Фич

Од Википедија — слободната енциклопедија
Fitch Ratings Inc.
ДејностФинансиски услуги
Основано24 декември 1913 година
ОсновачЏон Ноулс Фич (John Knowles Fitch)
Седиште
Клучни личности
Пол Тејлор (Paul Taylor) - Претседател
Мреж. местоfitchratings.com

Фич (англиски: Fitch) е мултинационална групација, која обезбедува финансиски информативни услуги. Групацијата „Фич“ дејствува во над 30 земји. Таа е составена од неколку компании, кои се занимаваат со собирање, анализа и дисеминација на финансиски информации, како и со анализа на ризиците. Најпознат дел од групацијата е компанијата „Фич рејтингс“, која е една од водечките меѓународни агенции за кредитен рејтинг.

Структура на групацијата „Фич“[уреди | уреди извор]

Групацијата „Фич“ е во заедничка сопственост на „Fimalac“, со седиште во Париз и „Hearst Corporation“, со седиште во Њујорк. Taa е составена од неколку компании:[1]

  • Fitch Ratings - компанија за кредитен рејтинг и истражување,
  • Fitch Solutions – компанија за информации за кредитниот пазар, аналитички алатки и услуги поврзани со ризикот,
  • Fitch Learning – компанија за информации и развојни решенија за глобалната индустрија на финансиски услуги, и
  • Business Monitor International - компанија за информации за ризикот на земјата и индустријата.

Историја[уреди | уреди извор]

Групацијата „Фич“ е во заедничка сопственост на „Fimalac“, со седиште во Париз и „Hearst Corporation“, со седиште во Њујорк. На 12 април 2012 година, „Hearst Corporation“ го зголемил нивниот удел во „Fitch Group“ до 50%. Претходно, „Hearst Corporation“ учествувала со 40% од акциите на компанијата, додека „Fimalac“ бил мнозински сопственик со 60% од акциите. За продажбата на акциите, „Fimalac“ примил 177 милиони долари, односно 135 милиони евра од „Hearst Corporation“. „Фич“ има двојно седиште: во Њујорк и во Лондон.[2] „Фич“ била една од трите национално признати рејтинг организации (NRSRO), признаени од страна на американската Комисија за хартии од вредност во 1975 година, заедно со „Мудис“ и „Стандард и Пурс“, а овие три агенции се познати како „три големи кредитни рејтинг агенции“.

Фирмата е основана од страна на Џон Ноулс Фич (John Knowles Fitch), на 24 декември 1913 година, во Њујорк, под името „Fitch Publishing Company“. Во декември 1997 година, оваа компанија се споила со „IBCA Limited“. Во 2000 година, „Фич“ ги презел фирмите „Duff & Phelps Credit Rating Co.“ и „Thomson Financial Bankwatch“.

„Фич рејтингс (Fitch ratings)“ е најмалата од „големите три“ национално признати статистички рејтинг агенции, покривајќи помал дел од пазарот во споредба со „Стандард и Пурс“ и „Мудис“. Во септември 2011 година, „Фич груп (Fitch Group)“ ја објавил продажбата на „Algorithmics“ (софтвер за анализирање на ризикот) на „ИБМ (IBM)“ за 387 милиони долари. Договорот бил реализиран на 21 октомври 2011 година.

Менаџмент[уреди | уреди извор]

Organisational structure of Fitch

Врвниот менаџмент на групацијата „Фич“ го сочинуваат:

