Романтизам

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Романтизмот)
Слобода на барикадите (1830) од Ежен Делакроа

Романтизам — сложено уметничко, книжевно и интелектуално движење кое се појавува во втората половина на XVIII. век во Европа, а својата полна афирмација ја доживува со реакција на Индустриската револуција.[1] Делумно, тоа претставува бунт против аристократските општествени и политички норми на просветителството и рекација против научната рационализација на природата,[2] а во најголема мера се овоплотува во ликовните уметности, музиката и книжевноста, но има големо влијание и на историографијата,[3] образованието[4] и природознанието.[5] Влијанието врз политиката било значително и сложено, и бил поврзан со либерализмот и радикализмот.

Раѓањето на романтизмот е условено од општествено-историските случувања. Романтизмот се јавува во време на големи општествени потреси и национални движења, во периодот на дотрајувањето и распаѓањето на феудалните општествени односи и зајакнувањето на граѓанството. Показатели на таа општествено-историска вознемиреност се значајните историски настани: Француската револуција во 1789 година, воздигнувањето на Наполеон и неговите освојувања, победата на реакцијата, како и востанието на декабристите во Русија во 1825 година.

Овие општествени потреси влијаеле и на животниот идеал. Оформувањето на новиот животен идеал се остварувало низ неколку фази: сентиментализмот и меланхолијата одговарале на расположението на буржоазијата во предреволуционерното време, песимизмот и малаксаноста ја зафаќа аристократијата по завршетокот на буржоаската револуција, а со падот на Наполеон, малаксаноста и разочарувањето добиваат општи размери.

Причинителите на разочарувањето и малаксаноста треба да се бараат во неусогласената граѓанска идеологија и граѓанската стварност. Имено, револуцијата не ги остварила прокламираните идеи - братство, еднаквост и слобода. Генерацијата на романтичарите не верува во усогласеноста на животот како што го предочил рационалистичкиот XVIII век. Тие се откажуваат од идеалот за главната власт на разумот и бараат утеха во емоциите и силниот индивидуализам.

Носител на романтичарското движење била граѓанската класа, па затоа во редовите на романтичарските создатели има голем број на племеници: Јозеф фон Ајхендорф (1788-1857), Џорџ Гордон Бајрон (1788-1824), Алфонс де Ламартин (1790-1869), Михаил Јурјевич Лермонтов (1814-1841), Алфред де Мисе (1810-1857), Александар Сергеевич Пушкин (1799-1837), Перси Биш Шели (1792-1822), Алфред де Вињи (1797-1863) и други.

Романтизмот во уметноста (книжевноста, сликарството, музиката и театарот) се јавува како реакција на идеологијата и уметноста на претходниот период - класицизмот, односно рационализмот. Наспроти класицистичката поетика, често шаблонизирана и стегната во спрегите на рационалистичките правила и прописи за создавање, романтизмот ја истакнува потполната слобода на мечтите, изумите и тематиките, спротивставувајќи се на сите облици на нормирано создавање.

Кон крајот на XIX век се појавила силна антиромантичарска реакција, која се движела во две насоки: првата, помирна, ги опфаќа разните облици на неокласицизмот, додека втората, разурнивачка, предлага различни видови на укинување на поезијата. Некои поети, како Томас Стернс Елиот, препорачувале бегање од исповедноста и од емоциите.[6]

Зачетоци и развој на романтизмот[уреди | уреди извор]

Јохан Волфганг фон Гете.
Жан Жак Русо.
Фридрих Шилер.
Александар Пушкин од Орест Кипренски.
Лорд Бајрон.

