ФК Јувентус
| Целосно име | Јувентус Фудбал Клуб | ||
|---|---|---|---|
| Прекар(и) | Старата дама , Бјанконери (Црно-бели), Зебрите | ||
| Основан | ноември 1, 1897 (as Sport Club Juventus) | ||
| Терен | Јувентус стадион Торино, Италија (Капацитет: 41,000) |
||
| Сопственик | Семејството Ањели (преку Exor S.p.A) |
||
| Претседател | |||
| Тренер | |||
| Лига | Серија А | ||
| 2012–13 | Серија А, 1-ви | ||
| Веб страна | Официјално мрежно место | ||
|
|||
Јувентус Фудбал Клуб С.п.А. (од латински: Juventus, во превод младост) попознат само како Јувентус или скратено Јуве е италијански фудбалски клуб од градот Торино, Пиемонт. Јувентус е трет најстар фудбалски клуб во земјата и со исклучок на една сезона, ја има поминато целата своја историја во првата италијанска лига (позната и како Серија А од 1929 година).
Клубот бил основан во 1897 година како Спорт клуб Јувентус од страна на група на млади студенти од Торино, а меѓу нив, и човекот кој бил нивниот прв претседател, Еугенио Канфари како и неговиот брат Енрико. Тие се автори на оваа компанија за историско паметење и биле управувани од страна на индустриското семејство Ањели уште од 1923 година, што претставува најстаро спортско партнерство во Италија. Со тоа Јувентус бил првиот професионален клуб во земјата. Со текот на времето, клубот станал симбол на нацијата што се должело на нивната долга традиција на успех. Во текот на 1930-тите, период во кој Јувентус освоил рекордни пет последователни титули во првенството, клубот доживеал огромен прогрес во поглед на бројот на неговите навивачи, со што станал првиот тим во Италија кој имал децентрализирани фанови. Исто така, Јувентус биле идентификувани од страна на италијанскиот народ во тоа време како "тим кој го претставува целото население" или "тимот на Италија" како го нарекувале во втората половина на 1920-тите. Ова се рефлектира, меѓу другото, и со придонесите на клубот во Итлијанската фудбалска репрезентација, каде непрекинато од втората половина на 1920-тите години е признаен како еден од највлијателните тимови во репрезентативниот фудбал, тим кој дава играчи кој ја вршеле одлучувачката улога во националните тимови кој триумфираа на светските првенства во 1934, 1982 и 2006-тата година. Фановите на клубот се во поголем број од било кој друг италијански фудбалски клуб и во тој поглед е еден од најголемите во целиот свет. Поддршката за Јувентус е широко распространета низ целата земја, но и во странство, главно во земјите со значајно присуство на италијанска дијаспора.
Јувентус се историски најуспешен клуб во италијанскиот фудбал. Генерално, тие имаат освоено педесет и две официјални титули на националната и меѓународната сцена, повеќе од било кој друг италијански клуб, а тие се: дваесет и осум лигашки титули, што е рекорд, девет италијански купа и пет национални суперкупа како и, единаесет наслови во конфедерациски и интер-конфедерациски натпревари (два Интерконтинентални купа, двапати Европски првак, еден Куп на победниците на куповите, рекордни три наслови во УЕФА Купот, еден Интертото Куп и уште два Суперкупа на Европа). Клубот во моментов е рангиран на четвртото место во Европа и седми во светот на листата на клубови со најмногу освоени титули. Во 1985 година, кога на клупата на клубот беше Џовани Трапатони, тој го предводел торинскиот тим до тринаесет официјални трофеи во последните десет години до 1986 година, вклучувајќи шест лигашки и пет меѓународни титули; Јувентус станал првиот клуб во историјата на европскиот фудбал кој успеал да ги освои сите три главни натпреварувања организирани од страна на УЕФА: Купот на Шампионите (сега веќе непостоечки), Купот на победниците на куповите и Купот на УЕФА (првиот италијански и Јужно европски клуб кој успеал да победи во УЕФА Купот). По нивниот триумф на Интерконтиненталниот куп истата година, клубот станал, исто така, прв во фудбалската историја и останал единствен во моментов-кој ги има освоено сите можни конфедерациски турнири и клубската светската титула. Според пласманот на сите времиња објавени во 2009 година од страна на IFFHS, организација призната од страна на ФИФА, врз основа на перформансите на клубовите и меѓународните натпревари, Јувентус е најдобар клуб во Италија и втор во Европа за 20 век.[1]
Содржина |
Историја[уреди]
Основање[уреди]
Клубот бил основан на 1 ноември 1897 година, од група на студенти по книжевност на факултетот во Торино - "Масимимо Д'Азељо". Сите основачи биле на возраст од четеринаесет до седумнаесет години и биле вљубеници во спортот, а како што се вели во легендата до идејата да основаат тим дошле додека седеле на клупа во паркот "Corso Re Umberto".
