Томас Карлајл

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Томас Карлајл
Thomas Carlyle
Thomas Carlyle lm.jpg
Томас Карлајл (1860-ти)
Роден 4 декември 1795(1795-12-04)
Еклфехан, Шкотска1
Починал 5 февруари 1881(1881-02-05) (на 85 год.)
Лондон, Англија
Занимање есеист, сатиричар, историчар
Правец викторијанска книжевност, романтизам

Томас Карлајл (англиски: Thomas Carlyle, 4 декември 17955 февруари 1881) — шкотски филозоф, сатиричар, есеист, историчар и просветен работник од викторијанскиот период.[1] Економијата ја нарекувал „стуштената наука“, пишувал написи во „Единбуршка енциклопедија“ и станал контроверзен критичар на општеството.[1]

Произлегувајќи од строго калвинистичко семејство, неговите родители се залагале да стане проповедник, но во текот на студиите ја загубил вербата во Бога. Но покрај тоа, калвинистичките вредности го следеле во текот на целиот живот. Оваа комбинација од верски темперамент со изгубената побожност била особено привлечна за многумина во викторијанското време кои се обидувале да се справат со научните и политичките промени што му се заканувале на традиционалниот општествен поредок.

Младост и влијанија[уреди]

Родната куќа на Карлајл

Карлајл е роден во Еклфехан, Шкотска.[1] Родителите го испратиле на Ананската академија во Анан, но таму постојано бил малтретиран од некои соученици, и затоа ја напуштил по три години.[2] Во детството, изразените калвинистички вредности што се негувале во семејството се врежале во умот на младиот Карлајл.

Откако дипломирал на Единбуршкиот универзитет, Карлајл станал наставник по математика,[1] во Анан, а потоа и во Керколди, каде се спријателил со мистикот Едвард Ирвинг.

Во периодот 1819–1821 г., Карлајл се вратил на Единбуршкиот универзитет, каде почнал нагло да ги губи христијанските убедувања. Ова ќе биде материјал за неговото првото дело „Прекроениот кројач“ (Sartor Resartus) со кое се прочул во јавноста.

Во овој период Карлајл се здобил со болна стомачна болест (веројатно желудочни чирови), што во тоа време било припишано на неговата неблагочестивост[3]. Оваа болест продолжила да го следи сè до крајот животот, и истата придонела јавноста да го смета за препирлива и непријатна личност. Неговиот прозен стил се одликувал со зајадивост и жестина, уште повеќе зацрвстувајќи го во умот на современиците како тежок човек.[4]

Почнал темелно да ја изучува германска книжевност[1] и да прима силни влијанија од германскиот идеализам, особено од делата на филозофот Јохан Готлиб Фихте. Подоцна станал стручњак по германска книжевност и се истакнал во низа есеи во списанието Fraser's Magazine, но и како преведувач дела од германски писатели, меѓу кои и „Образовните години на Вилхелм Мајстер“ од Гете.[1] Во 1825 г. ја издал и книгата „Животот на Шилер“ (Life of Schiller).[1]

Во 1826 г. Карлајл се оженил со писателката Џејн Бејли Велш, која ја сретнал во 1821 г.[1].

Во 1828 г. Карлајл решил да се пресели во родното место, на фармата во Крејгенпаток (Дамфрисшир, Шкотска), каде впрочем напишал поголем дел од делата. Тука ги напишал најистакнатите есеи и оформил доживотно пријателство со американскиот есеист Ралф Валдо Емерсон.[1] Во 1834 г., Карлајл се преселил во Челси (Лондон), каде бил познат како „Мудрецот од Челси“ и се приклучил кон книжевниот кружок кајшто членувале Ли Хант и Џон Стјуарт Мил.[1]

Во Лондон го напишал тритомното дело „Француската револуција: Историја“ (The French Revolution: A History, 1837) - историски осврт кој го обработува угнетувањето на сиромашните. Делото веднаш доживеало успех, и ова го поттикнал авторот да ги напише следните дела.

Дела[уреди]

Насловна страница на првото британско издание на „Прекроениот кројач“ (1838)
Насловна страница на „Француската револуција“ (I изд. 1837)

Рани дела[уреди]

Во 1821 Карлајл се откажал од идејата да стане свештеник и решил да стане писател. Почнал да пишува роман („Кратерс и Џонсон“),но по неколку обиди се откажал. Преведувајќи го Гетеовото дело „Образовните години на Вилхелм Мајстер“,[1] изгубил доверба во реалистичниот роман и решил да создаде свој вид на белетристика. Напишал неколку есеи во кои се обработува германската книжевност, по што се осврнал на поопшти теми од современата култура во есеите со наслов „Белези на времето“ (Signs of the Times) и „Карактеристики“ (Characteristics) со кои стекнал влијание.

