Уметничко лизгање

Од Википедија, слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Уметничко лизгање е зимски спорт во којшто поединечно, во двојка или групно со лизгање на мраз и со помош на други елементи, најчесто музичка композиција, се изведуваат различни чекори, вртења и скокови. На официјалните натправрувања, натпреварувачите во овој спорт се натпреваруваат во 4 дисциплини: поединечно во женска конкуренција, поединечно во машка конкуренција, танцови двојки и спортски двојки. Натпреварувачите, исто така се натпреваруваат и на различни натпреварувања, почнувајќи од почетниците, кои се натпреваруваат на локални натпревари и завршувајќи до најдобрите, кои се натпреваруваат на најсилните меѓународни натпреварувања. Уметничкото лизгање е олимписки спорт со натпреварувања на сите зимски олимписки игри. Во некои јазици, името на овој спорт е „артистичко лизгање“.

Во светски рамки, официјална организација во спортот е Меѓународната лизгачка организација (ISU), основана во 1892 со седиште во Лозана. Голем број на меѓународни натпреварувања се санкционирани од страна на ISU, како што се натпреварувањата на Зимските олимписки игри, светските првенства, европските првенства, првенството на четири континенти и гран-при натправрите.

Денес, уметничкото лизгање е поврзано со останатите комерцијални настани. На големите напреварувања, обично последниот ден има егзибициски карактер, во кој најдобрите натпреварувачи ги покажуваат своите разлилчни вештини и способности, надвор од очите на судиите. Голем број на лизгачи учествуваат и се дел од многу останати емисии, поврзани со спортот, но и надвор од него.

Историја[уреди]

Почетоци[уреди]

Податоци за тоа во кое време луѓето научиле да лизгаат на мраз нема, но според археолошките наоди тоа е многу одамна, а тоа го потврдуваат и коските кои се пронајдени, а кои најверојатно служеле како лизгалки на подрачјето на Русија, Скандинавија, Велика Британија, Германија и Швајцарија.

Најстарите материјали кои го потврдуваат постоењето на лизгање на мраз потекнуваат од Данска од 1134 година. Првата конкретна употреба на поимот „лизгање на мраз“ е пронајдена во книга напишана од Вилијам Фицстивен, кој бил свештеник од Кантербери. Во неговата книга за Томас Бекет, тој оваа активност ја поврзал со децата, кои околу своите зглобови обувале коски и носеле палки, со помош на кои како птици полетувале по мразот. Палките коишто ги споменува Фицстивен се смета дека биле користени за движење, бидејќи примитивните лизгалки немале остри позлатени рабови како современите лизгалки.

Среден век[уреди]

Падот на Лидвина“, дрворез од околу 1498 година

Во 13. или 14 век, Холанѓанец започнал да ги произведува првите лизгалки со остри рабови со цел да се овозможи движење без употреба на помошна палка. Овие лизгалки биле произведувани од челик и се многу слични на професионалните лизгалки кои се произведуваат денес.

Првиот приказ на лизгањето на мраз во уметноста потекнува од 15 век и е дрворез, насловен „Падот на Лидвина“ на кој е претставен падот на мраз на светиот Лидивна, кој се смета за светец-заштитник на лизгањето на мраз. Забележителен дел од ова дело е и човекот во позадина кој лизга на една нога, што наведува на фактот дека лизгалките во ота време биле со остри рабови.

Царот Рудолф II организирал карневал во лизгање на мраз, со цел да го популаризира спортот.

Појава на современото уметничко лизгање[уреди]

Џексон Хајнес се смета за „татко на современото уметничко лизгање“

Развојот на лизгањето на мраз и подобрувањето на примитивните форми на уметничко лизгање продолжило и во доцниот среден век. Во 1742, во Единбург бил основан првиот клуб за уметничко лизгање, познат како Edinburgh Skating Club. Во 1772 било издадено делото Трактат за лизгањето од Роберт Џонс, коешто се смета за прв учебник, во кој се објаснети правилата на уметничкото лизгање.[1] Натпреварите, кои се одржувале во тоа време биле во „англиски стил“ на лизгање, кој бил поспор и поформален и има мали сличности со современото уметничко лизгање.

Уметничкото лизгање во Русија било познато уште во времето на Петар Велики. Тој во земјата ги довел првите лизглки. Петар Велики, дури и изумил нов вид на лизгалки. Тоа биле лизгалки, кои изгледале како вистински обувки, што всушност било „протомодел“ на денешните лизгалки.

Во средината на 1860-тите, американскиот балетан Џексон Хајнес, кој се смета за „татко на современото уметничко лизгање“[2] вовел нов стил на лизгање. Овој стил содржел слободни и емотивни техники и станал познат како „меѓународен стил“. Иако овој стил за кратко време станал популарен во Европа, во САД истиот не бил прифатен долго по Хајнесовата смрт.[2]

Во 1882 година, во Виена се одржало првото меѓународно натпреварување во Европа, на кое голема побеа оствариле Виенците.[3]

Предвоен развој[уреди]

