Стенли Кјубрик

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Стенли Кубрик)
Стенли Кјубрик
Роден(а)26 јули 1928(1928-07-26)
Менхетен, Њујорк, САД
Починал(а)7 март 1999(1999-03-07) (возр. 70)
Харпенден, Хартфордшир, Англија
Причина за смртсрцев удар
НародностЕвреин
Занимањефилмски режисер, продуцент, монтажер, сценарист, кинематограф
Активен период1951–1999
Значајни делаД-р Стрејнџлав, 2001: Одисеја во вселената, Сјаење, Полна воена опрема, Пеколен портокал
Влијанија одМакс Офулс, Сергеј Ејзенштејн, Елија Казан, Дејвид Линч, Фриц Ланг, Г. В. Пабст, Всеволод Пудовкин, Орсон Велс, Павел Клуштанцев
Влијаел(а) врзМартин Скорсезе, Стивен Спилберг, Џејмс Камерон, Вуди Ален, Тери Гилијам, Ридли Скот, Кристофер Нолан, Дејвид Финчер, Гуљелмо дел Торо, Дејвид Линч, Ларс фон Триер, Мајкл Ман, Џорџ Ромеро, Браќата Коен, Квентин Тарантино, Гаспар Ное, Мајкл Мур, Тим Бартон, П. Т. Андерсон, Дарен Ароновски
СопружникТоба Метс (1948–51; разведен)
Рут Соботка (1954–57; разведен)
Кристин Кјубрик (1958–99; смрт)
Stanley Kubrick (1975)

Стенли Кјубрик (англиски: Stanley Kubrick; 26 јули 19287 март 1999) — американски режисер, писател, продуцент и фотограф чии филмови се сметаат за класици во светската кинематографија. Кјубрик е познат по внимателноста со која ги одбирал темите, бавното темпо на работа, жанровската разновидност, техничкото совршенство, одбивањето да зборува за своите филмови и оддалечувањето од јавниот живот. Тој секогаш имал потполна контрола врз своите филмови и ги правел на свој начин и без временски ограничувања, но и секогаш имал финансиска поддршка од големите филмски студија, што е ретка привилегија.

Филмовите на Кјубрик се карактеристични по формалниот визуелен стил и извонредната композиција на фотографија во која се внимава на најситни детали. Неговите подоцнежни филмови содржат елементи на надреализам и експресионизам, а често и немаат линеарна нарација. Некои ги гледаат филмовите како одраз на опсесивната и перфекционистичка природа на Кјубрик. Една од темите која се повторува во неговите филмови е човековата нехуманост кон човека. Некои критичари велат дека филмовите содржат ироничен песимизам, но други сметаат дека, при внимателно набљудување, филмовите всушност содржат еден вид претпазлив, воздржан оптимизам.

Првиот филм којшто го сврте вниманието кон Кјубрик беше „Патеки на славата“, првиот од трите филмови чија тема е нехуманоста на војната. Многу од неговите филмови беа ладно прифатени на почетокот, а подоцна добија признание дека се ремек-дела кои имале огромно влијание на поновите генерации режисери. „2001: Одисеја во вселената“ се смета за пионерски потфат во кинематографијата, како еден од најреалистичните научни филмови и визуелно иновативни научно-фантастични филмови во историјата на филмот. Кјубрик своеволно го повлече „Пеколен портокал“ од кината во Велика Британија откако го обвинија дека филмот послужил како инспирација за одредени последователни злосторства. Авторите Ентони Бурџис („Пеколен портокал“) и Стивен Кинг („Сјаење“) изјавиле дека не се задоволни од адаптацијата на Кјубрик на нивните романи. Речиси сите филмови на Кјубрик одлично поминале во кино салите, освен „Бери Линдон“ во САД. И покрај бројните номинации за Оскар за најдобро сценарио и режија, Кјубрик беше награден со само еден – за најдобри ефекти во „2001: Одисеја во вселената“.

И покрај тоа што сите филмови на Кјубрик (со исклучок на првите два) се адаптации на романи или раскази, критичарите ги опишуваат како оригинални и визионерски дела. Џејсон Енкени истакнува дека Кјубрик е „еден од најдобрите и највлијателните режисери во повоениот период, со уникатен углед меѓу неговите современици“.

Живот и дело[уреди | уреди извор]

Стенли Кјубрик е роден на 26 јули 1928 година во Бронкс, Њујорк, во добростоечко семејство. Најголемиот дел од својот живот го помина во Англија. Татко му бил доктор кој сакал фотографија и таа љубов му ја пренел и на Стенли. Бидејќи имале лабораторија за развивање фотографии во домот, Стенли уште од мали нозе учи многу за фотографијата и подоцна тоа знаење го применува до совршенство во своите филмови. Бил фотограф во редакцијата на училишниот весник и привлече внимание со фотографијата „Продавач на весници ја оплакува смртта на претседателот Рузвелт“ и преку ноќ стана професионалец. На само 16 години ја продава истата фотографија на водечкиот магазин „Look“, за кој и ќе работи по школувањето.

