Рутирање
Од Википедија
Поимот рутирање се однесува на компјутерските мрежи. Потребно е да се одреди рута по која ќе се пренесуваат податоците низ комјутерската мрежа.
Рутирањето е процес во кој се насочуваат пакетите од своето извориште до крајната дестинација преку соодветни мрежни јазли. Овие активности ги извршуваат уреди наречени рутери. Рутерите го извршуваат рутирањето врз основа на рутирачки табели во кои се чуваат најдобрите рути за различни мрежни дестинации. Така да рутирачките табели, нивното креирање и одржување се од големо значење за ефикасно рутирање.
Рутирањето се разликува од премостувањето (bridging). Во големите мрежи неопходно е присуство на рутери. Во помалите мрежи може и рачно да се ажурираат рутирачките табели, но кај поголемите мрежи кои се со доста комплексна мрежна топологија која исто така и доста често се менува, мануелното ажурирање на рутирачките табели е практично невозможно.
Рутирање - Во пакетски комутирана мрежа рутирањето е процес на избор на пат (патека) преку кој ќе се праќаат пакетите, а рутер е компјутер кој го врши тој избор на пат за пакетите.
Рутирање се врши со помош на т.н рутирачки табели (table-driven routing). Притоа, најчесто применуваниот начин на рутирање е рутирање делница по делница (next-hop routing), бидејќи ваквиот тип на рутирање бара записи во рутирачките табели само за интерфејсите на рутерите кои се поврзани директно со разгледуваниот хост или рутер преку IP мрежа. Притоа, во секоја рутирачка табела може да има:
- Основни рути (default routes)
- Рути специфични за одредена мрежа или хост.
Множество од правилата според кои се пополнуваат рутирачките табели и се разменуваат информациите меѓу мрежните јазли (рутери) се нарекуваат IP рутирачки алгоритам. Постојат различни алгоритми за рутирање, при што за даден алгоритам за рутирање може да бидат креирани и повеќе различни протоколи за рутирање (со различни карактеристики).
Рутирачките табели обично содржат информации само за дестинационите мрежни адреси, но не и за дестинационите хост адреси, бидејќи бројот на мрежи е многу пати помал од бројот на хостови на Интернет. Во спротивно, рутирачките табели би биле премногу големи. Меѓутоа, можно е да се постават рути и за IP адреса на хост, што се применува во случаи кога се сака да се дозволи на конкретен хост да има пристап до некои ресурси (на пример, администратор на мрежата), или да се забрани на некој хост да има пристап до мрежата (на пример, злонамерен хост).
IP адресата на следниот хоп се користи само за да се одреди физичката адреса, по што рутерот формира рамка со таа физичка адреса и во товарот на таа рамка го сместува IP датаграмот. За дојдовните датаграми (адресирани кон даден хост) важи:
- Ако до хостот дојде датаграм, тогаш тој ја проверува со IP софтверот дестинационата адреса и ја споредува со сите свои IP адреси – ако постои таква IP адреса на некој од интерфејсите на хостот, тогаш пакетот се процесира во IP протоколниот стек.
- Еден хост може да има и повеќе IP адреси, односно даден хост има онолку IP адреси колку што има физички мрежни интерфејси кон Интернет (на пример, една или повеќе мрежни картички, модем, WiFi картичка и сл.).