Санстефански мировен договор

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Договорто бил потпишан во куќата на Јешилќој.

Санстефанскиот мировен договор е договор помеѓу Руското Царство и Отоманската Империја склучен на крајот од Руско-турска војна (1877-1878). Бил потпишан на 3 март 1878 во Сан Стефано (Јешилќој), село западно од Истанбул, од страна на Никола Павлович Игнатиев и Александар Нелидов од страна на Руското царство и министерот за надворешни работи Сафет Паша и Амбасадорот во Германија Садулах Беј од страна на Отоманската Империја. Со договорот всушност се воспоставила Санстефанска Бугарија како независна држава. Според некои извори за Русија Санстефанскиот договор претставувал само прелиминарен договор кој требало да служи како основа за понатамошни преговори со останатите големи сили од тоа време.[1]

Австро-Унгарија, Британската Империја и Франција не биле задоволни со проширувањето на влијанието на Русија, додека Србија и Грција биле незадоволни од воспоставувањето на Голема Бугарија. Ова незадоволство довело до потпишување на нов мировен договор само неколку месеци подоцна, на Берлинскиот конгрес одржан во јуни и јули 1878 година.

Британскиот историчар A.J.P. Тејлор вели: „Ако договорот од Сан Стефано останел во сила и Отоманската империја и Австро-Унгарија би преживеале до денес. На крајот од 1878 Роберт Сесил пишува: Треба повторно да формираме рахитична форма на турското владеење на југот од Балканот. Но, тоа е само одмор. Нема виталност останато во него.“[2]

Денот на потпишувањето на овој договор во денешна Република Бугарија се слави како национален ден на ослободување.

Позадина[уреди]

По крајот на Руско-турската војна во Едрене било потпишано примирје. Уште во почетокот на Руско-турската војна ситуацијата во Европа била загрижувачка. И покрај противењето на опозицијата на чело со Вилијам Гладстон во мај 1877 година, Владата на Велика Британија донела одлука да се вклучи во војната на страната на Отоманската империја во случај Русија да го нападне Истанбул и да навлезе на територијата на Египет или да ги окупира Дарданелите или Персискиот залив. Руската влада брзо ја уверила на Англија дека Египет и Персискиот залив не се во нејзините планови.

Бидејќи стравувала од сојуз на Русија со Германија и Австро-Унгарија, британската влада сакала да ја привлече Австро-Унгарија на своја страна. Во мај 1877 година британскиот премиер испратил таен меморандум до австро-унгарската влада која одговорила дека нема да биде согласила на една долготрајна руска заштита над Бугарија. Отворените антируски искази во Англија и несогласувањето на Хабсбуршката монархија со руските планови довело до тоа да Високата Порта побара дипломатска помош. Виена сепак ја отфрлила османлиската молба за помош бидејќи не барала начин да ја спаси империјата туку да се прошири кон Балканскиот полуостров. Поради тоа Австро-Унгарија сакала мировниот договор по војната да биде потпишан од сите Големи сили, зад кој договор застанала и Велика Британија.

Во февруари 1878 година Германија ја зазела страната на Русија бидејќи се интересирала само од слободниот превоз по Дунав и Дарданелите, а освен тоа се залагала за поробеното христијанско население на Балканот. Канцеларот Ото фон Бизмарк понудил да посредува во руско-британските несогласувања. На крајот на истиот месец министерот за надворешни работи на Австро-Унгарија се спротиставил остро против проширувањето на Бугарија на југ од Стара Планина. Во меѓувреме Русија започнала да има тешкотии и со балканските сојузници. Романија изразила незадоволство од преминувањето на Јужна Бесарабија во составот на Руската империја иако таа ја добила Северна Добруџа како компензација. Подоцна сите овие околности, вклучувајќи го и фактот што руската армија не ги ослободила Македонија и Родопите, ја попречиле реализацијата на Санстефанскиот договор и поради тоа истиот бил ревидиран преку Берлинскиот договор.

Потпишување[уреди]

Мировните преговори започнале на 13 февруари откако во Едрене пристигнал првиот член на турската делегација, министерот за надворешни работи Сафвет Паша. Две недели подоцна пристигнал и вториот - Сабдулах бег, амбасадор во Берлин. Во тоа време започнал и упадот на Британската морнарица во Мраморно Море. Уште во почетокот на преговорите Сафвет паша најавил дека империјата ќе ги оствари изработените од Цариградската конференција реформи, но тој ги отфрлил условите за мир бидејќи потпишување на договорот требало да има само ако биде започнат конгрес на сите Големи сили. Сафвет сакал да ги одлага преговорите но да не ги прекинува бидејќи се плашел од нова руска офанзива кон главниот град но сеуште се надевал на британска и австро-унгарска подршка. Преговорите започнале да одат во ќор сокак па руската влада решила да преземе цврсти мерки. На 24 февруари испратила одред од 10.000 луѓе крај Цариград, а главните руски преговарачи се преместиле од Едрене во Сан Стефано, но оваа тактика на заплашување не дала резултат и османлиските преговарачи продолжиле да заработуваат во време до посакуваната помош од конгрес со Големите сили.

