Убиство на Романови

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Романови во 1913 година

Убиството или егзекуцијата на царското семејство Романови заедно со нивната придружба;[1] се случило на 17 јули 1918 година во Екатеринбург по налог на комунистичкиот лидер Владимир Ленин. Во 2000 година, Руската православна црква ги канонизирала како светци фамилијата Романови.

Белата армија и Чешката легија напредувале кон Сибир и градот Екатерингург. Положбата на владата на Ленин била крајно сложена и неизвесна. Насекаде по целата држава власта на Советите била уништувана под притисок на Белата армија. Опасноста да бидат ослободени Романови станала многу голема. Комунистите исто така не можеле да прифатат активности за убиство на семејството, поради можноста од жестока реакција на германскиот император и доаѓањето на германски баталјони кон Москва за да ја совлада власта на Ленин. Троцки во исто време правел планови за судски процес против императорот Николај а за таа цел барал тој да биде донесен во Москва. Додека тој бил на фронтот, Ленин донел брзо решение за ликвидација на семејството.

Позадина[уреди]

Во текот на летото 1914 година, Русија се вклучила во Првата светска војна заедно со нејзините сојузните Велика Британија и Франција против Германија и Австро-Унгарија. Првата светска војна за Русија била катастрофална а во земјата владеела династија Романови. Бројот на жртвите надминувал еден милион. Во престолнината Петроград избувнале нереди и штрајкови од страна на работниците и студентите. Самата армија застанала на страната на демонстрантите. Царот Николај II бил повлечен од фронтот по кое било побарано негово абдицирање. Така царот во свое име и во име на својот дванаесетгодишен син престолонаследник адбицирал од рускиот престол.

На 22 март 1917 година, Николај бил ставен во домашен притвор од страна на Привремената руска влада вп својот дом во Царское Село[2]. Во август 1917 година, Привремената влада на Александар Керенски го евакуирал царот со своето семејство во Тоболск, наводно за да ги заштитат од растечката револуција. Таму тие живееле во зградата на поранешен гувернер. По доаѓањето на болшевиците на власт во октомври 1917 година, условите за нивниот притвор станале построги, а зборувањата дека Николај ќе биде ставен на судење биле се почести. На царот му било забрането да ја носи својата царска облека, Исто така им бил намален и оброкот а самото давање на путер и кафе им станало луксуз[3].

Како што болшевиците станувале се посилни во земјата, така имале поголема контрола и врз самата фамилија кога во април Николај, Александра и нивната ќерка Марија биле преместени во Екатеринбург. Престолонаследникот Алексеј бил премногу болен за да ги придружува своите родители и останал со своите сестри Олга, Татјана и Анастасија во Тоболск до мај 1918 година. Семејството живеело во ипатиевата куќа која била наречена куќа со посебна намена (руски: Дом Особого Назначения).

Болшевиците сакале царот да го изведат пред суд, но околностите довеле до брзо решение за нивно убиство. Романови биле задржани во Екатеринбург од страна на Црвената армија. Со продолжувањето на Руската граѓанска војна, Белата армија се заканувала да го освои градот Екатеринбург. Ова им створило сомнеж на болшевиците дека Романови можат да паднат во рацете на Белите.

Доколку Белата армија стигне до царското семејство, царот или било кој од членовите на неговото семејство може да обезбеди голема подршка за Белата армија меѓу рускиот народ или пак доколку царот бил мртов, било кој од членовите на неговото семејството би се сметал за легитимен владетел на рускиот трон од страна на другите европски земји. Во вториот свучај, ова би значело и поголеми преговори за странска интервенција во име на Белите. Главно поради овие две причини, Романови биле набрзина ликвидирани.

На 16 јули 1918 година, Чешката легија била на само неколку километри од Екатеринбург. Верувајќи дека Чесите биле во мисија за ослободување на царското семејство тие биле набрзина убиени. Според некои историчари, вистинската причина за приближувањето на Чешката легија кон градот била да се заштити Транссибирската железница, која целосно ја контролирале во тој период.[4].

