Табула Појтингериана
Табула Појтингериана е карта со вцртани римски патишта, именувана според Конрад Појтингер, германски хуманист и антиквитетист кој живеел меѓу XV и XVI век. Картата е насликана во IV век, а прецртана во XIII век. Откриена е во градот Вормс, Германија од страна на Конрад Келтес[1], кој не бил во можност да ја објави во јавноста се до неговата смрт, поради што му ја оставил во наследство на Појтингер. Денес се наоѓа конзервирана во Австриската национална библиотека во хабсбуршката царска палата во Виена, Австрија.
Картата се состои од 11 парчиња пергамент, со вкупна широчина од 0,33 м и должина од 6,75 м. Исцртана е во шест бои - црна, црвена, зелена, жолта, сина и розова и го опфаќа целиот антички свет (од Британија до Индија) познат во тоа време. Постоел уште еден, дванаесетти дел, кој се однесува на крајниот запад (Иберискиот полуостров), но тој дел е изгубен. Оваа карта претставува попис на сите попатни станици и нивните растојанија, според службените прописи од IV век. Притоа поголемите градови се означени со посебни знаци, при што посебно внимание е дадено на местата каде што има термални бањи. Помалите градови се означени само со нивните имиња, а сите населби се поврзани со патишта на кои е испишано растојанието во римски милји (1 римска милја = 1.480 м).