Фердинанд де Сосир

Од Википедија — слободната енциклопедија
Фердинанд де Сосир
Ferdinand de Saussure

Роден(а)26 ноември 1857(1857-11-26)
Женева, Швајцарија
Починал(а)22 февруари 1913(1913-02-22) (возр. 55)
Вифлен ле Шато, Во, Швајцарија
Школаструктурализам, семиотика
Претежна дејност
лингвистика
Значајни идеи
семиологија, јазик и говор, синхронична анализа, произволност на јазичниот знак, гласилна теорија
Потпис

Фердинанд де Сосир (француски: Ferdinand de Saussure; Женева, 26 ноември 1857 - 22 февруари 1913) — швајцарски јазичар чии идеи ја поставија основата на многу важни откритија во лингвистиката во XX век. Сосир е широко познат како таткото на лингвистиката на XX век, иако современите јазичари и филозофи ги сметаат неговите идеи за застарени, неадекватни, погрешно разбрани или намерно лажно претставени од книжевните критичари. Концептите на Сосир добиваат малку или никакво внимание во јазичаричките учебници. Концептите на Сосир, особено во семиотиката, сепак имаат монументално влијание врз хуманистичките и општествените науки.

Биографија[уреди | уреди извор]

Де Сосир е роден во Женева во 1857 година. Неговиот татко Хенри Луис Фредерик де Сосир бил минералог, ентомолог и таксономист. Сосир покажал знаци на голем талент и интелектуална способност уште како млад, на возраст од 14 години. По една година учење на латинскиот, грчкиот и санскритскиот јазик и други предмети на Универзитетот во Женева, тој започнал постдипломски студии на Универзитетот во Лајпциг во 1876 година. Две година подоцна, на негова 21 година Сосир ја издал книгата „Mémoire sur le système primitif des voyelles dans les langues indo-européenne“ (дисертација на тема „Примитивниот систем на самогласките во индоевропските јазици“). По ова тој студирал една година во Берлин, каде што ја напишал докторската теза за апсолутниот генитив во санскритот. Тој се вратил во Лајпциг и бил награден за својот докторат во 1880 година. Набргу потоа се преселил во Париз, каде што предавал готика и стар горногермански јазик и повремено други предмети. Тој предавал во Париз единаесет години пред да се врати во Женева во 1891. Сосир предавал санскритски и индоевропски јазик на Универзитетот во Женева до крајот на својот живот. Во 1907 година, Сосир почнал да го предава курсот по општа лингвистика, што тој ќе го предава трипати, завршувајќи во летото во 1911 година. Тој починал во 1913 во Вифлен ле Шато, Во, Швајцарија.

Наследство[уреди | уреди извор]

Курс по опша лингвистика[уреди | уреди извор]

Најважното дело на Сосир е Курс по опша лингвистика (Cours de linguistique générale), тоа било објавено посмртно во 1916 од неговите поранешни ученици Шарл Бали и Алберт Сешехај врз основа на нивните белешки направени од предавањата на Сосир во Женева. Курсот стана почетна база за јазичаричките дела во XX век, првенствено не за содржината (многу од идеите биле предвидени во делата на други јазичари од XX век), туку за иновативниот пристап што Сосир го применил во дискусиите за јазичниот феномен.

Централен поим во книгата е дека јазикот може да се анализира како формален систем на диференцијални елементи, и покрај неуредните дијалекти за време на производството и разбирањето. Примери од овие елементи го вклучуваат неговиот поим за јазичниот знак, кој е составен од означувач и означено, а можеби и референт, иако Сосир го оставил ова последно прашање надвор од јазичаричките граници.

Сосир се обидел во различни периоди во 1880те и 1890те да напише книга за општите јазичарички прашања. Некои од неговите ракописи, вклучувајќи и недовршен есеј откриен во 1996 година, се објавени во Огледи по општа лингвистика, иако голем дел од оваа книга веќе биле објавени во критичкото издание на Енглер на Курсот во 1967 и 1974.

Гласилна теорија[уреди | уреди извор]

Додека бил ученик, Сосир објавил важно дело во индоевропската филологија во кое предложил дека постојат мали делови во праиндоевропскиот јазик наречени звучни коефициенти. Скандинавскиот научник Херман Молер смета дека овие, всушност, можат да бидат гласилни согласки (наречени и „ларингални“), водејќи до тоа што денес се нарекува гласилна теорија (ларингална теорија). Расправано е дека проблемот со којшто Сосир се сретнал, обидувајќи се да објасни како бил способен да направи систематска и предвидлива хипотеза од познати и непознати јазичарички податоци, го стимулирал развојот на структурализмот. Предвидувањето на Сосир за постоењето на примарни коефициенти/гласилки и нивната еволуција се покажа како голем успех кога хетитските текстови беа откриени и дешифрирани, 50 години подоцна.

Идеите на Сосир имаа големо влијание врз развојот на јазичаричката теорија во првата половина на XX век. Два текови на мисла се појавија независно еден од друг, еден во Европа, друг во Америка. Резулатите од секој се приклучија на основниот поим на мислата на Сосир да ги формира централните постулати на структурната лингвистика.

