Филипсова крива

Од Википедија, слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Филипсовата крива (англиски: Phillips curve) претставува математички и графички приказ на врската меѓу стапката на инфлација и стапката на невработеност. Таа е наречена според британскиот економист од новозеландско потекло А.В.Филипс (A.W.Phillips), кој во 1958 г. објавил емпириска студија за врската меѓу промените на номиналните плати и стапката на невработеност во Британија во периодот 1861-1957 г. Оваа студија го означила почетокот на еден од најпознатите концепти во макроекономијата.[1]

Дефинирање на Филипсовата крива[уреди]

Филипсовата врска ја претставува негативната врска меѓу стапката на инфлација и стапката на невработеност, набљудувано на кус рок. Таа вообичаено се прикажува како крива линија со негативен (опаѓачки) наклон. Опаѓачкиот наклон ја покажува негативната врска меѓу инфлацијата и невработеноста, т.е. со зголемување на невработеноста се намалува инфлацијата и обратно, пониската невработеност е придружена со повисока инфлација. Кривата линија, пак, покажува дека врската меѓу инфлацијата и невработеноста не е линеарна, т.е. ефектите на инфлацијата врз невработеноста се асиметрични: најпрвин, промената на невработеноста има големи ефекти врз инфлацијата, додека над одредена стапка на невработеност, промената на невработеноста има мало влијание врз инфлацијата.

Филипсовата крива може да се претстави преку следново равенство:  \pi = - \alpha\, ( u - u*), \alpha\ > 0,

каде што: π е стапката на инфлација, u е тековната невработеност, а u* е рамнотежната невработеност.

Теоретска подлога на Филипсовата крива[уреди]

Оригиналната Филипсова крива претставувала чисто емпириски факт, т.е. Филипс не дал никакво теоретско објаснување на негативната врска меѓу инфлацијата и невработеноста. Оттука, главниот предизвик на макроекономијата кон крајот на 1960-тите бил да се изнајде теоретска основа на Филипсовата крива. Притоа, одговорот на ова прашање најчесто се поврзува со информациските проблеми со кои се соочуваат работниците и фирмите.

Според една теорија, невработените и работниците имаат нецелосни информации во поглед на платите во одделните сектори на економијата. Имено, работниците од едни сектори немаат потполни информации за платите во другите сектори, ниту пак невработените имаат такви информации. Оттука, при повисока инфлација, работниците погрешно го сфаќаат општиот пораст на платите како релативен пораст на својата плата во споредба со платите во другите сектори и затоа, тие не бараат нова работа, со што опаѓа невработеноста. Во исто време, невработените го поистоветуваат порастот на платите во целата економија со порастот на платите во матичната индустрија. Затоа, тие веднаш ја прифаќаат понудената работа, погрешно мислејќи дека е подобро платена во споредба со другите сектори и така опаѓа невработеноста.

Слично објаснување нудат и моделите во кои работниците не ја прифаќаат секоја понудена плата, бидејќи со тоа ја губат можноста да се вработат по некоја повисока плата што може да им се укаже во некој иден момент. Оттука, работниците ја поставуваат својата посакувана плата на доволно високо ниво, така што прифаќаат да бидат невработени некое време. Но, ако под дејство на агрегатната побарувачка, порасне општото ниво на платите, тогаш работниците ќе ја прифатат првата повеќе платена работа, со што ќе се намали невработеноста. Но, подоцна, тие ќе го воочат општиот пораст на платите и ќе ја зголемат својата барана плата, па невработеноста повторно ќе се врати назад.

Според друга теорија, работниците очекуваат одредено нормално, рамнотежно ниво на цените и платите во иднина. Ако тековните цени и плати се повисоки од тоа ниво, работниците ќе нудат повеќе труд. Имено, заради денешното повисоко ниво на платите, на работниците им се исплатува да работат повеќе на сметка на слободното време. Наспроти тоа, во иднина, кога платите и цените повторно ќе се вратат на старото ниво, тие ќе работат помалку и тогаш ќе ги уживаат плодовите од минатата работа. На тој начин, привремените промени на цените и платите имаат ефект врз понудата на труд.

