Рудока

Од Википедија — слободната енциклопедија
Рудока

Глетка на врвот Рудока и Црно Езеро од соседниот врв Бориславец
Висина &100000000000026580000002.658 м
Место Македонија Македонија
ВенецШар Планина
Најлесна патека4 часа од македонска страна од с.Сенокос покрај Црното Езеро и гребенот Бориславец; 2,5 часа од косовската страна од с.Брод во Гора

Рудока — планински врв на истоимениот масив и висорамнина која е огранка на Шар Планина. Висок е 2658 метри надморска височина[1]. На него поминува самата гранична линија помеѓу Македонија и Косово, поради што тој воедно е и највисоката точка и врв во Косово.

Географски одлики на врвот и огранката Рудока[уреди | уреди извор]

Поглед на самиот врв од седлото над Езерски Рид

Масивот Рудока претставува претпоследната јужна огранка на Шар Планина сместена во нејзиниот средиштен дел, по главната линија на билото и сртот. Се протега по речиси меридијански правец север - југ со мало закосено отклонување кон североисток и југозапад. На север се спојува со огранката на масивот Бориславец, на југ со Враца. Височината на сртот од север кон југ се движи по врвови високи 2.586, 2.562, 2.458, 2.463, 2.630 и 2.629 метри надморска височина. Од Рудока се испуштаат повеќе помали огранки како Крижелино и Думково кон исток, Шутман и Челепино на запад и Езерски рид кон север. Во основа Рудока е мала висорамнина со изразито висок и стрмен карепст гребен со големи раздробени гранитни карпи и ситни помалки камења. Со оглед дека се издигнува на надморска височина над 2.000 метри, целиот предел е обраснат само со трева и нема никаква дрвна растителност, ниту грмушеста и нискостеблеста вегетација. Со својата положба гребенот на Рудока претставува вододелница со многу извори, понори и локви кон реката Маздрача во вардарскиот егејски слив во Македонија на исток и белодримскиот јадрански слив во Косово на запад. Поради изобилните тревната пасишта под гребенот на Рудока кај Црното Езеро има сточарски бачила, а него често го посетуваат и берачи на боровинки и шумски плодови.

Искачување и планинарење[уреди | уреди извор]

Глетка на врвот Рудока

До врвот може да се искачи од две страни, од македонската територија на исток и од косовската на запад. Патеката од македонската страна започнува во горскиот појас над селата Сенокос и Ѓурѓевиште, од каде минувајќи низ густа листопадна шума во времетраење околу 20-30 минути, се излегува на пасиштата кои се наоѓаат на билото на планината под врвот Бориславец каде минува водниот систем на каптажи и велосипедската патека Шарски Води. Оттаму патеката продолжува во изворишниот дел на долината на реките Матене и Маздрача, помеѓу масивите на огранките Брустовец од север (лево) и самата висорамнина Рудока од југ (десно) сѐ до прекрасното шарпланинско Црно Езеро. Поминувајќи го црното езеро патеката излегува на преслапот - седлото каде што се спојуваат огранките Рудока, Бориславец (Бриставец), Шутман, Челепино и Езерски Рид. Оттука скршнувајќи кон лево на југ, по многу стрмен, прилично напорен пат во должина околу 30 минути се стигнува до самиот врв Рудока. Вкупното времетраење на искачувањето од македонска страна е околу 4 часа. Таа е новообележана од 31.08.2014. Искачувањето од косовската страна започнува од селото Брод во областа Гора и е нешто полесна, опфаќајќи околу 2,5 часа. Од врвот Рудока кон север се пружа прекрасна глетка кон највисокиот шарпланински врв Шар или Титов Врв со Мал Турчин, Бакардан, Белото и Боговинското Езеро. Искачувањето од македонска страна е извонредно убаво највеќе поради минувањето покај прекрасното Црно Езеро.

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. топографска_карта: лист Гостивар 2-1 (Титов Врв), размер 1:25 000, Военогеографски институт, 1973