Родова археологија

Од Википедија — слободната енциклопедија
Венера де Вилендорф.

Во рамките на еден поширок концепт за феминизмот, во археологијата прашањата за половите се отвораат во 1984 година кога Мег Конки од универзитетот „Беркли“ во Калифорнија и Џенет Спектор од Универзитетот во Минесота го објавуваат написот со наслов „Археологијата и проучувањето на половите.“ Претходно, утврдувањето на идентитетот на поединците било тешко, па дури и неизводливо. Често се употребувал општиот термин „човек“ како поим за човештвото, и не се обрнувало многу внимание на личноста зад артефактите. Па со оглед на тоа дека било тешко, а често и невозможно да се утврди идентитетот, прашањата за половите биле во голема мера избегнувани или игнорирани. Згора на тоа, сè до осумдесеттите години на минатиот век, мажите биле позастапени меѓу археолозите.

Отпрвин, целта на родовите студии била да се утврди присуство на жени во археолошките записи. На пример, Пети Џо Вотсон и Мари Кенеди од универзитетот Вашингтон во Сент Луис, во 1991 година тврдеа дека поверојатно е жените да се заслужни за земјоделскиот напредок зашто тие први ги одгледувале растенијата и животните. Неодамнешни истражувања ја надминуваат оваа теорија, фокусирајќи се на улогата на полот во општественото уредување и развој.

Феминистичката археологија го застапува гледиштето дека половата улога е културолошки, а не биолошки определена и дека жените долго време биле обесправени во бројни општества. Феминистичката археологија се занимава и со проучување на половата улога и нееднаквоста во археологијата како професија, со убедувањата и претпоставките за старите општества, како и со создавањето на знаењето каде доминантна е машката перспектива. Па сепак, не сите археолози, вклучени во проучувањето на половите, се феминисти.

Денес постои голем интерес меѓу археолзите за половите во минатото. Родовите студии воведоа нови и важни гледишта во археологијата што создаде побогата и „почовечна“ перспектива за минатото. Следствено на ова, во центарот на вниманието се најдоа и други општествени разлики, како што се возраста, сексуалната определба, етничките и расните разлики. Ефектите на полот и родот врз однесувањето и продуктивноста, создавањето и употребата на артефактите, и ритуалите и идеологијата, несомнено се од голема важност за археолошките записи. Родовите студии го истакнаа развојот на половите разлики, поделбата на работата, општествената положба на половите, животниот циклус, уредувањето на хиерархијата и општествената организација на активностите.