Тамерланова војна со Туктамиша

Од Википедија — слободната енциклопедија
Тамерлан и неговите војници го започнуваат походот против Туктамиша

Тамерлановата војна со Туктамиша се водела во текот на 80-тите и почетокот на 90-тите години на 13 век, помеѓу Туктамиша, ханот на Златната Орда и големиот освојувач Тамерлан. Борбите помеѓу овие двајца владетели се воделе на еден поголем простор: Кавказ, Туркистан и источна Европа. Тамерлан го победил Туктамиша и нанел тежок удар на Златната Орда, од кој таа никогаш не се опоравила. Туктамиша бил принуден да се повлече во степите каде што го минал остатокот од својот живот [1].

Туктамиша[уреди | уреди извор]

Во 1376 година, монголскиот кнез Туктамиша (внук на Урус Хан, владетел на Белата Орда) по судирот со својот вујко, се засолнил на Тамерлановиот двор. Тамерлан бил задоволен што потомок на Џингис Хан го посетил и му подарил земја [2]. Потеклото на Туктамиша не била единствената причина поради која Тамерлан му помогнал на овој кнез. Тамерлан се надевал дека преку Туктамиша, во иднина ќе стекне влијание во Белата Орда, а можеби и во Златната Орда, со што ќе ја обезбеди северната граница на својата држава. Во 1377 година, Урус Хан побарал да му биде предаден Туктамиша. Тамерлан го одбил барањето и успеал да го порази Урус Хан кој бил принуден да се повлече во степите. Набргу потоа, Урус Хан починал и бил наследен од неговите синови, кои ја продолжиле борбата против Туктамиша. Тамерлан продолжил да го поддржува Туктамиша, а овој монголски кнез во 1378 година успеал да ги победи синовите на Урус Хан и бил прогласен за нов хан на Белата Орда [3]. Туктамиша не застанал тука. Со поддршка на Тамерлан, тој започнал војна против Мамај, владетел на Сината Орда. Туктамиша успеал да го порази Мамај, Белата и Сината Орда биле обединети, а Златната Орда била возобновена под власта на Туктамиша. Тамерлан се надевал дека ќе воспостави вазалски однос со возобновената Златната Орда, меѓутоа Туктамиша станал моќен противник на Тамерлан [4].

Инвазијата на Туктамиша[уреди | уреди извор]

Знаме на Златната орда
Територијата на Златната Орда во 1389 година. Ѕвездата ја покажува местоположбата на Сарај Бату

Туктамиша, бил поранешен Тамерланов штитеник и со негова помош дошол ја освоил власта Златната Орда [5], решил да ја искористи војната и зафатеноста на Тамерлан со Кара Којунлу. Туктамиша решил да започне војна со Тамерлан и од север ја нападнал Трансоксијана, срцето на Тамерлановото царство.

Тамерлановиот син, Умар Шеик, со својата војска се упатил кон Туктамиша, меѓутоа бил поразен, се повлекол и постојано го следел движењето на Туктамишовата војска. Туктамиша започнал да ги ограбува градовите, го опсадил значајниот град Бухара и го уништил градот Карши, кој се наоѓал во непосредна близина на Самарканд, престолнината на Тамерлановата држава. Територијата која Туктамиша ја освоил се простирала во близината на реката Аму Дарја (Оксус). Во меѓувреме, Тамерлан со војска во јачина од 80 000 војници пристигнал во Трансоксијана, а Туктамиша со својата војска се повлекол [3].

Една од главните причини за серијата на војни кои започнале помеѓу Тамерлан и Туктамиша е борбата за превласт помеѓу овие двајца владетели. Тамерлан и Туктамиша сакале да го возобноват Монголското Царство, или во крајна мера себеси се претставувувале како такви, меѓутоа Туктамиша имал подобра основа и склоност за остварување на оваа цел. Туктамиша бил потомок на големиот монголски освојувач Џингис Хан и можел да ја носи титулата хан, додека пак потеклото на Тамерлан не било доволно јасно, без разлика како тој се претставувал, Тамерлан не можел дирекно да ја преземе титулата хан и владеел преку Суругатмиш од куќата на Угедеј Хан, а подоцна преку неговиот син Султан Мухамад Хан.