Прекроениот кројач[уреди]

Првото поважно дело на Карлајл е „Прекроениот кројач“ (Sartor Resartus), започнато во 1831 г. во неговиот дом во Крејгенпаток,[1] и е замислено како нов вид на книжевно дело: едновремено фактографско и измислено, озбилно и сатирично, шпекулативно и историско. Делото иронично коментира на сопствената структура, принудувајќи го читателот да се соочи со проблемот каде да се најде „вистината“. „Прекроениот кројач“ прв пат се појавил во продолжетоци во списанието Fraser's Magazine (1833-1834).[1] Текстот е претставен како обид на еден безимен уредник да ѝ го претстави на британската јавност германскиот филозоф на облеката Диоген Тојфелсдрек, кој всушност е лик измислен од Карлајл. Уредникот е восхитен од Тојфелсдрек, но во голема мера збунет од неговата чудна филозофија, која им ја претставува на читателите во избрани делови. Во обид да ја сфати Тојфелсдрековата филлсофија, уредникот се обидува да скрпи негова биографија, но ова го прави не толку успешно. Но зад привидно апсурдните искази на филозофот се кријат жестоки напади врз утилитаријанството и комерцијализацијата на британското општество. Нецелосната и расцепката биографија на Тојфелсдрек што уредникот ја составува од купишта документи го токрива духовното патешествие на филозофот. Мислителот искажува омраза кон исчашеното совремие. Размислува за „вечното Не“, доаѓа до „центарот на рамнодушноста“, за на крај да го прифати „вечното Да“. Трите фази на отфрлање, оттргнување и будењето на волја и желба подоцна е опишано како дел од егзистенцијалистичкото будење.

Земајќи ја предвид загадочноста на „Прекроениот кројач“, не е чудо што делото првично не доживеало успех. Неговата популарност растела во текот на следните години, за во 1836 г. да биде објавено во облик на Книга во Бостон, со предговор на Ралф Валдо Емерсон. Делото извршило влијание врз развојот на движењето наречено „новоанглиски трансцендентализам“. Во 1838 г. е објавено првото британско издание.

„Француската револуција“[уреди]

Во 1834 г., Карлајл се преселил во Лондон и почнал да се движи во друштво на познати личности.[1] Успехот во Велика Британија го осигурал со објавувањето на тритомно дело „Француската револуција: Историја“ (The French Revolution: A History) во 1837 г.[1] Ракописот на првиот том настрадал кога слугинката на мислителот Џон Стјуарт Мил по грешка го запалила како огрев, па Карлајл продолжил со пишување на вториот и третиот том, пред да го препише првиот одново.[2][3]

Делото е полно со сила и страст, дотогаш невидена во историската литература. Во контекст на тогашната бурната политичка состојба во Европа, Карлајловото толкување на причинителите за случувањата во Франција претставувало мошне актуелна и релевантна анализа на времето. За ова највеќе сведочи неговиот стил на пишување, со постојан акцент на непосредноста на дејствата – честопати изразувајќи се во сегашно време.

Според Карлајл, општеството страда од бурни спротиставености, пред да дојде „херој“ кој ќе ги скроти силите. Иако не ги порекнувал економските и практичните образложенија за настаните, силата на промените сепак ја сметал за духовна – дека надежта и стремежите на луѓето добиваат облик на идеи, кои потоа прераснуваат во идеологии („формули“ или „изми“, како што тој ги нарекувал). Според Карлајл, овие сили можат да ги совладаат само динамични личности, кои ги насочуваат духовните струења во извесен правец. Но штом идеолошките „формули“ ќе го истиснат херојското водство, општеството почнува да се отчовечува.

„За хероите и обожувањето на хероите“[уреди]

Идеите искажани во ова дело се покажале како важни во развојот на социјализмот, но исто така влијаеле врз подемот на фашизмот во Европа.[5] Во 1840-тите Карлајл прешол на второспоменатиот начин на размислување, што довело до тоа да раскрсти со разни стари пријатели и соработници како Мил и, во помала мера, Емерсон. Убеден во важноста на херојското водство, Карлајл ги преточил мислите во делото „За хероите, обожувањето на хероите и херојското во историјата“ (On Heroes, Hero-Worship, and the Heroic in History), каде споредува широк дијапазон на херои како што се Один, Оливер Кромвел, Наполеон, Вилијам Шекспир, Данте Алигиери, Семујел Џонсон, Жан-Жак Русо, Роберт Бернс, Џон Нокс, Мартин Лутер и Мухамед.

