Туин

Координати: 41°37′9″N 21°2′43″E / 41.61917° СГШ; 21.04528° ИГД / 41.61917; 21.04528
Од Википедија — слободната енциклопедија
Туин

Влезот во селото

Туин во рамките на Македонија
Туин
Местоположба на Туин во Македонија
Туин на карта

Карта

Координати 41°37′9″N 21°2′43″E / 41.61917° СГШ; 21.04528° ИГД / 41.61917; 21.04528
Регион  Југозападен
Општина  Кичево
Област Горно Кичево
Население 784 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 6254
Повик. бр. 045
Шифра на КО 12074, 12574
Надм. вис. 720-960 м
Туин на општинската карта

Атарот на Туин во рамките на општината
Туин на Ризницата

Туин — село во областа Горно Кичево, во Општина Кичево, сместено во околината на градот Кичево.

Потекло на името[уреди | уреди извор]

Името на селото доаѓа од личното име Тухин или Тухар, што можеби е варијанта на грчкото име Теохар. Другата варијанта за потеклото е исто така да е поврзана со личното име Туха, кое пак да има отономастичка основа во „тухлив“ со значење скромен.[2]

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Куќи во Горно Маало

Селото се наоѓа во областа Горно Кичево, сместено во Кичевската Котлина, во северниот дел на подрачјето на Општина Кичево, чиј атар нашироко се допира со подрачјето на Општина Македонски Брод.[3] Селото е ридско-планинско, чии куќи се издигаат на надморска височина од 720 до 960 метри.[3] Туин под падините на планината Добра Вода и е оддалечено од градот Кичево 15 километри.

Туин е големо село во североисточниот дел на Кичевската Котлина. Се наоѓа во планинското подножје на Добра Вода, на десниот брег од малата Туинска Река. Низ селото поминувала некогашната теснолиниска железница Скопје-Охрид. Околни села се: Папрадиште, Јагол, Јагол Доленци, Поповјани и Арангел. Во пространиот атар извираат бројни извори.[4]

Границата на атарот води преку местата: Добра Вода, Белези, Туинско Кале, Челојца, Јачменишта, Бели Камен, Попов Камен, Црквеница, Боглев Камен, Боглева Нива, Длага Нива, Јабел, Алитова Племна, Јани Дол, Поток, Мицковци, Ќафа, Папрадиште, Туински Забел и Оструг. Месностите во планинскиот дел на атарот на селото ги носат следниве имиња: Башоски Овеси, Рамниште, Сенокос, Голем и Мал Купец, Црна Бука, Арамиска Кодра, Присој, Ѓури Мад, Жолт камен, Чардак и Амза Моле. Месностите во понискиот дел на атарот на селото, кои се наоѓаат југозападно од самото село, ги носат следниве имиња: Слатина, Шумјак, Ѓупски Даб, Свињска Чешма, Караманчишта, Белчеец, Дорзеле и Стафоски Огради.[4]

Селото има разбиен тип. Од североисток кон југозапад, селото е издолжено околу 5 километри. Во таа насока се наоѓаат следниве маала: Хасковско, Калешовско, Горно, Таироско, Демироско, Горно Башоско, Усоско, Божваровско, Горно Стафоско, Метоско, Зенелоско, Долно Башоско и Долно Стафоско. Средишниот дел на селото е во Метоско и Зенелоско Маало, каде се наоѓаат џамијата и училиштето. Растојанието на одредени маала е и по 1.000 метри.[4]

Калешовско Маало (или Калешовци) е најоддалечено од самото средиште и во него има посебно подрачно основно училиште, поради што во некои медиумски написи, но и официјални општински документи го сметаат дури и за посебно село.[5]

Историја[уреди | уреди извор]

Поглед на Калешовци

Туин спаѓа во старите села во Кичевско. Во историските извори првпат било забележано во втората половина на XV век под истото име, кога имало два дела, во едниот дел имало 44, а во другиот дел 42 словенско-христијански куќи.[4] За првиот дел се знае дека живееле 40 семејства, 2 неженети и 2 вдовици, сите христијани.[6]