Тамерлан разбрал дека војната со Туктамиша е неизбежна. Сè додека постолеа моќната Златна Орда на север од неговата држава, Тамерлан не можел да има безбедни граници и не можел да ги продолжи своите освојувања во други правци на Азија. Затоа решил да го порази и неутрализира Туктамиша. Војната против Туктамиша и Златна Орда се водела во неколку фази. Најпрво Тамерлан започнал воени дејствија против Хорезам кој бил на страната на Туктамиша. Хорезам бил казнет за своето држење. Во зимата 1388 година, во Самарканд пристигнале вести дека Туктамиша со голема војска ја минал реката Сир Дарја. Советниците на Тамерлан одлучиле дека најдобро е да се избегне директен судир со Туктамиша и да се преземе дефанзивна војна, најголемиот дел од Тамерлановите војници биле распушени и се наоѓале кај своите семејства. Меѓутоа, Тамерлан не ги послушал своите советници. Тој успеал со својата војска да го принуди Туктамиша да се повлече кон реката Сир Дарја, но воените дејствија биле попречени од обилните снежни врнежи. Во пролетта 1389 година, силите на Тамерлан и Туктамиша имале помали судири. Тамерлан не можел целосно да се посвети на војната против Туктамиша бидејќи избувнало востание во Хорезам кое требало да го задуши. Кон крајот на 1390 година, Тамерлан можел да собере војска од 200 000 души [6] и презимил во Ташкент.

Поход во степите[уреди | уреди извор]

Туктамиша пред портите на Москва во 1382 г.
Кампањата на Тамерлан низ степите во потрагата по Туктамиша во 1391-1392 г.

Сите очекувале дека воената кампања ќе започне во пролета 1391 година, меѓутоа Тамерлан во јануари 1391 година, наредил да се тргне кон север. Кога Туктамиша разбрал за бројност на Тамерлановата војска се вознемирил и се обидел да ја избегне целосната војна.

Туктамиша му испратил на Тамерлан подароци кои се состоеле од девет убави коњи и сокол. Овој гест на Туктамиша не го предомислил Тамерлан и тој го продолжил походот низ степите.

Соочен со бројна војска, Туктамиша решил да не доаѓа во директен судир со Тамерлан и неговите сили, војската на Туктамиша ја избегнувала Тамерлановата војска. Туктамиша решил да води дефанзивна војна, слична на онаа тактика која ја посочиле Тамерлановите советници кога Туктамиша навлегол во Трансоксијана.

Оваа тактиката се покажала како успешна. Тамерлан не можел да го пронајде Туктамиша и да му нанаесе решавачки удар. Од друга страна, војската на Тамерлан се соочила со глад, поради оддалеченоста од Тамерлановата држава и слабото снабдување.

Тамерлан сметал дека Туктамиша ќе ја избегнува битка и ќе чека погоден момент за напад, откако неговата војска ќе биде изнемоштена. Тој дошол до заклучок, дека негов главен приоритет е да ја нахрани својата војска за да биде подготвена за борба. Тамерлан наредил да биде преземен масовен лов кој траел два дена и во текот на кој било обезбедено доволно храна за целата војска [7].

Конечно, Тамерлан пристигнал до границите на Сибир и испратил извидница длабоко во степата. По пет месеци и поминати околу 3 000 километри била откриена трага на Туктамиша. Тамерлановите сили, заробиле неколку војници на Туктамиша кои откриле дека тој се наоѓа во Урал [8]. Тамерлан со својата рмија се упатил на запад.

