Трстеник (Светиниколско)

Координати: 41°53′25″N 21°51′29″E / 41.89028° СГШ; 21.85806° ИГД / 41.89028; 21.85806
Од Википедија — слободната енциклопедија
Трстеник

Поглед на селото

Трстеник во рамките на Македонија
Трстеник
Местоположба на Трстеник во Македонија
Трстеник на карта

Карта

Координати 41°53′25″N 21°51′29″E / 41.89028° СГШ; 21.85806° ИГД / 41.89028; 21.85806
Регион  Вардарски
Општина  Свети Николе
Област Овче Поле
Население 24 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 2220
Повик. бр. 032
Шифра на КО 24038
Надм. вис. 650 м
Слава Спасовден
Трстеник на општинската карта

Атарот на Трстеник во рамките на општината
Трстеник на Ризницата

Трстеник — село во областа Овче Поле, во Општина Свети Николе, во близина на градот Свети Николе.

Потекло и значење на името[уреди | уреди извор]

Селото првпат се споменува во XIV век под истото име. Се претпоставува дека доаѓа од трст, трска со значење „река обрасната со трски или вода што тече меѓу трски“.[2]

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Селската чешма

Селото се наоѓа во областа Овче Поле, сместено во крајниот западен дел на територијата на Општина Свети Николе, чиј атар се допира со подрачјето на Општина Велес.[3] Селото е ридско, на надморска височина од 650 метри. Од градот Свети Николе е оддалечено околу 8 километри.[3] Вгнездено е на источните падини на Градиштанска Планина.

Трстеник се наоѓа северозападно од поголемото и попознато овчеполско село Горобинци, сместено на височина од околу 650 метри. Западно од селото се издигнува високо карпесто земјиште. Источно од селото се наоѓаат две зарамнети површини, пониската на 450 и повисоката на 580 метри. Во самото село извира јак извор, на кој е направена селската чешма.[4]

Месностите во атарот на селото ги носат следниве имиња: Градиште, Селиште, Бојчевица, Мамутица, Бабина Дрма, Топола, Ридови, Орлујева, Писан Камен, Дома Вода, Еленик, Какарачино, Бареш и ’Ржиште.[4]

Селото има збиен тип. Одредени делови од селото се наречени по родови, како Чутуранско Маало, Крпејевско Маало и други.[4]

Трстеник се наоѓа десно од автопатот А4, на кој најблизок излез е тој кај селото Преод. До него се стигнува и преку регионалниот пат Скопје-Свети Николе со исклучувањето кај Горобинци.

Историја[уреди | уреди извор]

Над селото се наоѓа Градиште или Кале, карпесто возвишување на кое мештаните веруваат дека се наоѓала некоја тврдина. Ѕидовите од некогашната тврдина може да се познаат на самата месност. Мештаните таму наоѓале и стари пари. Се верува дека тврдината била срушена од Турците од месноста Коритиште (во атарот на соседното Џидимирци). На јужната страна на Градиште се наоѓаат и остатоци на стари гробишта и стара црква. Од гробиштата се останати плочи, додека од црквата се гледаат делови од темелните ѕидови.[4]

На границата на атарите на четири соседна села - Трстеник, Сопот, Преод и Крушица, а недалеку од споменатото Градиште, се наоѓа познатиот Ѓуришки манастир, посветен на Голема Богородица. На денот на манастирската слава доаѓаат гости од сите околни села, како и околните области.[4]

Месноста Стара Црква се наоѓа 200 метри под селото, каде денес може да се најдат стари дабови и слаби остатоци на ѕидини. Кај црквата мештаните се собирале за зимниот и летниот Св. Атанас, но од 1947 година прекинале со собирите.[4]

Традицијата наведува дека денешното село Трстеник најпрвин се наоѓало на месноста Селиште. Споменатиот потег се наоѓал околу 600 метри северно од денешното село, каде денес се наоѓаат ниви. Таму се наоѓале четири македонски куќи, додека местоположбата на денешното село била под шума.[4]

Во тоа мало село еднаш се случил зулум, поради што жителите на овие четири куќи во средината на XVIII век се преместиле на денешното место на селото. Секоја куќа основала свое маало.[4]

Поради близината на селото Горобинци, кое во минатото било населено со турско население, мештаните трпеле чести зулуми од нивна страна.[4]

Стопанство[уреди | уреди извор]

Атарот зафаќа простор од 7,4 км2. На него преовладува обработливото земјиште на површина од 314 хектари, а на пасиштата отпаѓаат 211 хектари.[3]

