Теорија на монетарно изненадување

Од Википедија — слободната енциклопедија

Теоријата на монетарното изненадување (англиски: Theory of monetary surprise) е теорија според која само ненајавеното, ненадејно зголемување на понудата на пари предизвикува зголемување на агрегатната побарувачка, производството и вработеноста. Застапници на оваа теорија се претставниците на новата класична макроекономија (уште се нарекуваат и теоретичари на рационалните очекувања) на чело со нобеловецот Роберт Лукас.

Оваа теорија наоѓа примена во многу конкретни примери и економските случувања, на пример, дали економијата ќе навлезе во фаза на рецесија или експанзија, колкава ќе биде стапката на инфлација, како ќе се движат каматните стапки и друго. Рационалните очекувања се еден вид предвидување на идните настани во економијата, едни од можните пристапи кои ги користат учесниците во економскиот живот за предвивдување (антиципирање). Хипотезата на рационални очекувања тврди дека економските субјекти со следење на збиднувањата и користење на значајни информации за промените во економските политики, можат конкретно и точно да ја предвидат економската состојба во која се наоѓаат и кои идни чекори треба да ги преземат за што побезболно да реагираат на новонастанатите ситуации во иднина.[1]

Користа и примената од оваа теорија е во тоа што со навремено следење на политиките и следење на информациите посебно со оние за основите на буџетската политика и за основите на монетарната политика, ниту владата ниту централната банка нема да може лесно да ги манипулира менаџерите да преземат несоодветни чекори во работата на нивните претпријатија. Менаџерите, благодарение на рационалните очекувања, треба да знаат кога доаѓа до вистинско, реално зголемување на побарувачката, а кога е лажно и нереално и врз таа основа, правилно да реагираат на пазарот.

Доколку постои ситуација во која владата и централната банка решат да ја зголемат масата пари во оптек, без притоа да ја информираат јавноста, зголемената понуда на пари ќе ја зголеми агрегатната побарувачка и учесниците во економскиот живот ќе бидат изненадени. Тие ќе помислат дека дошло до вистинско, реално зголемување на агрегатната побарувачка, па поради тоа ќе реагираат со зголемување на производството и на понудата. Во овој случај, економијата ќе влезе во фазата на експанзија.[1] На тој начин, импулсите што доведуваат до деловни циклуси се сведуваат на монетарно изненадување, на нетранспарентно зголемување на понудата на пари и непредвидени шокови на страната на агрегатната побарувачка. Доколку, пак, владата и централната банка се транспарентни, односно известат дека имаат намера да ја зголеми понудата на пари, претприемачите и менаџерите благодарение на рационалните очекувања, ќе ги предвидат ефектите од зголемената емисија на пари врз општото ниво на цените и врз стапката на инфлација. Тие ќе бидат свесни за номиналното зголемување на агрегатната побарувачка, па поради тоа нема да реагираат со зголемување на производството и на вработеноста. Оттука, антиципираната промена на понудата на пари не може да биде причина за појава на економски циклус – за експанзија и рецесија.[1]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 *Таки Фити, Основи на економија, Економски факултет - Скопје, Скопје, 2006.