Симпсонс на Стренд

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Лого на ресторанот

Симпсонс на Стренд (англиски: Simpson's-in-the-Strand) — еден од најпрочуените традиционални англиски ресторани во Лондон и дом на шахот во XIX век.

Ресторанот се наоѓа на славната улица Стренд (The Strand) и е дел од зградите на Савој, во чиј состав е веројатно најпознатата гостилница на светот, хотелот Савој. Го посетиле и во него играле речиси сите врвни шахисти од XIX век, меѓу кои и Вилхелм Штајниц, Пол Морфи, Емануел Ласкер, Јоханес Цукерторт и Зигберт Тараш. Во 1851 година, во ресторанот била одиграна и познатата „Бесмртна партија“, меѓу Адолф Андерсен и Лионел Кизерицки. Во локалот биле одиграни и силните турнири во 1883 и 1899 година, а во меѓувреме и првиот меѓународен турнир во женска конкуренција, кој бил одигран во 1897 година.

Историја[уреди]

Почетни години[уреди]

Големиот диван

На сегашното место најпрвин се наоѓала гостилницата Fountain Tavern, кој бил седиште на славната книжевна група Кит-кет клуб, но била заменета со локалот Grand Cigar Divan од страна на Семјуел Рајс кој започнал со работа во 1828 година. Ова набргу станала просперитетна кафеџилница, речиси клуб, каде лондонските господа плаќале членарина од една гвинеја годишно. Гостите пушеле, лежерно ги читале своите весници и играле шах додека се потпирале на дивани.[1]

Уште од почетокот местото било популарно собиралиште за љубителите на шахот и често се играле партии против околните локалитети со помош на изнајмени гласници. Локалот Grand Cigar Divan, набргу станал шаховски дом во Англија.

Во 1848 година, Рајс се заортачил со ресторатерот Џон Симпсон и го прошириле просторот, преименувајќи го локалот во Simpson's Grand Divan Tavern.[1] Наскоро местото станало еден од врвните ресторани во Лондон познат по користење на исклучиво британски продукти: говедски бифтеци и овчи плешки послужени во троли со сребрени ѕвона (некои од нив се користат и ден денес), кои се режат на маса за секој засебен гостин. Местото станало добро позната атракција и привлекувала видни луѓе како Чарлс Дикенс, Вилијам Гладстон и Бенџамин Дизраели.

Кратко пред неговата смрт во 1864 година, Џон Симпсон му го продал ресторанот на Едмунд Вилијам Кети[1] и друштвото било преобразено во друштво со ограничена одговорност. Во 1898 година, Ричард Дојл Карт, претставник на хотелот Савој се стекнал со сопственоста на ресторанот. Но, тој починал во 1901 година, па сопственоста ја наследил неговиот син, Рупер Дојл Карт.

Прва половина на XX век[уреди]

Поглед во „Најтс бар“

Со појавата на автомобилот, улицата Стренд морала да се прошири и во 1903 година, ресторанот бил заотворен на неговото купување од страна на групацијата Савој. Целиот стар мебел кој во моментот на затворање се наоѓал во ресторанот, бил продаден, вклучувајќи ја и најголемата маса која била изработена од махагоново дрво, 265 столици и 60 други маси, изработени од махагоново дрво.[2] По една година, на неговото повторно отворање бил преминенуван во „Симпсонс на Стренд“ (Simpson's-in-the-Strand)[1] и повеќе не било дозволено да се игра шах во ресторанот. Овој настан засекогаш го преместил центарот на шахот од Лондон во слични клубови во Виена и Берлин.

На почетокот на 1939, непосредно пред избувнувањето на Втората светска војна, групацијата Савој предложила отворање на сличен ресторан, во близина на плоштадот Лестер,[3] за чиешто остварување биле потребни повеќе години. За време на војата, Симпсонс бил погоден од недостатокот на месо, особено на говедско и овчо месо. Делумна погодност претставувала спогодбата за снабдување со срнечко месо од Шкотска, како и харинга. Како и сите луксузни ресторани, Симпсонс бил присилен од правилото коешто важело за време на војната, а според кое највисоката цена на еден оброк може да изнесува 5 шилинзи.[4][5]

Повоен период[уреди]

По војната, Симпсонс бил погоден од штрајк на вработените, како подршка на отпуштен келнер од хотелот Савој. Работата станала толку сериозна, што била покрената владина истрага.[6] Со донесувањето на пресудата за овој спор, следниот голем момент во развојот на ресторанот претставувало оживувањето на предвоениот план за отворање на сличен ресторан на плоштадот Лестер.[7]

Во 1994 година, во ресторанот започнал да се служи и доручек.[8]

Симпсонс само од неодамна дозволува жени да ја користат прекрасната панелирана сала на приземјето за време на ручек. Претходно, дамите ја користеле просторијата на првиот кат, која е посебно украсена со пастелни бои. На првиот кат, исто така се наоѓа и велелепната доцновикторијанската соба за банкети која удобно сместува над 100 гости. На приземјето има и уште една соба за банкети во посовремен стил од 1930-тите. Ресторанот има и два популарни коктел-бара.

Симпсонс и шахот[уреди]

Влезот на ресторанот

Како што Вимблдон се смета за седиште на тенисот и Лордс седиште на крикетот, Симпсонс е еквивалент во шахот. Речиси сите врвни играчи од XIX век имаат играно таму. Некои од нив се Вилхелм Штајниц, Пол Морфи, Емануел Ласкер, Јоханес Цукерторт[а] и Зигберт Тараш.[9]

Токму во Симпсонс во 1851 година била одиграна една од најголемите партии на светот, таканаречената „Бесмртна партија“, одиграна меѓу Адолф Андерсен и Лионел Кизерицки.[10] Ресторанот, исто така бил домаќин и на силните турнири од 1883 и 1899 година и првиот меѓународен турнир за жени во 1897 година.

Во септември 2003, бил одржан мал турнир во ресторанот за да се одбележи 175. годишнина од играњето шах на тоа место, кој бил именуван по неофицијалниот светски првак за време на 1840-тите и 1850-тите, Хавард Стаунтон. Во 2006, 4. меморијален турнир во чест на Хауард Стаунтон бил прогласен за најсилниот општ турнир во Лондон од 1986 година, со учество на врвни велемајстори како Мајкл Адамс, Иван Соколов и Јан Тиман.

Белешки[уреди]

  • а  На 20 јуни 1888 година, Јоханес Цукерторт ненадејно починал за време на партија, која ја играл во ресторанот.

Наводи[уреди]

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 The Savoy Group, history pages
  2. The Times, 13 февруари 1903, стр. 14.
  3. The Times, 1 март 1939, стр. 13.
  4. "Five Ways to Compute the Relative Value of a UK Pound Amount, 1830 to Present"
  5. Baker, Anne Pimlott. "Wontner, Sir Hugh Walter Kingwell (1908–1992)", Oxford Dictionary of National Biography, Oxford University Press, 2004.
  6. The Times, 8 ноември 1947, стр. 4.
  7. The Times, 7 декември 1953, стр. 17.
  8. The New York Times, 18 март 1994.
  9. Bird, "The Nineetenth Century" section
  10. Golombeck, Harry. "Something special in the Strand", The Times, 7 јуни 1980, стр. 11.

Користена литература[уреди]

  • Jackson, Stanley, The Savoy - The Romance of a Great Hotel, Њујорк, 1964, стр. 38-39, 209.

Надворешни врски[уреди]