Францускиот романтизам[уреди | уреди извор]

Зачетоците на романтичарскиот животен идеал ги наоѓаме уште во делата на францускиот просветител Жан Жак Русо (1712-1778). Русо со своите дела Јулија или новата Елоиза и Исповеди го трасирал патот на романтичарскиот субјективизам и чувственост. Нова Елоиза е пример за сентиментално-љубовен роман, кој целосно ја воздигнал човековата емоција. Навестувањето на романтичарскиот субјективизам е видлив и во автобиографските Исповеди.[7]

На овие дела на Русо се инспирирала романтичарската генерација. Во обликувањето на романтичарскиот животен идеал, освен Русо, значајна улога одиграле и Франсоа-Рене де Шатобријан и Џорџ Гордон Бајрон. Шатобријан ги продлабочил концепциите на Русо, го вовел мотивот на „светска болка“ (или тага), истенчената емоција и префинетиот лиризам. Книжевниот израз се обогатувал со нови, рафинирани квалитети кои ја истакнуваат неговата забавна и визуелна компонента. На романтичарите им одговарал шатобријановиот естетизам, субјективизам, лиризам и неговата книжевна инспирација.

Според српскиот поет Јован Дучиќ, чудно е како романтизмот се развил кај Французите, кои немале чувство за него, туку тој бил увезен од странство. Притоа, француските уметници го прикажувале туѓиот романтичен живот и на тој начин настанал францускиот романтизам.[8]

Англискиот романтизам[уреди | уреди извор]

Во Бајроновите дела, романтичарскиот животен идеал се претставува во својот дефинитивен облик. Бајроновите јунаци чувствуваат потполна неусогласеност меѓу себе, своите морални начела и општествената конвенција со која се соочени. Тоа чувство на раскол доведува до чувство на осаменост, промашеност и несфатеност. Бајроновите јунаци по својот начин на доживување се сродни со Русоовите јунаци од романот Нова Елоиза и Гетеовиот Вертер, а само по некои свои одлики се разликуваат од претходникот. Неговите јунаци се индивидуалисти и имаат бурен внатрешен живот кој во себе носи црти на демонското. Моделите за своите јунаци Бајрон ги наоѓал во сопствениот живот. Неговиот живот се смета за живот на најизразитите романтичарски јунаци. Бајрон со помошта на своите ликови најсугестивно го формирал духот и идеалите на епохата. Но ликовите на бунтовници, осаменици, скитачи и незадоволници се претставиле и во делата на останатите создатели од оваа епоха.[9]

Германскиот романтизам[уреди | уреди извор]

Од сите романтичарски движења, германскиот романтизам бил најмногу свртен кон сонот, мистеријата, несвесното, волшебното и фантастичното. Притоа, германските романтичари биле инспирирани од фолклорот: обновувајќи ја формата на баладата (Готфрид Аугуст Биргер) и на сказната (Лудвиг Тик, Лудвиг Ахим фон Арним, Фридрих де Ла Мот-Фуке, Адалберт фон Шамисо), германскиот романтизам ја збогатил книжевноста со проколнатите места, магичните предмети, натприродните суштества и неверојатните настани. Е. Т. А. Хофман, пак, отишол чекор напред јавувајќи се како основач на новиот поджанр - фантастичниот расказ.[10] Фридрих Шилер (1759-1805), во драмата Разбојници обликувал лик на разбојник кој се бори против општествената неправда. Шилеровиот јунак го изразува расположението на побуденото граѓанство кое се буни против феудалниот апсолутизам.[11]

Рускиот романтизам[уреди | уреди извор]

Романтизмот е означен како златен век на руската поезија, кога се појавува плејада поети (Жуковски, Батјушков, Бератински, Јазиков, Рилјеев, итн.) кои моќно и автентично го разоткриле лиризмот на руската душа. Во овој период, рускиот романтизам го достигнал врвот во творештвото на Пушкин, Фјодор Тјутчев и Михаил Лермонтов, кои се издвојуваат не само како великани на руската, туку и на европската поезија од 19 век.[12] Руската романтика обликувала неколку значајни ликови во Лермонтовите поеми Мцири и демонот и во Пушкиновите поеми Цигани и Кавказкиот заробеник. Сите се тие бајронски личности прогонети од судбината, благоородни во своите настојувања и копнеења, а трагични во својата единственост и несфатеност. Лермонтовиот лик Печорин од романот Јунак на нашето време и Пушкиновиот Евгениј Онегин од истоимениот роман се ликови на „одвишните луѓе“ кои се јавуваат во ерата на суровиот николаевски режим.

