Телеоморф, анаморф и холоморф

Од Википедија — слободната енциклопедија

Поимите телеоморф, анаморф и холоморф се однесуваат на делови од животниот циклус на габите во типовите Ascomycota и Basidiomycota.

  • Телеоморф е половата репродуктивна форма (морфа), најчесто претставена со плодно тело;
  • Анаморф е бесполовата репродуктивна форма (морфа), најчесто во вид на мувла. Кога единечна габа произведува повеќе морфолошки различни анаморфи, тогаш тие се нарекуваат синанаморфи;
  • Холоморф ја означува целата габа, вклучително анаморфите и телеоморфите.

Габите се класифицирани првенствено врз основа на структурите поврзани со половото размножување, кои се непроменети од еволуциски аспект. Но, многу габи се размножуваат само на бесполов начин и не можат лесно да се вклопат во класификација заснована на половите одлики; некои имаат и бесполова, и полова фаза (или форма). Овие проблематични видови најчесто се дел од Ascomycota, но и од Basidiomycota. Дури и меѓу габите кои се размножуваат како на полов начин, така и на бесполов, често само еден метод на размножување може да се набљудува во одреден период или под специфични услови. Уште повеќе, габите обично растат во мешани колонии и меѓусебно спорулираат. Овие факти значително ја отежнуваат можноста за поврзување на различните фази (форми) од истата габа. Членот 59 од Меѓународниот правилник за ботаничка номенклатура им дозволува на миколозите да даваат едни имиња на габите кои се размножуваат бесполово (анаморфи), а други на нивните полови фази (телеоморфи). Кога постојат имиња за анаморфната и телеоморфната фаза од истата габа, холоморфот го зема или името на телеоморфот, или под одредени услови може да го земе името на анаморфот.

Габите за кои се знае дека не даваат телеоморф порано се класифицирале во еден вештачки тип - "Deuteromycota", познат и како "Fungi imperfecti".