Сосир претпоставува дека јазичната форма е измислена и затоа сите јазици функционираат на сличен начин. Според Сосир, јазикот е измислен бидејќи систематски неговото цело е поголемо од сумата на неговите делови. Исто така, сите јазици имаат свои концепти и звучни слики (или означувачи и означени). Затоа, Сосир тврди дека јазиците имаат релациона претстава на нивните елементи: зборовите и нивните значења се дефинирани со споредување и спротивставување на нивните значења. На пример, звучните слики и замислата на книга се разликуваат од звучните слики и замислата на маса. Јазиците се исто така измислени поради природата на нивните јазичарички елементи: тие се дефинира во однос на нивната функција, а не во однос на нивните својствени квалитети. Конечно, јазикот има социјален карактер со тоа што нуди еден поголем контекст на анализа, утврдување и реализирање на неговата структура.

Во Европа, најважното дело во овој период е направено од страна на школата во Прага. Напорите на Николај Трубецкој и Роман Јакобсон беа на чело на напорите на Прашката школа во поставување на насоката на фонолошката теорија во децениите по 1940 година. Универзалната структурно-функционална теорија за фонологијата на Јакобсон, врз основа на хиерархијата на различни особености, беше првото успешно решавање на јазичаричките анализи според хипотезата на Сосир. На друго место, Луис Јелмслев и Копенхашката школа предложија нови толкувања на лингвистиката во структуралистички теоретски рамки.

Подоцни случувања[уреди | уреди извор]

До втората половина на XX век, голем број идеи на Сосир беа остро критикувани. Неговите јазичарички идеи сега се сметаат за важни во тоа време, но застарени и заменети со нови како што е когнитивна лингвистика. Во 1972 година, Ноам Чомски ги опиша Сосировата лингвистика како „осиромашена и целосно несоодветна концепција на јазикот“, додека во 1984 година Маркус Мичел истакнува дека Сосировата лингвистика е „фундаментално несоодветна за процесот на целиот спектар на природниот јазик (и затоа не е), според моите сознанија, поддржана од современите истражувачи“. Јазичарите особено го префрлија својот интерес од Сосировиот фокус на поединечните зборови на оној за анализа на речениците. Холанд забележува дека до 1950 година Сосир уживал некој легитимитет во лингвистиката, но со когнитивната револуција, која почна во 1957, Чомски: одлучно го демантираше Сосир . [...] Многу од делата на Чомски не се прифатени од други јазичари и јас не барам од вас да ја прифатите лингвистиката на Чомски. Мојот заклучок е дека делата на Чомски ја претставија лингвистиката на Сосир, како и многу од пост-сосировата лингвистика, како застарена. Јас не тврдам дека Чомски е во право, туку дека Чомски докажа дека Сосир греши. Јазичарите што го отфрлаат Чомски, велат дека се над него или се држат до фразално-структурната граматика. Тие не се враќаат назад кон Сосир.

Семиотика[уреди | уреди извор]

Сосир е еден од основачите на семиотиката. Неговиот концепт за знакот/означувач/означено/референт го формира јадрото на ова поле.

Влијание надвор од лингвистиката[уреди | уреди извор]

Принципите и методите поставени од структуралистите почнаа да ги користат научници и литературни мислители, како што се Ролан Барт, Жак Лакан и Клод Леви-Строс и ги применија во своите области на проучување (книжевна наука, филозофија, психоанализа, антропологијата). Сепак, нивното проширено толкување на теориите на Сосир, кое содржеше нејаснотии уште од почетокот, и нивните примени на тие теории надвор од јазичаричките области, како социологијата и антропологијата, доведе до теоретски проблеми и прогласување на крај на структурализмот во тие дисциплини. Групата „Магнетни полиња“ го споменува Сосир во нивната песна „Смртта на Фердинанд де Сосир“ во нивниот албум од 1999 година.

Цитати[уреди | уреди извор]

  • „Знакот е основна единица на јазикот. Секој јазик е систем од знаци. Parole (речта, говорот на еден поединец) е надворешната манифестација на јазикот“
  • „Јазичниот систем се состои од низи од разлики на звуците во комбинација со низи од разлики на идеите“.
  • „Врската помеѓу означувачот и означеното е измислена“
  • „Во јазикот постојат само разлики, а не позитивни термини“

Дела[уреди | уреди извор]

  • Сосир, Фердинанд де. (2002) Écrits de linguistique générale (издание подготвено од Симон Букет и Рудолф Енглер), Париз: Галимар.

Оваа книга, која главно се состои од материјал претходно објавен од страна на Енглер, содржи и обид за реконструкција на текст од збир на ракописи на Сосир насловен „Двојната природа на јазикот“, пронајдени во Женева во 1996. Овие страници содржат идеи што им се веќе познати на Сосировите научници од критичкото издание на Енглер на Курсот и од друга незавршена книга од Сосир, објавена во 1995 од страна на Марија Пиа Марчезе (Phonétique: Il manoscritto di Harvard Houghton Library bMS Fr 266 (8).

  • (1878) Mémoire sur le système primitif des voyelles dans les langues indo-européenes (Мемоари за примитивниот систем на самогласки во индоевропските јазици), Лајпциг: Тебнер
  • (1916) Cours de linguistique générale (Курс по општа лингвистика), издадено од Ш. Бали и А.Сешеај, во соработка со А. Ридлингер, Лозана и Париз: Пајот; превод на англиски В. Баскин
  • (1922) Recueil des publications scientifiques de F. de Saussure, изададено од страна на Ш.Бали и Л. Готје, Лозана и Женева: Пајот.
  • (1993) Третиот Курс од лекции за општа лингвистика од Сосир (1910-1911): Емил Константин, јазични и комуникациски серии, том. 12, превод и издавач Е. Комацу и Р. Харис, Оксфорд: Пергам

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

  1. WFU | Le Francais Moderne – Qu'est-ce que la sociolinguistique