Рани дела[уреди | уреди извор]

Во 1951, пријателот на Кјубрик, Алекс Сингер, го убедил да почне да снима кратки документарни филмови за „Текот на времето“ (The March of Time), производител на журнали за кината. Кјубрик се согласил и го снимил независниот „Денот на борбата“ (Day of the Fight). Инспириран од оваа негова прва работа, тој го напуштил магазинот „Look“ и почнал да работи на вториот краток документарец, „Летечкиот отец“ (Flying Padre), финансиран од филмската куќа РКО. Третиот краток филм, „Морнари“ (The Seafarers), го снимил во 1953 по првиот негов игран филм „Страв и желба“ за да си ги поврати трошоците. „Морнари“ е получасовен промотивен филм за Меѓународната заедница на морнари и е првиот филм во боја на Кјубрик. Овие три филма се единствените зачувани документарни филмови на Кјубрик. Се верува дека работел и на други кратки филмови, меѓу кои и на филм наречен „Светското собрание на младите“ во 1952, но тие не се зачувани.[1] Работел и како еден од режисерите на една епизода од програмата „Омнибус“ за животот на Абрахам Линколн. Ниеден од овие рани филмови не биле официјално издадени и единствени копии се пиратските. Неколку клипови се прикажани во документарниот филм „Стенли Кјубрик: живот во слики“. Покрај тоа, „Денот на борбата“ и „Летечкиот отец“ ги прикажала Ти-Си-Ем (Turner Classic Movies, или TCM), телевизијата за класични филмови.

1950-те: „Страв и желба“, „Бакнежот на убиецот“, „Залуден грабеж“ и „Патеки на славата“[уреди | уреди извор]

Првиот игран филм на Кјубрик е „Страв и желба“ (Fear and Desire), снимен во 1953; филмот е приказна за една група војници кои ќе се најдат во полето на непријателот за време на фиктивна војна. Во паника како да избегаат, тие грабнуваат жена од страв да не ги пријави. Еден од војниците се вљубува во неа, но ја убива кога таа се обидува да избега и потоа ја напушта трупата. Друг војник не сака да избегаат на едноставен начин и ги убедува другите војници да направат план како изненадно да го нападнат непријателот и да го убијат генералот.

Само Кјубрик и неговата тогашна сопруга Тоба Метс биле филмската екипа. Сценариото го напишал пријателот на Кјубрик, Хауард Секлер, кој подоцна ќе стане успешен драмски писател. „Страв и желба“ доби позитивни критики, но не беше успешен во кино салите. Кјубрик подоцна ќе признае дека се срами од филмот и го смета за аматерски обид. Не дозволил филмот да продолжи да кружи и да се прикажува.[2] Само една копија останала во архивата на продуцентската куќа и оттаму се направени сите достапни копии.

Кјубрик се разведува од Тоба Метс за време на снимањето на „Страв и желба“. Втората жена, австријката Рут Соботка, ја запознава во 1952. Живееле во Ист Вилиџ во Њујорк од 1952 до 1955. Летото 1955 се преселиле во Холивуд. Соботка, која има камео улога во следниот филм на Кјубрик, „Бакнежот на убиецот“ (Killer’s Kiss, 1955), а работела и како уметнички директор во „Залуден грабеж“. Исто како „Страв и желба“, и „Бакнежот на убиецот“ е краток игран филм, во времетраење од нешто повеќе од еден час. Филмот доживеа просечен критички и комерцијален успех, а се работи за млад боксер во тешка категорија на крајот од својата кариера, кој ќе се најде заплеткан во љубовен триаголник во кој неговиот соперник е заплеткан во организиран криминал. „Страв и желба“ и „Бакнежот на убиецот“ биле приватно финансирани од семејството и пријателите на Кјубрик.[3][4]

Алекс Сингер го запознава Кјубрик со еден млад продуцент, Џејмс Б. Харис; тие се спријателуваат и го основаат студиото „Харис-Кјубрик“, кое ќе ги финансира следните три филмови на Кјубрик.[5] Двајцата ги купуваат правата за романот „Чиста разделба“ (Clean Break) на Лајонел Вајт и според него, Кјубрик и ко-сценаристот Џим Томпсон, го пишуваат „Залуден грабеж“ (The Killing, 1956). Филмот се работи за еден добро испланиран грабеж за пари од коњска трка, кој ќе тргне наопаку откако мафијашите ќе избегаат со парите. Овој филм, во главна улога на Стивен Хејден, е првиот долгометражен филм на Кјубрик снимен со професионална екипа и глумци. Како и нарацијата во романот, така и приказната во филмот е нелинеарна – истите настани се прикажани од аспект на различни ликови. Оваа техника била невообичаена за современиот американски филм во 1950-те. 40 години подоцна, Квентин Тарантино ја позајмува во „Касапски кучиња“ (Reservoir Dogs). Тој признава дека Кјубрик има влијание врз неговите филмови,[6] and critics have noticed the similarity in plot structure.[7] а критичарите ги согледаа сличностите во структурата на заплетот. На многу начини, „Залуден грабеж“ ги следи конвенциите на филм ноар, и во однос на заплетот и во однос на кинематографскиот стил. Ваквиот жанр на криминални филмови го достигнува врвот на популарноста во 1940-те. Денеска, многумина го сметаат овој филм за еден од најдобрите од жанрот на филм ноар.[8] Иако не бил комерцијален успех, филмот добил позитивни критики.[9]

Општиот успех на „Залуден грабеж“ го привлече вниманието на Метро-Голдвин-Мајер.[10] Студиото им понуди голем избор на приказни за нивниот следен филм.

Кјубрик беше меѓу првите кој на реален начин ја прикажуваше суровоста на војната.