Романтизмот во јужнословенската книжевност[уреди | уреди извор]

Романтизмот во јужнословенската книжевност се одликува со одредени специфичности кои го одделуваат од општите романтичарски струења во европската книжевност. Навистина, тој никнал во сенката на германскиот романтизам, но набргу се претворил во лост за развој на националната свест при што изворите ги барал во народната историја и народната книжевност. Во тој поглед, особено било големо влијанието на епските народни песни, кои биле заслужни за револуционерната боја на романтизмот. На пример, Бранко Радичевиќ брзо ги сфатил предностите на народниот говор и станал основоположник на модерната српска лирика. Во однос на другите одлики на јужнословенскиот романтизам, може да се наведат следниве: во лирската поезија доминира љубовта; во голема мера бил присутна сентименталноста, преземена од германските поети; природата станала еден од поважните мотиви во поезијата; во позијата преовладувал јамбот, а се појавиле и многу сложени поетски изрази (на пример, во „Сонетниот венец“ на Франце Прешерн) итн. Кон средината на 19 век во југословенската книжевност доминирала поезијата, која се движела од плачлива, сентиментална љубовна лирика до бурни, патриотски тиради кои повикувале во борба против ропството. Притоа, од тоа море стихови само мал дел останал забележан според уметничката вредност. Навистина, тоа делумно е поврзано со краткиот век на траење на јужнословенскиот романтизам, но сепак, наспроти масовната поетска продукција, мал е бројот на вредните остварувања до тој период. независно од тоа, тогашните романтичари биле предводници на будењето на народната свест и на националните ослободителни движења, а нивните ангажирани политички песни ги полнеле страниците на тогашните весници и списанија. На пример, политичкото движење „Обединета српска младина“ била основна база од која произлегувале српските поети во тоа време, а во неговите активости поезијата се изедначувала со програмските, идеолошките и политичките манифестации.[13]

Книжевна тематика на романтизмот[уреди | уреди извор]

Книжевната тематика на романтизмот може да се сврзе во неколку целини:

  • тематика на лични преокупации
  • национално-историска тематика
  • пејзажна тематика - далечните и непознати краеви
  • егзотика
  • окултна и мистична тематика.

Тематика на личните преокупации[уреди | уреди извор]

Изоштрениот субјективизам на романтизмот се отчитувал во сите книжевни видови. Тој е подеднакво нагласен во лирската песна, драмата, патописот, романот и расказот. Лириката навлегува во прозните и драмските видови: романот често е компониран во облик на писма, дневници, мемоари. Таква форма одговарала на субјективистички ориентираниот период, а најавена е уште во русоовата "Нова Елоиза". По гетеовиот роман "Страдањата на младиот Вертер" сè повеќе се наметнува романот во облик на писма и интимни записи.

Дека романтизмот ја негувал тематиката на личните преокупации сведочи и неговото лирско творештво. Најдобрите остварувања на романтизмот треба да се бараат во лириката.

Историско-национална тематика[уреди | уреди извор]

Виктор Иго.

Историско-националната тематика се јавува како израз на романтичарската осетливост за историјата и национална традиција. Романтичарите ги привлекува средниот век и готиката, ги привлекуваат најизворните облици на народното творештво и духот. Барањето на инспирацијата во далечните историски периоди може да се следи во делата на најзначајните автори.

Портрет на Волтер Скот од Едвин Лендсиер.

Виктор Иго (1802-1885) во својот роман "Ѕвонарот на богородичната црква" го одведува читателот во средновековен Париз и го соочува со средновековната готска архитектура.