Првото големо натпреварување во уметничко лизгање било европското првенство, кое за прв пат се одржало во 1891 година. Во следната 1892 била основана Меѓународната лизгачка организација, а првото светско првенство се одржало во 1896 година. На натпреварувањето учествувале само мажи, а победник бил Гилберт Фухс. Во 1902, Маџ Саерс станала првата жена којашто учествувала на светско првенство во уметничко лизгање, освојувајќи го второто место. Кратко по овој настан, Меѓународната лизгачка федерација им забранила на жените да се натпреваруваат во конкуренција на мажи, а во 1906 година, за прв пат било одржано женско натпреварување. Натпреварите во спортски двојки биле воведени на светското првенство во 1908, а први победници биле Ана Хиблер и Хајнрих Бургер. Истата 1908, уметничкото лизгање станало олимписки спорт, како дел од Летните олимписки игри во Лондон.competitions also took place in 1908.[4]

На 20 март 1914, во Њу Хевн, Конектикат бил одржан меѓународен натпревар со учесници од Канада и САД, што претставувало обединување на првенствата на овие две земји.

Понатамошниот развој и зголемување на популарноста на спортот биле попречени од Првата светска војна.

Во 1920-тите и 1930-тите, во спортот доминирала Соња Хени. Таа, покрај како лизгачка станала популарна и како филмска актерка. Со својот стил, носејќи краток фустан и бели лизгалки, Хени се смета дека ја им воведено современата мода во уметничкото лизгање во женска конкуренција.[5] Во тој период, најдобри лизгачи биле Гилис Графстром и Карл Шефер.

По војната[уреди]

За време на Втората светска војна, повтроно не се одржувале натпревари. По војната, многу лизгалишта во Европа биле во лоша состојба, па условите за тренинг на европските натпреварувачи им биле отежнати. Тоа го искористиле спортистите од Канада и САД, кои започнале да доминираат во спортот, воведувајќи нови технички елементи. Дик Батон станал олимписки првак во 1948 и во 1952 година и бил првиот лизгач кој ги извел скоковите: двоен аксел и троен луп, како и вртењето познато како „либела“.

Првите неатпревари во светски рамки во танцови двојки не се одржале, сè до светското првенство во 1952 година.[4] На првите неколку натпревари, доминирале натпреварувачите од Велика Британија, а први победници на светските првенства биле Џоана Вествуд и Лоренс Деми.

На 15 февруари 1961, се случила и првата поголема трагедија во спортот. Имено, 34 членови од тимот на САД, од кои 18 наттпреварувачи требале да настапат на светското првенство во Прага и 16 тренери загинале во авионска несреќа, во близина на градот Брисел.[6]

На почетокот од 1960-тите, натпреварувачите од Советскиот Сојуз започнале да доминираат во спортот, особено во дисциплините на двојки (танцови или спортски). Од 1964 година до денес, на сите Олимписки игри, советски или руски двојки освоиле златен медал. На олимписките игри во 2002 во Солт Лејк Сити, Елена Бережнаја и Антон Сихарулидзе го поеделија златниот медал со Канаѓаните Жами Сале и Давид Пелетје, но сепак успеаа да ја продолжат успешната низа.

Започнувајќи од 1983, во Канада започнало да се одржуваат едногодишни натпревари во синхронизирано лизгање. Сепак, во 1988, овие натпреври биле преместени и станале дел од натпреварите во основните дисциплини.

21. век[уреди]

Евгени Плушенко е еден од најдобрите натпреварувачи во светот

Денес, уметничкото лизгање е популарен спорт на Зимските олимписки игри, во којшто елеганцијата на натпреварувачите и нивните движења го привлекуваат вниманието на публиката. Не е за изненадување ако се каже дека многу натпреварувачи во овој спорт имаат физичка и психолошка подготвеност како и натпреварувачите во гимнастика. Како и хокејот на мраз и уметничкото лизгање е најпопуларно во оние региони, каде што мразот е природна појава.

Денес, уметничкото лизгање е поделено во четири дела: поедниечно лизгање за двата пола, лизгање во спортски двојки, лизгање во танцови двојки и синхронизирано лизгање.

Меѓу најдобрите лизгачи на почетокот на 21. век се вбројуваат: Алексеј Јагудин, Евгени Плушенко, Брајан Жубер, Стефан Ламбие и други. Меѓу најдобрите лизгачки се: Мао Асада, Мишел Кван, Ирина Слуцкаја, Марија Бутирскаја и други.

Во конкуренција на двојки, доминантни во спортот се натпреварувачките двојки од Русија.

Дисциплини[уреди]

Постојат голем број на различни дисциплини во уметничкото лизгање, но олимписки дисциплини се следните:[7]

  • Поединечно лизгање - натпревари во машка и женска конкуренција, пришто натпреварувачите изведуваат скокови, вртења, низи од чекори, спирали и други елементи, коишто се предвидени во програмата.
  • Спортски двојки - двојка сочинета од лизгач и лизгачка изведува елементи, карактеристични за поединечното лизгање, но и некои специфични елементи за лизгањето на спортски двојки, како што се скоковите со исфрлување (лизчгачот ја исфрла лизгачката, која го изведува техничкиот скок), држења (лизгачката е придржувана од лизгачот над неговата глава во различно позиции), вртења во двојки (лизгачот и лизгачката изведуваат ист елемент едновремено), спирали на смртта и други елементи.
  • Танцови двојки - станува збор за натпреварувње на двојки, сочинети од лизгач и лизгачка, но за разлика од спортските двојки, оваа дисциплина повеќе се фокусира на изведувањето на танцовите елементи и движења, во склад со музиката. Во оваа дисциплина, држењата не смеат да се изведуваат над рамената на лизгачот.

