Требеништа

Од Википедија — слободната енциклопедија
Требеништа
Требеништа во рамките на Македонија
Требеништа
Местоположба на Требеништа во Македонија
Требеништа на карта

Карта

Координати 41°12′23″N 20°45′17″E / 41.20639° СГШ; 20.75472° ИГД / 41.20639; 20.75472Координати: 41°12′23″N 20°45′17″E / 41.20639° СГШ; 20.75472° ИГД / 41.20639; 20.75472
Општина  Дебрца
Население 355 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 6341
Шифра на КО 19046
Надм. вис. 848 м
Требеништа на општинската карта

Атарот на Требеништа во рамките на општината
Требеништа на Ризницата

Требеништа — село во Општина Дебрца, во околината на градот Охрид. Селото е познато по Требенишката маска.

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Селото Требеништа се наоѓа во областа Охридско Поле, на 13 километри северозападно од Охрид и 13 километри североисточно од Струга. Атарот на селото Требеништа граничи со атарите на следните села: од исток Волино и Мислешево, од север Мешеишта, од југ Горенци и Горно Лакочереј. Поедини места во атарот на селото ги носат следните имиња: Алистрата, Власејнца, Црквиште, Бароец, Габер, Павлејца, Прдејца, Варвара, Градиште, Глаесец, Маркоа стапалка, Бела вода, Веље поле, Под лозје, Калино, Пропас, Кобилиште, Бранејнца, Волниште, Урека и Долни лозје. Требениште е со куќи од збиен тип, и се дели на Горна, Средна и Долна маала.[2]

Историја[уреди | уреди извор]

Посмртна маска од некрополата Требеништа од VI век п.н.е.

Според податоците од 1873 година, селото имало 24 домаќинства со 87 жители христијани (Македонци) и 70 муслимани.[3] Според податоците на Васил К’нчов од 1900 година, селото имало 310 жители христијани (Македонци).[4]

Требеништа е ослободено од фашистичка окупација на 8 ноември.

Во селото се наоѓа некрополата Требеништа. Според податоците на Паско Кузман од книгата "Уметноста на Требеништа" во движниот фонд од некрополата "Требеништа" се евидентирани 825 археолошки предмети, од кои 258 се чуваат во Археолошкиот музеј во Софија, 187 во Народниот музеј во Белград и 380 во Народниот музеј во Охрид. Сепак, мора да се каже дека највредните примероци, меѓу кои се четирите златни посмртни маски, се надвор од Македонија. Меѓу нив се и двата бронзени масивни кратери, сребрените пехари и ритони, златни ракавици, сандали и украсни плочки, како и голем број примероци од златен и сребрен накит. Откривањето на тајните на Требенишката некропола почнало случајно при изградбата на патот Охрид-Кичево во 1918 година, а потоа неа ја истражувале археолозите Карл Шкорпил од Софија во 1918 година , Никола Вулиќ од Белград од 1930 до 1934, Васил Лахтов и Јоже Кастелиц во 1953/54 година и Владо Маленко во 1972 година. Досега се ископани 56 гроба и гробници од кои 13 се "кнежевски" со богати гробни прилози, а другите се со поскромен археолошки материјал. Во Требенишката некропола, поради немање финансиски средства, 30-тина години не се вршат истражувања.

Население[уреди | уреди извор]

Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948724—    
1953823+13.7%
1961880+6.9%
1971868−1.4%
1981897+3.3%
ГодинаНас.±%
1991822−8.4%
1994587−28.6%
2002513−12.6%
2021355−30.8%

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Требеништа живееле 310 жители, сите Македонци.[5]

Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Требеништа имало 360 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[6]

На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Требенишча е претставен како чисто македонско село во Охридската каза на Битолскиот санџак со 50 куќи.[7]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 500 Македонци.[8]

Според пописот од 2002 година, во селото Требеништа живеат 513 жители и спаѓа во групата на средно големи населби. Во него имало 500 Македонци, 8 Албанци, 2 Турци, 1 Србин и 2 останати.[9]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 355 жители, од кои 340 Македонци, 2 Турци, 1 останат и 12 лица без податоци.[10]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 310 360 724 823 880 868 897 822 587 513 355
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[11]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[12]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[13]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[14]

Родови[уреди | уреди извор]

Требеништа е македонско православно село, со исклучок на еден торбешки род. Во селото родовите се староседелски и доселенички.

Родови во селото Требеништа се: Дуклевци (20 к.), Мувчевци (20 к.), Алексовци (10 к.), Бутевци (8 к.), Ѓоревци (8 к.), Јаќимовци (8 к.), Доневци (7 к.), Питаровци (7 к.), Николовци (6 к.), Љубовци (6 к.) и Целевци (5 к.) ова се многу стари родови, возможно е да се старинци; Бочевци (6 к.) доселени се од соседното село Горенци; Шутаровци (6 к.) доселени се однекаде, имаат иселеници во Охрид (5 к.); Мартиновци (11 к.) доселени се однекаде, под Турците биле многу сиромашни, но потоа отишле на печалба во Америка, и така после 1912 купиле многу земја; Маринчевци (12 к.) и они се доселени однекаде, од нив потекнува селскиот свештеник Крсте, станал свештеник за време на италијанската окупација.[2]

Според истражувањата на Бранислав Русиќ од крајот на 1940-тите, родови во селото биле:

  • Староселеделци: Ночевци (5 к.), Бочевци (3 к.), Николевци или Јаќимовци (8 к.), Доневци (2 к.), Лажовци (4 к.), Питаровци (3 к.), Стамболџијовци (2 к.), Кубуровци (1 к.), Настовци или Толевци (1 к.), Блажевци (2 к.), Попевци или Наумовци (1 к.), Трајковци (1 к.) и Бутевци (5 к.)
  • Доселеници со непознато потекло: Дуклевци со Ѓоргијовци (7 к.), Маринчевци (3 к.), Коруновци (1 к.) и Петревци (1 к.)
  • Доселеници со познато потекло: Јоновци (2 к.) и Мировци (2 к.) доселени се заедно од некое село во Дебрца; Чавдаровци или Мартиновци (5 к.) доселени се од селото Свиништа; Цибуковци или Пискуловци (3 к.) и Алексовци (3 к.) доселени се од селото Белчишта во Дебрца; Тројанци (2 к.) доселени се од денес раселеното село Тројани; Шутаровци (5 к.) доселени се од селото Ливоишта; Јордевци (3 к.) доселени се од селото Речица; Мувчевци (7 к.) доселени се од селото Брежани во Дебрца; Николевци (1 к.) доселени се од селото Сирула; Мајсторовци (2 к.) доселени се од селото Ложани; Арнаутовци (1 к.) доселени се од селото Ливоишта, во овој род имало некоја баба која била православна Албанка, и по која го добиле името; Чолевци (1 к.) доселени се од селото Горенци; Лабовци (3 к.) и они се од селото Горенци; Биџевци (4 к.) доселени се од селото Шипокно.[15]

Стопанство[уреди | уреди извор]

Населението од Требеништа главно се занимава со одгледување на земјоделски култури.

Општествени установи[уреди | уреди извор]

Образование

Во претходните децении основното училиште кое се наоѓало во Требеништа било познато и под имињата ОУ "Кочо Рацин" и ОУ "Свети Климент Охридски".

Цркви

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Од 2004 година селото Требеништа потпаѓа под Општина Дебрца. Претходно било дел од Општина Мешеишта.

Избирачко место[уреди | уреди извор]

Во селото постои избирачкото место бр. 1345 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на основното училиште.[17]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 500 гласачи.[18]

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

  • Требенишко Езеро (Бобано) — природно езеро, едно од најмладите во Македонија, настанато по природен пат откако поради лизгање на земјиштето од ридот Габер се затрупала тесната долина низ која протекувал поток кој се течејќи низ селото влевал во реката Сатеска.

Редовни настани[уреди | уреди извор]

Од 2014 година традиционално се одржува Фолк Фест Црешнобер. Целта на манифестацијата е да ја промовира црешната како заштитен бренд на ова село, а покрај културно-забавната програма има и изложба на црешни.

Култура и спорт[уреди | уреди извор]

Селото е дом на ФК Требеништа, во комунизмот познат и како ФК Младост Требеништа.

Во 2015 година во употреба е пуштена новата Спортска сала „Аминта Трети“, именувана по античкиот македонски крал Аминта III, за кој има наводи дека е од ова село.

Требеништа е родно место на вајарот Власе Николески.

Требеништанец по потекло е фудбалскиот тренер, македонски селектор и поранешен фудбалер, Драган Бочески.

Личности[уреди | уреди извор]

Борци во НОБ[уреди | уреди извор]

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Требеништани можат да се најдат во повеќе земји во Европа, САД, Канада и Австралија.

Од родовите поединечно се знае за следните иселеници до крајот на 1940-тите:

  • Од Лажовци иселеници има во: Америка (едно семејство од 1924 година).
  • Од Питаровци иселеници има во: Велмеј во Дебрца (како посинет од 1928 година).
  • Од Стамболџијовци иселеници има во: Америка (едно семејство од 1924 година).
  • Од Чавдаровци иселеници има во: Јабука кај Панчево, Војводина (едно семејство од 1947 година).
  • Од Лабовци иселеници има во: Америка (едно семејство од 1922 година).[15]
  • А во постаро време во селото Белчишта се иселил големиот род Таневци (40 к.).[2]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 2,2 Трифуноски, Јован (1992). Охридско-струшка област. Белград: Српска академија на науките и уметностите. стр. 247-248-249.
  3. „Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г.“ Македонски научен институт, София, 1995, стр.102-103.
  4. Кънчов, В. Македония. Етнография и статистика, София, 1900, с.253
  5. Кънчов, Васил. Македония. Етнография и статистика, София, 1900, стр. 252.
  6. Brancoff, D.M. La Macédoine et sa Population Chrétienne. Avec deux cartes ethnographiques, Paris, 1905, pp. 162-163.
  7. Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 30.
  8. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  9. Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, 2002 - Книга X
  10. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  11. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  12. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  13. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  14. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  15. 15,0 15,1 Русиќ, Бранислав. Струшко Поле-Требеништа. Архивски фонд на МАНУ АЕ 88/1.
  16. „За училиштето“. македонски: ОУ „Дебрца“ - Белчишта. Архивирано од изворникот на 2016-08-25. Посетено на 22 август 2016.
  17. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
  18. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]