Волтер Скот (1771-1832) во своите историски романи "Иван Хоу", "Кенилворт" и "Лемермурската придружничка" ги евоцира различните периоди на англиската историја од XII век па натаму.

Занимавањето на романтичарите со историја е резултат од општествените потреси. Тој интерес за поранешното, историското предупредува на судир на творецот со неговото време и тој бара решение во историјата.

Романтизмот ја барал својата инспирација во народното творештво. Враќањето на народното творештво може да се следи од Јохан Готфрид Хердер (1744-1803), па до Скот и Пушкин. Хердер во потрагата за изворната емоција запрел на народното творештво. Издал две книги со народни песни од разни континенти, насловени како "Volkslieder". Во таа збирка се наоѓа и српската народна балада "Хасанагиница", преведена од Гете, објавена уште претходно на италијански и во оригиналот во "Фортисовиот пат по Далмација".

Англискиот поет Џејмс Макферсон (1736-1796) објавува збирка на песни која набожемски ја напишал стариот поет Осијан (одломки од стари песни собрани во ридестата Шкотска и преведени од галски или ерсе јазик во 1760). Во веродостојноста на овие "Осијанови песни" се посомневале уште макферсоновите современици. На крајот преовладало мислењето дека Макферсон познавал некои одломки од галската поезија од усмени и писмени преданија и на нив ги засновал своите дела, но и дека во целина неговиот "Осијан" не е изворен превод на старите галски песни. Иако така не ја обновил поезијата на старите шкотски Келти, Макферсон го оживеал уметничкиот дух и околината во која таа настанала. Но, најважно од сè е дека "Осијановите песни", инаку проткаени со меланхолични чувства од опипливите описи на дивата северна природа, го започнале патот на европскиот романтизам и оставиле траги во книжевното творештво на младиот Гете и Шатобријан, а предизвикале зачудување кај Хердер. Макферсоновата збирка носи во себе меланхолија и опис на северната природа. Точно тие два елемента ги прифатила романтиката. Осијан станал поим за новиот начин на пеење. Духот на народната песна и нејзините изразни средства ги воведуваат во поезијата макферсоновите современици, особено Роберт Бернс (1759-1796). Бернс својот поетски израз го втемелил на мелодиката и лексиката на шкотската народна поезија.

Народната поезија го доживеала својот процут и во делата на руските романтичари. Пушкин, најцеловитата творечка личност на рускиот романтизам, се инспирирал од народниот дух, а јазикот на народната поезија и проза го подигнал на поголемо уметничко ниво.

Пејзажна тематика[уреди | уреди извор]

Пејзажот на далечните, непознати краеви ја привлекува необузданата романтичарска мечта. Смислата за обликување на пејзажите како средства за искажување на доживувањата ја покажал Жан Жак Русо. Публиката не ги засакала само неговите јунаци, туку и живописниот пејзаж во кој е проектирана нивната душевност. Шатобријан го естетиизра пејзажот и со тоа ја поентира медитацијата и проживувањето на своите ликови.

Во делата на романтичарите се предочени краевите на егзотичните и далечни предели (швајцарски пејзажи, пејзажот на Блискиот и Далечниот Исток, Кавказ, Америка, Шкотска). Описите на пејзажите се одликуваат со лирски акценти. Особено се нагласени визуелните црти (бои и движења). Колористичката подлога на реченицата сочинува значајна стилска одлика во обликувањето на пејзажната тематика.

Најзначајни претставници на книжевноста на романтизмот[уреди | уреди извор]

Лудвиг Тик.

Особената, карактеристична тематика ја наоѓаме во делата на Едгар Алан По (1809-1849). Во своите раскази за гротескното и арабеските, во 1840 тој обликува морбидни и мистични теми. Таа мистично-морбидна тематичка линија ја развил германскиот романтизам во делата на Ернст Теодор Хофман (1776-1822), кој го насочил својот романописен свет кон привиденијата, вилите и волшебниците. Бајките на Лудвиг Тик (1773-1853) се подредени со законите на магичните и натприродните сили.