Други дисциплини во уметничкото лизгање се:

Синхронизирано лизгање
  • Синхронизирано лизгање - групи составени од 12 до 20 лизгачи и лизгачки изведуваат едновремени прецизни движења и поделени во помали групи формираат различни формации. Најчести формации се различни видови на кругови, многуаголници и линии. Потребата од синхронизација во движењата и изведувањето на елементите ја рави дисциплината доста сложена и тешка.
  • Задолжителни фигури - лизгачите ги користат своите лизгалки за да цртаат кругови, фигури во форма на бројот 8 и други слични слики на мразот. Овие цртежи се оценуваат од страна на судиите за нивната точност и јасност, а се оценуваат и движењата при нивното цртање. Ваквите фигури, порани биле дел од натпреварите во поединечно лизгање, но биле укинати во 1990. Денес, овие фигури ретко се изведуваат.
  • Лизгачки вештини - станува збор за дисциплина во која се изведуваат различни движења, кои го покажуват стилот на слободното лизгање, наместо да се цртаат различни форми на мразот. Денес, оваа дисциплина има поголема популарност од дисциплината „задолжителни фигури“.
  • Четворки - тим од четири натпреварувачи (двајца лизгачи и две лизгачки) изведуваат поединечно или во двојки различни елементи. Постојат и такви елементи, за чиешто изведување е потребно учество на сите четворица на мразот.
Балет на мраз
  • Балет на мраз - дисциплината е позната и како „театар на мраз“ и претставува комбинација од привлечноста на уметничкото лизгање со возбудливоста на театарот и танцот.[8] Оваа форма на уметничко лизгање се изведува групно, а групите се сочинети од 8 до 30 членови.[8]
  • Акробатско лизгање - дисциплита епозната и како „акробатика на мраз“ и е комбинација од циркус, артистичка гимнастика и уметничко лизгање.
  • Адаџо лизгање - оваа форма на уметничко лизгање е најчесто видена во емисиите на мраз, на кои лизгачите изведуваат спектакуларни акробатски елементи, но многу малку, а речиси и не изведуваат поединечни елементи, кои натпреварувачите во спортски двојки мора да ги изведат.

Елементи[уреди]

Скокови[уреди]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Скок (уметничко лизгање).
Изведување на скок во спортски двојки, при што лизгачката е исфрлена од својот партнер.

Скоковите се едни од најважните елементи во уметничкото лизгање.

Изведувањето на скоковите на лизгачите е проследено со брзо вртење во воздух и примразување по неколку изведени вртења во воздух. Постојат повеќе видови на скокови, кои најчесто се именувани по начинот на отскокнување и примразување, како и според бројот на вртења кои се изведени.

Вртењата при изведувањето на скоковите, може да бидат вртежни движења надесно или налево. Можно е еден натпреварувач да изведе скокови и во двата правца, но тоа не е вообичаено на натпреварувањата.

Во уметничкото лизгање, постојат шест елементи кои се групирани како скокови. При изведувањето на сите шест елементи, примразувањето е на една нога. Овие шест скокови, се групирани во две групи по три, во зависност од тоа на кој начин е отскокнувањето. Така, се разликуваат скокови, кои се изведуваат со острицата на лизгалката и скокови кои се изведуваат со рамниот дел од лизгалката.

Скокови со острица[уреди]

Скокови, кои започнуваат да се изведуваат со врвот на острицата од лизгалката (подредени од најлесниот до најтешкиот) се:

  • Тулуп - скок, кој се започнува од задниот надворешен рамен дел на лизгалката на десното стапало и се изведува со помош на врвот на острицата на лизгалката на левото стапало.
  • Флип - скок, кој се започнува со задниот внатрешен рамен дел на лизгалката на левото стапало и се изведува со помош на врвот на острицата на лизгалката на десното стапало.
  • Луц - скок, кој се започнува со задниот надворешен дел на лизгалката на левото стапало и се изведува со помош на врвот на острицата на лизгалката на десното стапало.

Доколку се случи, натпреварувачот, којшто сака да изведе флип, скокот да го започне од задниот надворешен, наместо внатрешен рамен дел на острицата на лизгалката, тогаш се јавува грешка која се нарекува „лип“. Грешката при изведувањето на луц, која се прави со започнување на скокот од внатрешниот, наместо од надворешниот дел од острицата на лизгалката се нарекува „флуц“. Во случај, лизгачот или лизгачката да падне при изведувањето на скокот, тогаш тој или таа се нарекува „клуц“.

Скокови со рамен дел[уреди]

Скоковите со рамен дел од острицата на лизгалката се изведуваат без помош на врвот. Во оваа група спаѓаат:

  • Салхов - скок, кој се започнува од задниот внатрешен рамен дел на лизгалката на левото стапало. Со вртење на рамниот дел, спротивната нога помага во изведувањето на скокот и во примразувањето на една нога.
  • Луп - овој скок е познат и како „ритбергер“ и се започнува од задниот надворешен рамен дел на лизгалката на десното стапало, при што примразувањето е со истата нога.
  • Аксел - ова е единствениот скок, кој се започнува од предниот рамен дел од лизгалката (заден надворешен рамен дел на лизгалката на левото стапало). Поради тоа што, скокот се започнуваод предниот рамен дел, при изведувањето на скокот има дополнителна половина вртење. Овој скок се смета за најтежок од сите шест.