Постојат многу малку сознанија за самото раѓање на клубот затоа што во тоа време весниците не му посветувале многу внимание на спортот во државата. Еден од основачите Енрико Канфари, во 1914 година во еден документ ја објаснил целата ситуација околу настанувањето на клубот. Групата неможела на крајот да се договори околу името на клубот па така биле изложени три предлози за гласање: Società Via Fori, Società Sportiva Massimo D' Azeglio и Sport Club Juventus. Како најдобар бил избран третиот предлог, односно Спорт Клуб Јувентус. Можеби и затоа што е симболично т.е. зборот Јувентус, означува „младост“ според латинската транскрипција.
Прв претседател на клубот бил Еугенио Канфари (братот на Енрико). Тие двајцата заедно играле претходно и за друг тим од Торино, Пјаца Д'Арми. Јувентус го променил своето име во 1899 година (претходно се викал Augusta Tourinorum) и првите дресови им биле во розева и црна боја, која во Италија е позната како Росанеро.
Јувентус е третиот најстар италијански фудбалски клуб, после Џенова (основан во 1893) и Удинезе (во 1896), иако во Џенова фудбалот започнал да се игра исто кога и во Торино во 1897 година.
Првото Скудето[уреди]
Црно-белите дресови им носат среќа на Јувентус веќе две години подоцна кога во 1905 година, Јуве ја освојува првата титула во Италија. Од 1905 до 1926 Јувентус не успева да го повтори успехот и во тој период доминираат екипите на Интер, Казале, Про Верчели и Милан (еден од најмоќните клубови од тоа време во Италија).
Ерата на Ањели[уреди]
Едоардо Ањели од семејството Ањели, сопственикот на компанијата Фиат ја презема контролата над екипата на Јувентус во своја сопственост на 24 јули 1923 година. Тие веќе имале свој приватен стадион во Вилар Пероси, кој се наоѓал југозападно од Торино и него само додатно го преуредиле. Ова претставува одлично решение затоа што во сезоната 1925-26 Јувентус го освојува своето второ Скудето, откако во финалето ја победуваат екипата на Алба од Рим со вкупен резултат 12-1.
Од сезоната 1930-31 па се до 1934-35 клубот успева да освои рекордни 5 титули по ред, од кој четири со тренерот Карло Каркано. Во оваа трофејна екипа на Јувентус има голем број на големи играчи како:Раимундо Орси, Луиџи Бертолини, Џовани Ферари, Луис Монти и останатите. Тие успеаа да стигнат и до полуфиналето на Митропа купот (во тоа време еден од главните европски турнири. Во превод овој куп го носи името Куп на Средноевропските земји и на него учествуваат само клубови од тој дел на континентот) каде биле поразени од подоцнежниот првак, екипата на Славија од Прага.
Во текот на 1933-тата година Јувентус се сели на нивниот прв вистински стадион - Стадио Бенито Мусолини. Овој стадион е изграден истата година за потребите на Светското првенство 1934 година и има капацитет од 65 000 седишта. Името го добива по Бенито Мусолини (впрочем, како и сите други стадиони низ Италија во тоа време) тогашниот водич на фашистичка Италија. На 14 јуни 1935 умира Едоардо Ањели, што многу влијае врз резултатите на клубот, па многу играчи го напуштаат Јувентус во тој период. По смртта на Едоардо, на чело на екипата застанува Џани Ањели , а во 1953 година тој ја напушта функцијата претседател на Јувентус па на негово место доаѓа неговиот брат Умберто.
