја.

Нарација и историја[уреди]

Историјата игра мошне важна улога во Џејмисоновата интерпретација на процесот на творење (пишување) и восприемање (читање) на книжевните текстови. Неговото безрезервно залагање за хегеловско-марксистичка филозофија ќе дојде до израз во делото „Политичкото несвесно: нарацијата како општествено симболичен акт“, во која не’ воведува со слоганот: „Секогаш историзирај“ (1981). Политичкото несвесно за свој предмет не го зема самиот книжевен текст, туку рамките во кои е сместен. Делото претставува вистински манифест за иновативниот пристап кон анализата на книжевните текстови. Делото расправа дека историјата е „универзалниот хоризонт“ на книжевната и културолошката анализа. Делото во голема мера им должи на структуралистичката традиција и културолошките студии на Рејмонд Вилијамс. Во центарот на анализата е марксистичка перспектива на трудот (физичкиот, како и интелектуалниот). Џејмисон ги изложува формалните како и тематските аспекти во делото на еден автор, како и несвесната рамка која ги предводи овие два аспекта. Овие аспекти, досега набљудувани строго естетски, овој пат се набљудуваат во контекстот на историската книжевна практика, во обид да се дојде до систематски увид во потенцијалните пречки кои би се испречиле пред авторот како индивидуален субјект кој твори. Оваа мета-забелешка ја продлабочува со воведување на поимот „идеологема“, или „најмалата разбирлива единица на антагонистичките колективни дискурси на социјалните класи.“ Неговото тврдење дека историјата е централен фактор во анализата ја дополнува со уште едно смела теоретска теза. Џејмисон тврди дека неговото дело е првото кое ја поставува идејата за марксистичката книжевна критика врз темелите на процесот на творење на едно уметничко дело како опсежна и детално-изработена теоретска рамка за разбирање на книжевноста. Тезите изложени во ова дело ќе послужат како основа за друго негово познато дело.

Критика на постмодернизмот[уреди]

Делото „Постмодернизам, или културна логика на доцниот капитализам“ за прв пат се објавува во списанието „Њу лефт ривју“во 1984 г., во време кога Џејмисон работи како професор по книжевност и историја на свеста при Калифорнискиот универзитет во Санта Круз. Овој контроверзен напис, којшто во 1991 година ќе го развие во книга, претставува само дел од низа анализи на постмодернизмот од дијалектичката гледна точка, којашто Џејмисон ја прифаќа во своето рано творештво. Овде тој теоретизира дека постмодернистичкиот „скептицизам кон мета-нарацијата“ претставува „вид искуство“ кое влече корени од интелектуалниот труд кој беше наложен од доцниот капиталистички систем на производство. Според постмодернистите, фундационалистичката теорија и резултирачката релативизација на вистината ќе и стави крај на поделбата на „сфери“ или полиња на живеење (како што се политичкото, општественото, културолошкото, комерцијалното, итн.) како и поделбата на класи и улоги во рамките на секое засебно поле. Џејмисон им противречи на постмодернистите. Тој вели дека постоела можност овие феномени да бидат соодветно образложени и сфатени во модерни рамки; неспособноста на постмодернистите да ги сфатат е она што доведува до расцеп во дијалектичката мисла. Оттука, постмодернистичкото соединување на сите типови дискурси во една недиференцирана целина е резултат на колонизацијата на културолошката сфера, која пред периодот на модернизмот ја зачувува делумната автономност од страна на ново-организиран корпоративен капитализам. По примерите на Адорно и Хоркхајмер, тој го разгледува овој феномен во форма на критички расправи посветени на архитектурата, филмот, наративните методи и ликовната уметност, како и филозофијата. Најзначајни се тезите на Џејмисон дека клучните одлики на постмодернизмот се пастишот и кризата од историски карактер. Според Џејмисон, пародијата (која секогаш изискува морална поука и паралела со општествените норми) била заменета со пастишот (колаж и други типови на спротивност без нормативна основа). Џејмисон се надоврзува дека постмодернизмот исто така трпи и од историски аспект: „Се чини дека веќе не постои никаква врска меѓу американската историја прикажана во учебниците и написите во весниците, како и искуствата на кои не’ учи секојдневниот живот“ (22). Џејмисонго анализира постмодернизмот главно од историска гледна точка; тој отфрла каква било морална опозиција на постмодернизмот како културен феномен и продолжува да се залага за хегеловската иманентна критика. Неговиот обид да го занемари постмодернизмот се толкува како имплицитно прифаќање на постмодернистичките перспективи.