Вртења и комбинации[уреди]

Бројот на вртења, изведени во воздух, за време на изведувањето на скокот зависи од тоа дали скокот е единечен, двоен, троен или четирикратен. Професионалните лизгачи, кои се натпреваруваат поеднечно, обично изведуваат тројни и четирикратни скокови. Досега, само Мики Андо меѓу лизгачките, уеспешно има изведено четирикратен скок.[9]

Покрај единечното изведување на скоковите, тие може да се изведат и во комбинација. За неколку скокови да се сметаат за комвбинација од скокови, секој скок мора да се започнува од рамниот дел на лизгалката, со која е изведено примразувањето при изведбата. Притоа, не смее да има додатни движења, вртења или промена на стапалата меѓу скоковите. Поради ова, единствените два скока, кои може да се изведат како втор или трет скок во комбинација се тулупите и луповите, бидејќи се започнуваат од задниот надворешен рамен дел на лизгалката на десното стапало.

Со цел да се применат различни скокови во една комбинација, може да се применат поврзани скокови, како што е полулупот, којшто всушност содржи целосно вртење, но примразувањето е на задниот рамен дел од лизгалката на левата нога. Полулупот му овозможува на лизгачот да изведе салхов или флип на крај на комбинацијата.

Како споредба, „низите на скокови“ не се „комбинациии на скокови“, бидејќи може да вклучуваат движења меѓу скоковите и промени на стапалата.

Други скокови[уреди]

Постојат бројни други скокови, ккои обично се изведуваат како единечни скокови на врвните натпреварувања. Тие обично се изведуваат при промена на движењата. Како такви се: полулуп, полуфлип, внатрешен акселм, аксел на една нога, валц и шпага.

Вртења[уреди]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Вртење (уметничко лизгање).
Вртење со клечење

Вртењата се потребни елементи на многу натпреварувања и се карактеристични за сите четири олимписки дисциплини.

Постојат три основни позиции на вртење во спортот: вртење со клечење, либела и вртење со стоење. Од овие три вртења имаат произлезено многу други варијанти на вртење.

За време на вртењето, лизгачот ротира на округлиот дел од лизгалката, наречен „топка на стапалото“, веднаш зад острицата на лизгалката. Вртењата може да бидат изведени единечно или како комбинација од повеќе различни вртења.

Брајан Жубер го изведува смртоносното вртење

Вртењата може да се изведуваат со обете нозе. Како и при скокањето, лизгачите најчесто се вртат налево, но сепак има лизгачи кои вртењата ги изведуваат надесно. За лизгачите, кои ги изведуваат вртењата во правец налево, вртењето со лева нога се нарекува „предно вртење“, а вртењето со десна нога, „задно вртење“.

Вртењата може да се изведат на мразот или при изведување на скок. Оние, коишто се изведуваат при скок се наречени „летечки вртења“. Летечките вртења ги вклучуваат летечката либела, летечкото вртење со клечење, смртоносното вртење и вртењето како пеперутка. Летечките вртења може да се изведат како предно или како задно вртење. Овие вртења, исто така може да се изведат и како дел од комбинација на повеќе вртења.

Во лизгањето на спортски двојки, вртењата може да се изведат одвоено од двајцата партнери или како комбинација од движењата на двајцата истовремено. Во натпреварите во двојки, карактеристични се и вртења, при кои обата партнери ротираат околу иста оска, држеј'и се меѓусебно.

Држења[уреди]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Држење (уметничко лизгање).
Држење со една рака над главата на лизгачот.

Држењата се потребни елементи во лизгањето на спортски и танцови двојки. Држењата на спортските двојки се разликуваат од оние на танцовите двојки, најмногу поради правилото, според кое лизгачите не смеатда ги придржуваат партнерите над рамената.

Танцовите држења се разликуваат и по лизгањето, при нивното изведувње. Според Меѓународната лизгачка организација, одобрени се седум видови на држења. Тие се поделени во две големи групи: кратки држења и долги држења. Постојат многу позиции, кои може да настанат, со цел да се зголеми тежината на елементот. Секоја позиција, мора да трае најмалку 3 секунди и е дозволено да се изведе само еднша за време на изведбата на програмата.

За разлика од танцовите држења, спортските држења се разликуваат според фромите на држење вклучени во главното држење. Според правилата на Меѓународната лизгачка орагнизација, лизгачот мора да се врти повеќе од еднаш, а помалце од три ипол пати. Постојат пет групи на држења во натпреварите на спортски двојки. Тоа се: држења под рамо, држења до половина, држења на колк со рака и држења на рака со рака. Држењата на рака со рака, понатаму се делат на држења со притискае и ласо држења. Ласо држењата се сметаат за најтешки спортски држења.

