Субординиран долг

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Субординираниот долг (англиски: Subordinated debt) ги претставува обврските на банката, како земените кредити, прибраните депозити или издадените обврзници, кои имаат помал приоритет во наплатата, во случај на ликвидација или стечај на банката.[1]

Поим и карактеристики[уреди]

Банката која што има потреба од дополнителен капитал може да издаде субординиран долг. Овој поим ги вклучува обврските на банката (депозити, кредити, обврзници) што имаат помал приоритет во наплата на побарувањата во споредба со депозитите и другите недепозитни обврски на банката. Со други зборови, ако банката престане со работа, субординираните обврски се наоѓаат на претпоследното место на списокот за наплата на побарувањата од банката пред акциите. Според тоа, сопствениците на субординиран долг треба да почекаат најпрвен да се исплатат обврските кон штедачите и другите доверители на банката, а потоа, ако останат доволно средства, ќе бидат подмирени и нивните побарувања. Токму оваа карактеристика го доближува субординираниот долг до акционерскиот капитал и затоа регулаторните тела дозволуваат да биде вклучен во дополнителниот капитал, иако, од сметководствена гледна точка тој претставува обврска а не капитал. Сепак за да може да се смета како дел од капиталот на банката, субординираниот долг треба да исполни одредени услови, како на пример да нема рок на достасување, или пак , тој да изнесува повеќе од пет години.[2]

Предности на субординираниот долг[уреди]

Субординираниот долг претставува привлечна форма на капитал поради предностите што ги нуди.

Така, каматната стапка на субординираниот долг е обично далеку пониска од трошокот на капиталот, т.е. тој е далеку поевтин извор на финансирање од обичните акции.

Исто така, каматните расходи на субординираниот долг се одбиваат од даночната основа за пресметка на данокот на добивка, што уште повеќе ги намалува трошоците на финансирање од овој извор.

Понатаму, ако субординираниот долг се одликува со постојана каматна стапка, банката има можност да го искористи финансискиот левераж, т.е, овој извор им носи дополнителен принос на акционерите, под услов приходите што банката ги остварува со инвестирање на овие средства да бидат повисоки од каматните расходи на субординираниот долг.

Најпосле, бидејќи се работи за обврска, субординираниот долг не ја нарушува постојаната сопственичка структура и не ја разводнува добивката по една акција.

Недостатоци на субординираниот долг[уреди]

Сепак, субординираниот долг се одликува и со некои недостатоци,пред се, поврзани со финансискиот ризик. Имено, бидејќи предизвикува постојани финансиски расходи за исплатана основниот долг и каматата, може да се случи, при опаѓање на на оперативните приходи на банката, таа да не е во состојба да ги покрие овие расходи.

Во продолжение, како последица на зголемениот ризик, банката може да се соочи со тешкотии во издавањето акции во иднина. Освен тоа, без оглед на рочноста, субординираниот долг сепак има некој рок на достасување, кога ќе мора да се обнови или замени со друг капитал.[3]

Наводи[уреди]

  1. Горан Петревски, Управување со банките (второ издание).Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 24.
  2. Горан Петревски, Управување со банките (второ издание).Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 271-272.
  3. ГоранПетревски, Управување со банките (второ издание).Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 295.