Манастир „Св. Ѓорѓи Победоносец“ - Рајчица
| Манастир Св. Ѓорѓи Победоносец | |
| Основни податоци | |
|---|---|
| Место | Рајчица, Македонија |
| Округ | Дебар |
| Осветено | 14 век |
| Архитектонски опис | |
| Карактеристики | |
Манастирот Св. Ѓорѓи Победоносец се наоѓа во во селото Рајчица, во непосредна близина на градот Дебар, односно во неговото предградие на само 2 км од центарот. Свети Ѓорѓи Победоносец е женски манастир и е метох на познатиот и најбогатиот македонски манастир Свети Јован Бигорски. Овој манастир се претпоставува дека е основан во почетокот на XIV век, како метох на Бигорскиот манастир Свети Јован во Дебарското поле. Сепак точната година на изградба на манастириските конаци е 1835 година во времето кога игумен на Бигорскиот манастир бил архимандритот Арсениј од Галичник. Црквата била зографисана и живописана во периодот од 1840 до 1852 година од зографот Михаил и монахот Данаил од Бигорскиот манастир, а додека долниот дел го досликал нивниот ученик Дичо Зограф од Тресонче. Се до 1945 година во манастирот опстојувало братство кое било забрането од комунистичката власт, а манастирот бил претворен во коњушница. До 1999 година овој манастир беше руиниран и во рушевини, но благодарејќи на иницијативата на игуменот на Бигорскиот манастир архимандрит Партениј (со братството), манастирот беше возобновен, а воедно беше возобновено и женското монашко сестринство кое денес има сестринска соработка со манастирот „Рождество на пресвета Богородица“ од Бостон, САД. За манастирот е интересно да се спомене дека во него рачно се изработуваат митри (капи кои ги носат високите православни свештеници и владики) кои ги носат владиците на МПЦ, но и владиците во Бугарија, Србија, Грција, Романија, како и во Вселенската патријаршија во Цариград. Свети Ѓорѓи Победоносец сега е еден од најубавите македонски манастири и секоја година традиционално се празнува Ѓурѓовден, што воедно е и селска слава на селото Рајчица на која традиционално покрај дебарчани, присуствуваат и гости од други градови во Македонија (Охрид, Гостивар, Битола, Скопје, Кочани и др.).