Томас Карлајл (1860-ти)

Книгата се заснова на низа одржани предавања. „Француската револуција“ му донела слава, но мошне малку зарабоувачка. Пријателите решиле да го поддржат и затоа му организирале соодветно рекламирани јавни предавања кои се наплаќале по една гвинеја. Во периодот од 1837 до 1840 г., Карлајл одржал четири серии предавања. Последната серија била посветена на темата „Херои“. Материјалите од предавањата ги искористил како основа за книга, каде во пишаната реч успеал да го задржи тонот присутен на предавањата.[6] Карлајл е еден од многуте малку филозофи што ја проживеале индустриската револуција, но сепак задржале трансцендентален нематеријалистички поглед на светот. Во книгата се опишани разни личности, од полето на религијата, книжевноста и политика. Личностите ги претставил како одредници, обезбедувајќи му посебно место на Мухамед во главата „Херојот како пророк“. Во оваа глава Карлајл му се восхитува на Мухамед и занесно го одвојува како пример за движечка сила на хегеловски промени во општеството, настојувајќи на неговата искреност и забележувајќи „како еден човек на своја рака ги сплотил завојуваните племиња и раштрканите бедуини и од нив ја создал најсилната и најцивилизираната нација - за помалку од две децении“. Според Карлајл, херојот е нешто како Аристотеловиот „широк“ човек — личност која е сосем развиена на секој план. Меѓутоа, за разлика од Аристотел, светот на Карлајл е полн со противречности со кои херојот мора да се справува. Сите херои имаат мани. Нивниот хероизам се состои во нивната креативната енергија, и начинот на кој ја користат за да се соочат со големите потешкотии, а не во некакво морално совршеноство. Потценувањето на ваквите личности заради некои недостатоци е филозофија на оние што се тешат со обичното и просечното. Карлајл ова го нарекува „валетизам“, изведувајќи го од поговорката „никој не е херој во очите на оној што го пере“ (т.е. личниот слуга, на англ. valet).[7]

Сите овие дела извршиле влијание врз неговите современици, особено врз Чарлс Дикенс и Џон Раскин. Меѓутоа, по револуциите од 1848 г. и политичките превирања во Британија, Карлајл објавил збирка есеи со наслов „Подоцнежни памфлети“ (Latter-Day Pamphlets, 1850) каде ја напаѓа демократијата како апсурден општествен идеал, истовремено осудувајќи ја власта на наследната аристократија. Во април 1850 г., Карл Маркс и Фридрих Енгелс напишале критички осврт на два есеја од збирката (бр. I: „Денешницата“ и бр. II: „Идејни затвори“).[8] Во есеите, Карлајл ја критикува власта на наследната аристократија како „умртвување“, но ја критикува и демократијата како нешто бесмислено: дека до вистината не може да се дојде туку-така со трупање на гласови. Според авторот, власта треба да биде во рацете на најспособните. Нажалост, во текстот Карлајл не предлага начин на препознавање на таквите личности. Маркс и Енгелс се согласувале со Карлајл во критиката на аристократијата, но го критикувале неговиот план за изнаоѓање на „најблагородните“ по демократски пат, кои потоа ќе ги изберат „најспособните“ личности што ќе ја водат дражвата.[9]

Во подоцнежните дела, Карлајл се осврнува на примерите на херојско водство во историјата. Делото „Писма и говори на Оливер Кромвел“ (Letters and Speeches of Oliver Cromwell, 1845) го претставува Кромвел во позитивно светло како човек што се обидел да воспостави ред во период на голем конфликт во земјата. Со намера да го претстави Кромвел како што тој сметал дека заслужува, Карлајл го цитира непосредно, а потоа го коментира значењето на неговите зборови во контекст на бурното време во коешто живеел. Ова повторно има за цел на на читателите да им го преточи минатото во сегашност.

