Сиво блатарче

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Сиво блатарче
Возрасен со перје во сезона на парење
Заштитен статус
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордови
Класа: Птици
Ред: Бекасови
Фамилија: Блатарки
Род: Pluvialis
Вид: Сиво блатарче
Биномен назив
Pluvialis squatarola
(Linnaeus, 1758)


Сивото блатарче (науч. Pluvialis squatarola) е средно голема блатарка која се размножува во арктичките региони. Таа е птица преселница на долги растојанија и вон сезоната на парење е распространета речиси на сите крајбрежја во светот.[2] Се среќава и во Македонија.

Опис[уреди]

Сивото блатарче е долго 27-30 см, со распон на крилјата од 71 до 83 см и тежина од 190 до 280 грама, а може да тежи и над 345 грама кога се подготвува за миграција. Напролет и во лето (од април до август) возрасните птици имаат црни и бели точки на грбот и крилјата. Ликот и вратот се црни, обрабени со бела линија. Градите му се црни, а под опашката е бел. Опашката е бела со црни завршетоци. Клунот и нозете му се црни. Се митарат кон крајот на август или почетокот на септември здобивајќи се со зимското перје. Тогаш боите му се многу посветли, грбот му е светло сив, градите сјајно сиви, а стомакот бел. Младенчињата се слични со возрасните вон сезоната на парење, но грбот им е малку поцрн и имаат покремавобели рабови на крилјата. Во сите варијанти на перје, овие птици под крилјата и летачките пердуви се црни, по што лесно се одвојуваат од другите блатарки во лет. А кога се на земја, се разликуваат со покрупниот и подолг (24-34 мм) клун.[2][3] Напролет, кога се приближува сезоната на парење, стомакот на оваа птица станува црн.

Живеалиште и однесување[уреди]

Живеалиштето на сивото блатарче за време на размножувањето се арктичките крајбрежја на Алјаска, Канада и Русија. Гнезди на земја, во сува отворена тундра, со добра видливост. Гнездото е плитка дупка во крупниот песок, каде несат 4 јајца (понекогаш само 3) и ги лежат во почетокот на јуни. Инкубацијата трае 26-27 дена, а пилињата се оперјуваат на возраст од 35 до 45 дена.[2][3]

Мигрираат зимно време на крајбрежјата низ светот. Во новиот свет зимуваат од југозападна Британска Колумбија и Масачусетс, јужно до Аргентина и Чиле, во стариот свет од Велика Британија и југозападна Норвешка јужно преку крајбрежна Африка до јужна Африка, и на исток, од јужна Јапонија, во крајбрежјата на јужна Азија и Австралија. Таа прави постојан трансконтинентален прелет преку Азија, Европа и Северна Америка, но е редок посетител на континенталните земји, приземјувајќи се привремено заради временските услови или заради хранење и тоа само на крајбрежјата на големите езера. Таму, е редовен минувач при преслебите.[2][3][4]

Младите птици не се размножуваат до двегодишна возраст, тие обично остануваат на местото на зимување до второто лето.[2][3]

Исхрана[уреди]

Сивото блатарче се храни пасејќи по плажите и дочекувајќи ги приливите од плима, вообичаено она што може да го види. Исхраната се состои од мали мекотели, црви, ракови и инсекти. Оваа птица не формира големи јата како другите видови од оваа фамилија кога се храни, туку се распрскани по крајбрежјето. Единствено кога има висока плима, се собираат во големо јато.[2][3]

Статус[уреди]

Сивото блатарче е еден од видовите на кои се однесува Договорот за заштита на африканско-евроазиските водни птици-преселници.

Галерија[уреди]

Наводи[уреди]

  1. BirdLife International (2012). Pluvialis squatarola. „Црвен список на загрозени видвови на МСЗП, верзија 2012.1“. Меѓународен сојуз за заштита на природата. http://www.iucnredlist.org/apps/redlist/details/106003114. конс. 16 јули 2012.  (англиски)
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 Hayman, P., Marchant, J., & Prater, T. (1986). Shorebirds. Croom Helm ISBN 0-7099-2034-2.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Snow, D. W. & Perrins, C. M. (1998). The Birds of the Western Palearctic Concise Edition. OUP ISBN 0-19-854099-X.
  4. Dickinson, M. B. et al., eds. (1999). Field Guide to the Birds of North America. National Geographic ISBN 0-7922-7451-2.

Надворешни врски[уреди]