Во моментов на чело на Јуве се наследниците на семејството (синовите од сестрите на Умберто и Џани) и така семејството Ањели го води овој клуб до ден-денес.
Успесите на европската сцена[уреди]
Во ерата на Трапатони клубот ги достигнува најголемите успеси во 1980-тите, кога тие одлично ја започнале декадата со освојувањето на лигашката титула на три пати до 1984 година. Ова значеше дека Јувентус ја освоил својата 20-та титула во италијанската лига, и им било дозволено да додадат втора златна ѕвезда на нивните дресови, со што станаа единствениот италијански клуб со овакво достигнување. Паоло Роси бил именуван за Европски фудбалер на годината по историскиот придонес за Италија во освојувањето на титулата на Светското првенство 1982, каде што тој истотака бил именуван и за најдобар играч на турнирот.
Французинот Мишел Платини исто така бил награден со признанието за Европски фудбалер на годината, и тоа три пати по ред, во 1983, 1984 и 1985 година, што претставува рекорд. Така Јувентус е единствениот клуб кој може да се пофали со тоа што негови играчи ја освојувале наградата за најдобри во Европа во четири последователни години едноподруго. Платини го постигнал победоносниот гол во финалето на Европскиот куп 1985 против Ливерпул, но ова било нарушено со трагедијата која го променила европскиот фудбал. Таа година, Јувентус станал првиот клуб во историјата на европскиот фудбал кој успеал да ги обедини сите три главни Европски титули. По триумфот на Интерконтиненталниот куп, клубот, стана првиот во историјата, но и остана единствениот во светот во моментов, кој ги има освоено сите можни конфедерациски титули.
Со исклучок на титулата освоена во италијанскиот шампионат во сезоната 1985-1986, остатокот од 1980-тите не биле многу успешни за клубот. Тие требало да се соочат со одличниот Наполи на Диего Марадона (кој во тоа време бил еден од најдобрите клубови во Италија) и двата милански клубови, Милан и Интер, во борбата за шампионатот. Во 1990 година, Јувентус се преселил во својот нов дом, Стадионот Деле Алпи, кој бил изграден за потребите на Светското првенство 1990.
Ерата на Липи и успесите во 1990-тите[уреди]
Во 1994 година за нов тренер на Јувентус бил назначен Марчело Липи. Уште во неговата прва сезона со Јувентус, тој им донел голема радост на навивачите враќајќи го насловот во Серија А во Торино после 9 цели сезони. Меѓу играчите кој имале најголем придонес за освојување на трофејот биле: новото засилување од Наполи, Чиро Ферара, потоа напаѓачите Роберто Баџо и Џанлука Вијали како и младиот Алесандро Дел Пјеро, кој со игрите во оваа сезона им дал право на навивачите да веруваат дека тој ќе биде наследникот на Баџо во годините што доаѓааат.
Во следната сезона, Јувентус завршил втор во првенството, но затоа пак играл во финалето на Лигата на Шампионите (кое тогаш се одиграло во Рим), каде го поразиле тимот на Ајакс од Холандија и ја освоил својата втора титула првак на Европа во историјата на клубот. Победникот бил решен на пенали откако по 120 минути игра резултат бил нерешен 1-1. Фабрицио Раванели го донел Јувентус во водство во 12-тата минута од натпреварот, за потоа најдобриот стрелец за таа кампања во натпреварувањето Јари Литманен да израмни на 1-1, па пеналите го одлучиле натпреварот. Во четвртата серија во рулетот Владимир Југовиќ постигнал гол и така Јувентус на крајот славел со 4-2 на пенали.[2] Наредната сезона Јувентус како првак на Европа настапил на Интерконтиненталниот куп против аргентинската Ривер Плата. Натпреварот завршил со резултат 1-0 за Јувентус, а стрелец на единствениот гол бил Алесандро Дел Пјеро.[3]
По освојувањето на Лигата на Шампионите и Интерконтиненталниот куп во Јувентус пристигнале нови познати и квалитетни фудбалери како: Кристијан Виери, Зинедин Зидан, Филипо Инзаги и Едгар Давидс. Јувентус и во следните две сезони стигнал до финалето во Лигата на Шампионите и бил најблиску до одбраната на титулата која никој не ја одбранил (откако натпреварувањето се вика под ова име). Во тие финалиња биле поразени од Борусија Дортмунд со 3-1,[4] а потоа и од Реал Мадрид со 1-0.