Понатаму, и фирмите имаат нецелосни информации за пазарот на труд така што, при дадени очекувања за висината на платите во другите фирми, секоја поединечна фирма нуди повисока плата за да привлече работници. Ако така се однесуваат повеќето фирми, тоа ќе предизвика општ пораст на платите во економијата. Сепак, фирмите не можат да најдат нови работници, така што инфлацијата и вработеноста ќе се движат заедно. Се разбира, порастот на производството и вработеноста се само привремени, бидејќи постепено фирмите дознаваат како се движат платите во другите фирми и ги коригираат одлуките за движењето на платите, со што вработеноста пак се враќа на првобитното ниво.

Исто така, при неочекуван пораст на цените, под дејство на зголемената агрегатна побарувачка, поединечната фирма се плаши да ја зголеми својата цена повеќе од очекуваниот пораст на цените на конкурентите (за да не ја наруши својата положба на пазарот). Оттука, таа одлучува да ја зголеми својата продажна цена за помал износ од рамнотежниот, т.е. да ја задоволи зголемената побарувачка со поголемо производство при пониска цена од рамнотежната. На тој начин, при зголемена агрегатна побарувачка, фирмите се приспособуваат преку пораст на производството и оттука произлегува позитивната врска меѓу инфлацијата и вработеноста.[2][3]

Проширена Филипсова крива[уреди]

Кон крајот на 1960-тите, оригиналната Филипсова крива почнала да ја губи својата емпириска поткрепа. Притоа, како најголема слабост на Филипсовата крива се наведувала нејзината неспособност да прави разлика помеѓу номиналните и реалните плати. Критичарите на Филипсовата крива истакнувале дека работниците се заинтересирани за зачувување на реалните плати, т.е. за куповната моќ на платите. Оттука, иако колективните договори се однесуваат на порастот на номиналните плати, сепак работниците настојуваат во договорите да се вгради очекуваниот пораст на цените со цел да се одржи куповната моќ на платите. Затоа, во Филипсовата крива мора да се вгради уште една варијабла - очекуваната инфлација, со што се доаѓа до концептот на Филипсовата крива, проширена за очекуваната инфлација (expectations-augmented Phillips curve), оригинално развиен од американските економисти Милтон Фридман и Едмунд Фелпс кон крајот на 1960-тите.

Проширената Филипсова крива e претставена како:[4]

w = πe -α(u - u*).

каде што: w е стапката на пораст на платите, u и u* се тековната и рамнотежната невработеност, а πe е очекуваната инфлација.

Проширената Филипсова крива е заснована врз информациските проблеми со кои се соочуваат работниците, кои порастот на номиналните плати погрешно го толкуваат како повисоки реални плати и оттука, нудат повеќе труд, така што опаѓа невработеноста. Но, по одредено време, работниците сфаќаат дека се во заблуда, па ги приспособуваат своите очекувања за идната инфлација и кусорочната Филипсова крива се помести на некое повисоко ниво на очекувана инфлација. Според тоа, кусорочната Филипсова крива произлегува од грешките кои ги прават работниците при формирањето на очекувањата. Но, тие грешки не можат да траат вечно, т.е. со текот на времето, работниците ги приспособуваат очекувањата и така исчезнува размената меѓу невработеноста и инфлацијата. Значи, овој пристап не ја исклучува кусорочната Филипсова крива, меѓутоа нагласува дека ефектите на Филипсовата крива се само привремени.

