Саксонска Швајцарија

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Зајдисонце во Саксонска Швајцарија од врвот на Папстштајн. Трите големи ридови се Гориш (л), Тврдината Кенигштајн (с) и Лилинштајн (д).
Мост Бастај
Карпата „Варварин“ на Пфафенштајн
Физичка карта на Саксонска Швајцарија
Лилинштајн на самрак

Саксонска Швајцарија (германски: Sächsische Schweiz) е ридско-планинска област и национален парк околу долината на реката Елба, југоисточно од Дрезден во Саксонија, Германија. Заедно со Чешка Швајцарија во Чешка ги создаваат Елпските Песочни Планини.

Самата Саксонска Швајцарија има околу 1.000 врвови за искачувања, како и неколку долини. Областа е позната помеѓу населението на Дрезден и искачувачите низ светот.

Административен округ во областа е Зексише Швајц-Остерцгебирге. Тврдината Кенигштајн е позната знаменитост.

Изведување на името[уреди]

Германското име за Саксонска Швајцарија, Sächsische Schweiz, се појавило во 18. век. Двајца швајцарски уметници, Адријан Цинг и Антон Граф, биле назначени во 1766 од Академијата за уметност Дрезден.

Пејзажот и областа ги потсетувала на нивната татковина, особено на планините Јура и известиле за него во писмата што ги испраќале дома за разликите помеѓу нивната татковина и „Саксонска Швајцарија“. Претходно, саксонскиот дел на Елбските Песочни Планини повеќепати бил нарекуван како Мајсенски Гори (Meißner Hochland).

Описот станал популарен по издавањето на публикацијата од Вилхелм Лебрехт Гецингер. Во неговите книги областа ја опишал како Саксонска Швајцарија и го претставил терминот на пошироката публика.

Географија[уреди]

На исток, Саксонска Швајцарија се сретнува со Лужичките Гори, а на запад со Рудните Планини. Блискиот чешки дел на Елпските Песочни Планини е познат како Чешка Швајцарија. Највисоката точка во Саксонска Швајцарија е Гросер Цширнштајн (Großer Zschirnstein) на 562 метри надморска височина.

Ридови[уреди]

Како правило може да се разликуваат два вида на ридови. Првите се карпести формации низ Елпските Песочни Планини, во обата делови Саксонска и Чешка Швајцарија, локално познати како Steine („карпи“). Познати примери се Кенигштајн, Лилинштајн, Гориш и Папстштајн. Меѓутоа, овој опис не ги вклучува карпите куполи Kuppen, како што се Вајцдорфер Хее или Гросер Винтерберг, чиј состав е од вулкански базалтен или гранитен материјал. Вторите се песочните формации, кои се издигнуваат на т.н. „нивоа“ во блиската област, низ поранешното течение на реката Елба.

Историја[уреди]

Карпата Бастај околу 1900
Поглед од Винтерберг околу 1850

Најпрвин, регионот бил населен од Словените и бил дел од Кралството Чешка во текот на Средниот век. Пред 1000 години Чешко-саксонска Швајцарија била гранична областа на три словенски племиња. Племето Ниса (источно од Елба и Дрезден до Пирна), племето Милцан (од денешната Горна Лужица) и на југ племето Дацин ја обликувале политичката и економската политика во тоа време.

Сè до 15. век сега нарекуваната област Саксонска Швајцарија не била под власта на Кралството Саксонија, кога станала дел од Грофството Мајсен со приближни граници на денешните.

Развојот на областа во туристички цели започнал во 19. век. Во врска со тоа, една од првите тролејбуски линии во светот била отворена во Саксонска Швајцарија, тролејбус низ долината на Била, кој бил во употреба од 1901 до 1904.

Романтичните уметници биле инспирирани од убавината на дивината, како сликарот Лудвиг Рихтер или композиторот Карл Марија фон Вебер, кој ја поставил неговата позната опера Der Freischütz со нејзината сцена Wolfsschlucht („Волчја клисура“) во близина на градот Ратен.

Во време на Третиот Рајх описот на германските територии како Schweiz („Швајцарија“) бил официјално забранет. Поради тоа, од 19 октомври 1938, официјалниот термин „Sächsische Schweiz“ бил заменет со „Amtshauptmannschaft Pirna“ и од јануари 1939 од „Kreis Pirna“ во имињата на локалните места.[1]

Национален парк[уреди]

Поглед на Елба близу Ратен

Во септември 1990, дури и пред повторното обединување на Германија, националниот парк бил создаден во Саксонска Швајцарија со цел да се зачуваат природните карактеристики на овој уникатен ридски масив. Површината од 93 км² покрива два физички одвоени региони: едниот близу Ратен - регионот на Бастај, долината на Поленц, Бранд и Утевалдер Грунд - и другиот кој ја покрива целата Задна Саксонска Швајцарија (Hintere Sächsische Schweiz) помеѓу Елба и државната граница со Чешка, вклучувајќи ги Шрамштајнен, Гросер Винтерберг, Гросер Цшанд и долината на Кирнич.