„Вечното Да и Не“[уреди]

Портрет на Карлајл од Џон Еверет Миле

„вечното Да“ is Carlyle's name за духот на вербата во Бога со јасен став на решителна и непоколеблива борба на „вечното НЕ“, и убедувањето дека не постои верба во Бога освен во борбата со духот што му е спротиставен.[10]

„Вечното Не“ е невербата во Бога, која особено се манифестира во неговата (поточно Тојфелсдрековата) борба; духот кој, отелотворен во Гетеовиот Мефистофел, довека ја порекнува (der stets verneint) стварноста на божественото во мислите, карактерот и животот на човештвото, и злонамерно ужива да го понижи сето она што е возвишено и благородно како празно и ништожно.

Во делото „Прекроениот кројач“ раскажувачот преоѓа од „вечното Не“ на „вечното Да“, но само преку т.н. „Центар на рамнодушност“, што претставува само обичен агностицизам, туку и посериозно оттргнување. Откако ќе смали своите желби и својата убеденост со Будина „рамнодушност“, раскажувачот преминува на решителна потврдност. На извесен начин ова е слично на „скокот на вербата“ на неговиот современик Сорен Кјеркегор во неговиот „Заклучен ненаучен поговор“. т Во врска со гореспоменатата „спротиставеност“ вреди да се спомене познатата мисла на Вилијам Блејк: „без спротиставености нема напредок“. Карлајловиот напредок од вечното не кон вечното да не се состои во т.н. „Центар на рамнодушност“ туку во природната натприродност - трансцендентална филозофија на божественото во секојдневното.

„Фридрих Велики“[уреди]

Фридрих Велики во 1781

Последното значајно дело на Карлајл е епопејата за животот на прускиот крал Фридрих Велики (1858–1865). Во делото Карлајл прави обид да покаже како херојски предводник може да создаде држава и нова морална култура на една нација. Авторот го смета Фридрих за носител на преодот од либералните просветителски идеали на XVIII век во нова култура на духовна динамичност која е олицетворена во Германија, германската мисла и германската државност. Книгата се прославила по нејзиниот живописен, иако можеби пристрасен, опис на битките на Фридрих, во кои Карлајл ја претставува сликата на еден генијален водач кој го совладува речиси непобедливото безредие во општеството.

Карлајл го делото го нарекувал „мојата тринаесетгодишна војна со Фридрих“. Во 1852 г. отпатувал во Германија за да собере материјали, посетувајќи ги местата кајшто се одвивале битките со задршка на нивната топографија. Во 1858 г. повторно ја посетил Германија, проучувајќи ги бојните полиња. Делото се состоело од шест тома: првите два излегле во 1858, третиот 1862, четвртиот во 1864, а последните два во 1865 г. Емерсон го сметал делото за „Неизмерно најостроумната книга во историјата“. Лоуел укажал на некои мани, но забележал: „Личностите кај највеќето историчари се како наполнети кукли, чија содржина наеднаш истекува низ првата дупка што ќе ја направи некој критичар; но Карлајловите ликови се така стварни што, ако ги боцнете, тие ќе почнат да крварат.” Во Германија делото се изучувале како учебник во воените академии.[11][12]

Овие книжевни усилби се одразиле по здравјето на авторот, кој почнал да страда од депресија и разни психосоматски болести. Мешаните критики на делото исто така придонеле кон намалувањето на обемот на неговото творештво.

Подоцнежни дела[уреди]

Подоцнежните дела се главно кратки есеи, каде се гледа стврднувањето на неговите политички ставови. Во озлогласениот растистички есеј „Пригодна расправа по црнечкото прашање“, Карлајл тврди дека ропството не требало да се укине, или пак, ако тоа било неизбежно, тогаш требало да се замени со крепосништво. Така, според него, им се наметнува ред, поредок и продуктивност на луѓе што инаку би биле мрзливи и неспособни. Овој текст, заедно со искажаната поддршка за репресалиите на управникот на Јамајка Едвард Ири, уште повеќе го отуѓиле авторот од старите пријатели со либерална ориентација како Мил.

Личен живот[уреди]

Карлајл во 1848 г.

Карлајл имал разни симпатии пред да се ожени со Џејн Велш, која самата по себе била значаен книжевник. The most notable were with Маргарет Гордон, ученичка на неговиот пријател Едвард Ирвинг. Дури и откако ја запознал Џејн, Карлајл се вљубил во Кити Киркпатрик, ќерка на британски офицер и индиска принцеза. Кити била заљубена во него, но не можеле да се земат бидејќи Карлајл тогаш бил сиромашен. Маргарет и Кити се се предложени како урнек за „Блумина“, љубената на Тојфелсдрех во делото „Прекроениот кројач“.[13][14]

Брак[уреди]

Карлајл во 1826 г. се оженил со писателката Џејн Велш. Ова бил еден од најпознатите, најпосведочените и најнесреќните бракови на книжевници. Објавени се преку 9000 писма на брачната двојка, од кои се гледа дека тие се сакале, но дека љубовта честопати ја расипувале со лути расправии.[4]

Убаво што даде Господ г-дин и г-ѓа Карлајл да се земат, па така да унесреќат само двајца наместо четворица.

