Уралска улулајка

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Уралска улулајка
Заштитен статус
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордови
Класа: Птици
Ред: Утковидни
Фамилија: Утки
Род: Strix
Вид: Уралска улулајка
Биномен назив
Strix uralensis
Pallas, 1771

Уралската улулајка (науч. Strix uralensis) е средно голема ноќна утка, од родот Strix, со над 15 подвида во Европа и северна Азија.

Уралска улулајка во Прашката зоолошка градина

Уралската улулајка е помала од големиот сив ут, и многу поголема од планинската улулајка, со која е многу слична. Освен по големината, од неа се разликува по посветлите, кремави, сиво-кафеави пердуви, со мноштво темнокафеави линии на грбот, на задниот дел од главата и на долните делови. Има округлеста глава со светол кремавосив фацијален диск, портокалово жолт клун и мали црни очи. Опашката е долга со клинеста форма и темни рабови на горниот дел, а крилјата се заокруглени. Летот е директен и насочен. Половите се слични, без сезонски варијанти. Долга е 50-61 см, има распон на крилјата 110-134 см и тежина кај мажјаците 500-730 грама, а кај женките 720-1300 грама. [2][3]

Уралската улулајка е широко распространета низ Европа и Азија, од Скандинавија на запад до Јапонија и Кореја на исток. Северната граница достига до 65 степен географска ширина. Ретката популација на планините во централна Европа припаѓаат на S. u. macroura. Птиците во североисточна Полска и Скандинавија се од подвидот S. u. liturata, а оние во западен Сибир се од номинираната раса S. u. uralensis. Ја има и во Македонија.

Северната популација на оваа утка живее во ниските шуми избегнувајќи ги густите области, особено четинарските. Во централна Европа живее во планините со листопадни шуми, преферирајќи повлажни места. Гнезди во дупки од дрвја, понекогаш во стари дупки од глодари каде несе 2-4 јајца кои се испилуваат по 27-34 дена. Младенчињата го напуштаат гнездото по 4 недели, но не летаат до возраст од 6 недели. Тој е многу агресивен ут, бркајќи ги другите грабливи птици од својата територија и ги напаѓа луѓето ако имаат пилиња.

Уралската улулајка се храни со глодари и со средни до големи птици како сојки па до големина на гулаб гривнаш. Територијалниот повик, мекото, длабоко ву-ху... вуху ухву-ху може да се чуе на далечина и повеќе од 2 км. Тие, исто така, се огласуваат со непогрешлив вау-вау повик, кој го произведуваат двата пола.

Наводи[уреди]

Надворешни врски[уреди]