Држењата со завртување се форма на спортските држења, при кои партнерот кој се придржува се исфрла во воздух, во лет изведува вртење и при падот се прифаќа од другиот партнер. Лизгачката може да се превие и пред изведувањето на завртувањето и во тој случај, вртењето се нарекува „превиено завртување“. Ова не е задолжително, но го зголемува нивото на тежина на елементот. При прифаќањето, лизгачката мора да биде прифатена од партнерот за поливната. Таа се примразува со задниот надворешен рамен дел на острицата на лизгалката. Лизгачот, држењето, исто така го завршува ан една нога.

Во обете двојки (спортски и танцови), држењата кои траат подолго, отколку што треба се казнуваат со дедукциони поени.

Тимовите во синхронизирано лизгање, иксто така може да изведуваат држења. Овие држења може да бидат држења зведени по двојки (како штосе танцовите држења) или групни држења, при што двајца или повеќе лизгачи придржуваат друг лизгач. Во држењата изведени по довјки, не повеќе од една рака смее да биде над главата во било кое време. Акробатските држења не се дозволени. За да се допбијат дополнителни поени, тимовите понекогаш ротираат и/или изведуваат држења, лизгајќи по мразот.

Чекори и свртувања[уреди]

Изведба на хидролизгање

Низите од чекори се значајни елементи при изведување на програмите во сите четири олимписки дисциплини. Видот на низите од чекори може да биде в линија, кружно или синусоидно. Низата од чекори се состои од чекори, свртувања, скокови и промени на стапалата. Додатно, чекорите и свртувањата може да се користат како премин од еден во друг елемент.

Различните свртувања, кои лизгачите може да ги вклучат во низите од чекори, вклучуваат:

  • Тројка - ова движење е познато под овој назив, бидејќи со движењето на лизгалката на мразот се црта линија, која наликува на бројот 3.[10]
  • Противтројка - ова движење е во облик на противтројка или голема заграда(„}“), бидејќи со движењето на лизгалката на мразот се црта линија, која ја има оваа форма. При изведување на движењето доаѓа до смена на направените движења, најпрвин со врвот на острицата нанапред, потоа наназад, па повторно нанапред.[11]
  • Свртување - овој вид на движење се изведува слично како и тројката, со таа разлика што по свртувањето доаѓа до смена на круговите.[12]
  • Противсвртување - овој вид на движење се изведува слично како и тројката, со таа разлика што по свртувањето доаѓа до смена на круговите.
  • Моухок (англиски: Mohawk) - движење со смена на движењата во кој учествуваат обете нозе.[13]
  • Чоктау (англиски: Choctaw) - слично на моухок, со таа разлика што при чоктау се менуваат и движењата на лизгалките.[14]
  • Твизл (англиски: Twizzle) - движење со повеќекратно вртење на една нога надесно или налево,[15] со движење по крива или права линија.

Постојат и други движења, кои може да бидат вклучени во низите од чекори или да се применат при преминувањето од еден во друг елемент. Во оваа група спаѓаат: градните движења и широкиот орел. Елементот Ина Бауер е сличен со широкиот орел и се изведува со едно свиткано колено и наведнат грб. Хидролизгањето е елемент, кој се однесува на изведувањето на длабок рамен став со телото, толку ниско, што телото над мразот има речиси хоризонтална позиција.

Спирали[уреди]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Спирала (уметничко лизгање).
Спирале со заземање на внатрешен став и позиција со придржување на стапалото

Спиралата е елемент, во кој лизгачот лизга на мразот, со помош на острицата на лизгалката, при што другата нога еслободна и е на висина над колкот. Спиралите може да се изведат при лизгање нанапред или наназад и се разликуваат по ставот и стапалото со кое се лизга. Низа од спирали е една или повеќе спирални позиции и ставови изведени во низа.

Постојат бројни различни спирални позиции. Ногата може да се поставува пред телото, на страна или зад телото. Доколку ногата е придржувана од раката на лизгачот, таквата спирала се нареекува „придржувана спирала“. Доколку, не се придржува ногата, тогаш спиралата се нарекува „непридржувана спирала“. Доколку, пак се придржува острицата на лизгалката, настанатата позиција се нарекува „позиција со придржување на стапало“. Најпозната ваква позиција е Билмановата позиција.

Низите на спирали се потребни елементи во поединечното лизгање во женска конкуренција и во лизгањето во спортски двојки. Во слободното лизгање, овие низи се сметаат како еден потребен чекор во низата од чекори.

Облик на натпреварување[уреди]

Меѓународните натпреварувања, како што се светските првенства и натпреварите на зимските олимписки игри се под раководство на Меѓународната лизгачка организација (ISU).

Во поединечните натпревари и во натпреварите во спортски двојки, натпреварите мора да настапат во два дела. Првиот е кратката програма, во која лизгачот/лизгачката/двојката мора да изведе/изведат неколку потребни елементи, кои содржат скокови, вртења и чекори. Вториот дел е слободното лизгање, во кое елементите се изведуваат по слободен избор. Натпреварите во танцови двојки се состојат од три дела. Првиот е наречен „задолжителнитанци“, во кој двојките мора да изведат одредени танцови. Вториот дел е наречен „оригинален танц“ и се изведува со ритам на музика за бал. Третиот и завршен дел еслободната програма, во која двојките ги изведуваат движењата по своја желба.