Селото, во основа, има полјоделска функција.[3]

За време на отоманскиот период, во Трстеник имало чифлиг во сопственост на Албанецот Мурсел-ага од селото Мојанци, Скопско. Селаните ја откупиле земјата од него по 1906 година, кога започнале да се создаваат комитите.[4]

Население[уреди | уреди извор]

Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948350—    
1953299−14.6%
1961203−32.1%
1971156−23.2%
198192−41.0%
ГодинаНас.±%
199163−31.5%
199452−17.5%
200241−21.2%
202124−41.5%

Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Трстеник имало 262 жители, сите Македонци.[5] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Трстеник имало 312 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[6]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 250 Македонци.[7]

Селото е мало, во фаза на раселување. Тоа, во 1961 година броело 203 жители, а во 1994 година бројот се намалил на 52 жители, од кои 49 Македонци и 2 Срби.[3]

Според пописот од 2002 година, во селото Трстеник живееле 41 жител, сите Македонци.[8]

Според последниот попис од 2021 година, во селото Трстеник живееле 24 жители, сите Македонци.

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 262 312 350 299 203 156 92 63 52 41 24
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[9]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[10]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[11]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[12]

Родови[уреди | уреди извор]

Трстеник е македонско село.[4]

Според истражувањата на Јован Трифуноски во 1957/58 година родови во селото се: Трајановци (6 к.), Чутуранци (10 к.), Доцкевци (3 к.), Доранковци (2 к.), Дедо-Науновци (6 к.), Крпејевци (10 к.) и Анчевци (2 к.), сите наведени рода се староседелски, порано живееле во месноста Селиште. Во родот Трајановци се знае следното родословие: Милан (жив на 70 г. во 1957-58 година) Мане-Веселин-Грозде-Голуб-Трајан, по кого го добиле името. Веројатно од Селиште се преместил таткото на Трајан, а тоа можело да биле средината на XVIII век. Повеќето родови во селото се сродни.

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Од Трстеник се има иселено голем број од македонското население. Родот Баратлици е иселен во селото Орел. Родот Јовановиќи се иселени во селото Кумарино кај Велес. Пред крајот на турското владеење околу 30 семејства се иселиле главно во Куманово, а мал дел во Велес и Свети Николе. Нови и поголеми иселувања од Трстеник започнале во 1948 година и се одвивале главно во споменатите градови.[4]

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Во XIX век, Трстеник било село во Кумановската каза на Отоманското Царство.

Селото влегува во рамките на Општина Свети Николе, која била една од ретките општини кои не биле променети по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото исто така се наоѓало во Општина Свети Николе.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Свети Николе. Селото припаѓало на некогашната општина Орашац во периодот од 1955 до 1965 година.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Горобинци, во која покрај селото Трстеник, се наоѓале и селата Горобинци, Ѓуземелци, Крушица, Преод и Сопот. Општината Горобинци постоела и во периодот 1950-1952, кога во нејзе влегувале селата Горобинци, Ѓуземелци, Преод, Сопот, Трстеник и Џидимирци.

Избирачко место[уреди | уреди извор]

Во селото постои избирачкото место бр. 1687 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на приватен објект.[13]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 26 гласачи.[14]

На парламентарните избори во 2020 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 24 гласачи.[15]

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Главната селска црква „Вознесение Христово“, денес во руини
Археолошки наоѓалишта[16]
Цркви[4]
Манастир

Редовни настани[уреди | уреди извор]

Слави[4]

Личности[уреди | уреди извор]

Родени во или по потекло од Трстеник

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. Иванова, Олга (2014). Речник на имињата на населените места во Р Македонија : (Б,Ѓ,Е,Ј,Н,Р,Т,Ќ,У,Ф,Х,Џ,Ш). Скопје: Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“. стр. 182. ISBN 978-608-220-026-2.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 303. Посетено на 13 мај 2021.
  4. 4,00 4,01 4,02 4,03 4,04 4,05 4,06 4,07 4,08 4,09 4,10 4,11 4,12 4,13 Трифуноски, Јован (1964). Овчепољска Котлина. Загреб: Југословенска академија на науките и уметностите. стр. 673–675.
  5. Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 215.
  6. Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, pp. 128-129.
  7. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  8. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 13 мај 2021.
  9. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  10. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  11. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  12. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  13. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
  14. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
  15. „Предвремени избори за пратеници 2020“. Архивирано од изворникот на 2020-07-15. Посетено на 13 мај 2021.
  16. Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 360. ISBN 9989-649-28-6.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]