Во книжевноста на Јужните Словени, најзначајните претставници на романтизмот се: Петар Петровиќ Његош со „Горски венец“, Иван Мажураниќ со „Смртта на Смаил-ага Ченгиќ“, Франце Прешерн со „Сонетен венец“, Бранко Радичевиќ, Петар Прерадовиќ, Ѓура Јакшиќ, Симон Грегорчич, Лаза Костиќ, Стеван Каќански итн.[14]

Критички осврт врз романтичарската книжевност[уреди | уреди извор]

Според неговото сведочење, Гете и Шилер се автори на поимите на класичното и романтичното. Притоа, класичното тој го нарекува здраво, а романтичното го означува како болно.[15]

Естетска концепција на романтизмот[уреди | уреди извор]

Романтизмот се појавил како реакција на строгите норми и шаблони во класицизмот. Во книжевноста на романтизмот доминирала поезијата како жанр, што се должи на тоа што главните теоретски поставки на романтизмот биле основа за создавање нова поезија и потполно нов сензибилитет. Основата на романтизмот е тврдењето дека уметноста е израз на фантазијата и на чувствата, а не на разумот, што пак предизвикало враќање на поезијата кон интимното и субјективното. Сепак, за разлика од класицизмот, романтизмот нема целосна теорија на поезијата, зашто таквата теорија била орфрлена како неможна и непотребна, бидејќи според романтичарите разумот е немоќен кога се во прашање чувствата. Во секој случај, романтичарите биле остри противници на сите канони и шаблони, така што и нивната теоретска мисла била насочена против воспоставените правила и против традицијата, а уметничкото творештво му се препуштало на талентот на поединецот.[16]

Теоретските основи на романтизмот се среќаваат во расфрлените и фрагментарни текстови на голем број романтичарски поети, а во тој поглед особено значење имаат двете големи романтичарски школи - германската и англиската. Поставките на германските романтичари во прв ред се сведуваат на промена на односот кон природата и кон објектот, воопшто. За разлика од мирниот класицизам, германските романтичари ја истакнувале надмоќноста на човечката поединечност над природата и тврделе дека поетот не треба да ја опишува или да ја имитира природата, туку да ги изразува своите субјективни доживувања. За германските романтичари, возбуденото, активно и осетливо Јас било извор на целото уметничко творештво, а особено на поетското. Од друга страна, англиската школа, особено Вордсворд и Колриџ, ја застапувале тезата дека извештачениот книжевен јазик е лажна основа на книжевноста и дека поетот треба да ги бара изворите на својата инспирација во природата и во народниот јазик. Останатите романтичарски гледишта се движеле меѓу овие два става. На пример, Германија била лулка на сфаќањето дека народната историја и поезија се важни извори на поетското творештво. Ова воодушевување со историјата, митологијата и култовите, на почетокот било револуционерно, но набргу станало регресивно, претворајќи се во теорија за супериорноста на германската раса и за славата на германскиот народ, како најдлабок израз на светскиот дух.[17]

Романтизмот развил своја естетска концепција. Таа естетска концепција е спротивставена на естетиката од XVIII век. Поучно-просветителската функција на уметноста е заменета со емоционално-естетска функција. Творечкиот чин по сфаќањето на романтичарите е мотивиран најнапред од емоционалниот момент. Творецот се подредува на силата на имагинацијата, мечтите и јазикот. Во сфаќањето на уметничките средства, романтизмот прави револуција. Изразот станува послободен, а јазикот побогат и поеластичен. Романтизмот развил осетливост за музичката и визуелната компонента. Како и да е, романтичарите го трасираат патот на новото доживување и изразување кое јасно ќе се отцрта во новата поезија, почнувајќи од Шарл Бодлер преку симболистите до импресионистите.