За староста на селото говори и фактот дека во непосредна негова близина се наоѓа тврдината Туинско кале, која и денес може да се види. Се верува дека првичната населба била создадена во близина на тврдината. Кај тврдината поминувал средновековниот пат помеѓу Охрид и Скопје[7]

И подоцна, Туин останало словенско-христијанско село поделено на три маала, Долно, Горно и едно маало во Калешовци. Долното Маало имало 70 македонски куќи.[4]

На почетокот на XIX век, во Туин првпат се населиле пет арбанашки домаќинства. Тоа се случило во истиот период кога Арбанаси дошле и во другите соседни села, Србица и Гарани. Потеклото на овие домаќинства било од областа Мат во Северна Албанија. Од овие домаќинства се настанати денешните родови Зенелоски, Башовци, Метовци, Божваровци и Стафовци. После нив дошле предците на денешниот голем албански род Калешовци.[4]

Во XIX век, Туин било село во Кичевската каза на Отоманското Царство.

Додека траел процесот на доселувањето на Албанците, христијанското македонско население постојано се иселувало. Така, во 1961 година во Долно Маало останале само 4 македонски куќи, додека во Калешовци повеќе немало македонски куќи.[4]

За време на Втората светска војна, балистичко-бугарската граница поминувала долж самата Туинска Река.[4]

Стопанство[уреди | уреди извор]

Куќи во Туин

Атарот е голем и зафаќа простор од 33,9 км2. На него преовладуваат шумите на површина од 1.965 хектари, на пасиштата отпаѓаат 774 хектари, а на обработливото земјиште 490 хектари.[3]

Селото, во основа, има мешовита земјоделска функција.[3]

По Втората светска војна, поради тоа што во близина на селото поминувала граничната окупациска линија, мештаните на Туин почнале да криумчарат, односно да препродаваат текстил во Прилеп, а да купуваат жито и сол.[4]

Население[уреди | уреди извор]

Население во минатото
ГодинаНас.±%
19481.276—    
19531.270−0.5%
19611.307+2.9%
19711.318+0.8%
19811.346+2.1%
ГодинаНас.±%
199139−97.1%
19941.266+3146.2%
20021.476+16.6%
2021784−46.9%

Според податоците од 1873 година, селото било познато како Тухин и имало 62 домаќинства со 120 жители муслимани и 60 жители христијани.[8]

Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото имало 795 жители, од кои 120 Македонци и 675 Албанци муслимани.[9] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Туин имало 160 жители, под врховенството на Бугарската егзархија.[10]

На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Тухин се води како мешано македонско-албанско село во Кичевската каза на Битолскиот санџак со 120 куќи.[11]

Една статистика, која ја подготвил кичевскиот училиштен инспектор Крсто Димчев во 1909 година, ги дава следниве податоци за Туин:[12]

Домаќинства Гурбетчии Писмени Неписмени
мажи жени вкупно мажи жени вкупно
23 28 24 0 24 49 62 111

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 200 Македонци и 850 Албанци.[13]

Селото е големо, коешто во 1961 година броело 1.307 жители, од кои 1.121 биле Албанци, а 177 жители Македонци. Во 1994 година бројот селото броело 1.266 жители, од кои 1.249 Албанци, а 14 жители Македонци.[3]

Пописот од 1991 година не бил целосно одржан во селото Туин, бидејќи дел од неговото население одбило да учествува, односно го бојкотирало неговото одржување, поради што за таа пописна година, за селото нема целосни податоци.[заб 1]

Според последниот попис од 2002 година, во селото Туин живееле 1.476 жители, од кои 1.465 Албанци, 8 Македонци и 3 останати.[14]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 784 жители, од кои 3 Македонци, 766 Албанци и 15 лица без податоци.[15]