Следниот филм на Кјубрик, „Патеки на славата“ (Paths of Glory, 1957) е сместен за време на Првата светска војна. Тој е адаптација на истоимениот анти-воен роман на Хамфри Коб објавен во 1935. Се работи за една француска воена единица која ќе добие невозможна мисија. По неуспехот, три невини војници ќе бидат обвинети за кукавичлук и ќе бидат осудени на смрт, навидум за да послужат како пример за војската, но всушност се жртвени јарци за неуспесите на командирите. Кирк Даглас го игра полковникот Дакс, хуманитарец кој се обидува да го спречи погубувањето на војниците. Даглас бил „добитното ливче“ за добивање финансиска поддршка за овој амбициозен филм. Иако не постигнал голем комерцијален успех, критичарите го пофалија и го етаблираа Кјубрик како надежен иден режисер. И други критичари во изминативе години го фалат филмот поради грубите и несентиментални сцени со битки и црно-белата кинематографија.[11] Спилберг има изјавено дека овој му е еден од омилените филмови од Кјубрик.[12]

За време на снимањето на „Патеки на славата“ во Минхен, Кјубрик ја запознава германската глумица Кристин Харлан, единствената женска глумица во филмот. Во 1957, Кјубрик се разведува од Рут Соботка и во 1958 се венчава со Кристин и останува со неа до неговата смрт во 1999. Имаат две ќерки, Ања (1959-2009) и Вивијан (родена 1960), како и уште една ќерка од првиот брак на Кристин, Катарина (родена 1953) со починатиот германски глумец Вернер Брунс.

1960-те: „Спартак“, „Лолита“, „Д-р Стрејнџлав“ и „2001: Одисеја во вселената“[уреди | уреди извор]

По враќањето во САД, Кјубрик работи со Марлон Брандо на неговиот филм „Едноокиот крадец“ (One-Eyed Jacks, 1961). Поради бројни несогласувања, Брандо го отпушта и сам го режира филмот.[13] Кјубрик работел на многу неснимени сценарија. Во 1960, Кирк Даглас го замолува да ја преземе режисерската палка на филмот „Спартак“ (Spartacus, 1960) што ја остава Антони Ман, бидејќи студиото го отпушта по две недели од снимањето.

„Спартак“ бил тежок филм за режирање, адаптиран според вистинска приказна за бунт на римски робови. Помеѓу Кјубрик и Даглас имало бројни несогласувања за време на снимањето.[14] Пријателството што го развиле за време на снимањето на „Патеки на славата“ сега се растурило. Години подоцна, Даглас ќе рече дека Кјубрик е „талентирано гомно“.[15]

Покрај проблемите при снимањето, „Спартак“ доживува критички и комерцијален успех, и го етаблира Кјубрик како голем режисер. Ова е единствениот филм на Кјубрик во кој режисерот немал удел во сценариото,[16] монтажата,[17] не бил спомнат како продуцент и не одлучувал за глумците.[18][19][20][21] Овој филм е воглавно проект на Кирк Даглас. Филмот освои четири Оскари.

Кјубрик бил приморан да го цензурира „Лолита“; морал да ги ублажи сексуалните инсинуации - и вербални и визуелни. Во оваа сцена што ја нема во романот, Хамберт игра шах со мајката на Лолита, Шарлот, која му вели: „Ќе ми ја земеш кралицата“, а Хамберт ѝ одговара: „Тоа и ми е целта“, додека пак Лолита го бакнува очувот Хамберт за добра ноќ. Шахот е омилен мотив и на Набоков и на Кјубрик. Критичарот Том Нелсон вели дека целиот филм е една метафорична „кинематографска партија шах“..[22]

Во 1962, Кјубрик се сели во Англија за да го сними „Лолита“ и ќе остане таму до крајот на животот. Привчната замисла му е да го сними филмот во земја во која нема строги закони за цензурирање. Но Кјубрик ќе биде приморан да остане во Англија и таму да го сними „Д-р Стрејнџлав“ поради разводот на главниот глумец, Питер Селерс, поради кој не може да ја напушти земјата; исто и за „2001: Одисеја во вселената“, бидејќи во Америка немало толкави големи студија какви што биле потребни за снимањето на филмот. По снимањето на првите два од овие филмови, Кјубрик одлучува да остане во Англија.

Пред премиерата на „Лолита“ (Lolita, 1962, Кјубрик сфатил дека ќе мора да цензурира некои делови од „книгата“ за филмот да може да биде прифатен. Извадил делови во кои се спомнува дека Хамберт цел живот сакал помлади девојки и се обидел да ја направи Лолита постара, како што и ко-сценаристот Џејмс Харис го посоветувал да направи.[23][24] Но Кјубрик соработувал со цензорите за време на продукцијата и филмот бил само „малку среден“ – биле отстранети еротските алузии помеѓу Лолита и Хамерт. Како резултат на тоа, „посочните“ делови на книгата биле ублажени и сѐ друго било оставено на фантазијата на гледачот. Кјубрик подоцна ќе изјави дека немало да го сними филмот да знаел колку цензури ќе треба да направи.[25]

„Лолита“ е првиот Кјубриков филм што создаде голема контроверзност.[26] Романот на Владимир Набоков беше прогласен за еден од најконтроверзните на векот кога Кјубрик реши да го пренесе на филм.[27] Се работи за еден средовечен професор, Хамберт Хамберт, кој ќе има афера со неговата 12-годишна полуќерка. Постерите кои го рекламираа филмот носеа поднаслов: „Како ли само успеаја да направат филм од ’Лолита’?“[28] Кјубрик првично сакал самиот Набоков да го адаптира романот. Писателот напишал сценарио од 400 страници, кои потоа ги намалил на 200.[29] Набоков проценил дека само 20% од неговото сценарио останало, а остатокот го напишал Кјубрик.[30] Пократката верзија на Набоков била подоцна издадена под насловот: „Лолита: сценарио“.