  • Пол Тејлор (Paul Taylor) - претседател и главен извршен директор на групацијата, назначен во април 2012 година. Исто така, тој е претседател и главен извршен директор на „Фич рејтингс“ (од јануари 2010 година).
  • Чарлс Браун (Charles D. Brown) - извршен потпретседател и секретар, одговорен за светските правни и регулаторни работи и за управување на правното одделение. Тој, исто така е член на Извршниот комитет на „Фич“.
  • Роберт Харпел (Robert Harpel) - главен директор за технологија. Во оваа улога, тој го надгледува глобалната технолошка инфраструктура и развојот на апликации.
  • Ијан Линел (Ian Linnell) - глобален аналитички раководител на „Фич рејтингс“ (од 2012 година), кој го надгледува рејтингот и истражувањето за сите сектори, вклучувајќи ги и корпоративните финансии, финансиските институции, структурираните финансии, јавните финансии на САД и глобалната инфраструктура. Тој е, исто така, одговорен за глобални операции на групацијата.
  • Теодор Нидермаер (Theodore E. Niedermayer) - извршен потпретседател и главен финансиски директор на групацијата (од јуни 2014 година).
  • Џон Олерт (John Olert) - главен кредитен референт (од јануари 2010 година), кој е одговорен за рејтингот, обезбедување квалитет, обезбедување информации за пазарот и истражување.
  • Марк Олин (Mark Oline) - глобален шеф за деловни односи на „Фич рејтингс“, одговорен за комерцијалните деловни операции, комуникациската и истражувачката стратегиска функција.

Скала на кредитниот рејтинг[уреди | уреди извор]

„Фич“ дава мислење за релативната способност на субјектот да ги исполни финансиските обврски, како камати, дивиденди, отплата на главницата, барања за осигурување или договорна обврска итн. Кредитниот рејтинг се користи од страна на инвеститорите како индикатор кој ја покажува веројатноста за враќање на заемот во согласност со пропишаните услови во договорот. Кредитните рејтинзи на оваа агенцијата го покриваат спектарот на корпорациите, финансиски, банкарски, осигурителни, општински и другите јавни финансиски субјекти, како и хартиите од вредност или другите обврски кои ги издаваат. Со текот на времето, за да се опише некоја од категориите од „ААА“ до „BBB“(позитивна инвестициска оценка) и од „BB“ до „D“ (спекулативна оценка), започнале да се користат изразите „инвестициска оценка“ и „спекулативна оценка“.

Инвестициската оценка покажува релативно ниско до умерено ниво на ризик, додека спекулативната оценка покажува високо ниво на ризик. Ознаката „не е оценет (NR)“ се користи за означување на хартии од вредност, за кои „Фич“ има оценето дел од хартиите од вредност, но не сите кои го сочинуваат капиталот.

Кредитниот рејтинг го одразува нивото на кредитен ризик, а не го одразува пазарниот ризик, промената на каматните стапки, ликвидноста итн. Сепак, треба да се земе предвид фактот дека случувањата на пазарот имаат влијание на способноста на должникот да си ја исполни својата обврска. Значењето на одделните оценки што ги користи „Фич“ е следното:

  • ААА – најдобар кредитен квалитет - означува најниско очекувано ниво на ризик. Оваа оценка се доделува само во случаи на исклучително силен капацитет за исплаќање на финансиските обврски. Овој капацитет не е зависен на предвидливите настани.
  • АА – многу висок кредитен квалитет - многу ниско очекувано ниво на ризик. Овие фирми покажуваат многу силен капацитет за исплата на финансиските обврски. Овој капацитет не е значително подложен на предвидливите настани.
  • А - Висок кредитен квалитет - ниско ниво на очекуван ризик, т.е. силен капацитет за плаќање на финансиските обврски. Овој капацитет може, сепак, да биде повеќе ранлив на несакани деловни или економски услови, отколку што е случај со повисокиот рејтинг.
  • 'BB - Добар кредитен квалитет - укажува дека очекувањата за стандарден ризик во моментот се на ниско ниво. Капацитетот за исплата на финансиските обврски се смета за соодветен, но негативните деловни или економски услови се со поголема веројатност да го нарушат капацитетот.
  • BB – Шпекулативни - зголемен ризик од неисполнување на обврските поголема ранливост, особено во случај на негативни промени во деловните или економските услови со текот на времето. Сепак, постои деловна или финансиска флексибилност и има можнот за сервисирање на финансиските обврски.
  • B - Мошне шпекулативни - ризикот е присутен, но во ограничена мерка, т.е. сигурноста во наплатата на заемот останува. Финансиските обврски во моментот се исполнети, меѓутоа капацитетот за продолжување на плаќање е подложен на промените на деловната и економската средина.
  • CCC – Значителен кредитен ризик - должниците со овој кредитен рејтинг се ранливи и зависни од економските услови.
  • CC – Високо ниво на кредитен ризик - високо ранливи, многу шпекулативни обврзници.
  • C – Премногу високо ниво на кредитен ризик - класифицираните во оваа група се можеби во стечај или долгови, но сепак продолжуваат со исполнување на нивните обврски. Економските услови, како и деловните услови имаат големо влијание врз нив.
  • RD – Ограничена ризичност - укажува на претходно неисполнување на обврските, но сè уште фирмата не е влезена во ликвидација или стечај.
  • D - Ризични - „Фич“ смета дека компанијата ќе влезе во постапка на стечај или ликвидација.

