Таргетирање на инфлацијата

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Таргетирање на инфлацијата (англиски: inflation targeting) е нова стратегија на монетарната политика, во која инфлацијата се напаѓа директно, т.е. монетарната политика не се потпира врз никаква посредна цел во контролата на инфлацијата. Таргетирањето на инфлацијата претставува стратегија во која централната банка јавно објавува експлицитни, нумерички таргети за стапката на инфлација во наредниот период, при што таа има обврска да се грижи за остварување на поставените таргети.[1]

Карактеристики[уреди]

Основна карактеристика на оваа стратегија е тоа што централната банка утврдува квантитативен таргет за стапката на инфлација која носителите на политиката сакаат да ја остварат во наредниот период. Вака поставениот таргет понатаму станува безусловна обврска на централната банка, која е одговорна за неговото почитување. Исто така, во рамките на оваа стратегија, централната банка ја предвидува идната инфлација и континуирано ја споредува предвидената инфлација со таргетираната. Притоа, централната банка не се потпира само врз монетарните агрегати, девизниот курс или некоја друга посредна цел, туку врз основа на сите расположливи информации ги следи инфлаторните притисоци во економијата и донесува одлуки за преземање соодветни акции.

Во контекст на таргетирањето на инфлацијата, монетарната политика може да се прикаже на следниов начин:

ΔR = γ(π - τ)

каде: ΔR е инструментот на монетарната политика, π е предвидената инфлација, а τ е таргетираната инфлација.

Според тоа, во рамките на оваа стратегија, денешната употреба на инструментите на монетарната политика зависи од отстапувањето на предвидената инфлација од поставениот нумерички таргет. На тој начин, монетарната политика не реагира на изминатата или тековната инфлација, туку напротив, таа делува однапред, т.е. превентивно. Ако предвидувањата покажуваат дека идната инфлација ќе го надмине таргетот, денес се преземаат корективни акции кои ќе ја вратат инфлацијата во посакуваните рамки.

Се смета дека таргетирањето на инфлацијата ги поседува следниве предности:[2]

  • монетарната политика е фокусирана директно кон стабилноста на цените;
  • обезбедува дисциплина во водењето на монетарната политика, т.е. ја отстранува инфлаторната наклонетост;
  • ја ослободува централната банка од политичките притисоци;
  • обезбедува номинално сидро за формирањето на инфлационите очекувања и за движењето на цените и наемнините;
  • таргетот за инфлацијата е јасeн и лесно разбирлив, така што ја подобрува комуникацијата со јавноста;
  • оваа стратегија се одликува со голема транспарентност;
  • овозможува прецизно следење на перформансите на централната банка со што ја зголемува нејзината одговорност;
  • монетарната политика задржува одредена флексибилност, т.е. независност;
  • не се потпира само врз една варијабла, туку ги користи сите расположливи информации;
  • експлицитно води сметка за временските задоцнувања на ефектите од монетарната политика.

Таргетирањето на инфлацијата претставува специфична стратегија, чија примена бара исполнување на одредени предуслови: Основниот предуслов е централната банка да поседува целосна независност во остварувањето на таргетот, т.е. таа треба да има потполна слобода во употребата на сите инструменти за остварување на таргетот и да биде ослободена од сите политички притисоци за следење некои други цели. Вториот предуслов за примена на таргетирањето на инфлацијата се однесува на техничката способност на централната банка да ја предвидува идната инфлација.[3] [4]

Таргетирањето на инфлацијата во теоријата[уреди]

Карактеристично за таргетирањето на инфлацијата е тоа што оваа стратегија најпрвин се појави во праксата, а дури потоа се појави интерес за нејзина теоретска рационализација. Во поглед на теоретската разработка на овој концепт, најголема заслуга му припаѓа на Свенсон, кој во серија трудови ги покажа предностите на таргетирањето на инфлацијата. Така, поаѓајќи од стандардната целна функција на централната банка, Свенсон разгледува неколку институционални решенија на проблемот со инфлаторната наклонетост на монетарната политика и. покажува дека поставувањето eксплицитни таргети за инфлацијата претставува оптимална стратегија за водење на монетраната политика.[5] Понатаму, Свенсон покажува дека и во стратегијата на таргетирање на инфлацијата de facto постои посредна цел на монетарната политика, а тоа е предвидената инфлација во одреден временски хоризонт. Оттука, наместо за таргетирање на инфлацијата подобро би било да се зборува за таргетирање на предвидената инфлација (inflation-forecast targeting).[6]