Доцните 90-ти години ги одбележиле големите ривалства на клубот со Интер и Рома. Тогашниот тренер на Рома, Зденек Земан во јавноста изнел приказна дека докторите на Јувентус во периодот од 1993 до 1998 им давале недозволени супстанци т.н. допинг на играчите. Сепак, после големата прашина која се кренала и две судења, Јувентус испаднал невин и чист во сите парници пред Меѓународниот суд во Лозана. Ниту една илегална супстанца не била пронајдена во телото на играчите на Јувентус. На крајот испаднало дека Земан кој е познат по тоа дека е во лоши односи кон Јувентус, сам ја измислил приказната во немоќ неговата екипа да направи позначаен успех покрај Бјанконерите. Меѓу навивачите на Јувентус, Зденек Земан е еден од најомразените луѓе на светот по бројните неосновани напади и тврдења против нивниот клуб, а истотака страшно многу го навлекол нивниот гнев кога во една спортска емисија изјавил дека Јувентус според него треба да има некаде околу 20-тина наслови.
Липи го напуштил клубот во 1999 година и отишол во лутиот ривал Интер, а нов тренер на Јувентус станал Карло Анчелоти. во сезоната 1999-2000 Јувентус го загубил насловот во Серија А во последното коло од Лацио, откако биле поразени со 1-0 од Перуџа во натпревар кој бил одигран во многу тешки услови бидејќи целиот терен бил натопен со вода, но главниот судија на натпреварот Пјерлуиџи Колина сепак одлучил натпреварот да биде одигран иако неговиот почеток доцнел еден час. После две разочарувачки за Јувентус втори места во Серија А, Анчелоти го напуштил клубот и на тренерското место по една година пауза се вратил Липи. Во 2001 година од клубот си заминал еден од најдобрите фудбалери во овој период французинот Зинедин Зидан кој бил продеден на Реал Мадрид за тогаш рекордни во светскиот фудбал 73,5 милиони евра, а истотака клубот го напуштил и Филипо Инзаги. Третото големо име кое заминало од Торино бил голманот Едвин ван дер Сар, но Липи успеал да се справи со загубите и да донесе адекватни замени во играчи кој подоцна и самите ќе станат легенди на клубот. Џанлуиџи Буфон, Давид Трезеге, Павел Недвед (кој требало да биде замена за Зидан) и Лилијан Тирам биле новите играчи на кој се потпира Липи во сезоните од првата деценија на 21-иот век. Со нив Јувентус освојува две врзани скудета едноподруго во сезоните 2001-02 и 2002-03, а посебно за паметење е првата поради неверојатниот пресврт во последното коло. Истотака напаѓачот на екипата Давид Трезеге во сезоната 2001-02 бил најдобар стрелец во Серија А со постигнати 24 гола.
Во 2003 Јувентус ја одбранил титулата во првенството на Италија и бил во ново финале на Лигата на шампионите каде овојпат бил поразен од Милан во се итлијанското финале, прво такво во историјата. Финалето се одиграло на Олд Трафорд и решено на пенали откако натпреварот завршил без голови 0-0. Најдобрата шанса за Јувентус ја имал сегашниот тренер на тимот Антонио Конте кога во второто продолжение ја погодил пречката од голот. Во пенал рулетот дури тројца играчи на Јувентус промашиле: Трезеге, Паоло Монтеро и Марсело Залајета (додека Алесандро Бириндели и Алесандро Дел Пјеро реализирале) и Милан победил со 3-2. Сепак, таа 2003 година за Јувентус завршила позитивно, откако нивното лево крило Павел Недвед бил избран за најдобар фудбалер на годината и станал добитник на легендарната Балон д'Ор награда. Претходно пак, во летото Липи го напуштил Јувентус и го презел кормилото на италијанската репрезентација.