Низ годините ова било вкупното население и етничка припадност на населението во Туин:

Година Македонци Албанци Турци Срби Ост. б.п. Вкупно
1948 1.276
1953 201 1.063 4 0 2 1.270
1961 177 1.121 2 2 5 1.307
1971 107 1.200 6 5 0 1.318
1981 25 1.307 0 2 12 1.346
1991 16 23 0 0 0 39
1994 14 1.249 0 0 3 1.266
2002 8 1.465 0 0 3 1.476
2021 3 766 0 0 0 15 784

* Извор: Државен завод за статистика на Република Македонија (1948-2021), според податоци од официјалните пописи во соодветните години

Родови:[уреди | уреди извор]

Денес, Туин е македонско-албанско село, иако до почетокот на XIX во него живеело само македонско население. Македонското население останало да живее само во Горното Маало, освен 4 куќи останати во Долно Маало.[4]

Според истражувањата на Јован Трифуноски во 1960-тите години родови во селото се:

  • Македонски родови:
    • Староседелци: Вељановци (7 к.), Радевци (6 к.), Пејовци (12 к.) и Јанковци (4 к.), овие родови се староседелски. Родовите Вељановци и Радевци потекнуваат од ист предок. Освен Јанковци кои живеат во Долно Маало, сите други живеат во Горно Маало;
    • Доселени: Грујовци (9 к.), живеат во Горно Маало, доселени се од сега раселениот град Закамен, Малесија. Го знаат следното родословие: Ставро (жив на 71 г. во 1961 година) Димо-Петре-Стојан-Јован-Петко, кој се доселил во селото со братот Трајко. Подоцна Трајко се иселил во селото СоњеСоње, Скопско. Мислат дека и неговите потомци таму се викаат Грујовци.
  • Албански родови:
    • Доселени: Башовци или Баше (32 к.), чии куќи се во Горно и Долно Башовско Маало; Стафовци или Стафе (16 к.), чии куќи се во Горно и Долно Стафовско Маало; Зенеловци (25 к.), чии куќи се во Зенелоско и Долно Маало; Метовци (20 к.), чии куќи се во истоименото маало; Божваровци (9 к.), чии куќи се во Божваровско и Долно Маало. Во родот Божваровци го знаат следното родословие: Селман (жив на 56 г. во 1961 година) Незир-Сафер-Јусуф-Бајрам, основачот на родот; Калешовци (39 к.), чии куќи се во истоименото маало. Во родот Калешовци се знае следното родословие: Дервиш (жив на 46 г. во 1961 година) Амет-Дервиш-Алија, основачот на родот кој се доселил; Демировци (15 к.), чии куќи се во истоименото маало; Таировци (6 к.), чии куќи се во Таироско и Долно Маало, и Хасковци (2 к.), чии куќи се во истоименото маало, највисоко од сите други. Наведените албански родови потекнуваат од предци доселени од областа Матија (во Албанија).

Според истражувањата, пак, на Тома Смиљаниќ во периодот од 1921-1926 година родови во селото се:[7]

  • Македонски родови: Вељановци (6 к.), Радевци (4 к.), Чамковци (4 к.) и Пејовци (8 к.), староседелци. Радевци потекнуваат од домазет доселен од Порече. Домазетот влегол во староседелскиот род Мојсовци. Па така се рачунаат во староседелци; Марковци (2 к.) и Грујовци (4 к.), доселени се од Закамен.
  • Албански родови: Метовци (25 к.), за нив се вели дека албанскиот јазик го научиле мешајќи се со доселените Албанци, па затоа и не се признаваат за староседелци, Зениле (21 к.), истото важи како и за Метовци; Бачваровци (11 к.), Ајсе (13 к.), Таировци (5 к.) и Стафовци (16 к.), староседелци; Калешит или Калешковци (35 к.), доселени се од Матија во северна Албанија; Баши-те-епр (26 к.), доселени се од Дебар.