Убиство[уреди]

Телеграмата која имала за цел убиство на семејството била испратена од страна на Врховниот комитет во Москва и бил потпишан од страна на Јаков Свердлов. Околу полноќ, Јаков Јуровски кој бил главен и одговорен за Куќата со посебна намена му наредил на лекарот на Романови, Евгениј Боткин да го разбуди семејството и да се облечат под изговор дека семејството мора да пренесено на посигурно место поради големите нереди кои се случувале во градот[1]. Тие биле одведени во соба со димензии 6 х 5 метри[1]. Царицата побарала две столчиња. На едниот седнал Николај држејќи го во скутот својот син а Александра на другиот стол.

Неколку минути подоцна дошле четата на тајната полиција предводени од Јуровски кој на глас започнал да ја чита наредбата од страна на Уралскиот извршен комитет:

Николај Александрович, со оглед на фактот дека вашите роднини го продолжуваат нападот на Советска Русија, Уралскиот извршниот комитет одлучи да бидете убиени... .[1]

Николај во тој момент рекол: „Што?“[1]и да се свртил кон семејството, пред да биде убиен со куршум во главата. Веднаш по ова започнало пукањето и врз останатите членови од семејството и стрелањето траело додека не биле убиени сите заробеници. По ова била отворена вратата бидејќи се створил голем чад[1]. Една од царските керќи била облечена во корсет со брилијанти, а Александра Фјодоровна носела бисерен појас. Поради дијамантите кои ги носеле на нивната облека, тие се заштитиле од првите истрели[1].

Ќерките гледајќи ја смртта на своите родители, започнале да викаат. Царицата и Олга пробале да се прекрстат но биле убиени со првите куршуми кои биле испукани, во главата. Остатокот од семејството биле убиени кратко после тоа, со исклучок на Ана Демидова, собарката на Александра. Набрзо, откако пробала да се одбрани со перница во која имало дијаманти и скапоцени камења била убиена.[5]Но кога виделе дека сеуште се живи, тие биле убиени со бајонети. Олга се здобила со прострелна рана во главата. На Анастасија и Марија им било речено да се свртат до ѕидот и додека ги прекривале главите биле убиени. Марија била погодена од куршум, а Анастасија била убиена со бајонет. Јуровски ги убил Татјана и Алексеј. Татјана починала од еден куршум кој поминал низ задниот дел од главата[6]. Алексеј добил два куршуми во главата, веднаш зад увото[7]. Ана Демидова, слугинка на Александра, го преживеала првичниот напад но набргу била избодена до смрт додека се обидувала да се брани со мала перница која била полна со скапоцени камења и накит.[5].

Настанот во печатот се појавил по два дена. Во печатот било објаверно дека монархот заедно со неговото семејство биле егзекутирани по наредба на Уралскиот извршен комитет поради доближувањето на Чесите кон градот[8]. Иако официјалната советска власт одговорноста ја префрлила на Уралскиот комитет сепак Лав Троцки во својот дневник го навел убиството како директна иницијатива на Ленин:

Мојата следна посета на Москва се одржа по падот на Екатеринбург. Зборувајќи со Свердлов го прашав за одлуката. „Каде е царот?“ „Тој е убиен“. „А каде е неговото семејство?“ „И семејството заедно со него“. „Сите“, го прашав а тој одговори „Да, сите“. „Што е ова“ Тој чекаше да ја види мојата реакција, но не добив одговор. „А кој донесе одлука?“ „Ние одлучивме овде. Илич верувал дека ние не треба да ги пуштиме Белите живи особено во сегашните тешки околности[9]

Последици[уреди]

Откако сите биле убиени, од телата биле извадени накитот и часовниците. Мртвите тела биле натоварени на камион, чиј мотор работел цело време за да се замолчат истрелите. Во исто време во куќата војниците се обидувале да ја исчистат крвта на подот. По ова телата биле погребани во јама(56° СГШ 60° ИГД /  ) на 19 километри од Екатеринбург. Во камионот сепак некои сеуште биле живи. бидејќи егзекуторите не можеле да стрелат на откриено на Ермаков му дале еден нож за да ги убие конечно. По ова камионот заминал кон месноста Четри браќа каде убиените биле соблечени и фрлени во јама. По ова убијците повторно се вратиле во градот. Јуровски разбрал дека по градот веќе се знае за убиството на Романови и дека се знае точната локација каде биле погребани. Тогаш тој започнал да размислува за преместување на телата а за таа цел набавил бензин и солна киселина. Во ноќта, тие повторно се вратиле и со помош на факелите започнале да ги вадат телата оа јамата и повторно и ставиле на камион. Бидејќи теренот бил доста тежок за патување, тие се обиделе да ги изгорат телата. Кога увиделе дека немаат време за тоа, тие ги закопале телата на слугинката Демидова, Алексеј и една од ќеркитњ. По ова го продолжиле патот кон јамите и кога ги фрлиле телата повторно се обиделе да ги изгорат истите, но повторно не успеале. По ова телата им биле полиени со солна киселина за да не бидат распознаени телата