Свенсон разликува две варијанти на таргетирањето на инфлацијата: стриктно таргетирање на инфлацијата (strict inflation targeting) и флексибилно таргетирање на инфлацијата (flexible inflation targeting). Во стриктното таргетирање на инфлацијата, централната банка се грижи само за инфлацијата, т.е. монетарната политика воопшто не води сметка за реалниот производ. При флексибилното таргетирање на инфлацијата, централната банка се грижи и за инфлацијата и за реалниот производ. Тоа значи дека монетарната политика реагира на шоковите помалку агресивно, со цел да не се предизвикаат негативни последици врз производството.[7]

Во теоријата се правени бројни симулации, со кои се испитуваат перформансите на таргетирањето на инфлацијата и тоа се споредува со некои други правила за водење на монетарната политика. Притоа, симулациите покажуваат дека таргетирањето на инфлацијата има предност како во однос на другите правила и стратегии на монетарната политика (монетарно таргетирање, таргетирање на девизниот курс и таргетирање на номиналниот производ).[8] [9] [10]

Таргетирањето на инфлацијата во праксата[уреди]

Таргетирањето на инфлацијата е нова стратегија за водење на монетарната политика која се применува од почетокот на 1990-тите. Пионер во примената на таргетирањето на инфлацијата е Нов Зеланд, каде оваа стратегија беше прифатена во 1990. Потоа, таргетирањето на инфлацијата постепено беше прифатено од повеќе други земји: Канада во 1991, Британија во 1992, Шведска и Финска во 1993, Австралија и Шпанија во 1994, Чешка во 1998, Полска во 1999 итн.[11] [12] Сепак, врз основа на начинот на формулирањето и водењето на монетарната политика, како претходник на таргетирањето на инфлацијата се смета Германија.[13] Исто така, и за американската централна банка се вели дека de facto спроведува стратегија на таргетирање на инфлацијата.

Притоа, од досегашното искуство со таргетирањето на инфлацијата, можат да се извлечат следниве заеднички карактеристики:

  • во сите земји се таргетира некоја ниска, позитивна стапка на инфлација, односно во ниту една земја таргетирањето на инфлацијата не се сфаќа како одржување нулта стапка на инфлација;
  • предмет на таргетирање е т.н. основна инфлација (core inflation, underlying inflation), која се добива така што од индексот на цените се одбиваат одредени ставки, како што се: промените на индиректните даноци, каматните стапки, цените на прехранбените производи и на енергенсите итн.;
  • во повеќето земји, таргетите на инфлацијата се поставуваат не како една бројка, туку во одреден интервал, така што монетарната политика има доволно простор за неутрализирање на шоковите;
  • во сите земји, таргетите за инфлацијата се одредуваат како заедничка одлука на централната банка и владата со цел да се покаже дека кај сите носители на економската политика постои поддршка за поставените таргети;
  • Карактеристично за таргетирањето на инфлацијата е тоа што во праксата тоа се спроведува на многу флексибилен начин, т.е. централните банки не се опседнати само со контролата на инфлацијата, туку тие водат сметка и за тековните настани и кусорочните цели, како што се: неутрализирање на рецесивните движења, грижа за невработеноста, стабилизација на каматните стапки или девизните курсеви итн.

Како посебна придобивка на таргетирањето на инфлацијата се истакнува големиот степен на транспарентност во формулирањето и водењето на монетарната политика. Пред сé, самите таргети за инфлацијата се едноставни и разбирливи за јавноста, која преку споредбата на тековната и предвидената инфлација со поставените таргети лесно добива претстава за насоката во монетарната политика. Во некои земји, централната банка ја објавува и методологијата за предвидување на инфлацијата со што се овозможува јавна проверка на проекциите кои ги прави централната банка.