Искачување на карпи[уреди]

Саксонска Швајцарија се карактеризира со нејзините песочни карпи, кои привлекуваат многу искачувачи на карпи. Има околу 14.000 рути за искачување на 1.100 карпи. На почетокот на 20. век биле донесени Саксонски правила за искачување на карпи. Тие се сметаат за едни од првите правила за слободно искачување. Јажињата и куките можеле да бидат употребени само за безбедност, а не како помош при качувањето.

Boofen[уреди]

Boofe (множина: Boofen) е локален сленг за спиење на отворено под карпа и има долга традиција во Саксонска Швајцарија. Многу млади луѓе патуваат во Саксонска Швајцарија за викендите со цел да boofen. Денес, тоа е дозволено од властите на националниот парк само на одредени места. Меѓутоа, растечкиот број на Boofers и лошото однесување на поединци (н.п. кои палат нелегални огнови во камповите, кинат млади фиданки или предизвикуваат ерозија на почвата) може да доведат до поголеми забрани.

Точки на интерес[уреди]

Трамвај Кирнич
Земјоделски полиња типични за Саксонска Швајцарија
  • Карпата Бастај и замокот Нојратен
  • Беренштајне и ридот Рауенштајн близу Вајсиг
  • Долина на Била
  • Замок Штолпен
  • Руини на замокот Велен
  • Карпи близу Штат Велен
  • Фринштајн и Ида Грото
  • Ридот Гориш со неговите колиби
  • Ридот Кајзеркроне и Циркелштајн
  • Трамвај Кирничтал, историскиот трамвај во долината на Кирнич
  • Мала Саксонска Швајцарија, минијатурен парк во селото Велен
  • Тврдина Кенигштајн, најголемата ридска тврдина во Европа
  • Куштал на Вилденштајн
  • Лилинштајн, Шрамштајне
  • Отворениот театар во Ратен
  • Папстштајн со набљудувалница и ресторан
  • Пфафенштајн и „Варваринот“
  • Волфсберг
  • Ботаничките градини во Бад Шандау

Панорама[уреди]

Поглед од набљудувалницата Хобуркерсдорф со панорама на Саксонската и Чешката Швајцарија, покажувајќи ги од лево врвовите на Лужичките Планини, вклучувајќи го Студенец (Калтенберг); неколку помали планини близу Хонштајн како и замокот Хонштајн, долината на Поленц, Гросер Винтерберг (највисокиот рид во Саксонска Швајцарија, источно од Елба), Розенберг, Афенштајне и Шрамштајне, Кајзеркроне и Циркелштајн, Цширнштајн (највисок рид во Саксонска Швајцарија), потоа Папстштајн и ридот Гориш и помеѓу нив во далечина близу Усти над Лаба е Букова гора со нејзината телевизиска кула. Напред може да се види карпата за искачување Локомотиве близу Ратен. На хоризонтот следниот врв е Хоер Шнеберг (највисок врв на Елпските Песочни Планини), пред него е Лилинштајн, понатаму десно е карпата Бастај и над него и позади е Тврдината Кенигштрајн. На десно е ридот Рауенштајн, Беренштајне и селото Лојполдисхајн. На хоризонтот се наоѓаат и Рудните Планини и почетокот на Пирна-Зоненштајн.
Поглед од набљудувалница во Бранд

Поврзано[уреди]

Галерија[уреди]

Наводи[уреди]

  1. Statistik des Deutschen Reichs, Band 450: Amtliches Gemeindeverzeichnis für das Deutsche Reich, Teil I, Berlin 1939; page 272

Извори[уреди]

  • Autorenkollektiv: Brockhaus Reisehandbuch Sächsische Schweiz – Osterzgebirge. Leipzig 1970.
  • Wilhelm Lebrecht Götzinger: Schandau und seine Umgebungen, oder Beschreibung der Sächsischen Schweiz. Begersche Buch- und Kunsthandlung, Dresden 1812.
  • Heinz Klemm: Die Entdeckung der Sächsischen Schweiz. Sachsenverlag, Dresden 1953.
  • Alfred Meiche: Die Burgen und vorgeschichtlichen Wohnstätten der Sächsischen Schweiz. Wilhelm Baensch Verlagsbuchhandlung, Dresden 1907. (Reprint Leipzig 1979)
  • Alfred Meiche: Historisch-topographische Beschreibung der Amtshauptmannschaft Pirna. Dresden 1927.

Надворешни врски[уреди]