Откривање на телата[уреди]

Остатоците од сите членови на семејството и нивната послуга со исклучок на две од децата (кои на крајот биле идентификувани во 2008 година) биле пронајдени во 1991 година и истите биле закопани од страна на руската влада организирајќи им државен погреб. За идентификација на коските биле ангажирани неколку служби од земјата и странство. Во лабараторијата во Бирмингем била земена крв од принцот Филип, сопруг на Елизабета II, чија баба била сестра на руската царица Александра. Крвта на Филип се совпаднала со окриените ДНК проби во некои од коските на царицата Александра и на децата.

Погребувањето се одржало во 1998 година. Телата биле погребани со државни почести во капелата Света Катерина во Санкт Петерсбург каде биле погребувани поголемиот дел од руските владетели. На погребот присуствувал претседателот Борис Елцин и неговата сопруга, заедно со принцот Михаел од Кент.

На 15 август 2000 година, Руската православна црква најавила канонизација на семејството за нивната "смиреност, трпеливост и кроткост"[10] Меѓутоа, како одраз на интензивна дебата, епископите не ги прогласиле Романови како маченици, туку како светци.[10]. На 1 октомври 2008 година, Врховниот суд на Руската Федерација одлучил дека Николај Втори и неговото семејство биле жртви на политичка репресија и биле рехабилитирани[11][12] .

Легенди за крајот на Романови[уреди]

Една од најпознатите легенди за крајот на владеењето на династија Романови е онаа на Григориј Распутин. Распутин ова го напишал во едно писмо до својот секретар според кое доколку тој биде убиен од страна на царскиот двор, ниту еден член од семејството нема да надживее две години. Исто така во текот на историјата се правеле и паралели за датата 6 мај, ден кога е роден царот Николај. Според христијанскиот календар, овој ден му припаѓа на Свети Јов Многустрадален.

Според друга легенда пак, во 1801 година, вдовицата на убиениот цар Павле I оставила на владетелот кој ќе ја управува Русија по сто години една кутија која имала многу важна содржина. Во 1901 година, Николај и Александра ја отвориле кутијата. Послугата само ги слушнала зборовите на Николај кој кажал дека 1918 година ќе биде фатална за империјата и за династијата.

Наводи[уреди]

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 1,5 1,6 100 великих казней, M., Вече, 1999, p. 439 ISBN 5-7838-0424-X
  2. Tames, R, Last of the Tsars, p.56
  3. Tames, R, Last of the Tsars, 62
  4. The Czech Legion 1914–20. Osprey Publishing.,
  5. 5,0 5,1 Radzinsky (1992), стр. 380-393
  6. King G. and Wilson P., The Fate of thr Romonovs, p. 303
  7. Massie, R, The Romanovs The Final Chapter, 6
  8. Mark D. Steinberg, Vladimir M. Khrustalëv, Elizabeth Tucker (1995). „The Fall of the Romanovs“. Yale University Press. ISBN 0-300-07067-5. http://books.google.com/books?id=h6nH7FyuysAC&pg=RA1-PA293&ots=dC3I8jXx_4&dq=Nicholas+II+decree+soviet+1918+execute+July&sig=jQhCag0pVC69HxSoBak8NPHqHk0#PRA1-PA294,M1link. 
  9. King, G, The Last Empress, 358
  10. 10,0 10,1 Nicholas II And Family Canonized For 'Passion'“, New York Times, 15 август 2000 (конс. 10 декември 2008).
  11. BBCNews. Russia's last tsar rehabilitated. Retrieved on 2008-10-01
  12. Adrian Blomfield. Russia exonerates Tsar Nicholas II The Telegraph, October 1, 2008.