Критичарот Џон Јангблад вели дека „Лолита“ е транзиционен филм за Кјубрик, „одбележувајќи го скокот кон надреализмот во подоцнежните филмови“.[31]

Следниот проект на Кјубрик, „Д-р Стрејнџлав или: како научив да не се грижам и ја засакав бомбата“ (Dr. Strangelove or: How I Learned to Stop Worrying and Love the Bomb, 1964), стана култен филм и денеска се смета за класик. Роџер Еберт го нарече „најдобрата сатира на сите времиња“.[32] Сценариото е адаптирано според романот „Црвена тревога“ (Red Alert) на поранешниот поручник на РАФ Питер Џорџ. Иако приказната во романот е сериозна, на Кјубрик му била апсурдна помислата да дојде до јадрен конфликт и така филмот станал мрачна комедија.[33]

Питер Селерс, кој игра главна улога и во „Лолита“, овде игра три улоги. Кјубрик изјавил дека е „неверојатен“, иако не можел да издржи повеќе од две-три клапи. Кјубрик снимал со две камери симултано и му дозволил на Селерс да импровизира.[34] Иако Питер Селерс подоцна ќе стане интернационална ѕвезда (по „Пинк Пантер“), во времето кога беше направен „Д-р Стрејнџлав“, тој беше главно британски комичар и не многу познат во САД. Повеќето гледачи не забележуваат дека тој игра три улоги во филмот поради драстично различниот изглед, акцент и карактер.[35] Д-р Стрејнџлав е манијакален германски научник, ќелавиот претседател на САД е мирен човек, пример за здрав разум, а Мендрејк е здрвен британски офицер.[36]

„Д-р Стрејнџлав“ беше номиниран за четири Оскари (вклучувајќи за најдобар филм и режија), а доби награда за најдобра режија на Њујоршкиот фестивал на филмски критичари.

Кјубрик пет наредни години го спрема „2001: Одисеја во вселената“ (2001: A Space Odyssey, 1968). Сценариото е заеднички труд на Кјубрик и Артур Кларк. Наводно, Кјубрик му рекол на Кларк дека има намера да направи „вистински грандиозен научно-фантастичен филм“.

„2001“ почнува пред четири милиони години, кога група мајмуни ќе пронајдат мистериозен црн монолит, кој навидум им ја развива способноста да користат коска и како орудие и како оружје. Ова нова знаење го применуваат кога сакаат да преземат бара од друга група мајмуни кои немаат орудија. Мајмунот победник ја фрла коската во воздух и во тој момент, со нагол рез, дејството се префрла во отприлика 2000 година, каде гледаме сателит кој кружи во орбита. Во ова време, Американците се наоѓаат на месечината каде што откопале монолит сличен на оној што го најдоа мајмуните, а кој праќа силен радиосигнал кон Јупитер. По 18 месеци, група астронаути на бродот Дискавери одат во мисија да го истражат Јупитер, а вистинската цел – да го истражат сигналот – на почеток ја кријат од нив. За време на патувањето, „мозокот“ на бродот, компјутерот ХАЛ 9000, свесен за вистинската причина за мисијата, почнува да работи по сопствена волја и се противи да биде исклучен. Верувајќи дека без него мисијата нема да успее, компјутерот го прекинува животот на сите членови на бродот, освен на еден астронаут, Дејвид, кој успева да го исклучи. Дејвид наоѓа сличен монолит во орбитата околу Јупитер и кога ќе му се доближи, ќе се најде во портал во кој доживува многу промени и чудни космолошки феномени. Неговото меѓуѕвездено патување завршува со трансформација – од стар човек во фетус – кој гледа кон планетата Земја.

Филмот имал буџет од 10 милиони долари. Пионерските визуелни ефекти и техники употребени во овој филм подоцна ќе бидат употребувани во многу други филмови, како „Блејд Ранер“ и „Војна на ѕвездите“. Кинематографијата е дело на генијалниот британски режисер на фотографија Џефри Анзворт. Артур Кларк подоцна ќе изјави дека идни генерации инженери ќе дизајнираат вселенски летала слични како оние во филмот. Овој филм е познат по тоа што реалистично го прикажува патувањето во вселената и реалистично ја прикажува бестежинската состојба.

Филмот е и познат по изборот на класична музика наместо оригинален саундтрак. „Така зборуваше Заратустра“ на Рихард Штраус и „Синиот Дунав“ на Јохан Штраус до ден-денес се поврзуваат со овој филм. Кјубрик употребил и музика од современиот авангарден унгарски композитор Ѓорги Лигети. Но првичната замисла на Кјубрик не била во филмот да има класична музика. Тој го ангажирал композиторот Алекс Норт да направи цел саундтрак за филмот, но при монтажата толку многу се навикнат на привремениот саундтрак што одлучил да го остави.[37]

Иако евентуално филмот доживеа успех, на почеток не беше така. И критичарите го пречекаа многу непријателски поради спорото темпо, недостигот на дијалог и навидум тешката приказна. Филмот беше номиниран за најдобра режија, сценарио и продукција, но освои само еден – за најдобри специјални ефекти, единствениот Оскар на Кјубрик. Многумина денес го сметаат овој филм за најдобриот научно-фантастичен филм на сите времиња,[38] а ретко кога изостанува од која било „Топ 10“ листа.[39]

Од уметнички аспект, „2001“ е радикално поразличен од претходните филмови на Кјубрик. Содржи само 45 минути дијалот, а филмот трае два часа и дваесет минути. Баналниот дијалог е речиси неспоредлив со сликите и музиката. Дијалогот што е најпопуларен од овој филм е оној помеѓу ХАЛ и Дејв. Некои велат дека Кјубрик ја претставува иднината на човештвото под контрола на машините.[40][41][42][43] Двосмислениот и загадочен крај сѐ уште ги фасцинира гледачите. По овој филм, Кјубрик веќе нема да експериментира толку радикално со специјални ефекти и наративна структура.