На 18 јуни 1391 година, дошло до Битката кај реката Кондурче. Во текот на битката изгледало дека Туктамиша ќе преовлада, но меѓу неговите војници се појавила гласина дека Туктамиша е мртов и настанала паника која придонела Туктамишовата војска да се распадне. Тамерлан го искористл моментот и ја масакрирал војска. Околу 100 000 мажи и жени биле убиени. Тамерлан својата победа ја славел речиси еден месец на бреговите на Волга [9].

Уништување на Златната орда[уреди | уреди извор]

Кампањите на Тамерлан против Златната Орда во 1392-1396 г.

Три години по Битката кај реката Кондурче, Тамерлан бил зафатен со низа на востанија во Персија. Додека се занимавал со ова прашање, добил вест дека Грузија е повторно нападната од Туктамиша и дека бил склучен сојуз помеѓу Туктамиша и мамелучкиот султа Баркук, владетел на Египет. Тамерлан испратил свои сили во Грузија, меѓутоа до поголема борба не дошло. На запад, Тамерлан имал два големи противника, Османлиите во Анадолија и Мамелуците од Египет. Тамерлан решил дека војната против нив може да почека и дека во тој момент целото свое внимание треба да го насочи кон Туктамиша.

Тамерлан започнал нов воен поход кон север и опсадил неколку тврдини во Дијарбекир. Во текот на овој поход, кон крајот на 1393 или почетокот на 1394 година, починал уште еден син на Тамерлан, Омар Шеик. Тамерлан со својата војска во близината на Каспиското Море презимил и во пролета 1395 година ја продолжил кампањата. Уште од времето на Џингис Хан, во оваа област, не била собрана толку голема војска. Туктамиша со својата војска кампувал во близината на денешниот град Грозни (Чеченија). Во април 1395 година, Тамерлан ја дознал позицијата на Туктамиша и решил да се упати кон неговиот камп.

На 22 април 1395 година дошло до Битката кај Тереке. Во текот на битката, левото крило на Тамерлановата војска се нашло во тешка позиција, Тамерлан веднаш ги испратил своите резервни сили, меѓутоа тој го потценил својот непријател и самиот центар на неговата војска бил ослабен и се нашол под силен притисок. Самиот живот на Тамерлан се нашол во опасност. Околу него бил создаден круг од околу 50 мажи кои се грижеле за неговата безбедност. Додека Тамерлан одвај го чувал центарот, неговиот внук Султан Мухамад го принудил десното крило на Туктамиша на повлекување. Војската на Туктамиша била обесхрабрена и почнала да бега, најпрво левото крило, а потоа центарот. Настаната ситуација го принудила Туктамиша да го напушти бојното поле за да го сочува својот живот. По оваа битка, ништо не можело да му застане на патот на Тамерлан кон кончено уништување на Златната Орда [10].

По битката, Тамерлан се нафрлил врз богатите градови. Најпрво бил ограбен Астрахањ, а потоа престолнината на Златната Орда - Сарај Бату. Отаму, Тамерлан се упатил кон Азов на Дон, економски центар во кој многу европски трговци имале свои претставништва, особено од Џенова и Венеција. Во овој град, Тамерлан наредил да бидат убиени сите христијани. Со овој чекор, Тамерлан сакал да ја попречи трговијата на патот на свилата, и во иднина сета трговија помеѓу истокот и западот да се одвива преку неговата држава. Тамерлан и нанел тежок удар на Златната Орда, од кој таа никогаш не се опоравила. Туктамиша бил принуден да се повлече во степите каде што го минал остатокот од својот живот, неговите освојувања завршиле [1].

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 Marozzi (2005), p. 198-200
  2. Jackson (1986, p. 57)
  3. 3,0 3,1 „The struggle against the Khan Toqtamish“. Архивирано од изворникот 2005-02-10. Посетено на 2005-02-10.
  4. Boaworth (2003), p. 329
  5. Marozzi (2005), p. 159
  6. Nicolle (1990), p. 12
  7. Marozzi (2005), p. 176-183
  8. Grousset (1970), p. 439
  9. Marozzi (2005), p. 188-191
  10. Marozzi (2005), p. 196-197