Исто така, заедничка карактеристика на сите земји кои ја спроведуваат оваа стратегија е големата отвореност на централните банки кон широката јавност. Имено, во повеќето земји, централната банка е обврзана да објавува редовни периодични извештаи за инфлацијата. Во продолжение, централните банки објавуваат и бројни други публикации и брошури во кои, на многу јасен и разбирлив начин се објаснуваат целите, намерите и постапките на централната банка. Во Британија, почнувајќи од 1994, редовно се објавуваат и записниците од состаноците на централната банка. Оваа практика подоцна е прифатена и во други земји, дури и оние кои формално не ја применуваат оваа стратегија, како што е случајот со САД. Најпосле, во земјите кои ја применуваат оваа стратегија, гувернерот и раководството на централната банка многу често настапуваат пред јавноста, каде што, преку разни соопштенија, предавања и интервјуа, настојуваат да го доближат овој концепт до пошироката јавност.

Во продолжение, стратегијата на таргетирање на инфлацијата се одликува со висок степен на одговорност на централната банка и општествена контрола над нејзиното работење. Имено, во сите земји кои ја применуваат оваа стратегија, јавноста будно ја следи и надгледува успешноста на централната банка во остварувањето на објавените таргети, при што централната банка е обврзана да ги објасни причините за евентуалното пробивање на поставените таргети. На пример, во Британија, при секое отстапување на инфлацијата од таргетот за еден процентен поен, гувернерот е должен да испрати т.н. Отворено писмо до министерот за финансии, во кое ќе ги објасни причините за отстапувањето. Во Нов Зеланд, одговорноста на централната банка е уште поостро поставена, бидејќи владата има право да го отпушти гувернерот на централната банка доколку не се оствари таргетот дури и само во еден квартал.

Извори[уреди]

  1. Горан Петревски, Монетарна политика - Теорија и искуството на Македонија, Здружение за социо-економски развој, Скопје, 2005, стр. 146-155.
  2. Lars E.O. Svensson, “Inflation Targeting: Some Extentions“ NBER Working Paper 5962, March 1997.
  3. Paul R. Masson, Miguel A. Savastano and Sunil Sharma, "The Scope for Inflation Targeting in Developing Countries", WP/97/130, IMF, October 1997, стр. 7-9.
  4. Guy Debelle and Cheng Hoon Lim, "Preliminary Considerations of an Inflation Targeting Framework for the Philippines", WP/98/39, IMF, March 1998, стр. 10-15.
  5. Lars E.O. Svensson, "Optimal Inflation Targets, Conservative Central Banks, and Linear Inflation Contracts", NBER Working Paper 5251, September 1995.
  6. Lars E.O. Svensson, "Inflation Forecast Targeting: Implementing and Monitoring Inflation Targets", NBER Working Paper 5797, October 1996.
  7. Lars E.O. Svensson, "Inflation Targeting: Some Extensions", NBER Working Paper 5962, March 1997.
  8. Andrew G. Haldane and Nicoletta Batini, "Forward-Looking Rules for Monetary Policy", NBER Working Paper 6543, August 1998.
  9. Glenn D. Rudebusch and Lars E.O. Svensson, "Policy Rules for Inflation Targeting", NBER Working Paper 6512, April 1998.
  10. Lars E.O. Svensson, "Inflation Targeting as a Monetary Policy Rule", NBER Working Paper 6790, November, 1998.
  11. Paul R. Masson, Miguel A. Savastano and Sunil Sharma, "The Scope for Inflation Targeting in Developing Countries", WP/97/130, IMF, October 1997.
  12. Frederic S. Mishkin and Adam S. Posen, "Inflation Targeting: Lessons From Four Countries", NBER Working Paper 6126, August 1997.
  13. Richard Clarida, Jordi Galí and Mark Gertler, "Monetary Policy Rules in Practice: Some International Evidence", NBER Working Paper 6254, November 1997.