Сварталфхајм

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Во нордиската митологија, Сварталфхајм (старонордиски: Svartálfaheimr) е светот на темните (црни) џуџиња-виленици наречени сварталфови. Често, дел од нив се претставени како натприродни темни суштества од машки или женски пол, како контраст на светлите самовили.

Двата поими се среќаваат во Помладата еда („Прозна еда“), напишана во XIII век од страна на Снори Стурлусон. Во првата книга од Еда, Гилфагининг, во глава 33, востоличениот Хај раскажува за врзаниот волк Фенрир. Фенрир постојано растел, што во еден момент боговите започнале да се загрижуваат. Богот Один го пратил гласникот на богот Фрејр, Скирнир, долу во светот на црните виленици (џуџиња), каде едно од џуџињата направило оков од шест волшебни состојки, со чија помош волкот Фенрир бил окован.

Во глава 35 од книгата Скалдскапармал, се вели дека полубогот Локи, еднаш ја скратил златната сјајна коса на божицата Сиф, жената на богот Тор. Откако Тор разбрал за ова, имал намера да ја искрши секоја коска од телото на Локи, но овој му се колне дека со помош на црните џуџиња ќе направи косата на Сиф повторно да порасне. Локи наоѓа група црни џуџиња, синовите на Ивалди (ковачот кој го исковал Мјолнир, чеканот на Тор), кој не само што ја враќа златната коса на Сиф, туку на боговите им подарува и многу други значајни предмети.