Скандалот Калчополи[уреди]
Во 2004 година на тренерската функција во клубот доаѓа Фабио Капело, некогашниот фудбалер на Јувентус и поранешен тренер на ФК Реал Мадрид, Милан и Рома. Капело го предводи Јувентус до уште две скудета во сезоните 2004-05 и 2005-06. Во пролетта 2006 година започнат е процес за истражување на наместени натпревари во Италија-т.н. калчополи, во кој за главен виновник бил прогласен дотогашниот директор на Јувентус Лучијано Моџи (на кој му била дадена доживотна забрана за било каква работа во фудбалот), поради што Јувентус бил исфрлен во понизок ранг на натпреварување, втората италијанска лига Серија Б. Интересно е тоа што покрај Јувентус, пронајдена е вклученост за наместени натпревари уште кај неколку клубови, но тие за разлика од Старата Дама добиле многу поблага казна во вид на минус бодови пред почетокот на сезоната. Други тимови кој бил вклучени во овој скандал биле Милан (-8 бодови во сезоната 2007-08), Фјорентина (-15), Лацио (-3) и Реџина (-11). Така титулата за сезоната 2005-06 ја добил Интер кој завршил дури како трет зад Јувентус и Милан. Скудетото од сезоната 2004-05 било поништено.
Откако Јувентус беше исфрлен во Серија Б, за нов директор на клубот бил избран Џовани Коболи Џили, а тренерската функција за привремен период ја презел Дидие Дешамп. Овој период бил многу тежок за клубот, бидејќи го напуштиле најголемиот број на ѕвезди, играчи како: Златан Ибрахимовиќ, Лилијан Тирам, Фабио Канаваро, Емерсон Фереира, Патрик Виера и др. Но сепак, од друга страна имало и такви кој решиле да останат верни и лојални на клубот и воедно тие биле клучните играчи кој го понеле товарот во оваа сезона. Капитенот Алесандро Дел Пјеро, Павел Недвед, Мауро Каморанези, Давид Трезеге, Џанлуиџи Буфон и Џорџо Кјелини како и младите таленти од Примавера, Себастијан Џовинко и Клаудио Маркизио придонесоа во сезоната 2006-07, очекувано, Јувентус да заврши на првото место во втората италијанска лига (и покрај тоа што започнале со минус 9 бодови), и веднаш да се врати во Серија А по само една сезона изостанување.
Тие ја прославиле својата промоција во Серија А, по натпреварот од 40-тото коло во кој Јувентус ја победил Мантова со 2-0 во Торино. Во сенка на ова, останало она што се случило после натпреварот кога само ден подоцна Дешам ја напуштил тренерската функција заради несогласувања со тогашниот директор Алесио Секо. На неговото место во последните две кола од шампионатот клубот го водел Џанкарло Корадини.
Враќање во елита[уреди]
На 3 јули 2007 Јувентус за свој нов тренер го назначил Клаудио Раниери, кој имал добра претходна сезона со Парма во Серија А. Тој дошол на чело на Парма во февруари и во 16 натпревари имал 7 победи 6 нерешени и 3 порази за да од тим кој се борел за опстанок да го одведе на високото 12. место. Во текот на летото тој во Јувентус довел неколку засилувања меѓу кој биле Винченцо Јаквинта, Тиаго Мендес и Хасан Салихамиџиќ, а во зимскиот преоден рок во клубот дошол и малиецот, Мохамед Сисоко од Ливерпул.
Изненавувачки клубот стартувал многу добро во својата повратничка сезона во елитата и во натпреварот од првото коло го прегазиле Ливорно со високи 5-1 во Торино. По завршувањето на сезоната Јувентус успеал да се пласира во Лигата на шампионите со освоеното трето место во првенството зад Интер и Рома. Оваа сезона Алесандро Дел Пјеро станал најдобар стрелец на лигата за прв пат во неговата кариера. Дел Пјеро постигнал 21 гол, додека неговиот партнер од нападот Давид Трезеге имал само еден помалку.
Следната сезона по две години пауза Јувентус повторно настапува во Лигата на шампионите и во групната фаза на натпреварувањето завршува како прв испред Реал Мадрид, Зенит и Бате Борисов. Посебно за паметење се двете победи над Реал Мадрид, со 2-1 во Торино и 2-0 во Мадрид, каде Алесандро Дел Пјеро постигнал два фантастични гола. Во осмина финалето клубот бил поразен со вкупен резултат 3-2 од Челзи. Во домашното првенство Јуве игра многу добро и завршува на второто место, но и покрај тоа Клаудио Раниери добил отказ по една низ на нерешени резултати кон крајот на сезоната. Раниери бил заменет со Чиро Ферара, но Ферара не оставил добар впечаток во клубот во кој бил играчка легенда.