Оценување[уреди]

Систем со оцени до 6.0[уреди]

До 2005 година, системот на оценување беше со доделување на оцени од 0.0 до 6.0 (0.0 е најслабата, а 6.0 најдобрата) за „техничките заслуги“ (во слободниот дел), за „потребните елементи“ (во краткиот дел) и за „презенртација“ (во обата дела од програмата). Овие оцени се применуваа при одредувањето на целосниот пласман или редоследно од секој судија. потоа, оцените од сите судии се комбинираа за да се добие пласманот на секој натпреварувач во секој дел од програмата. Најдобро рангираниот натпреварувач, во зависност од просечната оценка од сите судии беше прогласуван за победник.[16]

Нов судиски систем[уреди]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Нов судиски систем.

Во 2004, две години по скандалот на олимписките игри во Солт Лејк Сити, Меѓународната лизгачка организација воведе нов систем на оценување, кој стана задолжителен на сите натпреварувања во 2006, вклучувајќи ги и зимските олимписки игри во Торино. Новиот систем на оценување, често се нарекува и кодекс на поени, но и покрај тоа, ISU никогаш не го употребува називот на системот на оценување за да го опише истиот.

Според новиот систем, поени се доделуваат за секој технички елемент одделно. Исклучок од ова се изведбите на танцовите двојки, бидејќи при нивното оценување доделуваат поени и за времето.[17] Натпреварувачките програми се ограничени и имаат само одреден број на елементи. Секој елемент, најпрвин се оценува од технички специјалист, кој ја идентификува специфичноста на елементот и ја одредува основната вредност на истиот. Тој користи видео снимки, со цел да се увери во нештата кои ги разликуваат елементите (на пр. точната положба на стапалото при започнување на изведувањето на скокот и при примразувањето). Одлуката на техничкиот специјалист се однесува на основната вредност на елементот. Потоа, дванаесет судии доделуваат оцени за квалитетот на изведбата на елементот. Овие оцени се наречени степени на изведба и може да се движат во интервал од -3 до +3 поени, со можност за зголемување од 1 поен.[18] По ова, оцените за степени на изведба се претвораат во други вредности, со помош на таблици со вредности, кои се предвидени со правилото 322 на ISU. Од вредностите на степенот на изведба од дванаесетте судии се избираат вредности од девет судии и по поништувањето на најслабата и најдобрата оцена, останатите седум се земаат предвид. Потоа, просечната вредност добиена од оцените се додава или одзема на основната вредност за елементот, со што се добива вкупната вредност за тој елемент.[18]

Покрај, техничкиот дел, при формирањето на вкупната оцена се доделуваат поени и за компонентите на програмата. Тоа се одредени нијанси, кои не се технички елементи, а чии оцени не се вклучени во вкупниот резултат за техничките елементи. Овие компоненти се следните:[18]

  • лизгачки вештини;
  • преминувања;
  • изведба;
  • корографија;
  • интерпретација.

Овие пет елементи се земаат предвид при оценувањето на изведбите во краткиот и слободниот дел од програмата во поединачена конкуренција, спортски двојки и синхронизирано лизгање.[19] Во танцови двојки, овие елементи се оценуваат во оригиналниот танц и слободниот дел од програмата, но не и во задолжителниот танц. Во задолжителниот танц нема оцени за кореографија и преминување, бидејќи чекорите се изменети. Детален опис на секоја компонента е дадена во правилото 322.2. Судиите за секоја компонента доделуваат од 0 до 10 поени со зголемување од 0.25, при што оцената со 5 поени претставува просечна оцена.[18] За секоја компонента оделно, доделените оцени се избираат, средуваат и се пресметува просечната оцена, со цел да се одреди „степенот на изведба“. По ова следува, претворање на просечните оцени во факторизирана оцена, добиена со помножување на оцената со фактор, кој зависи од дисциплината, делот од натпреварувањето и нивото на натпреварување. На крај, оцените за петте компоненти се собираат и се добива вкупната оцена за компонентите на програмата.

За да се одреди вкупната оцена за определен дел од програмата, потребно е вкупната оцена за елементите и вкупната оцена за компонентите на програмата да се соберат и евентуално да се одземат поените дедукција (на пример, за пад 1.0 поен).[18] Завршниот пласман на натпреварувачот/натпреварувачите се одредува со пресметување на збиорт на нивните вкупни оцени од сите делови од програмата. За одредување на завршниот пласман не се земаат предвид заземените места во одделните делови.

Други натпреварувања и системи на оценување[уреди]

Во уметничкото лизгање, има натпревари кои се организираат од независни организатори, а начинот на оценување на овие натпревари зависи од правилата донесени од страна на организаторот.

Во САД, Лизгачкиот институт (ISI), којшто всушност претставува организација за стопанисување со лизгалишта, има развиено сопствена натпреварувачка и тест програма, којашто се спроведува на рекративни натпреварувачи. Натпреварувањата на институтот се отворени за секој натпреварувач, којшто се пријавил за нивните тестови. Постојат неколку квалификациски натпреварувања, иако во некои области постојат златни натпреварувања за првопласираните натпреварувачи во таа сезона. Натпреварувањата на овој институт се особено популарни во азиските земји, кои немаат организации интегрирани во ISU. Геј игрите вклучуваат натпревари во уметничко лизгање, и тоа во двојки со партнери од ист пол, при што Лизгачкиот институт се јавува како спонзор.