Долгорочен кредитен рејтинг[уреди | уреди извор]

Долгорочните рејтинзи на „Фич“ се претставени според азбучна скала од „AAA“ до „D“. Тие за првпат биле претставени во 1924 година, а подоцна биле приспоосбени и лиценцирани од „Стандард и Пурс (Standard & Poor's)“. Кредитната агенција „Мудис (Moody's)“ користи слична скала за рејтинг, но разликата е во тоа што категориите се поинаку именувани. За подобро прикажување на оценката, „Фич“ ги користи и знаците +/- за секоја категорија помеѓу „АA“ и „CCC“, како на пример: АА+, AA, AA-, A+, A, A-, BBB+, BBB, BBB- итн.[3]

„Фич“ „препорачува инвестирање“, доколку оценката на фирмата е една од следниве:

  • ААА – најдобри компании, доверливи и стабилни
  • АА –добри компании, малку поголем ризик од ААА
  • А – економската состојба може да има влијание на финансиите
  • BBB – компании од средна класа, кои се поволни во моментот.

„Фич“ ги смета за „спекулативни“ оние фирми кои се оценети со некоја од следниве оценки:

  • BB – повеќе се осетливи на промените во економијата
  • B – постојат значителни разлики во финансиската состојба
  • CCC – во моментот се ранливи и зависни од економските услови при исполнување на своите обврски
  • CC – високо ранливи, многу спекулативни обврзници
  • C – високо ранливи, можеби во стечај или долгови, но сепак продолжува да ги исплаќа обврските
  • D – има неисполнување на обврските и „Фич“ верува дека тоа се однесува на сите обврски
  • NR – не се јавно вреднувани

Краткорочен кредитен рејтинг[уреди | уреди извор]

Краткорочниот кредитен рејтинг го покажува потенцијалниот ризик за период од 12 месеци. Притоа, тој се означува со следниве симболи:[4]

  • F1+ - оценка за најдобар квалитет, укажува на исклучително силен капацитет на должникот за сервисирање на долгот.
  • F1 – оценка за висок квалитет, укажува на силен капацитет на должникот за сервисирање на долгот.
  • F2 – оценка за добар квалитет, укажува на задоволителен капацитет на должникот за сервисирање на долгот.
  • F3 – укажува на соодветен капацитет на должникот за сервисирање на долгот, но неповолни економски услови, во блиска иднина би можеле да влијаат на способноста на должникот за исплата на долгот.
  • B – оценка од спекулативна природа и минимален капацитет за исплата на долгот кој е подлежен на промените од економска и финансиска природа.
  • C – ризикот е висок и капацитетот за исплата на долгот е подлежен на економските и финансиските промени.
  • D – должникот не може да си ги исполни обврските.

Статистика и матрици на транзиција[уреди | уреди извор]

Во 2014 година, „Фич“ ги објавил просечните кумулативни стапки на неисполнување на обврските на должниците кои имаат кредитен рејтинг од оваа агенција, за периодот 1995-2014 година. Притоа, во временски хоризонт од една година, 1,72% од должниците со рејтинг од „ВВ+“ не ги исполниле своите обврски, а овој процент изнесувал 1,61% за должниците со рејтинг од „В-“ и дури 26,1% за оние со рејтинг од „ССС“ и пониско. Во временски хоризонт од три години, 1,96% од должниците со рејтинг од „ВВВ+“ не ги исполниле обврските, а овие проценти се движеле од 4,41% за рејтингот „ВВ“ до 26,32% за рејтингот „ССС“ или пониско. Во временскиот хоризонт од пет години, просечната стапка на неисполнување на обврските за сите рангирани должници изнесувала 2,56%, но таа била повисока кај должниците со рејтинг „ВВ“ (6,35%), со „В-“ (9,62%) и „ССС“ или пониско (27,8%).[5]

Методологија на Фич за пресметка на кредитниот рејтинг на банките[уреди | уреди извор]

Поединечен кредитен рејтинг[уреди | уреди извор]

Поединечниот кредитен рејтинг ја мери самостојната кредитна способност банката, т.е. веројатноста да не ги подмири своите обврски кон доверителите. При назначувањето на поединечниот кредитен рејтинг, Фич прави поделба на „обична поддршка“, од која банката има корист во вообичаениот тек на работење и „вонредна поддршка“, која се доделува на банка со неуспешно работење или банка што пропаѓа, со цел враќање на нејзината способност за одржливост. „Фич“ им доделува поединечен кредитен рејтинг на комерцијалните банки и на банкарски холдинг-компании, но не им се доделува на развојните банки. При одредување на поединечниот кредитен рејтинг, моделот на „Фич“ анализира пет фактори:[6]

  • Работната околина на банката. При проценување на работната околина како фактор за одредување на поединечниот кредитен рејтинг на банката, се зема предвид влијанието на следниве фактори: кредитниот рејтинг на земјата во која се наоѓа испитуваната банка, економската околина, нивото на развој на финансиските пазари и регулативната рамка.
  • Профилот на банката. При анализирање на профилот на банката се земаат предвид следниве фактори. Франшизата, бизнис-моделот и организациската структура.
  • Менаџментот и стратегијата за работење. Методологијата на „Фич“ ја анализира стратегијата на менаџментот на банката преку проценување на следниве потфактори: квалитетот на менаџментот, корпоративното управување, стратегиските цели и спроведувањето на стратегијата.
  • Големината на ризикот што го презема. Проценувањето на нивото до кое банката е подготвена да преземе ризик, го вклучува и влијанието на следниве потфактори: пропишаните стандарди, контролата на ризикот, растежот и пазарниот ризик.
  • Финансискиот профил на банката. При анализирање на финансискиот профил на банката, „Фич“ го проценува влијанието на следниве потфактори: квалитет на средствата, профитабилност, капитализација и левериџ, извори на финансирање и ликвидност.

Понатаму, методологијата на „Фич“ ја анализира и можноста за доделување финансиска помош на банката, во случај таа да се најде во сериозни финансиски тешкотии. При анализирање на способноста на државата да даде финансиска помош на една банка или целиот банкарски сектор, освен големината на кредитниот рејтинг за државата во која се наоѓа банката, ги зема предвид и следните фактори:[6]

  • Големина на банкарскиот систем во кој се наоѓа банката;
  • Големина на потенцијалниот проблем со кој се соочува банката;
  • Структура на банкарскиот систем во кој се наоѓа банката;
  • Структура на вкупните обврски на банкарскиот систем;
  • Финансиска флексибилност на државата.

Исто така, „Фич“ ја испитува и институционалната помош што би ја добила банката од банката-родител при што ги зема предвид следниве фактори:[6]

  • Долгорочниот поединечен кредитен рејтинг на банката-родител;
  • Рејтингот за одржливост на банката-родител;
  • Регулативната рамка на банката-родител или групацијата;
  • Релативната големина на подружниците;
  • Нивото на заедничкиот кредитен рејтинг.

Кога се испитува способноста на банката-родител или на групацијата за доделување финансиска помош, „Фич“ ги проценува следниве фактори:[6]

  • Улогата на подружницата како дел од групација;
  • Веројатноста за потенцијално ослободување / продавање на подружницата;
  • Големината и формата на импликациите за пропаѓањето на банката;
  • Нивото на интеграција;
  • Правната рамка;
  • Сопственоста;
  • Историските податоци за доделување на финансиската помош;
  • Ефикасноста и перспективата во работењето на подружницата;
  • Брендирањето;
  • Правните обврски;
  • Клаузулите за прекршување на правилата;
  • Нивото на поединечниот кредитен рејтинг на банката за банката-родител;
  • Рејтинзите за експозитурите;
  • Поддршката од другите банки;
  • Релативната големина и улога во групата;
  • Импликациите за пропаѓање на подружницата.