Општествени установи[уреди | уреди извор]

Основното училиште во селото

Училиштето во минатото се нарекувало „Даме Груев“ и наставата се одвивала на македонски и на албански наставен јазик. Поради скоро целосното иселување на македонското население, наставата се одржува единствено на албански наставен јазик.

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Селото влегува во рамките на Општина Кичево, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2013 година. Во периодот од 1996-2013 година, селото се наоѓало во некогашната Општина Осломеј.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Кичево. Селото припаѓало на некогашната општина Кичево во периодот од 1955 до 1965 година.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Јагол Доленци, во која покрај селото Туин, се наоѓале и селата Бериково, Јагол Доленци, Јагол, Папрадиште и Поповјани. Во периодот 1950-1952, селото било дел од некогашната општина Србица, заедно со селата Арангел, Ново Село, Србица и Туин.

Избирачко место[уреди | уреди извор]

Во селото постојат избирачките места бр. 0783, 0783/1 и 0784 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на основното училиште.[16]

На претседателските избори во 2019 година, на овие избирачки места биле запишани вкупно 1.282 гласачи.[17]

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Главната селска црква „Св. Никола“, единствена зачувана од некогашните бројни цркви
Археолошки наоѓалишта[18]
  • Сретсело — црква и некропола од средниот век.
Цркви[19]

За време на отоманскиот период во селото постоеле неколку цркви. Црквата „Св. Петка“ се наоѓала во Калешовско Маало, во месноста Киша. Денес, таму нема ништо, освен изворче за кое се вели дека таа вода била лековита. Втората била сместена во Горно Маало, но била запалена од страна на Албанците пред заминувањето на Турците. Сепак, во 1922 година на истото место била подигната денешната селска црква „Св. Никола“. Црквата „Св. 40 маченици“ со гробишта се наоѓала во Долно Маало, која била срушена во Втората светска војна. Од нејзе се гледаат само темели, сместена на самото сретсело.[4]

Џамии[19]
Чешми

Во Горно Маало се наоѓаат две селски чешми изградени во 1977 година од страна на Вангел Велјаноски, кој живеел и работел како пекар во Белград.

Споменици
Реки[20]

Редовни настани[уреди | уреди извор]

Споменик во Туин
Слави
  • 40 Маченици — селска слава на христијанското население.[4]
  • Водици — прославуван три дена од страна на христијанското население, кога доаѓаат и иселените Македонци.[21]

Личности[уреди | уреди извор]

Родени во или по потекло од Туин

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Жителите од селото Туин од македонска националност се иселени во различни делови од Македонија, како и надвор од нашата држава. Најголем број се иселиле во градовите Кичево, Тетово, Битола, но и во Белград, а мал дел и во Бугарија. Целосно иселени родови (уште во 1960-тите) се Димовци, Вејкрповци, Мојсовци и други, кои главно се преселиле во Тетово. Родот Митиќевци (2 к.) се иселиле во Србјани, Кичевско.[4]

Во поново време има иселувања на Албанците и се знае за околу 10 семејства кои се преселиле во Кичево. Родовите Пињалоски (9 к.) и Тафалар (4 к.) се иселиле во селото Жубрино. Во Житоше се иселиле шест семејства. Исто така, во Турција заминале 3 семејства (две од родот Башески и едно од Стафовци). населени во Адапазар.[4]