Опрема[уреди]

Лизгалки

Лизгалки[уреди]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Лизгалки.

Лизгалките, кои ги носат натпреварувачите во уметничко лизгање се разликуваат од оние во хокеј на мраз. Воочлива разлика е тоа што, лизгалките во уметничкото лизгање имаат шилести запци на рабовите, наречени „врвови на острица“. Овие врвови имаат и своја улога, а тоа е нивната употреба при изведувањето на скоковите, но истите не смее да се употребваат при лизгањето и изведувањето на вртењата.

Рабовите се изработуваат од челик и се со дебелина од 3 до 4 милиметри. вградени на чизмите со помош на завртки. Најчесто, врвните натпреварувачи се опремуваат со лизгалки од најугледните брендови, достапни на нивното подрачје на живеење.

Лизгалките, кои ги носат натпреварувачите во танцови двојки се со нешто пократок заден дел за да се овомзможи полесно приспособување на сложените движења со нозете и поголема блзиина при лизгањето заедно со партнерката/партнерот.

Кога лизгачите се надвор од мразот, рабовите на лизгалките се заштитуваат со рамки од тврда пластика. Овие заштитни рамки го заштитуваат работ од ситни материјали кои може да го затапат работ. За заштита на остриците се употребуваат и меки рамки, кои го апсорбираат згуснатиот воздух и го заштитуваат работ од 'рѓа, кога лизгалките не се носат.

Облека[уреди]

Кристин Фрејзер и Игор Луканин, при изведбата на оригиналниот танц.

Лизгачите, обично се облечено во тенки панталони, а лизгачките може да бидат облечени во краток фустан или панталони, но кратките фустани се многу попопуларни. Лизгачките, исто така, под фустанот носсат и месобојни затегнати панталони, кои може да бидат доста долги, дури покривајќи ги и лизгалките. Лизгачите мора да бидат облечени во панталони, кои не може да бидат затегнати.

Натпреварувачките костуми за лизгачите од обата пола може да бидат театарски, украсени со капоцени предмети и може да бидат многу скапи. Поради носењето на месобојни костуми, имало повеќе барања за забрана на облекувањето, кое остава впечаток наразголеност, што е несоодветно за натпреварите.[20]

Многу лизгачи и лизгачки имаат театарски изглед, со невообичаени фриури. На европското првенство во 2009, Кристин Фрејзер стана првата лизгачка, која на мразот излегла со очила, правејќи го тоа при изведбата на оригиналниот танц, заедно со својот партнер Игор Луканин.

Останата опрема[уреди]

Некои терени содржат системи, кои им помагаат на лизгачите полесно да ги научат скоковите. На мразот е вклучен кабел, кој од сигурносни причини е поврзан со два ѕида од оградата околу мразот. Лизгачите носат елек или каиш, на кои е прикачен кабел или јаже. Кабелот, одосно јажето се поврзанисо сигурносниот кабел. Едниот крај од сигурносниот кабел го држи тренерот, кој се наоѓа надвор од мразот, со што го придржува лизгачот и му помага полсно да го совлада скокот.

Лизгалишта[уреди]

Дел од каналот Ридо во Отава, кој е најголемото природно лизгалиште на мраз во светот

Првите лизгалишта биле заледените бари и реки. Подготовката на мразот била тешка, а климатските услови одредиле во кои географски региони, лизгањето на мраз може да се развива. На пример, во летописите на едно филаделфиско здружение, основао во 1848, може да се забележи дека за опремување била употребувана и безбедносна ограда, долга неколку метри. Спротивно од ова, во Канада, дебелиот слој на мраз не претставувал проблем, туку проблем претставувале обилните снежни врнежи. Во земјата, првиот стадион бил славно отворен во 1860 година.

Лизгалиште за уметничко лизгање во Киснахт, Швајцарија

Првото „лизгалиште за уметничко лизгање“ (латински: Glaciarium) било изградено во Челси, Лондон во 1876 година. Изградбата на идните лизгалишт за уметничко лизгање била исклучиво наменета за развој на овој спорт.

Досега, најголемото лизгалиште за уметничко лизгање е изградено во 1960 во Токио. Неговата површина изнесува 4.000 m2. Во Јапонија, исто така се наоѓа и најголемото лизгалиште воопшто, кое било изградено во 1967 година и се простира на површина од 15.400 m2.

Денес, лизгалишта нема само во Канада, Русија, Шведска, Јапонија, САД и останатите земји со хокејарска традиција, туку и во потоплите предели како Шпанија и Италија, па дури и во најтоплите предели во Африка (во Абиџан, Брегот на Слоновата Коска[а]).

Во современо време, со најновиот технико-технолошки развој, без оглед на временските услови, во подрачјата во кои нема услови за одржување на мразот, се поставува синтетички мраз. Освен тоа, денес се градат сали за зимски спортови, чија намена е во нив во текот на целата година, да може да се одржуваат натпревари во скијање, хокеј на мраз и уметничко лизгање. Во 2007, во светот имаше околу 150 вакви сали.