Уште Лудвиг Тик ја изразил идејата за здружување на сфаќањата во поезијата:

И бојата ѕвони, формата звучи,
Тие по обликот и бојата звучат, ѕвонат.
Што разделила зависта на боговите,
Тука божицата на фантазијата сега дружи,
Својата боја да ја познае оваа музика,
А секој лист со сладок глас се служи,
Да, бојата, мирисот, песната се нови браќа.
Ги соединува братскиот вез,
Каде песништвото ги спојува сè од ред
Секој нека се гледа во својот друг.

Синестезијата е значи значајно откритие на романтизмот, а својата поетска фоrмулација ја доживува подоцна, во Бодлеровата песна "Созвучја". Романтизмот го обогатил лирскиот поетски израз. Метафората била продуктивна, а поетската слика се усовршила и обогатила. На подлогата на романтизмот израснале подоцнежните поетски струи. Како особена значајност на романтизмот треба да се нагласи меѓусебното преплетување на различни уметности: поезија, музика и сликарство.

Романтизмот особено ја нагласувал поетската инспирација. Поетот го прогласил за пророк и визионер. Уметноста ги претпоставила сите останати облици на живот, притоа истакнувајќи си го својот утописки карактер. Според романтичарскиот пристап, фантазијата не е само основната творечка сила, туку и творечки, божествен принцип. Притоа, поетот само го повторува првиот, највисокиот чин на создавањето, оној со кој Бог се создал себеси и тоа го објавил со зборот.[18] Превласта на естетизмот сочинува една од важните одлики на романтизмот. Романтизмот изградил свој посебен стил. Без оглед на поединечните одлики на романтизмот во поедини земји, тој се јавува како единствена стилска формација. На романтичарскиот начин на доживување на светот најдобро му одговарале лирските форми. Лириката ќе се наметне во сите книжевни родови.

Монолошките облици на искажување навлегуваат во романот, расказот и драмата. Раскажувањето во епските дела е пореметено со вклучувањето на пејзажите , медитацијата и фантастично-мистилните случувања. Епските творби го губат својот првобитен раскажувачки карактер и ја усвојуваат лирската техника. Синтезата на лирско-епското изразување најјасно се препознава во поемите. Поемата станала доминантна книжевна форма на романтизмот. Поемата ја негуваат и најпознатите романтичари (Бајрон, Пушкин, Лермонтов). Покрај поемата, процутува и уметничката бајка и историскиот роман. Романтизмот, значи, создал своја одредена визија на светот, свој стил и своја книжевна техника.

Романтизмот во ликовната уметност[уреди | уреди извор]

Талкач над морето од магла“ од Каспар Давид Фридрих.

И во ликовната уметност (слично како и кај книжевноста), романтизмот се јавува како реакција на класицизмот кој на својата поетика и ја забранувал полната слобода на поединечното творештво. Романтичарите најпрво ја нагласуваат слободата и мечтите, а изворите на своите теми ги бараат првенствено во легендите и историските настани и, неретко, во народната поетика. Тоа вреди и за романтичарските сликари, кои посебно внимание придаваат на обликување на композицијата и патетичниот израз, нагласен колорит и воочливо контрастирање.

Меѓу најзначајните претставници на романтичарското сликарство е Ежен Делакроа (1799-1863), сликар на големи историски теми, како и библиски и митолошки мотиви. Тој е познат како илустраторот на делата на Данте, Шекспир и Гете.

Покрај Делакроа, значајни се уште и сликарите Камиј Коро (1796-1875), сликар на поетски пејзажи, како и Жан Франсоа Миле (1815-1875), кој во пејзажот воведува и ликови на селани, дрвосечачи, пастири, отворајќи ја на тој начин вратата на реалистичното сликарство.

На границата помеѓу романтичарскиот и реалистичниот стил во сликарството стои и една од најголемите сликарски, графичарски и вајарски личности од XIX век - Оноре Домије (1808-1879), кој посебно се истакнал со сатиричкиот пристап на граѓанското општество на своето време и со политичките карикатури.

