Селото Степанчиково

Од Википедија — слободната енциклопедија
Селото Степанчиково
книгата во издание на Табернакул

Селото Степанчиково (руски: Село Степанчиково и его обитатели) — хумористичен роман во два дела од Фјодор Достоевски напишан во 1859 година. Ова е еден од ретките романи на Достоевски каде отсуствува подробна психолошка анализа на главните протагонисти, и секако едно од малкуте негови дела каде е присутна ведра и комична атмосфера.[1] Целта на оваа уникатна новела е да ги посочи и исмее човековата лековерност и конзервативни убедувања од една страна, додека исто така да ги разоткрие и жигоса ненаситноста и алчноста по богатство и моќ на малите и прости луѓе во општеството.[2]

Ликови[уреди | уреди извор]

  • Сергеј Александрович — младо момче, внук на полковникот Ростањев
  • Егор Илич Ростањев — наивен 40-годишен полковник кој има огромен имот во Степанчиково
  • Фома Фомич — поранешен шут во семејството кој под чудни околности станал глава на куќата
  • Генералицата Агафја Тимофеевна Крахоткина — мајка на полковникот, вдовица по смртта на генералот Крахоткин
  • Прасковја Илинична — сестра на полковникот
  • Татјана Ивановна — психички нестабилна жена, која неочекувано наследила големо богатство
  • Ана Ниловна Перепелицина — девица, ќерка на потполковник
  • Анфиса Петровна — пријателка на генералицата
  • Настја Ежевикина — гувернанта на децата
  • Ежевикин Иларионич — горделив селанец и подмолен ласкавец, татко на Настењка
  • Иван Иванович Мизинчков — братучед на Сергеј
  • Павел Семенович Обноскин — почитуван руски големец, син на Анфиса Петровна
  • Степан Алексеевич Бахчеев — семеен пријател на полковникот
  • Сашењка и Иљуша — деца на полковникот
  • Фалалеј — мало дете, миленик на генералицата
  • Гаврил, Видопљасов — слуги

Содржина[уреди | уреди извор]

Во оваа повест се раскажува за чудните и комични доживувања на едно богато руско семејство, кое по смртта на генералот Крахоткин ќе се најде во немилост на поранешниот нивни шут Фома Фомич. Иако Фома е прост и неук, тој во очите на Генералицата и полковникот Ростањев е благороден и учен. Со помош на неговото самољубие и наивноста на полковникот станал господар на големиот имот во Степанчиково и управувал со животите на сите во куќата по негова волја. Заплетот започнува кога на имотот ќе пристигне внукот на полковникот, Сергеј Александрович, кој бил поканет од страна на вујко му.

На инсистирање на Фома Фомич и генералицата Крахоткина, полковникот против негова волја бил принуден да се ожени со глупавата Татјана Ивановна. Истовремено, тие двајца се сомневаат дека полковникот тајно се гледа со гувернантата Настењка. Затоа вршат невиден притисок врз младата девојка сè со цел таа да ја напушти куќата и да не ги наруши нивните планови, кои биле богатата но лекомислена Татјана да им стане снаа. За да ја спаси од протерување, Егор Илич го замолува неговиот внук Сергеј да се врати од Петроград и да се ожени со Настја. Сергеј е дочекан на нож од страна на Фома, генералицата и Перепелицина, така што веднаш се зоврива и онака вжештената семејна атмосфера.

Откако го убедиле полковникот да ја побара раката на Татјана, се случува ненадејното бегство на Татјана со Обноскин. Полковникот со помош на Сергеј, Мизинчиков и Бахчеев ја враќа во куќата и го разоткрива Обноскин. Истата вечер зборувајќи со Настењка, полковникот е забележан од Фома како се прегрнува со неа и паѓа во рацете на Фомината милост и немилост. По совет на внукот, полковникот Ростањев се решава да ја побара Настја за жена наредното утро пред целото семејство. Притоа со писмо го замолува Фома да ја премолчи вчерашната сцена, на што Фома избувнува и пред сите ја понижува Настасја. Дејството кулминира со тоа што полковникот го исфрла Фома надвор од куќата сред големото невреме.

По тешките преколнувања на мајка му и нејзините бадијалџики, Егор Илиич го вратил Фома во куќата под услов тој да и се извини на Настењка за искажаната навреда. Фома се согласил и го благословил нивниот брак. По оваа негова постапка, Фома Фомич уште повеќе го зацвстил впечатокот кај домашните за неговата благородност и добродетел. Наредните седум години, сѐ до неговата смрт, членовите на ова руско семејство биле изложени на поплаките, приговорите, неизводливите желби и ненаситноста на Фома. Тој бил закопан веднаш до генералицата и над неговиот гроб бил подигнат споменик. По Фомината смрт Сашењка се омажила, Иљуша заминал на студии во Москва, а полковникот и Настењка среќно си живееле на имотот во Степаничково.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. "Joseph Frank 1983"
  2. Joseph Frank, Dostoevsky. The Years of Ordeal 1850-1859, London, 1983, p. 264.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]