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. Иванова, Олга (2014). Речник на имињата на населените места во Р Македонија. Скопје: Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“. стр. 183.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 304. Посетено на 17 јануари 2021.
  4. 4,00 4,01 4,02 4,03 4,04 4,05 4,06 4,07 4,08 4,09 4,10 4,11 4,12 4,13 Трифуноски, Јован (1968). Кичевска котлина: Селски населби и население. Белград: Српска академија на науките и уметностите. стр. 40–42.
  5. „ГОДИШНА ПРОГРАМАНАОУ"НАИМ ФРАШЕРИ "ЗА УЧЕБНАТА 2019/2020 ГОД“. Општина Кичево. Text "urlhttp://kercova.gov.mk/sovet1/25/3/Naim%20Frasheri/Godishna%20programa.pdf" ignored (help); Отсутно или празно |url= (help); |access-date= бара |url= (help)
  6. Турски документи за историјата на македонскиот народ кн.4, Методија Соколоски, д-р Александар Стојановски, Скопје 1971, стр. 215
  7. 7,0 7,1 Смиљанић, Тома, (1935) Кичевија, Насеља и порекло становништва. Београд, САНУ
  8. „Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г.“ Македонски научен институт, София, 1995, стр. 90-91.
  9. Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 255.
  10. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, рр. 156-157.
  11. Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 37.
  12. Стойчева, Станислава. Аспекти на грамотността на българското население в Македония (1878 – 1912), Македонски преглед, година ХХХVІІІ, 2015, кн. 2, с. 76.
  13. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  14. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 17 јануари 2021.
  15. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  16. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 17 јануари 2021.
  17. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 11 ноември 2019.
  18. Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 170. ISBN 9989-649-28-6.
  19. 19,0 19,1 Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
  20. Петрушевски, Илија; Маркоски, Благоја (2014). Реките во Република Македонија (PDF). Скопје: Геомап. стр. 73. ISBN 978-9989-2117-6-8.
  21. „ФОТО: Како се прославија Водици 2013 низ Кичево и Кичевско! Празник за очи и душа!“. Кичево. 2013-01-21. Посетено на 2021-01-17.
  22. Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2016). Илинденски сведоштва. том I, дел I. Скопје: Државен архив на Република Македонија.
Забелешки
  1. Во Пописот од 1991 година, во населените места: Страчинци, Љуботен, Арачиново, Грушино, Мојанци, Орланци, Боговиње, Жеровјане, Пирок, Милетино, Радиовце, Теново, Челопек, Горно Јаболчиште, Велешта, Горно Татеши, Долно Татеши, Врапчиште, Топлица, Вруток, Долно Јеловце, Здуње, Речане, Балин Дол, Беловиште, Гостивар, Дебреше, Мало Турчане, Чајле, Баниште, Дебар, Кривци, Селокуќи, Хаме, Делогожди, Корошишта, Ливада, Мислодежда, Ново Село (Делогожди), Горна Бањица, Долна Бањица, Симница, Долна Лешница, Желино, Озормиште, Требош, Бачишта, Букојчани, Горно Строгомиште, Зајас, Колари, Лешница, Палиград, Смесница, Копанце, Шемшево, Горно Палчиште, Долно Палчиште, Камењане, Кичево, Долно Свиларе, Кондово, Радуша, Рудник Радуша, Бедиње, Горно Коњаре, Д`лга, Куманово, Лопате, Романовце, Сопот, Табановце, Черкези, Белановце, Матејче, Никуштак, Опае, Ропалце, Жужње, Нистрово, Сенце, Тануше, Добри Дол, Калиште, Неготино-Полошко, Сенокос, Бериково, Гарани, Јагол, Ново Село (Осломеј), Поповјани, Премка, Србица, Стрелци, Туин, Шутово, Охрид, Ќојлија, Арнакија, Буковиќ, Грчец, Крушопек, Ласкарци, Љубин, Семениште, Барово, Јаболци, Биџево, Долна Белица, Заграчани, Калишта, Радолишта, Струга, Батинци, Вртекица, Морани, Студеничани, Глоѓи, Доброште, Непроштено, Пршовце, Слатино, Теарце, Голема Речица, Лавце, Мала Речица, Сараќино, Тетово, Баланци, Форино, Чегране, Џепиште, Гајре, Лисец, Скопје дел - Гази Баба, Скопје дел Карпош, Скопје дел - Центар и Скопје дел - Чаир, дел од жителите не прифатија да земат учество (го бојкотираа) во Пописот.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]