Романтизмот во музичката уметност[уреди | уреди извор]

Петар Илич Чајковски.

Во музичката уметност, романтичарските тенденции се слични како и во останатите уметности: тежнеење за потополна слобода во изразот и мислата. Темелна одлика на романтичарската музика инсистирањето на непосредност на музичкиот израз, разноликоста на музичката форма, нагласената мелодиозност и обоеноста на музичката фраза. Творците од тоа време најчесто ја наоѓаат инспирацијата за своите дела во творештвото на значајните книжевници (Ламартин, Иго, Бајрон, Гете, Шилер и други).

Најзначајни претставници на европскиот музички романтизам се германците Франц Шуберт (1797-1828), творец на соло песни, клавирски минијатури и симфонии, потоа Карл Марија фон Вебер (1786-1826), писателот на клавирски композиции и познатата опера "Виленикот стрелец" со тематика од народните легенди, Феликс Менделсон (1809-1847), автор на клавирски и оркестарски дела, а еден од најистакнатите е Роберт Шуман (1816-1856), автор на симфониски етиди, како и на певливи сентименталистички соло песни.

Пољакот Фредерик Шопен (1810-1849), кој голем дел од својот живот го минал во Париз, пишувал виртуозни композиции, пронаоѓајќи притоа нови форми на создавање.

Како автори на симфониски песни се истакнале Хектор Берлиоз (1803-1869) и Франц Лист (1811-1886), кој бил и пијанист, и творец, и диригент: надоврзувајќи се на Берлиоз, тој уште повеќе ја усовршува симфониската музика. Од словенските творци треба да се спомене Михаил Иванович Глинка (1804-1857), кој во своите творби ја поврзувал руската и европската музичка традиција, а ги напишал и познатите опери "Руслан и Људмила", како и "Иван Сусањин" и чехот Беджих Сметана (1825-1884), автор на познатиот циклус од симфониски песни "Мојата татковина" и операта "Продадена невеста" со големо користење на мелодиката на народната песна. Во музичкото творештво на Русија, Глинка го следат познати имиња: Александар Порфирович Бородин (1833-1881) со операта "Кнезот Игор" и симфониските песни со содржина од народните преданија, потоа Модест Петрович Мусоргски (1839-1881), познат во целиот свет по операта "Борис Годунов" и "Сарачинскиот саем". Следат Николај Римски Корсаков (1844-1908), писател на опери, од кои најпозната му е "Садко", со тематика од руската народна епска поезија, како и Петар Илич Чајковски (1840-1893), еден од најдобрите светски творци на симфониска музика и автор на познатата опера "Пиковата дама", напишана спрема Пушкин.

Ако се додадат кон тоа величествениот оперски опус на Џузепе Верди (1813-1901) - "Риголето", "Трубадурот", "Травијата", "Аида" и ништо помалку значајното оперско дело на Рихард Вагнер (1813-1883) со оперите "Клетиот Холандез", "Танхарун", "Тристан и Изолда" и други, може да се рече дека целокупната музичка уметност во романтизмот дошла до таков замав да ни пред ни после оваа епоха немало толку значајни творци и уметнички остварувања во музичките жанрови.

Романтизмот во театарската уметност[уреди | уреди извор]

Театарскиот живот за времето на романтизмот во европски граници е најважен во Германија, Австрија и Франција. Во Германија, отпорот против класицизмот се чувствувало уште во движењето на младите, Sturm und drang - Бура и натисок. Припадниците на ова движење барале ослободување од традиционалната драматургија (посебно античката), како и непризнавање на какви било школи и поетика.

Покрај Фридрих Шилер, претходникот на романтизмот чие дело влегло и во неговите граници, најцеловитиот романтичарски германски драмски писател е Фридрих Хебел (1813-1863), автор на граѓански трагедии, историски и митолошки теми („Нибелунзите“ од 1862). Во Австрија, каде во познатиот виенски Бург-театар се појавил жанрот на народната драма, покрај Франц Грилпарзер (1791-1872), најзначајно е името на Јохан Нестрој (1801-1862).