Во летото 2010 година се менува комплетната управа на клубот и на местото претседател дошол Андреа Ањели, кого навивачите го посакувале. Истотака дошло до реконаструкција на клубот, па така голем број на играчи го напуштиле клубот и многу нови играчи дошле во него. Истото лето тренерската функција ја презел Луиџи Дел Нери.
До поволвина сезона Јувентус го држел доброто 2. место во Серија А, но потоа во првиот натпревар по паузата во првенството заради божиќните празници, тимот паднал од Парма со високи 4-1 на свој терен. Фелипе Мело заработил црвен картон на самиот почеток, а најдобриот клубски стрелец до тој момент Фабио Кваљарела сериозно се повредил. Подоцна било утврдено дека Кваљарела ќе биде надвор од теренот до карјот на сезоната и за клубот се тргнало низбрдо. На крајот ова била уште една разочарувачка сезона за клубот, откако тие завршиле на 7. место и со 15 порази во сезоната го соборува неславниот рекорд стар преку 50 години.
Сезоната 2011-2012 Јувентус ја стартува со нов тренер, а тоа е воедно некогашниот капитен на тимот Антонио Конте. Во летниот преоден рок тимот се засили со неколку нови имиња и тие за краток временски период ја подобреа играта на клубот во однос на двете претходни сезони. Андреа Пирло, Артуро Видал и Мирко Вучиниќ беа дел од попознатите имиња кој го засилија клубот. Јуве имаше одлична цела сезона стигнувајќи до титулата во Серија А без ниту еден пораз што е единствено такво постигнување во поновата историја на италијанскиот фудбал од кога лигата брои 20 клубови.
Хронологија[уреди]
| Хронологија на Јувентус | |||||
|---|---|---|---|---|---|
|
|||||
Стадиони[уреди]
Во првите две години од постоењето, Јувентус настапувал на Парко дел Валентини и Парко Цитадела стадионите. Потоа се до 1908 година натпреварите ги играле на Пјаца Д'Арми Стадионот освен во 1905 (годината на освојување на првото Скудето) и 1906 година кога тимот играл на Корсо ре Умберто.
Подоцна, од 1909 до 1922 местото за натпревари бил Корсо Себастополи додека во следните 11 години тоа бил Стадион ди Корсо Марсиљија. Во 1933 клубот се сели на Стадионот Бенито Мусолини (подоцна Стадион Олимпико) кој бил изграден за потребите на светското првенство 1934 година во Италија. Во следните 45 години на него биле одиграли 890 лигашки натпревари се до 1990 година. Тогаш клубот добива нов стадион, кој истотака бил изграден за потребите на Светско првенство, овојпат 1990 година, а стадионот го добил името Деле Алпи.
Тука сите домашни натпревари Јувентус ги играл од сезоната 1990-91 па се до сезоната 2005-06. Во август 2006 Јувентус се враќа на Олимпико кој половина година порано бил реновиран за отворањето на зимските олимписки игри кој 2006 година се одржале во Торино.
На 11 септември 2011 бил одигран првиот официјален натпревар на новоизградениот Јувентус Стадион, кој бил изграден во летото 2011 година наместото на дотогашниот стадион Деле Алпи. Јувентус така станал првиот клуб во Италија кој игра на стадион кој е во потполна сопственост на клубот. [7]
Бои и Дресови[уреди]
Во првите години од формирањето на клубот, фудбалерите носеле дресови со розева боја и црни шорцеви.
Дресовите од тоа време не биле квалитетни, па во 1903 година, еден трговец со текстил од Торино се решил на клубот да му подари нови дресови. Тој дизајнирал дресови со розева основа и црни линии и го испратил дизајнот во Англија во фабриката за текстил каде по грешка им биле направени бело-црни дресови. Сите фанови и членови од Јувентус биле разочарани кога дресовите пристигнале но со текот на времето таа комбинација станала општоприфатена во клубот и од страна на навивачите.