Карлајл станал сè поотуѓен од сопругата. Иако таа веќе некое време живеела во инвалидитет, нејзината смрт (1866) дошла неочекувано и го фрлила во очај. Во овој период го напишал мошне самокритично дело насловено како „Сеќавања на Џејн Велш Карлајл“, објавено постхумно.

Старост[уреди]

По смртта на Џејн Карлајл во 1866 г., Томас Карлајл делумно се повлекол од јавниот живот и бил назначен за ректор на Единбуршкиот универзитет. Во 1875 г. ја издал книгата „Раните кралеви на Норвешка“[16]. Последните години од животот ги провел во домот во Челси (денес негова спомен-куќа[17]) но секогаш посакувал да се врати во Крејгенпаток.

Смрт[уреди]

Гробот на Карлајл

По смртта на Карлајл на 5 февруари 1881 г., властите понудиле да биде погребан во Вестминстерската опатија, но сепак ја испочитувале неговата желба да биде погребан со родителите во родниот Еклфехан.

Влијание[уреди]

„Аранжман со сиво и црно, бр. 2: Портрет на Томас Карлајл“ од Џејмс Мекнил Вистлер (1872-3)

Значењето на Карлајл е двојно: како одржувач на постарите традиции на ториевските сатиричари на XVIII век, и како основноположник на нова викторијанска традиција на критика на напредокот позната како „мудречко пишување“. „Прекроениот кројач“ може да се смета за продолжение на хаотичните скептични сатири на Џонатан Свифт и Лоренс Стерн, но и за израз на едно ново гледиште за животните вредности. Сметајќи го светот за шуплив, Карлајловиот мизантропски настроен професор-раскажувач ја открива потребата за револуција на духот. Во една симсла, оваа констатација е во склад со револуционерните идеали на романтизмот, индивидуализмот и страста, но во друга смисла е нихилистичко и лично решение на проблемот на совремието кое не прави обид да го вклучи поширокото општество.

Подоцнежните британски критичари и „писателите-мудреци“ како Метју Арнолд на сличен начин ја отфрлаат масата и наивната верба во напредок, а пак други, како Џон Раскин го осудуваат постојаниот стремеж за индустријализација што го карактеризира тоа време. Меѓутоа, малкумина од нив го следат Карлајл во неговата осамена револуционерност. Дури и оние што им се восхитуваат на хероите не ја делат Карлајловата безмилосност кон послабите.

Карлајл е заслужен и за запознавање на британската јавност со германските книжевни романтичари, особено со делата на Шилер и Гете.

Карлајл бил добро примен од некои робовладетели на југот на САД. Неговиот конзервативизам и критиките кон капитализмот биле на драго срце прифатени од оние што сакале да го одбранат ропството како алтернатива на капитализмот, како да речеме Џорџ Фицхју.

Раните Карлајлови дела останале ценети во текот на XIX век, но ова се променило во XX век. Неговиот углед во Германија секогаш бил висок, поради неговите заложби за промовирање на германската мисла и биографијата на Фридрих Велики. Ниче, чии идеи се делумно споредливи со Карлајловите, негодувал на неговиот морализам, нарекувајќи го „здодевен глупак“ во делото „Отаде доброто и злото“, сметајќи го за мислител кој не успеал да се ослободи од тесногледоста што самиот ја осудува. Бидејќи ја осудувал демократијата и го поддржувал харизматичното водство, Карлајл му се допаднал на Адолф Хитлер, кој ја читал неговата биографија на Фридрих Велики во текот на неговите последни денови во бункерот.

Фактот што Карлајл бил поврзуван со фашистите во голема мера му наштетил на неговиот углед во повоените години, но во последно време постои обновен интерес за „Прекроениот кројач“ како уникатно ремек-дело кое претскажува голем број на филозофски и културни збиднувања, од егзистенцијализмот до постмодернизмот. Неговата критика на идеолошките формули во „Француската револуција“ се смета за добро образложение за тоа како револуционерните култури се претвораат во угнетувачки догматизми.