Романтизмот во француската драматургија е најавен со познатиот предговор на драмата „Кромвел“ од 1827 на Виктор Иго, во кој тој се залага за романтичарски тип на театар; најпозната во таа смисла е неговата лирска драма „Хернани“ од 1830 година. Александар Дима (1803-1870) е творец на популарна драма, како и трагедии со историски теми, а Алфред де Мисе е под силно влијание на Шекспировата драматургија. Во жанровска смисла, во тоа време преовладуваат историската драма, комедија и мелодрама, а заедничко име на таа драматургија е либерално-граѓанска негација на класицистичките конвенции.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Encyclopædia Britannica. ''Romanticism''. Retrieved 30 January 2008, from Encyclopædia Britannica Online“. Britannica.com. Посетено на 2010-08-24.
  2. Casey, Christopher (October 30, 2008). "Grecian Grandeurs and the Rude Wasting of Old Time": Britain, the Elgin Marbles, and Post-Revolutionary Hellenism“. Foundations. Volume III, Number 1. Архивирано од изворникот на 2009-05-13. Посетено на 2009-06-25.
  3. David Levin, History as Romantic Art: Bancroft, Prescott, and Parkman (1967)
  4. Gerald Lee Gutek, A history of the Western educational experience‎ (1987) ch. 12 on Johann Heinrich Pestalozzi
  5. Ashton Nichols, "Roaring Alligators and Burning Tygers: Poetry and Science from William Bartram to Charles Darwin," Proceedings of the American Philosophical Society 2005 149(3): 304-315
  6. Milovan Danojlić, „Jejtsovi koreni“, во: Viljem Batler Jejts, Kula. Beograd: Beogradski izdavačko-grafički zavod, 1978, стр. 50.
  7. Паскал Гилевски, Романтизам, Матица Македонска, Скопје, 2004, стр. 21 - 23
  8. Јован Дучић, Благо Цара Радована (друго издање). Београд: Laguna, 2018, стр. 283.
  9. Раде Силјан, Прилози за наставата по литература, Матица Македонска, Скопје, 2001 стр. 38-40.
  10. Влада Урошевиќ, „Хофман - писателот што го открил клучот на фантастиката“, во: Е. Т. А. Хофман, Фантастични раскази. Скопје: Македонска книга 2002, 2002, стр. 177.
  11. Паскал Гилевски, Романтизам. Матица Македонска, Скопје, 2004, стр. 47-49.
  12. Ефтим Клетников, „Руско поетско злато: Пушкин, Тјутчев, Лермонтов“, во: Пушкин, Тјутчев, Лермонтов, Руско поетско злато. Скопје, Три, 2016, стр. 225.
  13. Зоран Гавриловић, „Родољубива поезија нашег романтизма“, во: Родољубиве песме. Београд: Просвета (без дата), стр. 7-11.
  14. Зоран Гавриловић, „Родољубива поезија нашег романтизма“, во: Родољубиве песме. Београд: Просвета (без дата), стр. 5-11.
  15. J. P. Ekerman, Razgovori sa Geteom: Poslednjih godina njegova života. Beograd: Rad, 1960, стр. 41-42.
  16. Зоран Гавриловић, „Родољубива поезија нашег романтизма“, во: Родољубиве песме. Београд: Просвета (без дата), стр. 5-6.
  17. Зоран Гавриловић, „Родољубива поезија нашег романтизма“, во: Родољубиве песме. Београд: Просвета (без дата), стр. 6-7.
  18. Milovan Danojlić, „Jejtsovi koreni“, во: Viljem Batler Jejts, Kula. Beograd: Beogradski izdavačko-grafički zavod, 1978, стр. 48.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]