Навивачи[уреди]
Јувентус е убедливо најпопуларниот италијански клуб барем кога се во прашање навивачите, со преку 12 милиони навивачи само во Италија и скоро 200 милиони во светот.
Првите вистински навивачки групи на навивачите на Јувентус почнале да се организираат во средината на 1970-тите, а првите две такви ги носеле имињата Venceremos' и Autonomia Bianconera и двете биле лево политички настроени. Како минуваат годините се повеќе групи се формираат па така во 1976-тата настануваат Fossa dei Campioni и Panthersi.
Само една година подоцна се основани таканаречените Fightersi од страна на Бепе Роси кој по својата смрт станува симбол на навивачите на Јувентус. Две екстремни навивачки групи кој и денес постојат, Nucleo Armato Bianconero' и Viking се основани во 1985-та, и 1986-та година. Многу навивачи на другите клубови во Италија и во Европа имаат голема почит према овие две навивачки групи..
Најголемата група на навивачи на Јувентус во тоа време, Gruppo Storico Fighters се распаѓа после конфликтот со навивачите на Фјорентина во Фиренца во 1987 година. Многу поранешни членови на фајтерсите и другите навивачки групи кој што се распаднале одлучиле да основаат нова навивачка група под името Arancia Meccanica (мак. Пеколен портокал), инспирирани од популарниот филм на Стенли Кјубрик, но во краток временски период го менуваат името на групата во Drughi. Drughi станува најважната навивачка група на Јувентус и во периодот од 1988 до 1996 година веќе имаат преку 10.000 членови. Денес важат за една од најдобрите Ултрас групи во Италија, а посебни се по тоа што претставуваат единствена навивачка група на Апенинскиот полуостров која не е политички определена.
По неколку обиди за повторно основање на навивачката група Fighters 2005-тата година е одлучено оваа навивачка група да го промени името во Tradizione Bianconera под кое е денес позната.
Во периодот додека Јувентус настапува на Деле Алпи, клубот има многу ниска посетеност на домашните, а и во европските натпревари, па така стадионот со капацитет од скоро 70,000 места во повеќето натпревари бил полупразен. На тоа не влијаела само лошата видливост на стадионот, туку и тоа што голем број на навивачи доаѓаат од југот на Италија, од островите Сицилија, Сардинија како и од градови како што се Неапол, Бари, Лече, Палермо, а и од оние кој се по насевер како Рим и Болоња. Во Италија се многу познати и придружниците на навивачката група Drughi, а некој од нив се Drughi Roma (Рим), Drughi Sicilia итн. Во самиот град Торино Јувентус нема мнозински број на навивачи во однос на градскиот ривал ФК Торино, и поради тоа Јувентус на гостинските натпревари секогаш бил повеќе пратен, а во многу случаеви имал и повеќе навивачи отколку домаќинот против кого тогаш играл.
Јувентус во периодот од 2006-та до 2011-та година играше на Олимпискиот стадион во Торино, но во септември 2011-та е отворен Јувентус стадион, новоизграден стадион кој има помал капацитет од Деле Алпи, но за разлика од него просечната гледаност на новиот стадион е скоро максимална, а се случувало во текот на сезоната и да бидат распродадени сите карти за само неколку часа и тоа за многу понеатрактивен противник од дното на табелата.
Најважно за сите обични навивачи и оние навивачи на Ултрас групите е тоа што освен високата посетеност, е тоа што сите навивачки групи на новиот стадион одлучиле да бидат на иста трибина (Curva Sud-во превод. јужна трибина) и заедно да навиваат што претходно не беше случај на стадионот Олимпико. Тогаш помалите групи беа на Север, а поголемиот број на Ултрас групи на Југ и често доаѓаше до несогласувања што се однесува до навивањето.
Моментални играчи[уреди]
|
|
Тренерска историја[уреди]
Подолу е листа на тренери на Јувентус од 1923 година, кога семејството Ањели ја презеле власта на клубот до денес.[8]
Легенда:
(при.) Тренери на привремена должност.