Карлајл во основа бил романтичар и како таков се обидел да ги здружи романтичарските чувства, слободата и почитта кон историско-политичките збиднувања. Многумина сметаат дека повеќе го привлекувала самата херојската борба отколку конкретната цел што би се остварила во даден случај. Но неговото убедување во трајната полезност на херојот (или големиот човек) за човештвото јасно се гледа од концизниот исказ во неговиот есеј за Мухамед во делото „За хероите, обожувањето на хероите и херојското во историјата“ (1841), каде авторот го дава заклучокот: „големиот човек секогаш е како молња од небесата; останатите го чекаат како гориво, за потоа и тие да пламнат.“

Дела[уреди]

Наводи[уреди]

  1. 1,00 1,01 1,02 1,03 1,04 1,05 1,06 1,07 1,08 1,09 1,10 1,11 1,12 1,13 1,14 "Thomas Carlyle" (bio), Dumfries-and-Galloway, 200: Дамфрис и Галовеј - Личности: Карлајл (англиски).
  2. 2,0 2,1 „Карлајл—Мудрецот од Челси“. „Англиска книжевност за момчиња и девојчиња“. Farlex Free Library. http://marshall.thefreelibrary.com/English-Literature-For-Boys-And-Girls/82-1. конс. 19 септември 2009.  (англиски)
  3. 3,0 3,1 Ландин, Ли (20 септември 2009). „Томас Карлајл“. „Стручни дела“. Criminal Brief. http://www.criminalbrief.com/?p=8890. конс. 20 септември 2009.  {[en}}
  4. 4,0 4,1 „Биографија на Томас Карлајл – писател и историчар“. Answers.com. 2009. http://www.answers.com/topic/thomas-carlyle. конс. 19 септември 2009.  (англиски)
  5. Cumming, Mark : The Carlyle encyclopedia  : 2004 : ISBN 978-0-8386-3792-0 стр. 223
  6. Wikisource-logo.svg Heroes and Hero-worship (англиски)“. „Енциклопедија „Американа““. 1920. 
  7. Carlyle, Thomas (1869). On heroes, Hero-Worship, & the Heroic in History. London: Chapman and Hall, 301.
  8. „Рецензии од Neue Rheinische Zeitung Politish-Ökonomische Revue бр. 4“ од „Собрани дела на Карл Маркс и Фридрих Енгелс, том 10“
  9. „Рецензии од Neue Rheinisch Zeitung Politisch-Ökonomische Revue бр. 4“ од „Собрани дела на Карл Маркс и Фридрих Енгелс, том 10“.
  10. Од Nuttall Encyclopædia, уредник: Почит. Џејмс Вуд (1907) (англиски)
  11. Wikisource-logo.svg Frederick the Great (англиски)“. „Енциклопедија „Американа““. 1920. 
  12. Wikisource-logo.svg Carlyle, Thomas (англиски)“. „Енциклопедија „Американа““. 1920. 
  13. Simon Heffer, Moral Desperado - A Life of Thomas Carlyle, Weidenfeld & Nicolson, 1995, стр. 48
  14. http://www.pakistanlink.com/Opinion/2006/Jan06/06/04.HTM "East Did Meet West - 3", by Dr. Rizwana Rahim
  15. Семјуел Батлер (21 ноември 1884), „Писма помеѓу Семјуел Батлер и Е.М.А. Севиџ 1871-1885 (1935)“ 
  16. полниот наслов на оригиналот гласи: The Early Kings of Norway: Also an Essay on the Portraits of John Knox
  17. Национална задолжбина - Домот на Карлајл (англиски)

Библиографија[уреди]

  • Alice Chandler. "Carlyle and the Medievalism of the North." во: Medievalism in the Modern World. Essays in Honour of Leslie J. Workman. уредн. Richard Utz and Tom Shippey (Turnhout: Brepols, 1998). стр. 173–91.
  • A. A. Ikeler. Puritan Temper and Transcendental Faith. Carlyle's Literary Vision (Columbus, OH: 1972).
  • Hugh A. MacDougall. Racial Myth in English History: Trojans, Teutons, and Anglo-Saxons (Montreal: Harvest House and UP of New England, 1982).
  • F. W. Roe. The Social Philosophy of Carlyle and Ruskin (Port Washington, NY: 1978).
  • W. Waring. Thomas Carlyle (Boston, MA: 1978).

Поврзано[уреди]

Надворешни врски[уреди]

Wikisource
Викиизвор има оригинални дела од или за:
Wikiquote-logo.svg
Викицитат има збирка цитати поврзани со: