Розов сколовранец

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Розов сколовранец
Со летно перје:
возрасен мажјак (во средина), женка (одоздола), младенче (позади)
Заштитен статус
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордови
Класа: Птици
Ред: Врапчевидни
Фамилија: Сколовранци
Род: Сколовранец
Вид: Розов сколовранец
Биномен назив
Sturnus roseus
(Linnaeus, 1758)
Синоними

Pastor roseus

Розов сколовранец во Хидерабад, Индија
Собир во вечерните часови пред спиење, Индија

Розовиот сколовранец (науч. Sturnus roseus) е врапчевидна птица од фамилијата сколовранци (Sturnidae). Понекогаш ѝ е доделуван сопствен, монотипичен род Pastor. Ова одвојување е поткрепено со неодамнешни студии, а најблиските роднини сè уште не се познати. [2] Распространета е од источна Европа (вклучувајќи ја и Македонија до умерена јужна Азија.[1] Птица преселница е што зимува во Индија и тропска Азија.

Опис[уреди]

Розовиот сколовранец е многу препознатлив со своето розово тело, светлопортокалови нозе и клун и сјајноцрни глава, крилја и опашка. Мажјаците во сезоната на парење имаат продолжени пердуви на главата кои формираат цуцулка, која е раширена и повпечатлива кога птицата ќе се возбуди. Цуцулката е пократка зиме. Исто така, зимно време, црните делови од телото се побледи зашто пердувите на краевите стануваат посветли. Женките имаат кратка цуцулка и целосно се побледи од мажјаците, особено зашто нема остра линија меѓу црните и розовите делови. Младенчињата се разликуваат од обичниот сколовранец (Sturnus vulgaris) по очигледно побледото перје и пократкиот жолт клун. Младите птици се митарат наесен кога го добиваат перјето на возрасен, без цуцулка, а имаат сосема возрасно перје нa едногодишна возраст - женките; и на двогодишна возраст - мажјаците.

Однесување[уреди]

Живеалиштето на розовиот сколовранец се отворените обработливи земјоделски земјишта и тревни површини. Во години кога има изобилство скакулци или други инсекти, можно е да заскита одејќи по нив и до Франција и Велика Британија.

На многу начини, однесувањето на розовиот сколовранец е слично со она на обичниот сколовранец. Тие се многу социјални птици, се движат и се хранат во големи јата, гнездат во колонии и ја поминуваат ноќта во групи. Во текот на летото, бројот на сколовранците во лет може да варира од неколку десетици до неколку стотици, а во зимскиот период значително се зголемува и може да достигне десетици илјади. Често гнездат близу еден до друг, 5-6 пара на едно место. Понекогаш формираат мешани јата со други птици: врапчиња, врани, папагали и други. Не покажуваат агресија едни на други, дури и во случај на многу густо гнездење.

Исхрана[уреди]

Главната храна на розовиот сколовранец во периодот за размножување се разните правокрилци (Orthoptera), особено скакулците, кои тој неуморно ги гони, па затоа се смета за една од најпознатите корисни птици за областите кои страдаат од напади на скакулци. Покрај тоа, во текот на овој период тие јадат бубачки, штурчиња, богомолки, мравки, полжави, а во некои периоди до 90% од исхраната се состои од големи гасеници.

Размножување[уреди]

Сезоната на парење е строго врзана за богатството од скакулци, па затоа е сосема кратка. Обично трае од средината на мај до почетокот на јули, но може да се разликува во зависност од временските услови. Колониите се распаѓаат штом најголемиот дел од младенчињата почнат да летаат, а во некои случаи родителите ги напуштат своите младенчиња и одлетуваат, ако поради било која причина тие сè уште не успеале да пролетаат. Гнездото го прават во пукнатини на карпи, ниши под стреите на куќите, пукнатини во ѕидовите и ретко во дупките од дрвјата. Често гнездото се наоѓа и меѓу два камена, меѓу дрва за огрев или на отворено поле, а користат и куќички за птици. Надворешниот слој на гнездото е направен од гранчиња и суви тревки, главно житарки, а внатрешниот дел го постилаат со помеки материјали. Гнездото го градат веднаш по пристигнување, обајцата, и мажјакот и женката. Несат 3-6 сини јајца. Периодот на инкубација е околу 15 дена, а учествуваат двајцата родители. Пилињата остануваат во гнездото околу 24 дена.


Наводи[уреди]

  1. 1,0 1,1 BirdLife International (2004). Sturnus roseus. „Црвен список на МСЗП - Загрозени видови“ од 2006 г. МСЗП 2006. консултирано на 12 мај 2006 (англиски)
  2. Jønsson, Knud A. & Fjeldså, Jon (2006): A phylogenetic supertree of oscine passerine birds (Aves: Passeri). Zool. Scripta 35(2): 149–186. doi:10.1111/j.1463-6409.2006.00221.x (HTML abstract)
  • Snow, David W.; Perrins, Christopher M.; Doherty, Paul & Cramp, Stanley (1998): The complete birds of the western Palaearctic on CD-ROM. Oxford University Press. ISBN 0-19-268579-1

Надворешни врски[уреди]