Види истотака : Список на претседатели на ФК Јувентус
Титули[уреди]
Домашни[уреди]
Италијански шампион (31) : 1905, 1925-26, 1930-31, 1931-32, 1932-33, 1933-34, 1934-35, 1949-50, 1951-52, 1957-58, 1959-60, 1960-61, 1966-67, 1971-72, 1972-73, 1974-75, 1976-77, 1977-78, 1980-81, 1981-82, 1983-84, 1985-86, 1994–95, 1996–97, 1997–98, 2001–02, 2002–03, 2004-05, 2005-06, 2011–12, 2012-13.
Вицешампиони (20) : 1903; 1904; 1906; 1937–38; 1945–46; 1946–47; 1952–53; 1953–54; 1962–63; 1973–74; 1975–76; 1979–80; 1982–83; 1986–87; 1991–92; 1993–94; 1995–96; 1999–00; 2000–01; 2008–09.
Куп на Италија (9) : 1937–38, 1941–42, 1958–59, 1959–60, 1964–65, 1978–79, 1982–83, 1989–90, 1994–95.
Вицешампиони (5) : 1972–73; 1991–92; 2001–02; 2003–04; 2011–12.
Супер Куп на Италија (5) : 1995, 1997, 2002, 2003, 2012.
Вицешампиони (3) : 1990; 1998; 2005.
Серија Б (1) : 2006.
Европски[уреди]
Европски првак (2) : 1984–85, 1995–96.
Вицешампиони (5) : 1972–73; 1982–83; 1996–97; 1997–98; 2002–03.
Куп на Победниците на Куповите (1) : 1983-84.
Куп на УЕФА (3) : 1976–77, 1989–90, 1992–93.
Вицешампион (1) : 1994–95.
Европски Супер куп (2) : 1984, 1996.
Интерконтинентален куп (2) : 1985, 1996.
Вицешампиони (1) : 1973.
Интертото Куп (1) : 1999.
Спонзори на клубот[уреди]
Заради својата успешност, клубот секогаш привлекувал моќни спонзори. Последен од нив е американскиот производител на џипови Jeep, кој склопил договор со клубот во 2012 испишувајќи го името на компанијата на предната страна на дресовите на Јувентус.[9] Вредноста на договорот изнесува 35 милиони евра.[9]
| Период | Произведувач на дресови | Спонзор |
|---|---|---|
| 1979 - 1989 | Капа | Ariston |
| 1989 - 1992 | Upim | |
| 1992 - 1995 | Danone | |
| 1995 - 1998 | Sony | |
| 1998 - 1999 | D+Libertà digitale / Tele+ | |
| 1999 - 2000 | CanalSatellite / D+Libertà digitale / Sony | |
| 2000 - 2001 | Лото | Sportal.com / Tele+ |
| 2001 - 2002 | Fastweb / Tu Mobile | |
| 2002 - 2003 | Fastweb / Tamoil | |
| 2003 - 2004 | Најк | |
| 2004 - 2005 | Sky Sport / Tamoil | |
| 2005 - 2007 | Tamoil | |
| 2007 - 2010 | New Holland | |
| 2010 - 2012 | BetClic / Balocco | |
| 2012 - 2015 | Jeep |
Надворешни врски[уреди]
| „ФК Јувентус“ на Ризницата |
Мисли поврзани со Juventus F.C. на Викицитат- Официјална страница (кинески) (англиски) (италијански) (индонезиски)
- ФК Јувентус на Facebook
- ФК Јувентус на Twitter
- ФК Јувентус на YouTube
- Тимска страница на soccerway
- Тимска страница на goal
- Фан страна на Јувентус
Наводи[уреди]
- ↑ Најдобри европски клубови за 20. век
- ↑ Лига на шампиони 1995/96
- ↑ Јувентус-Trophy Room
- ↑ Лига на шампиони 1996/97
- ↑ Во доигрувањето подобар бил Удинезе
- ↑ Аферата Калчополи. На Јувентус му се одземени двете титули од сезоните 2004-05 и 2005-06 и клубот е исфрлен во Серија Б со негативни бодови, парична казна и казна за тогашните челници на клубот
- ↑ Отворен новиот стадион на Јувентус
- ↑ „Список на тренери на Јувентус“ (на Italian). „MyJuve.it“. http://www.myjuve.it/managers-juventus/managers_list.aspx. проверено на 25 July 2007.
- ↑ 9,0 9,1 Juve sign €35m Jeep deal
|
|
|||||||