Познатата најавна шпица.

Интерпретациите на овој филм се многубројни и разновидни. Иако е снимен во 1968, за него се дебатира до ден-денес. Кога критичарот Џозеф Гелмис го прашал Кјубрик што е значењето на филмот, тој му одговорил:[44]

„За некои работи не сакам да дискутирам, бидејќи се субјективни и варираат од гледач до гледач. Во оваа смисла, филмот станува она што гледачот сака да види. Ако филмот ви пробуди емоции и ви навлезе во потсвеста, ако ви ја стимулира жедта за митолошко и религиско откритие, тогаш филмот бил успешен“.

„2001“ е веројатно најпознатиот и највлијателниот филм на Кјубрик. Спилберг го нарече „големиот тресок“[45] на неговата генерација. Филмот беше предвесник на бумот научно-фантастични филмови девет години подоцна, кој започна со „Војна на ѕвездите“ и „Блиски средби од третиот вид“.

1970-те: „Пеколен портокал“ и „Бери Линдон“[уреди | уреди извор]

По „2001“, Кјубрик сакал да сними филм за животот на Наполеон, но сепак се решил да го сними нешто што ќе бара помал буџет и помалку време. „Пеколен портокал“ (A Clockwork Orange, 1971) е адаптација на истоимениот роман на Ентони Бурџис, кој ги истражува мрачите нагони на насилство во општеството. Во САД му беше назначен рејтинг X – само за полнолетни и создаде контроверзии.[46] Препознатливиот постер го создаде легендарниот дизајнер Бил Голд.

Приказната во филмот се одвива во некое идно време во Британија, каде владее авторитаризам и хаос. Главниот лик е тинејџер - хулиган по име Алекс (Малколм Мек-Дауел) кој со своите другари ужива да ограбува, измачува и силува луѓе без трошка совест. По убиство на постара жена, Алекс оди во затвор, каде ќе биде подлежен на експериментална медицинска терапија наречена „Лудовико“, која треба да го одврати од нагони на насилство, но едновремено му ја брише и слободата за морална одлука. На јавна демонстрација на успехот на третманот, Алекс не возвраќа на никакво малтретирање – третманот го дехуманизирал. По третманот мрази и класична музика, нешто што му беше пасија порано, како и желбата за секс. Понатаму гледаме и дека промоцијата на третманот е политички мотивирана.

Кјубрик изјавил дека во филмот прави споредби помеѓу политичката левица и десница, но дека на крајот на краиштата и двете се речиси исти. „Министерот е фигура од десницата; писателот е лудак од левицата... единствено догмата им е различна. Целите и средствата им се исти“ – вели Кјубрик.[47]

Важен елемент е што главниот лик сака класична музика, но третманот што ќе му го испере мозокот не сакајќи го врти против тоа. Поради тоа, Кјубрик ја продолжува традицијата со класична музика започната во „2001“. Но во овој филм, класичната музика пропратува сцени на насилство, за разлика од сцените во вселената во „2001“. Некои критичари кажаа дека овој контраст е непријатен.[48][49]

Филмот беше контроверзен поради експлицитното прикажување на групно силување и насилство. Истата таа година излегоа и филмовите „Улични кучиња“ (Straw Dogs) и „Валканиот Хари“ (Dirty Harry) и сите три филмови покренаа жестоки дебати околу ефектот што го има филмското насилство во општеството. Контроверзноста зазеде уште поголем замав кога се појавуваат имитатори на злоделата во Англија, облечени слично како насилниците во „Пеколен портокал“.

По добивање смртни закани за него и неговото семејство, Кјубрик одлучува да го повлече филмот од кино салите во Британија. Филмот беше повторно достапен во 2000, една година по смртта на Кјубрик, иако не бил забранет во останатите делови на Европа. Едно кино во Лондон го прикажа филмот во раните 90-ти, па Кјубрик го тужеше и го затвори. Во 1973, Кјубрик објави ново издание на филмот во САД, со ублажени сцени со цел да добие поблаг рејтинг (R-rated, или кај нас, со надзор од родител или старател). Претходниот рејтинг на филмот беше X-rated, односно само за возрасни, што се асоцира со порнографски филмови.[50]

Сцена од „Бери Линдон“ осветлена само со светло од свеќи.

Следниот филм на Кјубрик е „Бери Линдон“ (Barry Lyndon, 1975), адаптација на истоимениот авантуристички роман на Вилијам Мејкпис Текери. Се работи за згодите и незгодите на еден ирски коцкар и кариерист во XVIII век. По служење во прусиската војска, Бери се впушта во високо општество и успева да се ожени со грофицата Линдон. Но аристократскиот свет е шуплив рај. Линдон не успева да ја задржи својата позиција и паѓа ниско.

Некои рецензенти го критикуваа филмот поради спорото темпо и должината (нешто повеќе од три часа), што и ги обесхрабри американските гледачи и филмот не беше многу успешен во кината. Магазинот „Тајм“ објави статија за филмот и Кјубрик доби три номинации за Оскар, а целиот филм седум, од кој освои четири, рекордер меѓу филмовите на Кјубрик. И покрај неуспехот во САД, филмот најде публика во Европа, особено во Франција, каде едно списание за филмска критика го вброи на списокот на најдобрите 100 филмови на сите времиња на 67 место.[51]

Како и со другите филмови на Кјубрик, репутацијата на „Бери Линдон“ се подобри со годините, особено меѓу другите режисери. Мартин Скорсезе вели дека овој му е омилен филм од Кјубрик, а Спилберг го пофалува за „безгрешната техника“.

Кинематографијата и светлосните ефекти беа иновација. Сцените снимени во затворен простор биле снимени со специјални леќи кои претходно ги развила НАСА. На овој начин, свеќите се единствен извор на светлина во голем број од сцените, што ѝ дава на сликата посебна дводимензионалност која потсетува на уметничките дела од XVIII век.[52]

Како претходните два филма, и овој филм нема оригинален саундтрак. Музиката се состои од ирски традиционални песни и голем број на класични дела. Оркестарот го диригираше Ленард Розенман, за што доби и Оскар.

1980-те: „Сјаење“ и „Полна воена опрема“[уреди | уреди извор]

Филмот на Кјубрик е вториот во кој се користи тогаш новата Стедикам камера.

Темпото на работа на Кјубрик по „Бери Линдон“ се забави и тој не направи филм наредните пет години. Во 1980, го објави „Сјаење“ (The Shining), адаптација на истоимениот роман на Стивен Кинг. Во главната улога настапи Џек Николсон, пропаднат писател кој прифаќа сезонска работа – да чува реномиран хотел во планините во Колорадо. Таму треба да ја помине целата зима заедно со сопругата Венди и синот Дени, кој има натприродна телепатска моќ (оттука и „Сјаење“ во насловот). Како што напредува филмот, така напредува и изолацијата на семејството. Старите духови од хотелот го измачуваат Дени, а Џек почнува да страда од убиствена психоза.Особено овој филм ја создаде легендата дека Кјубрик е перфекционист. Тој барал некои сцени да се снимаат безброј пати (биле снимени 400 километри филмска лента). Ова особено ѝ било тешко на Шели Дувал (Венди), која била навикната на брзо темпо на работа и импровизација. На Стивен Кинг не му се допаднал филмот и рекол за Кјубрик дека е човек „што премногу мисли, а премалку чувствува“.[53] Во 1997, Кинг направи телевизиска адаптација на романот, мини-серија поверна на романот. Денес, овој филм се смета за култен. Многу често се смета за еден од најдобрите хорори на сите времиња, заедно со „Психо“ (Psycho) на Хичкок и „Истерувач на ѓаволот“ (The Exorcist) на Фридкин. Многу сцени се веќе дел од општата култура – двете девојчиња во ходникот, гргањето крв од лифтот, зборот „Redrum“ (црвената соба), „Here’s Johny!“ (Доаѓа Џони!). Финансискиот успех на филмот ја обнови довербата на Ворнер Брос во Кјубрик по неуспехот на „Бери Линдон“ – тој може да направи уметнички филм кој ќе биде успешен во кино салите.

По седум години, Кјубрик го снимил „Боев куршум“ (Full Metal Jacket, 1987), адаптација на романот на Густав Хасфорд „Краткорочници“ (The Short-Timers), сместен за време на војната во Виетнам. Кјубрик изјавил дека му се допаднала книгата на Хасфорд бидејќи „не била ни за војна ни против, немала политички ни морален став, туку главно се задржувала на факти“. Првата половина од филмот се одвива во камп за воен тренинг во Јужна Каролина. Инструкторот Хартман сака да ги претвори војниците во дисциплинирани убијци. Им дава инструкции да го третираат оружјето како да им е сопружник. Еден слабоумен војник дури и почнува да зборува со пушката; евентуално, го убива Хартман, а потоа и себеси. Втората половина се одвива во Виетнам. Војникот Џокер што го гледавме на тренинг во првиот дел сега е наредник. Џокер дава изјави за воен магазин за настаните во Виетнам, но обично користи игри на зборови и сарказам за да се дистанцира од колежот што го гледа таму. На крајот од филмот, скриен снајперист убива тројца од екипата на Џокер. Се испоставува дека снајперистот е тинејџерка, која Џокер на крај ја убива за да ѝ ги скрати маките. За Кјубрик и екипата претставувало предизвик да се снима филм за Виетнам во Англија. Повеќето современи филмови за војната во Виетнам биле снимани во џунгли, но „Полна воена опрема“ ја покажува другата страна – градот. Глумецот Адам Болдвин вели: „Виетнам нѐ асоцира на џунгла, но оваа приказна ја покажува војната во градот“.[54] Рецензентите коментираат дека ова придонесува за сериозноста на филмот.[55]

1990-те: „Очи ширум затворени“[уреди | уреди извор]

Последниот филм на Кјубрик е „Очи ширум затворени“ (Eyes Wide Shut, 1999). Во главните улоги настапуваат Том Круз и Никол Кидман, млад богат брачен пар во Менхетен кој ќе доживее еден вид на сексуална одисеја. Приказната е заснована на „Новела за сонот“ на Артур Шницлер; го следи докторот Вилијам Харфорд во сексуалното подземје на Њујорк, мотивиран од сознанието дека жена му имала фантазии да го напушти него и нивното дете за да избега со морнарски офицер.

Џек Николсон коментира дека темата на филмот е „опасностите од брачниот живот“, иако „Стенли бил семеен човек“.[56] Сопругата на Кјубрик вели: „Со текот на годините, тој гледаше пријатели како се разведуваат и се премажуваат, и оваа тема секогаш искрснуваше. Знаев дека сака да сними филм за тоа“.[56] Кидман забележува дека „очекувањата од луѓето не му биле високи“, но дека ја обожувал жена си, со која бил во брак речиси 41 година. „Таа беше љубовта на неговиот живот, постојано зборуваше за неа, ја обожуваше. Тоа луѓето не го знаеја. Ќерките ги обожуваа. Зборуваше за нив со голема гордост“.[56]

Централниот конфликт во филмот е помеѓу авантурите на д-р Харфорд во поземјето на Њујорк и неговиот семеен живот. Во оваа сцена, тој открива дека жена му му ја нашла венецијанската маска што ја носеше на маскираниот бал со бизарни сексуални ритуали претходната вечер.

Кјубрик веќе имал 70 години кога го режирал филмот, но и покрај тоа, снимањето траело речиси 15 месеци. Медиумите постојано известувале дека „следниот филм на Стенли Кјубрик ќе биде ’Очи ширум затворени’, филм за љубомората и сексуалната опсесија...“.[57] Работел по 18 часа на ден и се обидувал да ги задржи деталите за филмот во тајност. На ѕвездите од филмот и на продуцентите им пратил копија од незавршениот филм неколку месеци пред премиерата. Кјубрик ненадејно почина на 7 март 1999, на неколку дена пред завршувањето на монтажата и не успеа да ја види крајната верзија што беше пуштена во јавноста.[58]:311

Биографот Цимент верува дека тој „буквално се преморил од работа“, во обид да го направи филмот токму како што тој сака. Понатаму, тој вели дека Кјубрик со право сакал филмот да остане во тајност бидејќи „јавноста и медиумите знаеле премногу за кој било филм пред неговата премиера, а тоа го уништувало задоволството“.[58]

Продукцијата на филмот траела повеќе од две години. Двајца глумци, Харви Кејтл и Џенифер Џејсон Ли биле заменети во текот на снимањето. Иако дејството се одвива во Њујорк, филмот бил сниман воглавно во Лондон. Поради големата таинственост на Кјубрик, неточни детали за дејството и содржината на филмот истекоа во јавноста; воглавно, дека ова ќе бил „најсекси филм на сите времиња“.[59] Овие хиперболи биле уште позголемени поради тоа што брачниот пар Круз и Кидман во тоа време биле во центарот на вниманието, а во филмот се исто така брачен пар.[60][61]

Како и „Пеколен портокал“ и „Лолита“, и „Очи ширум затворени“ бил предмет на цензура. Во САД и Канада биле направени дигитални силуети за да се маскираат експлицитни сексуални сцени и со тоа филмот да добие рејтинг „R“ (со надзор од родител или старател). Во Европа и во светот, филмот бил прикажан во оригинална форма.

Никол Кидман не се согласува со некои критичари кои велат дека филмот истражува „мрачни“ теми; таа вели дека филмот е всушност „многу надежен“. Во интервју за документарецот „Стенли Кјубрик: живот во слики“ (Stanley Kubrick: A Life in Pictures, 2001), таа посочува дека Кјубрик индиректно ги потенцирал „верноста и обврзаноста“ како морални вредности. Сидни Полак, еден од глумците во филмот, додава дека „срцето на филмот е да прикаже една вистина за врските и секот. Но тој приказ не е директен, туку театрален“. Цимент се согласува со Кидман, додава дека позитивното значење може да се извлече од дијалогот и предлага дека зборовите „одекнуваат како епитаф“ на Кјубрик:

„Кратко време пред смртта, Кјубрик, за првпат во кариерата, ни дозволува да ѕирнеме во светлото на крајот од тунелот, зората на крајот од патешествието во ноќта... Алис [Кидман] извлекува поука од емоционална одисеја што ја доживува со Бил: ’Можеби треба да бидеме благодарни... благодарни што успеавме да ги преживееме сите наши авантури, без разлика на тоа дали биле сон или јаве“.[58]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Thuss 2002, p. 110. Online: Google Books link
  2. Baxter 1997, p. 56. Online: Google Books link Архивирано на 21 јуни 2013 г.
  3. Philips 2001, p. 190. Online: Google Books link
  4. Philips 1999, p. 127. Online: Google Books link
  5. Baxter 1999, p. 70.
  6. Lucas (no date). Online at: 7 Classic Movies that Influenced Quentin Tarantino: Horror, Suspense, Film Noir – and Plenty of Laughs
  7. Sleeper 1997. Online at: la Fiction du Pulp: Tarantino's trail of bread crumbs leads to the French New Wave
  8. Online: Stanley Kubrick Exhibition. Newsletter no. 9, October 2004. Архивирано на 14 декември 2012 г.
  9. Roud 1980 p. 562. Online: Google Books link
  10. Jackson et al 2001. Online: Google Books link
  11. See for example: Denby 2008. Online at: The First Casualty
  12. Friedman, Lester, and Brent Notbohm, p. 82. Online: Google Books link
  13. LoBrutto 1999, p. 164.
  14. Cohan, Steven and Ina Rae Rark 1993, p. 170. Online: Google Books link
  15. Abrams 2009, p. 170. Online: Google Books link
  16. Kubrick is not credited for the screenplay of Lolita but he heavily rewrote Nabokov's script and took no credit simply for contractual reasons. See intro to Nabokov's published version and Lolita: A Screenplay – Vladimir Nabokov
  17. Cooper 1996. Online: Spartacus: Still Censored After All These Years
  18. Harlan 2001. Online at: Stanley Kubrick: A Brief Overview; see also review of Spartacus: Spartacus (Criterion)
  19. Kagan 2000, p. 69.
  20. Sperb 2006, p. 60.
  21. Philips 2001, p. 102.
  22. Nelson, Thomas Allen (2000). Kubrick, inside a film artist's maze (revised edition). Indiana University Press. стр. 79. ISBN 0253213908, 9780253213907 Проверете ја вредноста |isbn=: invalid character (help).
  23. Harris 2002. Online: Lolita at 40: Producer James B. Harris. The Five-0 Interview.
  24. Kagan pp. 82, 83. "He couldn't dramatize Humbert's erotic relationship with the nymphet."
  25. LoBrutto 1997 p. 225. "he told Newsweek in 1972 in referring to the censorship restrictions."
  26. Bogdanovich 1999. Online: What They Say About Stanley Kubrick
  27. Constantine Santas (September 2000). „Lolita – From Nabokov's Novel (1955) to Kubrick's Film (1962) to Lyne's (1997)“. Senses of Cinema. Архивирано од изворникот на 2010-12-25. Посетено на June 8, 2011.
  28. IMDb. Online: Lolita (1962) – Taglines
  29. Aragay 2006, p 113. Online: Google Books link.
  30. Coyle 1980, p. 46. Online: Google Books link.
  31. Youngblood 2008. Online: Lolita
  32. Roger Ebert (July 11, 1999). „Dr. Strangelove (1964)“. rogerebert.com. Архивирано од изворникот на 2013-03-15. Посетено на August 14, 2011.
  33. Lyon and Doll 1984, p. 126.
  34. LoBrutto 1997 pp. 206, 239, 242.
  35. Mr. Mikey's Video Views; Volume One By J. Michael Dlugos. p. 72.
  36. „Dr. Strangelove“. Turner Classic Moview. Архивирано од изворникот на 2009-12-20. Посетено на March 3, 2011.
  37. mfiles (no date). Online: 2001: A Space Odyssey – Alex North's unused Soundtrack.
  38. American Film Institute. Online: AFI's 10 Top 10
  39. British Film Institute. Online at: BFI Critic's Top Ten Poll.
  40. 2001: A Space Odyssey. Celtoslavica.de. Посетено на August 7, 2010.
  41. Social History :The Cultural Impact of 2001: A Space Odyssey Архивирано на 5 ноември 2004 г.. Centennialofflight.gov. Посетено на August 7, 2010.
  42. 2001: A Space Odyssey Архивирано на 18 јули 2013 г.. Avrev.com (June 12, 2001). Посетено на August 7, 2010.
  43. The science fiction, horror and fantasy movie review site – 2001: A Space Odyssey. Moria (July 18, 2010). Посетено на August 7, 2010.
  44. Gelmis 1970. Extract: What did Kubrick say is the plot of 2001?
  45. Carr 2002, p јануари
  46. http://www.cityweekly.net/utah/event-59108-a-clockwork-orange-40th-anniversary-screening-with-malcolm-mcdowell.html Архивирано на 19 јануари 2012 г., Salt Lake City Weekly
  47. Ciment 1982. Online at: Kubrick on A Clockwork Orange: An interview with Michel Ciment
  48. Ebert 1972. Online at: A Clockwork Orange Архивирано на 28 ноември 2012 г.
  49. Kael 1972. Online at: Stanley Strangelove
  50. Comstock 2007. Online: How “X-rated” became synonymous with “porn,” and the death of movie making for grown-ups. Архивирано на 17 јули 2011 г.
  51. „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2010-10-18. Посетено на 2011-10-11.
  52. Ed DiGiulio. „Two Special Lenses for "Barry Lyndon". American Cinematographer. Посетено на March 5, 2011.
  53. Bianculli 1997. Online at: 'The Shining,' By the Book Архивирано на 19 ноември 2009 г.
  54. ="LoBrutto">quoted in Lobrutto, p. 469-470
  55. various. „Regarding Full Metal Jacket“. The Kubrick Site. Посетено на March 5, 2011.
  56. 56,0 56,1 56,2 Harlan, Jan (producer/director), Stanley Kubrick: A Life in Pictures, documentary film (2001)
  57. Webster, Patrick. Love and Death in Kubrick: A Critical Study of the Films from Lolita Through Eyes Wide Shut, McFarland (2011)
  58. 58,0 58,1 58,2 Ciment, Michel. Kubrick: The Definitive Edition, Faber and Faber, Inc. (1980; 1999)p. 311
  59. Tatara1999. See for example: Review: 'Eyes Wide Shut' – All undressed with no place to go
  60. Gary Jones (September 14 and 17, 1999). „Eyes Wide Shut Review“. Killer Movies. Посетено на March 5, 2011. Проверете ги датумските вредности во: |date= (help)
  61. James Brundage (Jul 17, 1999). „Open Your Eyes: A Second Look at "Eyes Wide Shut". AMC FilmCritic.com. Архивирано од изворникот на 2011-11-06. Посетено на March 5, 2011.