Долгорочна Филипсова крива[уреди]

Во проширената Филипсова крива, секое зголемување на очекуваната инфлација ја поместува кусорочната Филипсовата крива нагоре за износот на очекуваната инфлација. Притоа, процесот на приспособување на очекувањата трае сè додека тековната инфлација е поголема од очекуваната, така што економијата ќе заврши во состојба на трајно повисока инфлација, без притоа да се зголеми нивото на вработеност. Значи, на долг рок не постои никаква размена меѓу инфлацијата и невработеноста, т.е. секој обид на економската политика да го зголеми производството преку монетарна експанзија, на крајот резултира во трајно повисока инфлација. На тој начин, долгорочната Филипсова крива е претставена како вертикална линија.

Eмпириска проверка на Филипсовата крива[уреди]

И покрај слабата теоретска подлога, фактот дека Филипсовата крива објаснувала една очигледен емпириски факт долго време бил доволна одбрана против бројните критичари. Оттука, со текот на времето сé повеќе се јавувале студии кои настојувале да го потврдат или оспорат важењето на Филипсовата крива во реалниот живот. Така, Бланшар и Кац ја тестираат кусорочната Филипсова крива, во нејзината едноставна форма, на примерот на САД во периодот 1970-1995 и наоѓаат дека порастот на невработеноста пропорционално го намалува порастот на платите.[5] Истите автори покажуваат дека за земјите од ОЕЦД важи Филипсовата крива во изменета форма.[6]

Од друга страна, една студија на случајот на САД во периодот 1930-1965, открива дека инфлацијата го зголемува производството, но на долг рок, ефектот е нула, т.е. не постои долгорочна Филипсова крива.[7] Понатаму, Роберт Лукас ја тестира Филипсовата крива во 18 земји во периодот 1951-1967 и наоѓа дека Филипсовата крива постои на кус рок, но не е стабилна, бидејќи со зголемувањето на променливоста на инфлацијата исчезнува размената на инфлацијата и невработеноста.[8] Во поново време, едно истражување на примерок од 43 земји по Втората светска војна, покажува дека при повисока инфлација, Филипсовата крива станува поблага, додека при ниска инфлација, таа е пострмна.[9] Едно истражување ја потврдува Филипсовата крива на случајот на САД во периодот 1960-1993, но покажува дека врската се крши во периодот 1994-1997.[10] Истите заклучоци важат и за Шпанија во периодот 1987-1995, но и таму, Филипсовата крива исчезнува во подоцнежниот период.[11] Заклучокот дека Филипсовата крива не важи на долг рок е потврден и во Германија, Австрија, Белгија и Холандија, во периодот 1971-1992.[12]

Филипсовата крива во Македонија[уреди]

Истражувањата направени врз основа на податоците за инфлацијата и невработеноста во Македонија за периодот 2004-2012 година покажале дека постои кусорочна размена помеѓу инфлацијата и невработеноста, т.е. важи кусорочната Филипсова крива со својот познат опаѓачки наклон. Врз таа основа била оценета стапката на невработеност која не предизвикува зголемување на инфлацијата (NAIRU) за македонската економија и таа изнесувала 37,4% за периодот 2004-2008 година и 32,7% за периодот 2009-2012 година.[13] Споредено помеѓу двата подпериода, дошло до поместување на кусорочната Филипсова крива налево, т.е. кон пониска стапка на невработеност, што може да се смета за индикатор за зголемување на ефикасноста на економската политика. Тоа вообичаено се објаснува со дејството на повеќе фактори, како што се: институционалните промени на пазарот на труд, промените во јавната потрошувачка и во фискалната политика, како и промените во монетарната политика.[14]

Значење на Филипсовата крива[уреди]