Скорешно творештво[уреди]

Во подоцнежното творештво тој покажува дека постмодернизмот е сосема неприфатлив; но и покрај тоа, тој постмодернистичките автори не ги отфрла туку така, туку најпрвин ги разгледува од дијалектички аспект. Современа теоретска рамка за својата марксистичката дијалектика тој наоѓа кај Адорно, додека критиките насочени кон постмодернистите ги потпира на истражувањата на Даглас Келнер. Во 1989 година објавува статија под наслов „Постмодернизам/Џејмисон, критика“ која подоцна ја проширува во книга со наслов „Постмодернизам, или, културната логика на доцниот капитализам“ објавена во 1991 година (види, Ернест Мендел). За ова дело ќе му биде доделена награда од Асоцијацијата за современи јазици. Во текот на 1990-те години Џејмисон ја доразвива својата теорија во „Семиња на времето“ издадена 1994 година за време на своите предавања во Библиотеката Велек на Калифорнискиот универзитет, како и во „Брехт и метод“ објавена 1998 година. Последното дело претставува анализа на политичката и општествената ситуација за време на владеењето на Брехт. Скорешно објавени дела на Џејмисон се „Археологии на иднината“, студија на тема утопија и научна фантастика (теми кои ги начнува на предавањата на Универзитетот Монаш во Мелбурн, Австралија, во декември, 2005 година); „Модернистички записи“ објавена 2007 година (збирка есеи посветени на модернизмот) и „Валенции на дијалектиката“ објавена 2009 година, во која им реплицира на Славој Жижек, Жил Делез и многу останати модерни филозофи. „Хегеловите варијации“, каде ја коментира Хегеловата „Феноменологија на духот“, наскоро ќе биде објавена од страна на издавачот „Версо“и „Претставување на капиталот – прв дел“, кое ја анализира Марксовата книга „Капитал“. Во 2007 година Јан Бјукенан објавува краток преглед на опусот на Џејмисон под наслов „Фредерик Џејмисон: жива теорија“. Меѓународна меморијална награда „Холберг“ На 16 септември 2008 година беше објавено дека Меѓународната меморијална награда „Холберг“ за 2008 година ќе му припадне на Фредерик Џејмисон. Наградата изнесува 4.6 милиони норвешки круни (648,000 американски долари). Му беше доделена од страна на Тора Асланд, норвешката министерка за образование на 26 ноември 2008 година во Берген, Норвешка.

Влијание во Кина[уреди]

Џејмисон ќе изврши огромно влијание врз развојот на постмодерната теоретска мисла во Кина. Во средината на 80-те години, непосредно по културолошката треска (почетокот на 1985 година до 4 јуни 1989 година)—период во кој во редовите на кинеската интелигенција се разгорува интересот за западните теории—Џејмисон својот концепт за постмодернизам го разложува во неколку наврати на своите предавања на Пекингшкиот универзитет и ново-етаблираниот универзитет Шенжен. Неговите предавања, иако навидум безначајни во тогашната културолошка „бура“, си го наоѓаат својот пат: идеите на Џејмисон изложени во Пекинг ќе остават свој печат врз размислите на дел од студентите. Меѓу нив се Жанг Јиву и Жанг Шудонг, млади, надежни научници чии дела ќе одиграат значајна улога во обликувањето на постмодернистичката мисла во Кина. Покрај неговите влијателни предавања, значајна за постмодернизмот во Кина е 1987 година, кога неговата „Постмодернизам и културолошки теории“ (на едноставен кинески: 后现代主义与文化理论), станува достапна за јавноста со превод на кинески на Танг Шаобинг. Иако кинеските интелектуалци сериозно се зафаќаат со постмодернизмот дури во деведесеттите, ова дело претставува стожер; како што ќе забележи научникот Венг Нинг, неговото влијание врз кинеската мисла е од суштинска важност. Се смета дека популарноста на овој научен текст во голема мера се должи на едноставниот стил на кој е напишан, како и поради тоа што пристапот на Џејмисон може да се толкува и како пофалба и како критика на кинескиот постмодернизам. Ванг Чаохуа вели дека делото на Џејмисон на ова поднебје во најголемиот дел од случаите се користело за пофалби, со што некои од заклучоците на филозофот не биле сфатени онака како што филозофот имал намера да бидат сфатени: Острата критика која Џејмисон ја изрекува за постмодернизмот, дефинирајќи го како „културна логика на доцниот капитализам“, е занемарена и наместо неа во центарот испливува речиси ентузијастичкото прифаќање на масовната култура која [мала група кинески критичари] ја дефинира како нов простор на популарната слобода. Овие критичари, интелектуалци и самопрогласени носители на модернизмот се шокирани од ненадејната неможност да воспостават ред во новото постмодерно потрошувачко општество, во страв и паника нафрлајќи фрази од типот на „Кихотовска хистерија“,откако стануваат свесни за она што го бараат во осумдесеттите. Дебатата околу постмодернизмот го достигнува својот врв во периодот 1994-1997 година. Ја предводат кинеските интелектуалци и од внатрешноста и оние во дијаспората; особено значајни се придонесите на Жао Јихенг од Лондон, Шу Бен од САД и Жанг Шудонг, исто така од САД, кој својот докторат го работи под раководството на Џејмисон на универзитетот Дјук.