Улис (роман)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
„Улис“  
UlyssesCover.jpg
Автор Џејмс Џојс
Наслов на
оригиналот
Ulysses
Јазик англиски
Жанр(ови) модернистички роман
Издавач Силвија Бич
Издадена 2 февруари 1922
Медиум печатена книга (твр. и мек. подв.)
Страници 632–1.000, зависно од изданието
OCLC 20827511
Претходна „„Портрет на уметникот во младоста
(1916)“
Следна Бдеењето на Финеган
(1939)“

Улис (англиски: Ulysses) — роман на ирскиот писател Џејмс Џојс и едно од капиталните дела на модернистичката книжевност.

Содржина[уреди]

Дејствието се случува во Даблин, во четвртокот на 16 април 1904 г, од зората до три часот по полноќ. Главни јунаци се Леополд Блум, 38 годишен добавувач на огласи во весници, неговата жена, 33-годишната пејачка Моли Блум и синот на неговиот пријател младиот професор Стефан Дедалус (22 годишен). Дејствието е исполнето со разни настани низ кои поминуваат овие тројца во текот на денот.

Романот започнува со описот на будењето на Дедалус, и појадокот во еден од историските замоци некаде на брегот на Ирска, во провинција, каде Дедалус работи како професор, а живее со пријателите во замокот. Директорот на колеџот каде што предава го моли да му помогне да објави во весниците текст, бидејќи слушнал дека овој има врски.

Потоа следува опис на настаните кои му се случиле тоа утро на Леополд Блум. Тој појадува, прима писмо од љубовницата, оди во јавна бања, и на закоп на еден свој пријател каде присуствува и таткото на Стефан. Потоа се прикажува редакцијата на весникот во кој работи Блум, каде доаѓа таткото на Стефан да ја предаде статијата на директорот, а Блум работи на еден оглас за еден богат трговец. Потоа излегува надвор, среќава многу познаници, руча кај еден пријател. Следи неговата посета на музејот и народната библиотека, каде група студенти дискутираат со младиот Дедалус. Потоа Блум оди низ книжарници, и во една ја купува книгата „Сластите на гревот“.

Следи делот во кој се прикажува друштвото во хотелот Ормонд, каде Блум и неговите пријатели слушаат еден од нив како свири. Подоцна во некоја кафана, Блум за малку ќе добиел ќотек од некој антисемитист. После тоа, на морскиот брег среќава една девојка која се вљубува во него, па следи посета на породилиште, каде се зборува за една негова познаничка.

Блум и Стефан Дедалус се среќаваат во бордел, излегуваат заедно, а некои војници го претепуваат Стефан. Блум се грижи за него, одат во крчма на кафе, а оттаму кај Блум дома. Стефан се одмара малку и си оди. На последните 60 страници од книгата се наоѓа детален приказ на мислите и чувствата кои течат низ свеста на жената на Блум додека лежејќи во постела се обидува да заспие.

За романот[уреди]

Улис не е роман „за читање“, секако не е дело „за гледање“ или „за слушање“. Во Улис нема многу филозофија, нема непознати термини, нема ништо што не би можело да се сфати во контекст на секојдневието. Единствено бројните алузии го отежнуваат разбирањето, но дури ни тие не се најглавната причина поради која е тешк ода се чита. Улис содржи фрагменти, различни по тема, поврзани со тенки нишки.

Со ова дело во современата проза влегува и една нова техника, а тоа е таканаречениот „внатрешен монолог“, во кој писателот буквално ја следи струјата на непосредното забележување и сеќавање на својот лик, не почитувајќи ги при тоа ни граматичките правила. Таа техника станала важно обележје на еден нов тип на роман - „романот на струјата на свеста“. Вистински внатрешен монолог е само последниот дел од делото. Оваа техника ја наоѓаме и пред Џојс, во делови на Ана Каренина, кога Ана се решава на самоубиство.

Улис е латинското име на Одисеј, а романот на Џојс не го носи само насловот на Хомеровиот еп, туку се развива и низ постојаната аналогија меѓу „митските“ скитања на Одисеј и „вистинските“ скитања на нововековниот Одисеј - Леополд Блум. Строго земено, Леополд Блум и не патува никаде во просторот, туку со сеќавањата „патува“ низ времето.

И сите други ликови и нивните меѓусебни односи се некоја пародија или деградација на ликовите и односите опишани во Одисејa. На пример, Пенелопа е претставена во ликот на Моли Блум која е нимфоманка, па нејзината невера е пародија на верноста на Пенелопа.

Секој дел од Улис е обликуван според поинаков стил, а секогаш во некој вид пародија на познатите и признати стилови од минатото. Така со ред, се менуваат стилот на средновековната хроника, реалистичното раскажување, натуралистичкото нафрлање на податоци, како и некои видови на драмски дијалози, за на крајот да се појави внатрешниот монолог, кој повторно може да се сфати како еден вид пародија на стилот на т.н. психолошки роман.

Меѓутоа, треба посебно да се истакне Џојсовата виртуозна вештина на меѓусебно поврзување на мноштвото наизглед потполно безначајни податоци, на таков начин што целината составена од безброј баналности и бесмислици веќе не е банална бесмислица.

Наводи[уреди]

Надворешни врски[уреди]