Филм ноар

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Филм ноар или таканаречената Црна серија е стилистички пристап на жанровските филмови обликувани за време на Големата депресија, детективски и гангстерски филмови и валкани детективски приказни какви што се среќаваат во евтините и прозаични романи. Филм ноар е во голема мера жанр базиран на натурализам, литературно движење базирано на реализам. Жанрот го добива името од францускиот збор noire, што во превод значи црн па оттаму и називот Црна Серија. Всушност на името кумувал францускиот обичај да се именува одредена серија романи според бојата на нивните корици. Во овој случај станува збор за серијата валкани детективски романи наречена „Série Noire“. Првата примена на поимот за обележување на еден филм му се припишува на францускиот критичар Нино Франк.

Филмовите од овој жанр се претежно црно-бели и се снимени во САД. За прв вистински филм ноар обично се смета Малтешкиот сокол (1941), а за последен Допир на злото (1958). Овие филмови обично се нискобуџетни и без ѕвезди, превртувајќи ја холивудската естетика на глава. Така, наместо да шират позитивна порака, филмовите претставуваат морално дискутабилни драми исполнети со нихилизам и цинизам, снимени со изразено chiaroscuro и во урбани средини. Наместо јасни херои, главните ликови обично имаат недостатоци од морална природа, споредните ликови се изразено дводимензионални додека учеството на т.н. femme fatale е карактеристично за овој жанр.

Откако популарноста на жанрот расте, големите студија позајмуваат некои од неговите стилски средства. Така, од ‘60-те преку филмовите на режисери како Сем Пекимпау и филмовите на браќата Џоел и Етан Коен, па сѐ до до ден денес ноарот постојано се јавува како влијание во помалку или повеќе изразена форма. За пример, целото сајберпанк движење, како и клучниот филм за ова движење Блејд Ранер (1982), го позајмуваат длабоко песимистичкиот светоглед како и клишеата на гангстерските филмови.

Види исто така[уреди]