Кредитен рејтинг за поддршка[уреди | уреди извор]

„Фич“ врши процена на нивото на „кредитниот рејтинг за поддршка“ што би го добила банката, вообичаено од државата, како и потенцијалната поддршка од меѓународните владини институции, но овој кредитен рејтинг не го опфаќа потенцијалот за институционалната поддршка од акционерите на испитуваната банка. Кредитниот рејтинг за поддршка може да има вредност од еден до пет при што со еден се означува екстремно големата веројатност за добивање помош, а со пет се означува нивото во кое банката нема пристап до помош. Стандардниот кредитен рејтинг ја означува процената на веројатноста банката да не ги подмири своите обврски кон доверителите. Стандардниот кредитен рејтинг на долг рок се доделува посебно за обврските на банката во странска валута и во локална валута. Тоа се прави кога „Фич“ смета дека постои значајна разлика во ризикот за неплаќање на обврските во различни валути или кога одредувањето на стандардниот кредитен рејтинг за локалната валута е неопходно со цел да се добие кредит рејтинг за земјата во која се наоѓа банката.[6]

Стандарден кредитен рејтинг[уреди | уреди извор]

Методологијата на „Фич“ за додлеување на стандардниот кредитен рејтинг на долг рок го користи пристапот на доделување поголема вредност. Агенцијата најпрвин го одредува стандардниот кредитен рејтинг на долг рок, проценет само врз основа на самостојната финансиска сила на банката, која е пресметана преку самостојниот кредитен рејтинг или, пак, анализирајќи ја нејзината финансиска сила само преку големината на помошта што ја добива (државна или институционална), прикажана преку големината на кредитниот рејтинг за поддршка на банката. Потоа, „Фич“ најчесто ја зема поголемата вредност од овие два кредитни рејтинга за банката и го одредува нивото за стандардниот кредитен рејтинг на долг рок.[6]

Краткорочниот стандарден кредитен рејтинг го претставува кредитниот рејтинг на банката на краток рок, односно ја одразува веројатноста за неисполнување на обврските кон доверителите на краток рок (вообичаено, до 13 месеци). За секоја банка за која има стандарден кредитен рејтинг на долг рок се издава и стандарден кредитен рејтинг на краток рок. Краткорочниот самостоен кредитен рејтинг вообичаено се одредува врз основа на ликвидноста на банката. Во случај кога долгорочниот самостоен кредитен рејтинг е пресметан само врз анализа на поддршката што ја добива банката во обезбедување на финансиите за нејзиното работење, при постоење на две различни нивоа на краткорочен самостоен кредитен рејтинг, се доделува пониското ниво на банката.[6]

Критика[уреди | уреди извор]

Агенциите за кредитен рејтинг, меѓу кои и „Фич“, се постојано подлежни на критики. Постојат примери за инвеститори кои изгубиле голема сума на пари и покрај тоа што својот капитал го инвестирале во компании кои „Фич“ ги оценил со ААА, односно со највисока позитивна оценка која иницира на многу ниско ниво на ризик. Сепак, за разлика од другите агенции, „Фич“ го предупредува пазарот за можностите за сервисирање на долговите преку изготвување на ран и предкризен извештај.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Fich Ratings
  2. Sale of 10% of Fitch Group to Hearst
  3. Фич, Долгорочен кредитен рејтинг
  4. Фич, Краткорочен кредитен рејтинг
  5. Игор Давков, „ВВ со негативна тенденција...“, Економија и бизнис, година 18, број 220, октомври 2016, стр. 30-33.
  6. 6,0 6,1 6,2 6,3 6,4 6,5 6,6 Fitch (2016), „Global Bank Rating Criteria“.