Делегацијата на Отоманската империја се противила на границите на Бугарија и Србија, кои зазимале значителни делови од териториите на империјата. Руските претставници не сакале да отстапат од своите позиции. На 25 февруари во Сан Стефано пристигнал големиот везир Ахмед Вефик но повторно не бил постигнат успех па на 28 февруари истите биле прекинати. Истиот ден грофот Игнатиев го известил главниот командант на војските кнез Николај Николаевич дека примирјето мора исто така да биде прекинато но Николаевич бил загрижен дека ваквите дејства би довеле до војна со Велика Британија. На 1 март руските претставници поставиле ултиматум на османлиската делегација да го потпише договорот или воените дејствија ќе бидат обновени а во исто време руската армија започнала готовност за датргне кон османлиската престолнина. Така Високата порта започнала повторно да преговата. Договорот бил потпишан на 3 март 1878 година а одлуките на договорот стапиле во сила на 18 март.

Последици од договорот[уреди]

Бугарија[уреди]

Граници на Бугарија според Санстефанскиот договор

Со договорот се воспоставува автономна област во рамките на Отоманското Царство со широки овластувања, Христијанска управа и право на сопствена армија. Оваа територија го опфаќа просторот помеѓу Дунав и планинскиот масив Стара Планина, регионот на Софија, Пирот и Врање во долината на Морава, Северна Тракија, делови на Источна Тракија и речиси цела Македонија (Член 6 од договорот).

Принц избран од народот, потврден од страна на Отоманската империја и Големите сили ќе управува со територијата. Совет на видни луѓе ќе дадат предлог на Устав (Член 7). Воените трупи на Отоманската империја ќе се повлечат од оваа територија, додека Руската воена окупација ќе продолжи во следните две години (Член 8).

Црна Гора Согласно договорот, речиси двојно ја зголемува својата територија за сметка на Отоманската Империја, при што и се преклучени (Никшиќ),(Подгорица) и (Антивари). Отоманската империја ја признава нејзината независност.

Србија[уреди]

Србија ги припојува Моравските градови Ниш и Лесковац и станува независна држава (Член 3).

Македонија[уреди]

Поголемиот дел од Македонија влегува во состав на Санстефанска Бугарија.

Романија[уреди]

Отоманската империја ја признава независноста на Романија (Член 5).

Русија[уреди]

Во замена за воена репарација, Отоманската империја и ги отстапува на Русија Кавкаските територии, вклучувајчи ги Батуми и Карс, како и Северна Добруџа, која Русија и ја отстапува на Романија за замена на Југозападна Бесарабија (Член 19).

Отоманска Империја[уреди]

Отоманската Империја ветува реформи за Босна и Херцеговина (Член 14), Крит, Епир и Тесалија (Член 15).

Морските теснеци Босфор и Дарданели — се декларираат за отворени за сите неутрални бродови во војна и мир (Член 24).

Реакции[уреди]

Со потпишувањето на Санстефанскиот мировен договор Отоманската империја ги прифатила барањата на Русија но се надевала дека барем делумно ќе влијае на новата бугарска држава. Велика Британија и Австро-Унгарија се спротиставиле на договорот изјавувајќи дека Русија т.н. Источно прашање го заклучила единствено во нејзина корист без да расправа за тоа со западните сили. Заедно со Велика Британија, Италија и Франција исто така се изјасниле против излегувањето на Бугарија на Белото Море, под изговор дека ќе биде користено од Русија за свое идно влијание на Медитеранот. Велика Британија започнала да се подготвува за војна. Австро-Унгарија била незадоволна бидејќи кон новата бугарска држава била вклучена Македонија. Германија индиректно ја подржала Русија. Оваа криза довела да Русија започне да размислува за идните можни конфликти против Велика Британија и Австро-Унгарија. Руската армија била изморена од војната и неспособна.

На крајот на март 1878 година од Русија во Австро-Унгарија бил испратен грофот Игнатиев кој требал да постигне разбирање за спорните прашања. Започнале преговори околу средна и западна Македонија кои влегувале во Бугарија, а Австро-Унгарија овие територии ги посакувала за свои цели и излез на Егејско Море а како компензација Србија би се проширила кон источните делови. Така преговорите немале успех, а од Берлин пристигнала телеграма во која Германија се понудила како посредник меѓу британската и руската страна, со цел да се избегне голема војна. На 27 април 1878 година руската влада донела одлука за исполнување на барањата на Австро-Унгарија во врска со Бугарија, со цел да избегне конфликт. Според договорот со британската страна, Бугарија била поделена на два дела. Јужниот дел го добил името Источна Румелија. Србија и Грција исто така не биле незадоволни од воспоставувањето на Голема Бугарија. Ова незадоволство подоцна довело до одржување на Берлинскиот конгрес во 1878 година. Романија, која дала голем придонес на страната на победниците во војната, била крајно разочарана од договорот. Јавноста во Романија гледала на договрот како предавство од страна на Русија, која го прекршила Руско-романскиот договор пред започнувањето а војната, со кој се гарантирал интегритетот на романската територија.

Литература[уреди]

  1. Thomas Erskine Holland, Studies in International Law, 2008, p.227
  2. Taylor, A. J. P. (1954). „The Struggle for Mastery in Europe 1914-1918“. Oxford University Press. стр. 253. 

Види исто така[уреди]

Надворешни врски[уреди]