Во 1960-тите, Филипсовата крива претставувала основа за водење на макроекономската политика. Наспроти бројните критики, Филипсовата крива останува релевантна и денес, половина век од нејзината појава. Така, меѓу економистите постои општ консензус дека кусорочната Филипсова крива претставува јадро на макроекономијата, централен макроекономски факт, основен принцип на макроекономијата итн.[15] Огромната популарност на Филипсовата крива се должи на последиците што таа ги предизвикува за практичното водење на монетарната политика. Имено, Филипсовата крива упатува кон постоење јасна размена помеѓу инфлацијата и невработеноста, така што носителите на економската политика можат да избираат меѓу две можности: намалување на инфлацијата по цена на зголемена невработеност или намалување на невработеноста по цена на повисока инфлација. На тој начин, Филипсовата крива ја ограничува економската политика, која не може да ги оствари двете цели истовремено. Но, од друга страна, таа имплицира и одредена слобода за носителите на економската политика, кои можат да избираат различни комбинации на инфлацијата и невработеноста.

Сепак, денес толкувањето на Филипсовата крива е прилично изменето во споредба со 1960-тите. Во прв ред, дефинитивно е напуштено првобитното верување дека може систематски да се искористува размената на инфлацијата и невработеноста на долг рок. Освен тоа, поголемо внимание се посветува на нелинеарноста на Филипсовата крива, која имплицира дека трошокот на дезинфлацијата (зголемената невработеност) е поголем од придобивката од инфлацијата (порастот на вработеноста), така што подобро е економската политика да не се обидува да го стимулира производството.[16]

Извори[уреди]

  1. Горан Петревски, Монетарна политика - Теорија и искуството на Македонија, Здружение за социо-економски развој, Скопје, 2005, стр. 32-44.
  2. Robert E. Lucas and Leonard A. Rapping, "Real Wages, Employment, and Inflation", Journal of Political Economy, 77(5), October 1969.
  3. Edmund S. Phelps, "The New Microeconomics in Inflation and Employment Theory", American Economic Review, 59(2), May 1969.
  4. Edmund S. Phelps, "Phillips Curves, Expectations of Inflation and Optimal Unemployment Over Time", Economica, 34, August 1967, стр. 262.
  5. Olivier Blanchard and Lawrence Katz, "What do we know and do not know about the natural rate of unemployment", WP 96-29, MIT, October 1996.
  6. Olivier Blanchard and Lawrence Katz, "Wage Dynamics: Reconciling Theory and Evidence", American Economic Review, 89(2), May 1999.
  7. Robert E. Lucas and Leonard A. Rapping, "Real Wages, Employment, and Inflation", Journal of Political Economy, 77(5), October 1969.
  8. Robert E. Lucas, Jr. "Some International Evidence on Output-Inflation Tradeoffs", American Economic Review, LXIII(3), June 1973.
  9. Anthony Yates and Bryan Chapple, "What Determines the Short-run Output-Inflation Trade-off?", Working Paper No. 53, Bank of England, 1996.
  10. Vincent Hogan, "Explaining the Recent Behavior of Inflation and Unemployment in the United States", WP/98/145, IMF, September 1998.
  11. Nicolas Sobczak, "Disinflation in Spain: The Recent Experience", WP/98/106, IMF, August 1998, стр. 12-16.
  12. John Tatom and Dieter Proske, "Are There Adverse Real Effects From Monetary Policy Coordination? Some Evidence From Austria, Belgium and the Netherlands", Working Papers 94-018A, Federal Reserve Bank of St. Louis, 1994.
  13. Димитар Николоски, "Филипсовата крива во Република Македонија како инструмент за креирање политики", Економија и бизнис, год. 16, бр. 179, мај 2013, стр. 46.
  14. Димитар Николоски, "Филипсовата крива во Република Македонија како инструмент за креирање политики", Економија и бизнис, год. 16, бр. 179, мај 2013, стр. 47.
  15. Scott Freeman and Finn E. Kydland, "Monetary Aggregates and Output", Working Papers 98-013A, Federal Reserve Bank of St. Louis, 1998, стр. 1.
  16. Peter B. Clark and Douglas Laxton, "Phillips Curves, Phillips Lines and the Unemployment Costs of Overheating", WP/97/17, IMF, February 1997.