Ефекти од телевизиското емитување[уреди]

Порано, оцените за задолжитлелните фигури биле 60% од вкупниот резултат во поединечна конкуренција, што значи дека натпреварувачите кои изведувале најдобри фигури можеле лесно да победат, лизгајќи задоволитлно во слободниот дел од програмата. Но, со сè поголемото значење на телевизиското емитување на натпреварите, се зголемило и значењето на слободната програма. Започнувајќи во 1968, Меѓународната лизгачка организација (ISU) започна забрзано да го намалува значењето на фигурите и во 1973 била воведена кратка програма. Со овие измени, нагласокот во натпреварувачкото уметничко лизгање се промени, зголемувајќи ја атлетиката во слободната програма. Задолжителните фигури, конечно биле укинати во 1990 година. Мидори Ито останала запаметена како првата лизгачка која извела троен аксел, а Курт Браунинг како прв лизгач кој извел четирикратен скок.

Телевизиските емитувања одиграле и голема улога во отстранувањето на правилата со аматерски статус, кои некогаш се применувале во спортот. Со цел да се привлечат лизгачи, кои се откажале од улчеството на професионалните и профитабилни натпреварувања, во 1995 ISU воведе наградни фондови на големите натпреварувања, кои беа финансирани со продажбите на телевизиските права за емитување на натпреварите.

Во уметноста[уреди]

Во 1937, Соња Хени се појавила во филмот Тенок мраз. Уметничкото лизгање е дел и од други филмови, како што се: Пионери, со продолженијата Пионери:На Пат до златото, Пионери 3: Остварувајќи го сонот, Ледена принцеза, Ледени дворци и Славни острици.

Олимпискиот првак Брајан Боитано се споменува во филмот Саут Парк: поголем, подолг и несечен, односно во песната „What Would Brian Boitano Do?“.

Видете исто така[уреди]

Белешки[уреди]

  • а  Лизгалиштето било изградено од страна на скандинавските туристи во 1950-тите во хотелот „Слонова коска“ во Абиџан.[21]

Наводи[уреди]

  1. Фигурное катание на коньках
  2. 2,0 2,1 U.S. Figure Skating History
  3. Фигурное катание на коньках
  4. 4,0 4,1 „Some Key Dates in ISU History“. ISU. http://www.isu.org/vsite/vcontent/page/custom/0,8510,4844-130844-132152-20256-74409-custom-item,00.html. конс. 5 септември 2006. 
  5. Hunt, Paul. „100 Greatest Female Athletes: Sonja Henie“, CNN Sports Illustrated (конс. 5 септември 2006).
  6. 45-year anniversary of figure skating tragedy
  7. Уметничко лизгање на Olympic.org (англиски)
  8. 8,0 8,1 What is Theatre On Ice?
  9. Absolute Skating
  10. „Тройка (Three turn) — Элементы фигурного катания“. Tulup. http://www.tulup.ru/elements/7/troika.html. конс. 7 јануари 2009. 
  11. „Скобка (Bracket) — Элементы фигурного катания“. Tulup. http://www.tulup.ru/elements/8/skobka.html. конс. 7 јануари 2009. 
  12. „Recognition of Turns - 1 Foot“. sk8stuff.com. http://sk8stuff.com/f_recog/recog_turns_1_foot.htm. конс. 7 јануари 2009. 
  13. „Моухок (Mawhawk) — Элементы фигурного катания“. Tulup. http://www.tulup.ru/elements/9/mouhok.html. конс. 7 јануари 2009. 
  14. „Чоктау (Choctaw)“. Tulup. http://www.tulup.ru/elements/10/choktau.html. конс. 7 јануари 2009. 
  15. „Твизл (Twizzle) — Элементы фигурного катания“. Tulup. http://www.tulup.ru/elements/47/twizzle.html. конс. 26 ноември 2008. 
  16. Системот на оценување со оцени до 6.0 на usfigureskating.org (англиски)
  17. International Judging System (IJS)
  18. 18,0 18,1 18,2 18,3 18,4 ISU Judging System for Figure Skating and Ice Dancing 2004/5
  19. International Judging System (IJS)
  20. "The 1999 Official USFSA Rulebook.", SSR 19.00. USFSA, 1998.
  21. Dave Bidini, Tropic of Hockey: My Search for the Game in Unlikely Places, Globe Pequot, (2002), стр. xvii. ISBN 1-58574-464-6

Корисна литература[уреди]

  • Evaluation of Errors in Figures, 6th edition, USFSA, 1964
  • Figure Skating: Championship Techniques, John Misha Petkevich, 1989, ISBN 0-452-26209-7
  • Single Figure Skating. Josef Dĕdič, 1974
  • Benjamin T. Wright, Skating in America
  • Michael Boo, The Story of Figure Skating, ISBN 0-688-15821-8
  • Johnson, Susan A.: "And Then There Were None", Skating, март-април 1991.
  • Smith, Beverley. Figure Skating: A Celebration. ISBN 0-7710-2819-9.
  • Robert S. Ogilvie, Competitive Figure Skating:A Parent's Guide, ISBN 0-06-015375-X

Надворешни врски[уреди]

Ова е избрана статија. Стиснете тука за повеќе информации.
Статијата „Уметничко лизгање“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии).



Ова е избрана статија. Кликнете тука за повеќе информации.
Одлична статија Статијата Уметничко лизгање е избрана статија на порталот за спорт за декември 2009.
Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија.